Image: Theme 'Discrimination and Intolerance' by Pancho

Дискриминација и нетолеранција

Што се дискриминација и нетолеранција? 

Дискриминацијата – во сите нејзини можни форми и експресии – е една од најчестите форми на кршење и злоупотреба на човековите права. Таа погодува милиони луѓе секој ден и најтешко може да се препознае. Дискриминацијата и нетолеранцијата се блиску-поврзани концепти. Нетолеранцијата е недостаток почит на постапките или верувања на некој поединец, а кои се поразлични од нашите. Исто така, вклучува одбивање на луѓе, кои ги перцепираме како различни, на пример, припадници на општествена или етничка група, поразлична од нашата, или пак, луѓе кои се различни според нивната политичка или сексуална ориентација. Нетолеранцијата може да се манифестира во широк спектар на дејства, од избегнување до говор на омраза, физичка повреда, па дури и убиство. 

Дискриминацијата се појавува кога луѓето се третираат понеповолно, отколку други луѓе во една иста ситуација, бидејќи тие припаѓаат или се смета дека припаѓаат на одредена група или категорија на луѓе. Луѓето можат да бидат дискриминирани поради нивната возраст, попреченост, етничка припадност, потекло, политичко уверување, раса, вероисповед, пол или род, сексуална ориентација, јазик, култура и врз многу други основи. Дискриминацијата, која е често резултат на предрасудите кои ги имаат луѓето, ги прави луѓето немоќни, ги спречува да станат активни граѓани, ги спречува да ги развиваат нивните вештини, а во многу ситуации и за добивање работа, здравствени услуги, образование и сместување.

Дискриминацијата има директни последици врз оние луѓе и групи кои се дискриминирани, но, исто така, има и индиректни и длабоки последици врз општеството како целина. Општество каде дискриминацијата се дозволува или се толерира е општество каде на луѓето им се ускратува слободното остварување на нивниот целосен потеницијал за себе и за општеството.

Овој дел ги опишува различните лица на дискриминацијата, начинот на кој таа влијае врз човековите права, како и мерките и иницијативите кои се во тек или би требало да се воведат за да се сузбие нетолеранцијата и дискриминацијата и да се придонесе за културата на мирот и човековите права. Некои од распространетите форми на дискриминација, како што е дискриминацијата врз основа на попреченост, род или вероисповед, се детално претставени и во другите делови во ова поглавје.

Принципите на рамноправност и недискриминација се зацртани во Универзалната декларација за човекови права: „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинство и права“ (член 1). Овој концепт на еднаквост во достоинството и правата е вграден во современата демократија, па така, државите се обврзани да ги заштитуваат различните малцинства и ранливи групи од нееднаквиот третман.Член 2 ја содржи слободата од дискриминација: „Сите права и слободи, прогласени во оваа Декларација, му припаѓаат на секого, без никаква разлика.“

Државите-членки на Советот на Европа, исто, се обврзани за недискриминација во член 14 од Европската конвенција за човекови права. Овој член дава заштита од дискриминација во врска со уживањето и на другите права, од кои се состои Конвенцијата. Протокол 12 кон Европската конвенција за човекови права е креиран за да овозможи поцврсто, слободно право на рамноправност и општа забрана за дискриминација: „Уживањето на секое право, одредено со закон, треба да биде осигурано без дискриминација врз која и да било основа...“1 .Според тоа, овој протокол ја проширува сеопфатноста на Европската конвенција за човекови права, опфаќајќи ја дискриминацијата во секое законско право, дури и кога правото не е конкретно опфатено со Конвенцијата.

Прашање: Дали вашата земја го ратификуваше Протокол 12 кон Европската конвенција за човекови права?

Директна и индиректна дискриминација 

Дискриминацијата може да се практикува на директен или индиректен начин. Директната дискриминација се карактеризира со намерата да се дискриминира поединец или група, на пример, кога едно биро за вработување ги одбива ромските кандидати за работа или кога една компанија за домување не им издава станови на емигранти. Индиректна дискриминација се случува кога една очигледна неутрална одредба, критериум или практика ги става припадниците на одредена група во подредена положба, во споредба со другите. Примерите можат да варираат од критериум за минимална висина на пожарникари (кој може да исклучи повеќе женски од машки кандидати), па сé до стоковни куќи кои не најмуваат луѓе кои ги покриваат своите глави. Овие правила, навидум неутрални во нивниот јазик, одредени општествени групи несразмерно можат да ги стават во неповолна положба. И директната и индиректната дискриминација се забранети според инструментите за човекови права; Индиректната дискриминација често е пораспространета и тешко може да се докаже, за разлика од директната дискриминација.

Прашање: Дали некогаш сте се почувствувале дискриминирано?

Структурална дискриминација 

„Клучниот елемент во структуралната дискриминација не е намерата, туку ефектот на чување на малцинските групи во подредена положба.“
Fred Pincus

Структуралната дискриминација се заснова на самиот начин на кој е организирано нашето општество. Системот, сам по себе, ги запоставува одредени групи на луѓе. Структуралната дискриминација функционира преку норми, рутини, примерок на ставови и однесување, која креира пречки во постигнувањето на реална рамноправност или еднакви можности. Структуралната дискриминација често се манифестира како институционална пристрасност, механизми кои постојано грешат во корист на една група и дискриминираат друга или други. Ова се случаи кога дискриминацијата очигледно не е вкоренета во убедувањето на поединецот или група на луѓе, туку е во институционалните структури, било да се законодавни, организациски итн. Предизвикот од структуралната дискриминација е да стане видлива.

Постоењето на структуралната дискриминација им поставува предизвик на државите да усвојуваат политики, не само во законската рамка, туку и во други иницијативи, исто така, земајќи ги предвид начините на однесување и начинот на кој функционираат институциите. Образованието за човекови права може да биде еден од одговорите на овој проблем.

Афирмативна акција 

„Структуралната нерамноправност е состојба која се појавува кога одредени групи уживаат нееднаков статус во однос на други групи, како резултат на нееднакви врски во нивните улоги, функции, права и можности. Борбата против дискриминацијата треба да излезе надвор од судовите, а да влезе во сферата на образованието и политиката.“
Мирјана Најчевска, Претседавач на работната група на експерти од ОН за луѓе од африканско потекло

Во некои случаи, преферирачкиот или позитивниот третман на луѓето, кои им припаѓаат на одредени групи, може да се примени како обид за да се ублажи или да се намали штетата предизвикана од структуралната дискриминација. Афирмативната акција, понекогаш наречена „позитивна дискриминација“, не само што може да биде дозволена, туку е и добредојдена во смисла да се спротивстави на нерамноправноста. На пример, економските разлики помеѓу руралните и урбаните области можат да водат до различно ниво на пристап до услуги. Ова може да резултира со нерамноправност, освен ако не се направат посебни напори за да се создаде рамнотежа во ефектите на оригиналниот економски дисбаланс. Во вакви случаи преферирачкиот третман е потребен за да се обезбеди ефективна рамноправност, наместо да се предизвика нерамноправност.

Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација пропишува дека афирмативната акција треба да се бара од земјите кои ја ратификувале конвенцијата, во смисла да се поправи систематската дискриминација. Меѓутоа ваквите мерки „во никој случај не смеат да имаат за последица одржување на нееднакви или посебни права за различни расни групи откако ќе се постигнат целите поради кои овие мерки биле преземени.“ 

Повеќекратна дискриминација 

Секој од нас припаѓа или се идентификува со некои општествени групи. Кога работиме со некоја особено запоставена општествена група, важно е да бидеме свесни за внатрешната разновидност на групата и за потенцијалот за повеќекратни основи за дискриминација. Овие повеќекратни идентификации не значат само повеќе можности за дискриминација, туку тие можат да доаѓаат од неколку насоки. На пример, ромска жена лезбејка може да биде субјект на повеќекратна дискриминација од страна на хетеросексуални лица кои не се Роми; во исто време, таа може да биде субјект на хомофобија во ромската заедница и субјект на расизам во рамките на ЛГБТ заедницата. Во повеќето случаи, повеќекратната дискриминација се случува кај така-наречените видливи малцинства, жени и лица со попреченост.

Мнозинства и малцинства

На цивилизацијата треба да ѝ се суди според нејзиниот третман на малцинството.“
Махатма Ганди

Обично, дискриминацијата ја прави мнозинството врз малцинството, но, исто така, постои и дискриминација од страна на малцинствата. Да се биде мнозинство е статичка или динамичка ситуација, во зависност од многу фактори. Кога сме на победничката страна во демократските избори, ние сме во мнозинството, како резултат на нашите убедувања, одлука или, на пример, резултатот од гласањето. Ако нашите убедувања се сменат, или ако на наредните избори изгуби партијата која ја поддржуваме, нашиот мнозински статус не е веќе валиден. Постојат постатични позиции на мнозинство и малцинство, кога еден или неколку аспекти од нашиот идентитет (националност, вероисповед, сексуална ориентација, род, животен стил, попреченост) се претставници на група која претставува помалку (обично многу помалку) од 50% од целата популација од дадена географска единица.

Демократиите се ранливи од „тиранијата на мнозинството“: ситуација во која владеењето на мнозинството е толку угнетувачко што целосно ги деградира потребите и барањата на припадниците на малцинствата. Рамката на човековите права не само што ги заштитува граѓаните од угнетување на поединецот или една мала група поединци, туку е и средство за заштита на малцинствата од мнозинството.

Прашање: Дали можете да се сетите на некој кој никогаш не искусил дискриминација?

Улогата на стереотипите и предрасудите 

„Дај ми предрасуда и јас ќе го поместам светот.“
Габриел Гарсија Маркез

Стереотип е генерализирано верување или мислење за одредена група луѓе, на пример, бизнисмените се амбициозни, јавните службеници не знаат за хумор или жените имаат долга коса и носат здолништа. Главната функција на стереотипите е да ја поедностават реалноста. Стереотипите обично се засноваат на некој вид лично искуство или врз впечатоци кои ги стекнуваме за време на социјализацијата во раното детство од возрасните кои нé опкружувале во домот, на училиште, преку медиумите, а тие потоа се генерализираат и ги опфаќаат сите луѓе кои имаат некаква поврзаност.3

„Секое претставување е погрешно претставување во една или друга форма.“ Едвард Саид

Предрасудата е просудување, обично негативно, кое го правиме за некоја личност или луѓе без вистински да ги запознаеме. Како и стереотипите, и предрасудите се научени како дел од нашиот процес на социјализација. Една разлика помеѓу стереотипот и предрасудата е тоа што кога се достапни доволно информации за поединец или одредена ситуација, ние ги отстрануваме нашите стереотипи. Предрасудите функционираат како екран низ кој ние перципираме некој даден дел од реалноста: според тоа, информациите, сами по себе, не се доволни да се ослободиме од предрасудата, а предрасудите ги менуваат нашите перцепции за реалноста; ние ќе ја процесираме информацијата која ја потврдува нашата предрасуда и нема да успееме или „ќе заборавиме“ нешто што е спротивно на неа. Според тоа, предрасудите тешко се надминуваат; ако се во спротивност со фактите, ние побрзо ќе ги негираме фактите отколку прашањето за предрасудата („Но тој не е вистински христијанин.“; „Таа е исклучок.“).

Дискриминацијата и нетолеранцијата често се засновани или оправдуваат со предрасудите и стереотипите за луѓето и општествените групи, свесно или несвесно; тие се израз на предрасуда во праксата. Структуралната дискриминација е резултатот на континуираните форми на предрасуди.

Форми на нетолеранција и дискриминација 

Ксенофобија

Речникот по англиски јазик од Оксфорд ја дефинира ксенофобијата како „морбиден страв кон странци или странски земји“. Со други зборови, тоа значи ирационална аверзија кон непознатите или странците; ирационална бидејќи не мора да е заснована врз некакво директно искуство од опасност, предизвикана од странци. Ксенофобијата е предрасуда поврзана со погрешна идеја дека луѓето од другите земји, групи, култури или оние кои зборуваат на друг јазик претставуваат опасност.
Ксенофобијата е блиску поврзана со расизмот: колку „поразличен“ се перципира другиот, толку посилни се стравовите и негативните чувства. Ксенофобијата е една од најчестите форми и основи за дискриминација и затоа претставува предизвик за човековите права.

Прашање: Кои се целните групи на ксенофобијата во вашето општество?

Расизам

„Предрасудата трепка кога погледнува и лаже кога зборува.“
Лора Жино, војвотка де Абрантес

Некои предрасуди можат да се трансформираат во идеологии и да ја потхрануваат омразата. Една таква идеологија е расизмот. Расизмот вклучува дискриминаторско или насилно однесување кон луѓето заради нивната замислена „инфериорност“. Постои распространето верување дека постојат човечки раси, во човечкиот вид, кои се, разликуваат врз основа на физичките разлики. Научните истражувања покажуваат дека „човечката популација не е еднозначна, јасно разграничена, биолошки различна група"4,  и дека расата е замислен ентитет или општествена конструкција. Сите луѓе припаѓаат на ист вид и според тоа, нема никаква смисла да се зборува за „раси“.

Влијанието на расистичката идеологија го уништува човештвото; таа го оправдува ропството, колонијализмот, присилната стерилизација и истребувањето на луѓето. Таа е основа на нацистичките идеологии и на програмите за истребување на Евреите и другите „инфериорни народи.“

За жал, расизмот продолжува да биде присутен во модерните европски општества и политики. Иако расата веќе не се прифаќа како биолошка категорија и сега, само неколку луѓе веруваат во „супериорни раси“ со исклучително право да практикуваат моќ врз оние кои ги сметаат за „инфериорни“, влијанието на расизмот се одолговлекува и продолжува во други форми, како што се културен расизам или етноцентризам, верувањето дека некои култури, вообичаено сопствените, се супериорни или дека другите култури, традиции, обичаи и истории не се во склад со нивните.

Меѓународен ден за елиминирање на расната дискриминација 

21 март го одбележува масакрот во Шарпвил, во 1960, кога полицијата започна да пука и уби 69 луѓе на мирни демонстрации против законите на Апартхејдот во Шарпвил, Јужна Африка. UNITED за меѓународна акција, европска мрежа против национализам, расизам, фашизам и со поддршка за мигранти и бегалци, ја координира неделата на акција ширум Европа, околу овој датум, со цел промоција на толеранција и еднакви права, како и одбележување на разновидноста во Европа.7

Дискриминацијата, ксенофобијата и расизмот се широко распространети во многу делови од светот: има околу 160 милиони далити (недопирливи) во Индија, кои страдаат од системот на касти. Во САД, расата е клучен фактор при одлучувањето за смртна казна. Болниците во Чешката Република, Словачка и Унгарија практикуваат недоброволна стерилизација на ромски жени во 21 век.6

Широко-распространетите практики на депортација и нерамноправен третман на мигрантите, како и структуралната дискриминација против одредени етнички малцинства, како што се Ромите, од страна на многу влади, ја негуваат ксенофобијата и латентните расистички чувства. Омразата мотивира злодела, поддржани од расистичката идеологија, кои се во вестите во многу држави-членки на Советот на Европа.

Прашање: Дали можете да издвоите неодамнешен случај на расистичко насилство во вашата земја?

Антисемитизам

Антисемитизмот може да се дефинира како „непријателство кон Евреите, како религиозна или малцинска група, често придружувано со општествена, економска и политичка дискриминација"9. Антисемитизмот е широко-распространет во европската историја до денес. До крајот на 19-от век, еврејските заедници во Русија редовно се жртви на погроми, кои биле организирани систематски, со дискриминаторски акти на насилство против еврејските заедници од страна на локалното население, често со пасивна согласнот или активно учество на полицијата, поддржани од антисемитските политики на владите. Нападите на еврејските заедници биле вообичаени и за други европски земји, вклучувајќи ги и Франција и Австрија.

Подемот на фашизмот, во првиот дел од 20-от век, донесе понатамошни тешкотии за многу Евреи во Европа, со станувањето на антисемитизмот како дел од моќната расистичка идеологија. Ова е вистина за фашистичките режими и партии кои соработувале, директно или индиректно, со германскиот нацистички режим за време на Холокаустот, но исто имало влијание и врз другите општества и системи, врз кои влијаеле расистичките идеологии. За време на Холокаустот, извршен од страна на нацистичка Германија и нејзините сојузници, во Втората светска војна, исто познат и како Шоа (хебрејски збор, кој значи пустелија), проценето е дека 6 милиони Евреи биле систематски истребувани, без друга причина, освен што биле Евреи.

Со успехот на болшевичката револуција, погромите престанаа во Советскиот Сојуз, но антисемитизмот продолжил во различни форми, вклучувајќи присилни раселувања, конфискации на имотот и монтирани судски процеси. Во комунистичкиот режим, антисемитизмот често бил затскриен во официјалните „анти-ционистички“ политики.

„Расизмот стекна нов респект како разумно решение кое ќе врши притисок на политичките проблеми. Се разбира, ние не го викаме расизам. Ние го викаме анти тероризам или емиграциона политика.“
Алана Лентин8

Денес, антисемитизмот е широко-распространет во Европа, дури и ако, во некои случаи, тешко е за јавноста да го идентификува или да го признае. Во последните години, еврејските гробишта се сквернават, Евреите се, често, мета на говор на омраза, а понекогаш и физички се напаѓани. Истражувањата редовно прикажуваат тековно високо ниво на антисемитизам помеѓу современите европски општества, придружено со спорадичен раст.
Како што нагласува и Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата, постои алармантен тренд во Европа. И покрај сите напори, „антисемитизмот продолжува да се промовира, отворено или на скриен начин, од страна на одредени политички партии и лидери, вклучувајќи не само екстремистички партии, туку и одредени современи партии“10, а во многу случаи, постои толеранција или дури и прифаќање на овие агенди од одредени делови на населението.

Прашање: Што се случило со Евреите во вашата земја за време на Втората светска војна?

Млади луѓе кои работат против антисемитизмот 

Движење против нетолеранција (Шпанија)
Ученици од едно средно училиште повторно насликале делови од „Герника“ на Пикасо и повторно ја составиле на голем ѕид, во една јавна акција, за да покажат дека фаталната реалност на минатото е присутна денес и овде. За време на процесот, симболите кои се искористени во сликата и нивната поврзаност со Холокаустот и погромот на Евреите во „кристалната ноќ“, им беа објаснети на публиката.

Холокауст центар и фондација (Русија): Меѓународни натпревари „Лекции од Холокаустот – пат до толеранцијата“
Од 2002 овој центар води меморијални програми и меѓународни образовни активности за толеранција и за Холокаустот, вклучувајќи и годишен натпревар за ученици и наставници од Русија, други европски и земји од Комонвелтот, Израел и САД.

Резолуцијата 1563 (2007) на Парламентарното собрание на Советот на Европа ги повика државите-членки да го криминализираат и/или да имплементираат таква легислатива која го осудува антисемитизмот, вклучувајќи го, но не и ограничувајќи го одрекувањето на Холокаустот, без разлика дали тоа е направено од страна на поединци, групи или политички партии.11

Агенцијата за фундаментални права на Европската Унија публикува осврти за ситуацијата на антисемитизмот во нејзините држави-членки. Во нивниот обновен осврт за антисемитизмот во ЕУ, во 2010, Агенцијата забележува дека „повеќето држави-членки немаат официјални, па и неофицијални, податоци и статистики за антисемитски инциденти.“ Агенцијата го признава значењето на образованието за Холокаустот, како средство за борба против антисемитизмот и низ годините, има иницирано и учествувано во неколку заеднички проекти во оваа област.12

Дискриминација врз Ромите:
ромафобија и антициганизам

Image: Romaphobia and Antigypsyism by PanchoИмето „Роми“ или „Романи“ е колективен назив за една многу разновидна етничка група на луѓе, кои себеси се идентификуваат како припадници на различни подгрупи, врз основа на сегашна или претходна географска локација, дијалект и занимање. Има приближно 10 милиони Роми во Европа. Неколку групи живеат како патници, без постојан дом, но мнозинството сега живее во стационарни услови; има и урбанизирани ромски групи, како и многу кои живеат во помалку сегрегирани соседства или делови од помали градови или села. Ромите се присутни во речиси сите европски земји.

Антициганизамот може да се дефинира како специфична форма на расизам, идеологија за расна супериорност, форма на дехуманизација и институционален расизам применуван врз Ромите. „Се заснова, од една страна, на замислени стравови, негативни стереотипи и митови, а од друга, на одбивањето или бришењето на долгата историја на дискриминација врз Ромите од јавната свест."13

Дискриминацијата врз Ромите е длабоко вкоренета и е една општа реалност насекаде низ Европа. Како што нагласи и Комесарот за човекови права на Советот на Европа, постојат алармантни трендови низ Европа, кои цврсто ја оживуваат нацистичката идеологија и резонирање поврзано со Ромите, како што се стравовите за безбедност и јавното здравје. Реторичкото криминализирање на ромското население е, исто, многу често во државите-членки.14
Со оглед на тоа дека Ромите се често дискриминирани, ромското население е несразмерно чувствително на вооружени конфликти, природни катастрофи или економски кризи. Во многу земји, Ромите се жртви на насилни расистички групи (во Бугарија, Унгарија, Италија, Романија итн.), кои резултираат и со убиства. Ромите биле фатени и во вкрстениот оган на воените конфликти во поранешна Југославија; ромските населби и села често се сегрегирани и изолирани.15 Многу млади Роми растат во непријателска општествена средина, каде единствена поддршка им е нивната заедница или нивното семејство. Ним не им се признаваат многу основни човекови права, како што се право на образование или здравје, или, пак, имаат ограничен пристап до нив.

Прашање: Колкав е проценетиот број на Роми во населението кое живее во вашата земја?

Депортации на романските и бугарските Роми во 2010 

Во 2010, француската влада објавила уривање на илегалните кампови на Ромите кои неодамна се доселиле во Франција и испратила неколку илјадници од нивните жители назад во Романија и Бугарија, тврдејќи дека ромските населби се главни извори на криминал и попречување на јавниот ред и мир.
Советот за елиминирање на расната дискриминација при ОН остро реагирале на уривањето на камповите, од страна на Франција, и изјавиле дека расизмот и ксенофобијата се во процес на „значајно оживување“. Во исто време, анкетите покажуваат дека околу 65% од Французите ја поддржале владата.16 Европскиот совет за социјални права заклучил дека присилното иселување на Ромите претставува кршење на правата, предвидени во ревидираната Европска социјална повелба, вклучувајќи ги и слободата од дискриминација и правото на домување.17

Порајмос се однесува на геноцидот на европските Роми, извршен од страна на нацистите и нивните сојузници, од 1933 до 1945 година. Проценетиот број на жртви варира, според различни извори, помеѓу половина милион до 2 милиони, што доведува до губење на повеќе од 70% на предвоеното ромско население.

Прашање: Кои се типичните начини на кои се претставуваат Ромите во вестите во вашата земја?

Поголема свесност и грижа за Ромите бавно се појавува. Декадата на вклучувањето на Ромите 2005-2015 стои како невидена политичка посветеност од страна на европските влади за да се подобри социо-економскиот статус и општественото вклучување на Ромите.19 Акциите и програмите од страна на младите луѓе, исто, придонесле во борбата против нетолеранцијата и предрасудите кон Ромите, преку уривање на стереотипите, со кои многумина од нас пораснале. Меѓународната кампања „Типичен Ром“, на пример, ја посочува стигматизацијата и стереотипите како основна причина кој го предизивикува општественото исклучување на Ромите.20

Ефектите врз младите луѓе (од романофобијата) вклучуваат пасивност, фрустрација, маргинализација, како и заемно стереотипизирање и страв од интеракција со другите, кое се должи на сегрегацијата и грешните перцепции за „другите“ и недостаток на можности за интеракција.18

Советот на Европа започнал да работи против дискриминацијата на Ромите во 1969 преку усвојување на првиот официјален текст за „ситуацијата на Циганите и другите патувачи во Европа“. Во 2006, Советот на Европа ја започна ромската кампања „Доста!“, напор за подигање на свеста, која имала за цел да ги приближи неромските до ромските луѓе.
Во 2010 Декларацијата од Стразбур била усвоена на средба на високо ниво; во Декларацијата државите членки се согласуваат на приоритетна акција за недискриминација и општествено вклучување на Ромите, вклучувајќи и активно учество на Ромите.

Во 2012, младинскиот сектор на Советот на Европа, заедно со Европските ромски мрежи и организации, иницирале Ромски младински акционен план со цел да се подобри учеството на младите Роми во европските политики за Роми и млади и да се намалат ефектите од дискриминацијата на младите Роми.

ECRI, исто, обрнува внимание на ситуацијата на Ромите во Европа; нејзината Општа препорака 13 (2011) за борбата со расизмот кон Ромите и дискриминацијата на Ромите нагласува дека расизмот кон Ромите е „една особено перзистентна, насилна, повторувачка и вообичаена форма на расизам“ и ги потсетува владите да се борат против расизмот кон Ромите во полето на образованието, вработувањето, домувањето и здравјето, како и да се борат против расното насилство и злодела врз Ромите.

„Ромите се вистински Европјани.“
Гинтер Грас

Европската Унија исто така, се повеќе ја нагласува потребата да се отстранат ефектите од дискриминацијата на Ромите во нејзините држави-членки. Во април 2011, Европската комисија ја издаде „Европска рамка за национална интеграција на Ромите - стратегии до 2020"21, каде се наведува дека „и покрај напредокот кој се постигна во државите-членки и на европско ниво во последните години, малку е направено во секојдневната ситуација на повеќето Роми".

Нетолеранција врз основа на вероисповед 

Слободата на вероисповед и религиска толеранција се основни вредности присутни во секоја европска земја, иако дискриминацијата заснована на вероисповед сé уште не исчезнува. Религиската нетолеранција често се поврзува со расизмот и ксенофобијата – особено со антисемитизмот и исламофобијата. Додека во минатото за Европа беа карактеристични конфликти и дискриминација помеѓу протестантите и католиците, западните и источните православни христијани или „официјалните“ цркви и спротивставените групи, денес политичките разлики помеѓу христијанските цркви станаа помалку важни. Во исто време, многу религиски заедници во малцински позиции продолжуваат да напредуваат низ Европа, вклучувајќи ги бахаите, будистите, христијаните, хиндусите, Евреите, муслиманите и растафаријанците. Оваа растечка религиска разновидност често се игнорира од оние милиони Европјани кои не се религиозни.

Подетални информации за дискриминацијата врз основа на вероисповед можат да се најдат во делот за „Вероисповед и убедување“

Религиската нетолеранција и дискриминација често се поврзуваат со расизмот и ксенофобијата и според тоа, имаат тенденција да вклучат повеќекратна дискриминација.

Прашање: Кои малцински религии постојат во вашата земја?

Дискриминација врз основа на родов идентитет, род или сексуална ориентација

Дискриминацијата врз основа на родот вклучува дискриминација на жените наспроти мажите (оваа форма е наречена и сексизам или полова дискриминација) и таа на трансродови или трансексуални лица, чиј родов идентитет не е во согласност или не е културолошки поврзан со нивниот пол по раѓање. Дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација ги погодува хомосексуалните и бисексуалните луѓе. Со оглед дека рамноправноста помеѓу жените и мажите е дискутирана во детали во делот за „Род“, ние овде само упатуваме кон другите форми на дискриминацијата врз основа на род или пол.

Хомофобијата често се дефинира како „нерационален страв и аверзија од хомосексуалност, од лезбејки, геј, бисексуални и трансродови (ЛГБТ22) лица, заснована врз предрасуди, слично на расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и сексизмот"23, како и од луѓе кои се перципираат како да се ЛГБТ. Ако е насочена кон трансородовите луѓе се нарекува „трансфобија“. Различни тоталитарни режими од 20 век хомофобијата ја направија дел од нивната политичка идеологија, како што е нацизмот во Германија, сталинизмот во Советскиот Сојуз или фашизмот во Шпанија. Демократските режими во Европа, сепак, имаат оправдана хомофобична легислатива, вклучувајќи ја и патологизацијата и криминализацијата на хомосексуалноста, а со тоа и структуралната дискриминација на ЛГБТ лицата веќе долго време. Денес, дискриминацијата против ЛГБТ лицата сé уште се случува во сите општества во Европа со оглед на фактот дека многу држави ја усвоиле анти-дискриминаторската легислатива. Многу ЛГБТ лица не добиваат заштита кога се напаѓани на улиците од страна на нивните сограѓани.

„Кога бев во војска, тие ми дадоа медал за убиство на двајца луѓе, а ме обвинија за љубов кон еден човек.“
Епитаф на гробот на Леонард Матлович, геј и воен ветеран

Во многу делови од светот, ЛГБТ лицата се субјекти на различни форми на насилство од вербални напади, до убиства. Во многу земји во светот, практикувањето на хомосексуалноста е сé уште криминал, а во некои земји тоа е казниво со затворска или смртна казна24.

61% од младите геј, лезбејки, бисексуални и трансродови лица, од 37 европски земји, тврдат дека искусиле предрасуди и/ или дискриминација во училиштето, а 51% во нивното семејство. 38% одговориле дека искусиле предрасуди и/или дискриминација во заедницата, во која припаѓаат, а 30% тоа го доживеале во кругот на нивните пријатели.25

Често, на ЛГБТ лицата им се кршат нивните човекови права, на пример, правото на работа, тие се отпуштаат или се дискриминираат од страна на работодавачите заради нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Правото на безбедност и сигурност на поединецот е друго право кое е често нарушувано, кога младите луѓе се малтретирани на училиште или понижувани на работното место. Лезбејските и геј парови во многу земји во Европа се чувствуваат дискриминирани во делот од правата, како што се право на брак, на формирање семејство или посвојување деца.

Прашање: Во кои сегменти од животот ЛГБТ лицата се дискриминирани во вашата земја?

Работата на Советот на Европа 

Европскиот суд за човекови права често има пионерска улога во санкционирањето на хомофобијата. Во серија на случаи, Судот открива дека дискриминацијата во казненото право ги зема предвид приватните односи на возрасните лица, засновани врз согласност и тоа е во спротивност на правото на почитување на приватниот живот во член 8 од Европската конвенција за човекови права (Даџен против Велика Британија, 1981, Норис против Ирска, 1988, Модинос против Кипар, 1993). Судот, всушност, беше првото меѓународно тело кое откри дека казнените закони за сексуалната ориентација ги нарушуваат човековите права и тој има најдолго и најголема судска пракса во решавањето на прашањата во врска со сексуалната ориентација. Имало и неколку случаи поврзани со посвојување во еднородителско семејство.

Во 2011, Комесарот за човекови права при Советот на Европа го издал неговиот извештај за дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Извештајот го поздравил напредокот во полето на човековите права на ЛГБТ заедницата во повеќето држави[1]членки, наведувајќи дека „патологизацијата и криминализацијата на хомосексуалноста во Европа јасно им припаѓаат на минатото.“ Во исто време, во извештајот се наведува дека и понатаму постои сериозна загриженост во многу области на човековите права на ЛГБТ лицата, а ова особено се однесува на правата на трансродовите лица.26Советот на Европа формира единица за прашања на ЛГБТ, со цел да биде поедноставна работата со проблемите на ЛГБТ. Ова беше објавено како прва структура, од ваков вид, во една меѓународна и меѓувладина институција и го сигнализира значењето на ЛГБТ прашањата во рамката на човековите права во Европа.

Образованието, и формално и неформално, игра централна улога во редуцирањето и искоренувањето на предрасудите против ЛГБТ лицата. Само преку образование можат да се решат и спречат предрасудите. Програмите во Европските младински центри и Европската младинска фондација редовно вклучуваат активности за образование за човекови права и обуки за мултиплаери и активисти против хомофобија. Ова вклучува студиски сесии организирани во соработка со младински организации, како што се  Меѓународна, лезбејска, геј, бисексуална, трансродова, квир младинска и студентска организација (IGLYO) и Здружение на нордиски и полско-балтички LGBTQ студентски организации (ANSO).

Сузбивање на дискриминацијата 

Образование

Родови прашања
Во 2007, младинскиот сектор при Советот на Европа го издаде „Родови прашања“, прирачник за помош на едукаторите и младинските лидери да работат на родовите прашања и родово-базираното насилство со млади луѓе.

Постојат неколку пристапи за анти-дискриминаторски и анти-расистички активности кои вклучуваат:

  • Правна акција за применување на правото на недискриминација;
  • Образовни програми кои ја подигаат свесноста за механизмите за предрасудите и нетолеранцијата и како тие
  • придонесуваат за дискриминација и угнетување на луѓето, како и почитување на разновидноста и промовирање толеранција;
  • Активизам, од страна на граѓанското општество, за осудување на дискриминацијата и предрасудите, за искоренување на злосторствата од омраза и говорот на омраза, за поддршка на жртвите од дискриминација или да се промовираат промени во легислативата.

Едукаторите ја признаваат потребата да развиваат кај луѓето толерантен, недискриминаторски став и да креираат средина за учење која ја признава и има придобивки од разновидноста, наместо да ја игнорира или исклучува. Како дел од овој развој, оние кои работат со деца или млади, како и самите деца и млади луѓе, треба да станат свесни за дискриминаторското однесување – и сопственото и на другите. На пример, образовните активности за човекови права можат да им помогнат на учесниците да развиваат свест и емпатија, од една страна и еластичност и асертивност, од друга страна, така што луѓето можат да ја избегнат, да ја спречат или да застанат против дискриминацијата.

Образовниот пакет „Сите различни-сите еднакви“ беше развиен од Советот на Европа за да ја промовира свесноста и дејствувањето против расизмот, антисемитизмот, ксенофобијата и нетолеранцијата.
www.coe.int/compass

Интеркултурното учење е процес на учење за разновидноста и е централен пристап во европската младинска работа. Во младинското поле при Советот на Европа, интеркултурното учење е претставено како „процес на социјално образование, кој има за цел промовирање на позитивна врска помеѓу луѓето и групите од различни културни средини"27 и промовира заемна почит и солидарност.

Меѓународна рамка за човекови права на 

Обединети нации 

Една од основните алатки за борба против дискриминацијата во системот на ОН е Меѓународната конвенција за елиминирање на сите форми на расна дискриминација, која ги обврзува државите-потписнички да ја елиминираат расната дискриминација. Конвенцијата вклучува механизми за поединечни жалби и мониторирана е од Советот за елиминирање на расна дискриминација (CERD), тело на независни експерти. Сите држави-членки се обврзани да поднесуваат редовни извештаи до Советот, кој упатува грижи и препораки до секоја држава-членка во форма на „заклучни напомени“. Советот има три други механизми за неговите функции на мониторирање: процедура за рано опоменување, разгледување на жалби помеѓу државите и разгледување на поединечни жалби. Други конвенции од ОН кои се однесуваат на дискриминацијата врз специфични групи се Конвенцијата за елиминирање на дискриминацијата врз жените или Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ)

ОБСЕ е регионална организација за безбедност со 56 држави-членки од три континенти (вклучувајќи ги и сите држави-членки на Советот на Европа). Исто така, ОБСЕ учествува во борбата против сите видови на расизам, ксенофобија и дискриминација, вклучувајќи антисемитизам и дискриминација на христијани и муслимани. Една од институциите е Канцеларијата за демократски институции и човекови права во Варшава (ОДИХР), која:

  • Собира и дистрибуира информации и статистики за злосторства од омраза;
  • Промовира најдобри практики во борбата против нетолеранцијата и дискриминацијата;
  • Обезбедува помош за државите во изготвување и ревидирање на законодавството за кривични дела поттикнати од нетолеранција и дискриминација.

ОБСЕ има Висок Комесар за национални малцинства, чиј мандат вклучува идентификување и барање на рани решенија на тензиите, кои ги вклучуваат прашањата за националните малцинства.

Aнти-дискриминаторски политики во Европската Унија 

Ние...признаваме дека ропството и трговијата со робови се злостор кон човештвото...тие се меѓу главните извори и манифестации на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција.
Од Декларацијата од Дурбан и Акционата програма28

Согласно со член 21.1 од Повелбата за основните права на Европската Унија „секоја дискриминација врз основа на пол, раса, боја на кожа, етничко или социјално потекло, генетски карактеристики, јазик, вероисповед и верување, политичко или некое друго мислење, припадност на национално малцинство, имот, раѓање, попреченост, возраст или сексуална ориентација треба да биде забранета.“ 
ЕУ има неколку анти-дискриминаторски директиви. Директивата за расна рамноправност обезбедува рамноправен третман меѓу луѓето, без разлика на расното или етничкото потекло. Директивата за рамка на рамноправност при вработување забранува дискриминација на работното место врз основа на попреченост, сексуална ориентација, вероисповед или верување и возраст. Рамноправноста на мажите и жените е обезбедена во две директиви, едната во прашањата за вработувањето и занимањето, а другата во пристапот и снабдувањето со производи и услуги29.
Легислативата во ЕУ бара и секоја држава-членка да дизајнира национално тело за рамноправност, кое ќе може да се контактира за совет и поддршка.

Прашањата околу одбивањето на азил на бегалците, смртта на многу мигранти на европските граници, исламофобија и депортацијата на Ромите продолжува да ги дели припадниците на ЕУ и ја оцрнува нивната евиденција за анти-дискриминаторските напори. Заканата за човековите права доаѓа и од политичките партии, кои додека се на власт, донесуваат де факто дискриминаторски закони. Овие проблеми можат да се решат единствено со сеопфатна политика, вклучувајќи ја младинската политика во сферата на недискриминацијата, борбата со расизмот и нетолеранцијата.

Советот на Европа 

Борбата со расизмот и нетолеранцијата беа јадрото при создавањето на Советот на Европа, во 1949, и останаа како едни од неговите приоритети денес. Покрај Европската конвенција за човекови права и други конвенции, Советот воспостави специфични инструменти кои се однесуваат на расизмот, расната дискриминација и нетолеранцијата. Во 1993, беше формирана Европската комисија против расизам и нетолеранција (ECRI), како независно тело за човекови права да ја набљудува ситуацијата во врска со расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата во секоја држава-членка и да прави специфични препораки упатени до сите држави-членки.

Иако Европската комисија против расизам и нетолеранција (ECRI) е главното тело во борбата против расизмот и нетолеранцијата, има и други тела и оддели од организацијата, како што се Советот на министри, Парламентарното собрание, Комесарот за човекови права, Советодавниот комитет за Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства и Европскиот суд за човекови права, кои, исто така, придонесуваат за остварување на оваа цел.

Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства признава дека „заштитата на националните малцинства и правата и слободите на луѓето, кои им припаѓаат на овие малцинства, формираат интегрален дел од меѓународната заштита на човековите права“ (член 1). Државите-членки на оваа конвенција се обврзани да им гарантираат на националните малцинства право на рамноправност пред законот, како и во сите области од економскиот, општествениот, политичкиот и културниот живот; обезбедувајќи го нивното право на слобода за мирно собирање, здружување, изразување, мисла, совест и вероисповед; да им овозможат на припадниците на малцинските групи да ја одржуваат, развиваат и зачуваат нивната култура. Таа забранува присилна асимилација.30

Сегрегација на ромски деца во Чешката Република, осудена од страна на Европскиот суд за човекови права31

Подносители на барањето биле училишни деца од ромско потекло, кои биле сместени во „специјални училишта“, наменети за ученици со пречки во учењето. Тие кажале дека беа различно третирани во образовната сфера за разлика од децата кои не биле Роми, со тоа што биле сместени во специјални училишта без оправдување, добивале значително инфериорно образование, за разлика од она во основните училишта, со резултат кој не би им овозможил пристап до средното образование, освен до центрите за стручна обука. Судот утврдил повреда на член 14 (забрана и дискриминација) во врска со член 2 од Протокол бр.1 (право на образование).32

Прашање: Кои државни органи имаат одговорност да се борат со дискриминацијата во вашата земја?

Европските младински политики, традиционално, вклучуваат цврста димензија на интеркултурно учење и борба против расизмот и предрасудите. Агенда 2020, главниот документ за младинска политика на Советот на Европа, става специјален акцент на „спречувањето и сузбивањето на сите форми на расизам и дискриминација на која било основа“ и го признава интеркултурното учење како неформален, образовен метод „особено значаен за промовирање интеркултурен дијалог и за борба против расизмот и нетолеранцијата"33. Една од главните акции на младинската работа и младинска политика против дискриминацијата беше европската младинска кампања „Сите различни-сите еднакви“, која ги мобилизираше младите луѓе против расизмот, антисемитизмот, ксенофобијата и нетолеранцијата, како и за разновидност, човекови права и учество. Илјадници млади луѓе учествуваа во различни активности од кампањата низ Европа.
Белата книга за интеркултурен дијалог „Живееме заедно еднакви во достоинството“, беше усвоена од Советот на Европа во 2008 и обезбедува насоки и аналитички и методолошки алатки за промовирање на интеркултурниот дијалог од страна на креаторите на политики и практичарите. Таа промовира интеркултурни пристапи за менаџирање на културната разновидност, засновани врз човековото достоинство и прифаќање на „нашето заедничко човештво и заедничка судбина.“ 

Со оглед на широкиот спектар на постоечките инструменти и пристапи за борба против расизмот, ксенофобијата и дискриминацијата, непријателството кон странците, кршењето на правата на малцинствата, високите нивоа на агресивен национализам и баналните форми на дискриминација сé уште се секојдневие во многу општества низ Европа. Затоа е многу важно денес да се биде активен и креативен во промовирањето на разновидноста, рамноправноста, недискриминацијата и човековите права.

Фусноти

1 Протокол бр.12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи
2  МarioPeucker, „Расизам, ксенофобија и структурална дискриминација во спортовите“, извештај од земјата, Германија, Бамберг, 2009, стр.26:
www.efms.uni-bamberg.de/pdf/RACISM_in_SPORT_2010.pdf
3 Образовен пакет „Сите различни – сите еднакви“ –„Идеи, ресурси, методи и активности за информално меѓукултурно образование со млади луѓе и возрасни“ (ревидирано издание Совет на Европа, 2005
4 На пример, погледнете ја Изјавата на Американското антрополошко здружение за „Расата“: www.aaanet.org/stmts/racepp.htm
5 Расизам и администрацијанаправдата, Amnesty International, 2001, AI Index: 40/020/2001: www.amnestymena.org/Documents/ACT%2040/ACT400202001en.pdf
6 ЛидијаГал,Принудна стерилизација –еден пример за повеќекратна дискриминација, 2010: www.errc.org/cikk.php?page=10&cikk=3564
7 www.unitedagainstracism.org
8АланаЛентин, „Посветени да направат промена.Расизам, антисемитизам, ксенофобија и нетолеранција и нивното влијание врз младите луѓе во Европа“ (извештај од симпозиум), 2006 
9 Вебстер – Трет нов меѓународен речник
10 ECRI Препорака од општа политика бр.9: Борбата против антисемитизмот, јуни 2004, CRI(2004)37 
11 http://assembly.coe.int/main.asp?Link=/documents/adoptedtext/ta07/eres1563.htm
12 http://fra.europa.eu/fraWebsite/attachments/Antisemitism_Update_2010.pdf
13 Валериу Николае, ергонетворк: www.ergonetwork.org/antigypsyism.htm
14 „Позициите на човековите права на Ромите”, Комесар за човекови права
https://wcd.coe.int/ViewDoc.jsp?id=1631909
15 „Доста!“Информации за кампања. www.dosta.org/en/node/55 
16 Q&A: Протерување на француските Роми, прилог од BBC www.bbc.co.uk/news/world-europe-11027288
17 Резолуција CM/ResChS(2011)9 Колективна жалбабр. 63/2010 https://wcd.coe.int  
18 ИнгридРамберг, „Посветени да направат промена.Расизам, антисемитизам, ксенофобија и нетолеранција и нивното влијание врз младите луѓе во Европа“ (извештај од симпозиум), 2006
19 Дознајте повеќе на www.romadecade.org
20 Дознајте повеќе на www.typicalroma.eu
21 http://ec.europa.eu/justice/policies/discrimination/docs/com_2011_173_en.pdf
22 Интерсексуални луѓе (разновидност од услови во кои е родена една личност со репродуктивна или сексуална анатомија која не се вклопува во типичните дефиниции за жена или маж), како и оние кои себеси се идентификуваат како „квир“(“queer”) можат да се поврзат себеси со ЛГБТ заедницата, која потоа колективно се претставува како LGBTIQ. 
23 Резолуција за хомофобијата во Европа од Европскио тпарламент(P6_TA(2006)0018), 18 јануари, 2006, www.europarl.europa.eu/sides/getDoc.do?type=TA&reference=P6-TA-2006-0018&language=EN
24 ILGA „Хомофобија спонзорирана од државата“, мај 2009: www.ilga.org/statehomophobia/ILGA_State_Sponsored_Homophobia_2009.pdf
25  „Општествена ексклузија на млади лезбејки, геј, бисексуални и трансродови (LGBT) лица во Европа“, ILGA-Европаи IGLYO, април 2006, www.iglyo.com/content/files/2006-Report-SocialExclusion.pdf
26 www.coe.int/t/Commissioner/Source/LGBT/LGBTStudy2011_en.pdf
27 Equipe Claves, цитиран во „Меѓукултурно учење во европската младинска работа: по кои патишта напред?“ од Ингрид Рамберг (ed.), Совет на Европа, 2009. 
28 Светска конференција на Обединетите Нации против расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција:  www.un.org./WCAR/durban.pdf
29 Директиви (2000/43/EC), (2000/78/EC), (2006/54/EC) и (2004/113/EC) поединечно.  
30 Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, http://conventions.coe.int/Treaty/en/Treaties/Html/157.htm
31 Случајот наД.Х и другите против Чешката Република (Апликацијабр. 57325/00), Пресуда, Стразбур, 13 ноември 2007: www.asil.org/pdfs/ilib071214.pdf
32 60 години од Европската конвенција за човекови права: Права на Ромите, 2010, Совет на Европа
33 Финална декларација: Иднината на младинската политика на Советот на Европа: АГЕНДА 2020, 8 Конференција на министри одговорни за млади во Советот на Европа, Киев, 2008: www.coe.int/t/dg4/youth/ig_coop/8_cemry_declaration_EN.asp

compass-key-date
  • 27 ЈануариМеѓународен ден за комеморација на жртвите од Холокаустот
  • 21 МартМеѓународен ден за елиминирање на расната дискриминација
  • 8 АприлСветски ден на Ромите
  • 17 МајМеѓународен ден против хомофобијата и трансфобијата
  • 20 ЈуниСветски ден на бегалците
  • 2 АвгустМеѓународен ден за сеќавање на Холокаустот на Ромите
  • 9 НоемвриМеѓународен ден против фашизмот и антисемитизмот
  • 16 НоемвриМеѓународен ден за толеранција
  • 18 ДекемвриМеѓународен ден на мигрантите