Заедничкиот напори, од страна на загрижените граѓани, може да доведе до промени.

Заки Ахмат, Кампања за акција за лекување.

Преглед

Оваа активност е симулација која се базира на судењето за „Лекот против ХИВ/СИДА“ во Јужна Африка, во 2001. Ги обработува темите за: 

  • ХИВ/СИДА и пристапот до лекови
  • Како да се разрешат конфликтните спротивставувања на правата. 
Поврзани права
  • Право на живот и достоинство;
  • Право на заштита на моралните и материјалните интереси кои резултираат од науката
  • Право на здравствена заштита.
Цели
  • Да се подигне свеста за правото на здравствена заштита, особено пристапот до достапните лекови и лекување, како и превенција на ХИВ/СИДА
  • Да се развијат вештини за комуникација, соработка и градење консензус
  • Да се зајакне солидарноста и идеалите на правдата.
Материјали
  • Флип-чарт хартија и пенкала
  • Картички со улоги за судењето
  • Инструкции за работа во мали групи, по едно за секој учесник
  • Мали картички (10см х 6см). Една црвена и една зелена за секој учесник
  • Простор за пленарна работа и работа во мали групи.
Подготовка

За првиот дел: 

  • Направете копии од картичките со улоги за судењето; потребна ви е по една картичка за секој учесник

За вториот дел:

  • Направете копии од инструкциите за работа во мали групи, по една за секој учесник
  • Направете една црвена и една зелена карта за секој учесник
compass-key-date
  • 1 ДекемвриМеѓународен ден на за борба против сидата

Инструкции

Оваа активност е во два дела. Првиот дел е симулација на судењето, а вториот дел е фазата на градење консензус.

Прв дел. Судењето (вкупно време 65 минути)
1.Поставете ја сцената. ХИВ/СИДА е многу сериозна епидемија насекаде во светот. Таа е голем проблем во Јужна Африка, каде милиони сиромашни луѓе, страдаат и непотребно умираат, бидејќи тие не можат да си ги дозволат скапите лекови, кои им се потребни. Нивна единствена алтернатива e да користат поевтини копии од лековите. Водечките фармацевтски куќи се против ова. Тие сакаат да си ги заштитат нивните права на сопственост, па ги здружуваат силите да ја спречат, која и да е држава, од фалсификување на нивните производи и нивно продавање по поевтини цени. Тие започнуваат судски процес против Владата на Јужна Африка, која дистрибуира и продава поевтини копии на лекови против ХИВ/СИДА.
2. Објаснете дека учесниците ќе бидат вклучени во симулација, во првиот дел или во прелиминарно сослушување при судењето, кое се случи во Јужна Африка во 2001 година. Прашањата се: Дали правото на сопственост е валиден аргумент за да се загрози правото на живот и достоинство на една група луѓе? Дали правата на живот и здравствена заштита се валиден аргумент за да се премине преку правото на сопственост?
3. Поделете ги учесниците во четири еднакви групи за да ги претставуваат: коалицијата на фармацевтските компании Pharma Inc., Владата на Јужна Африка, членовите на Кампањата за акција за лекување и судиите.
4. Поделете ги картичките со улоги за судењето на соодветните групи.
5. Дајте им на групите 25 минути да ги прочитаат нивните картички со улоги и да ги подготват нивните случаи и/или прашања за судењето. Секоја група мора да си избере говорник за да ја претставува групата и еден или двајца помошници кои ќе му помагаат на говорникот при одговарањето на прашањата за време на судењето.
6. Штом секоја група се подготви, повикајте ги луѓето да се вратат на пленарна сесија. Тие треба да останат во нивните четири групи.
7. Потоа, коалицијата на фармацевтските компании Pharma Inc., Владата на Јужна Африка и членовите на Кампањата за акција за лекување имаат по 5 минути да ги претстават нивните позиции и да покренат прашања. Судиите треба да ја претстават секоја група и да им дадат можност да зборуваат.
8. И самите судии имаат по 10 минути да одговорат на поставените прашања кои се појавиле во групите, да одговорат на некои процедурални прашања и да ги сумираат различните аргументи и позиции.

Втор дел. Фаза на градење консензус (вкупно време 100 минути)
1. Замолете ги учесниците да се поделат во мали групи, секоја по четири луѓе. Во секоја група треба да има по еден поранешен член од коалицијата на фармацевтските компании Pharma Inc., еден поранешен член од Владата на Јужна Африка, еден поранешен член на Кампањата за акција за лекување и еден поранешен судија.
2. Поделете ги копиите со инструкциите за мали групи, една црвена и една зелена карта за секој учесник. Проверете дали сите разбраа што треба да прават, дали ја знаат целта на картите во боја и како да ги користат.
3. Дајте им на групите 30 минути да се обидат да постигнат консензус за да се разрешат конфиктните спротивставувања.
4. Повикајте ги сите назад и замолете ги да дадат извештај за резултатите од нивните дискусии. Дајте им по 5 минути за презентирање на нивниот извештај. Прибележете ги главните решенија и прашања на флип-чартот.
5. Кога сите групи ќе дадат извештај за нивните позиции/решенија, преминете на дискусија за процесот на одлучување. Можете да прашате:
• Колку лесно беше да се постигне консензус?
• Кои се силни и слаби страни на овој пристап?
• Дали постоеше тензија помеѓу обидот да се донесе согласност за решение и обидот да се вклучат сите членови на групата при одлучувањето?
• Кои беа најгорливите прашања?
6. Можеби ќе сакате да ја завршите оваа фаза од активноста со читање на следниов извадок од судската пресуда, на 19 април 2001 година. „Целта (...) да се постигне поевтин пристап до лекови (...) е благородна цел, а во контекст на епидемијата на ХИВ/СИДА, претставува уставна обврска од највисок ред поврзана со обврската на државата да ги почитува, заштитува и исполнува бројните основни човекови права, вклучувајќи го и правото на човеково достоинство и живот (кои се сметаат за основа на сите други права) (...) Не постои заслуга за (...) предизвиците од Актот, направен од страна на апликантите (фармацевтските компании).“

Резимирање и евалуацијаGoto top

Евалуацијата веќе започна за време на дискусиите во вториот дел. Сега продолжете со поттикнување на учесниците да размислуваат за целокупниот процес, а потоа идентификувајте ги прашањата за клучните човекови права за време на судењето. Клучни прашања:
• Дали учесниците слушнале за овој случај порано?
• Кои биле нивните први размислувања за случајот на почетокот од активноста?
• Како се менуваше сфаќањето на учесниците во врска со прашањата додека течеше активноста?
• Како луѓето ги споредуваат двете форми при процесот на одлучување – со надгласување или со консензус? Кој овозможува подобри резултати? Како го дефинираат успешниот резултат?
• Кои беа прашањата за клучните човекови права за време на судењето?
• Често се случува спротивставувањето на различните човекови права да се мери со другите. На кои права би им дал/а приоритет? Кој критериум би го користел/а?
• Кои се последиците од резултатот од судењето за ХИВ-позитивните луѓе во местото каде што живееш? На пример, дали има достапни генерички лекови?
• Што е направено за да се информира јавноста за ХИВ/СИДАТА во местото каде што живееш? Што друго би можело и би требало да се направи?

Совети за обучувачотGoto top

Потребно ви е подолго време за оваа активност, бидејќи прашањата се сложени и треба подлабоко да се мисли за нив. Треба да забележите дека двата дела не треба да се водат во истиот ден; тоа може да се направи во две различни сесии.

Вие треба да објасните дека целта за користење на црвена и зелена карта е да им се помогне на луѓето да бидат свесни за тоа што помага, а што отежнува. Во идеални услови, на крајот од дискусиите и преговорите во вториот дел, сите учесници ќе покажат зелени карти и ќе се согласат со споделеното решение.

Во вториот дел, некои групи можеби ќе постигнат консензус, а други можеби не. Во дискусијата, вие треба да ја искористите можноста и да ги истражувате силните и слабите страни на консензусот при одлучувањето. Замолете ги оние групи кои постигнале консензус да истакнат што е тоа што ги зближи, а што придонесе да има разлики помеѓу нив. Забелешка: Повеќе за градењето консензус ќе најдете во информациите од Мир и насилство, во Поглавје 5.

Важно е да се провери тековната ситуација на луѓето во локалната заедница кои живеат со ХИВ/СИДА и да се прилагоди/поврзи активноста со прашањата кои ги засегаат. Забелешка: Името на коалицијата на фармацевтските компании, Pharma Inc, е измислена за потребите на оваа активност.

ВаријацииGoto top

Вие можеби ќе сакате да креирате тим на новинари кои ќе го покријат судењето. Ќе ви бидат потребни дополнителни материјали:
камери, компјутер и печатач. Ним треба да им дадете дефинирано и ограничено време да го презентираат нивниот извештај на крајот од судењето. Должината на времето ќе зависи од форматот кој тие ќе го изберат, на пример, весник, радио или ТВ или блог. Ако ја прифатите оваа варијација, ќе ви бидат потребни и картички со улоги за новинари. Исто така, ќе треба да дозволите уште дополнителни 15 минути за активноста и уште 10 минути за оценувањето на работата на новинарите.

Предлози за следни активностиGoto top

Дискутирајте ги аспектите на правото на живот и човеково достоинство во врска со правото на здравствена заштита. Критичните инциденти (стории на случај) во вестите можат да овозможат добар почеток, особено за дискусија во мали групи.

Информирајте се за прашањата за здравствените и човековите права на глобално ниво. Посетете веб страници или обезбедете публикации од клучни невладини организации (Доктори без граници - MSF, Кампања за акција за лекување - TAC, Христијанска помош, Oxfam, Save the Children) и меѓународни институции (Светска здравствена организација - WHO). Дознајте какви акции се преземени за да се промовираат здравствените прашања и направете листа на флип-чарт

Кампањата за акција за лекување – TAC водат многу успешна кампања и сé уште се многу активни во Јужна Африка и пошироко (погледнете на линкот www.tac.org.za ). За жал, не сите кампањи се успешни во остварувањето на нивните цели како што е TAC. Можеби постојат повеќе причини за ова, но една од нив е и слабата организација и неефективниот публицитет. Групата може да ги истражува овие прашања и да ги развива нивните вештини за ефективни кампањи или преку активноста „Внимавајте, ве набљудуваме“, или „Доста“.

Идеи за акцијаGoto top

Обидете се да дознаете кој промовира акции за здравствени прашања во вашата локална заедница и како вие можете да придонесете.

Понатамошни информацииGoto top

Оваа активност е заснована на случај кој излезе пред судот во Јужна Африка во 2001 година. Здружението на фармацевтски производители во Јужна Африка ги обвини Претседателот на Јужна Африка, Нелсон Мендела и други, вклучувајќи ја и Кампањата за акција за лекување – TAC за занемарување на нивните патенти за лекови против ХИВ и увезување на поевтини, генерички лекови за лечење на милиони граѓани болни од СИДА.
Судиите мораше да ги балансираат различните интереси и права на двете страни. Од една страна, Здружението на фармацевтски производители го потврдуваа правото на сопственост, еднаквост и слободен избор за трговија, занимање и професија, а од друга страна, Владата и Кампањата за акција за лекување – TAC тврдеа дека должност на државата е да ги почитува, заштитува, промовира и исполнува основните права за човековото достоинство и животите на нејзините граѓани.

Во историското судење, судот заклучи дека правото на сопственост е на пониско ниво во однос на правото на човеково достоинство и живот и според тоа, треба да биде ограничено. Потоа, производителите на лекови го повлекоа нивниот случај. Ова беше нашироко поздравено како „вистински триумф на Давид над Голијат, не само за нас овде, во Јужна Африка, туку и за луѓето од многу земји во развој кои се борат со пристапот до здравствената грижа“ (заедничка прес порака од НВО, 19 април 2001). „Ова е ретка и многу значајна победа на сиромашните над моќните мултинационални компании! Но, нашиот предизвик сега е да работиме заедно со производителите на лекови, а Владата да набави лекови за оние на кои им се потребни.“ (Kevin Watkins од Oxfam). Има и резиме за прашањата на линкот Time.com, издадено на 5 март 2001. За да го најдете, на вашиот пребарувач напишете: “AIDS Drugs Case Puts Our Ideas About Medicineon Trial”

Сидата и трендовите на глобализацијата

Борбата против ХИВ/СИДА е една 17 Цели за одржлив развој на Обединетите Нации.

Во богатите земји, луѓето со ХИВ/СИДА можат подобро и подолго да живеат заради антиретровирусните лекови, со кои државата бесплатно ги снабдува. Во јужните земји, инфицираните од ХИВ повеќе страдаат и порано умираат, бидејќи немаат пристап до лекувањето на ХИВ. Во просек, годишно по жител, трошоците за нивната здравствена заштита изнесуваат околу 10$, додека тројна терапија, достапна на луѓето од северните земји, чини помеѓу 10.000$ до 15.000$ годишно.
Сиромаштијата, недостатокот на образование и социјалната нееднаквост ја забрзуваат епидемијата, но предизвикот е пред се политички, вклучувајќи ги владите, меѓународните тела и фармацевтските компании. За да биде ефективна, борбата против СИДАта треба да ги предизвикува клучните меѓународни механизми и институции. Едни од поважните се Меѓународниот монетарен фонд (IMF), Светската трговска организација (WTO), TRIPS (Трговски аспекти од правата на интелектуална сопственост), GATS (Општа спогодба за трговија и услуги) и Тело за решавање на спорови, кое всушност функционира како трибунал

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Картички со улоги за судењето 

Картичка со улога за судењето: Pharma Inc
Вие сте извршни директори од Pharma Inc. Вашата компанија е една од светски-водечките производители на фармацевтски производи. Вие ги купивте правата за комерцијализирање на клучните лекови за ХИВ/СИДА. Вие треба да ја одржите вашата профитна стапка и да ги задоволите вашите акционери. Според тоа, вие сакате да го заштитите правото на компанијата да формира продажна цена на вашите производи, имајќи ги предвид и трошоците за истражување, трошоците на производство и платите на вашата работна сила. Да дозволите некоја компанија едноставно да ги ископира и да ги продава вашите производи е ризик за вашиот профит и одржливост на компанијата. Затоа ги здружувате силите со други водечки фармацевтски компании за да ги спречите државите да дадат дозвола за копирање и продавање на вашите лекови по пониски цени и да ги тужите, доколку е потребно. Вие започнувате правна акција против Владата на Јужна Африка.
Вие треба да ги подготвите вашите аргументи за одбрана на вашиот став. Ќе имате 5 минути за да го презентирате на судењето.

Картичка со улога за судењето: Влада на Јужна Африка
Вие сте високи функционери во Владата на Јужна Африка. Вашата Влада се обидува да одговори на барањето од фармацевтските компании кои започнаа судски процес против вас. Pharma Inc. се обидува да ја спречи секоја држава да даде дозвола за копирање и продавање на нивните производи по поевтини цени, кои се пониски од нивната малопрадажна цена. Во принцип, вие се согласувате со ставот на Pharma Inc.
Но сепак, популарните движења, предводени од Кампањата за акција за лекување – TAC, тврдат дека уставна обврска на државата е да обезбеди поевтин пристап до лекови, особено во контекстот со епидемијата на ХИВ/СИДА. Вие одговарате на политичкиот притисок и дозволувате увоз на поевтини (копирани) лекови од други земји, како што е Индонезија.
Вие треба да ги подготвите вашите аргументи за одбрана на вашиот став. Ќе имате 5 минути за да го презентирате на судењето.

Картичка со улога за судењето: Кампањата за акција за лекување (TAC) 
Вие сте група активисти кои ја претставувате Кампањата за акција за лекување (TAC), Јужна Африка. Кампањата тврди дека државата има обврска да обезбеди евтин пристап до лекови, особено во контекстот со епидемиијата на ХИВ/СИДА. Владата одговори и започна да увезува поевтини лекови.
Вие, исто така, тврдите дека одговорност на државата е да обезбеди и финасиска помош за пациентите и организациите кои се борат со болестите предизвикани од ХИВ/СИДА.
Сепак, Владата на Јужна Африка беше доведена пред суд од страна на фармацевтските компании за да го запрат копирањето и продавањето на нивните производи по поевтини цени. Затоа, вие одлучивте да ги здружите силите со владата за да ја одбраните улогата на државата во обезбедувањето на евтин пристап до лекови.
Вие треба да ги подготвите вашите аргументи за одбрана на вашиот став. Ќе имате 5 минути за да го презентирате на судењето.

Картичка со улога за судењето: Судии
Вие сте група судии кои го водите спорот за обидот на водечките фармацевтски компании да ја обвинат Владата на Јужна Африка и да ја спречат дозволата за копирање и продавање на нивните производи со пониски цени. Активистите, претставници на Кампањата за акција за лекување (TAC), го бранат ставот на Владата.

Вашата улога е да ги поканите трите страни за да ги претстават нивните ставови. На крајот од презентациите, не треба веднаш да носите суд или да доаѓате до заклучоци. Вашата работа е да помогнете да се разјаснат прашањата и да се сумираат аргументите за поддршка на спротивставените тврдења.
Јадрото на проблемот е како да се разрешат конфликтните тврдења за човековите права. Одбраната (Владата и ТАС) го бара правото на живот и достоинство, а обвинителите (Pharma Inc.) го бараат правото на сопственост. Официјалната судска евиденција стои вака:
Правото на живот и достоинство се најважните од сите човекови права и од нив произлегуваат сите останати лични права. Посветувајќи се на едно општество, кое се гради со признавање на човековите права, од нас се бара да ги вреднуваме овие две права пред сите други. Ова мора да се демонстрира од страна на државата во сé што прави, вклучувајќи го и начинот на казнување на криминалнците.“

Против
Правото на сопственост е заштитено со делот 25 од Уставот на Јужна Африка, кој го наведува следното: „Сопственост 25 (1) Никој не треба да биде лишен од сопственост, освен во услови на примена на закон, а ниту еден закон не дозволува произволно одземање на сопственоста.“
Вие треба да подготвите прашања за трите страни. Имате 10 минути да ги поставите вашите прашања и да ги слушнете одговорите

Картичка со улога за судењето: Новинари (по избор – погледнете ги варијациите погоре)
Вие сте група новинари и вие сте задолжени да го покривате судењето.

Вашата задача е да известувате за судењето и да ги претставувате сите гледни точки. Вие имате пристап до сите поединечни состаноци, оргазнирани од различни страни: судии, ТАС, Владата на Јужна Африка и Pharma Inc. Кога ги посетувате состаноците вие смеете само да набљудувате; не смеете да ја вознемирувате, прекинувате или да учествувате во работата на групите. Вие можете да направите поединечни интервјуа, ако тоа не го нарушува текот на состанокот. Исто така, вие можете да сликате и ќе имате пристап до компјутер, печатач и Интернет за непречено да работите.

Вие ќе ги презентирате резултатите од вашата работа на крајот од судењето. Вие можете да го изберете форматот, на пример, блог, твит, статија во весник и радио или ТВ емисија. Вие имате 10 минути да го презентирате вашиот извештај.

Инструкции за малите групи за вториот дел
Вие сте група од четворица, секој/а е претставник на една од четирите страни:

• Pharma Inc
• Влада на Јужна Африка
• Активисти кои ја претставуваат Кампањата за акција за лекување (TAC)
• Судиите во случајот.

Инструкции
1. Во круг, секој/а треба да се идентификува себеси и групата која ја претставува, а тоа е улогата која ја играат.
2. Потоа, секој/а треба да ги покаже своите чувства за ситуацијата на крајот од судењето. Ако мислат дека ќе биде лесно да се најде решение, тие треба да покажат зелена карта, а ако мислат дека ќе биде тешко, тие треба да покажат црвена карта (целта за користење на картите е да им се помогне на сите да бидат свесни како оди процесот на градење консензус).
3. Сега, ваша задача е да се обидете да стигнете до задоволителна одлука, заснована врз консензус помеѓу четирите членови. Дискусијата треба да биде во кругови. Судијата ја затвора дискусијата и последен го презентира неговиот/нејзиниот став.

• Прв круг: наведете го вашиот став
• Втор круг: презентирајте ги вашите идеи за решение
• Трет круг: преговарајте за предложеното решение

4. Внимателно слушајте се едни со други. На крајот од секој круг, покажете ја вашата карта, како индикатор за тоа како се чувствувате во врска со изгледите за постигнување на задоволително решение.
5. На крајот од процесот на донесување консензус, одберете една личност да ги презентира резултатите пленарно, пред целата група.