Деца
Конвенција за правата на детето
Според законот за човекови права, дете е секое човечко суштество под 18 години. Во 2014, УНИЦЕФ го процени вкупниот број на деца во светот на околу 2,2 милијарди (Состојбата на децата во светот во броеви во 2014: Секое дете се брои).
Децата се човечки суштества, па според тоа тие ги имаат истите човекови права како и возрасните. Сепак, на децата им е потребна посебна грижа и помош и поради таа причина, тие имаат и „сопствен“ документ – Конвенција за правата на детето (CRC). Оваа конвенција беше усвоена од страна на Обединетите нации во 1989 и стапи во сила на 2 септември 1990. Конвенцијата важи за сите деца на возраст под 18 години, во оние земји кои ја прифатиле – а речиси секоја земја во светот го има сторено тоа. Само Соединетите Американски Држави не ја имаат ратификувано оваа конвенција.
Зошто е значајна Конвенцијата за правата на детето?
Конвенцијата за правата на детето е најшироко ратификуван инструмент за човекови права во светот. Таа стои како обележје во историјата на детските права, бидејќи тоа е првиот правен, обврзувачки, меѓународен инструмент, усвоен за посебна заштита на правата на децата.
Конвенцијата не им нуди на децата повеќе права отколку на другите човечки суштества, но ги признава дополнителните гаранции кои се потребни да овозможат сигурност дека сите деца ќе имаат пристап до човековите права, кои ги поседуваат сите. Се воочува дека и оваа конвенција, како и останатите меѓународни спогодби, содржи целосен спектар на човекови права: граѓански, политички, социјални, економски и културни права.
Мајките и децата имаат право на посебна нега и помош. Сите деца, родени во брак или надвор од него, уживаат еднаква социјална заштита.
Универзална декларација за човекови права, член 25 (2)
Конвенцијата ја обележа промената во начинот на кој се набљудуваат децата. Таа ги смета децата како поединци со права и одговорности, кои ги одразуваат нивните развојни капацитети. Понатаму, Конвенцијата постави специфична рамка за остварување на правата на децата.
Ако секое дете, без разлика на пол, етничко потекло, општествен статус, јазик, возраст, националност или вероисповед, ги има овие права, тогаш тоа ја има и одговорноста да ги почитува правата на другите на хуман начин. Ако децата имаат право да бидат заштитени од кофликт, суровост, експлоатација и занемарување, тогаш тие имаат и одговорност да не малтретираат или да не се повредуваат едни со други. Ако децата имаат право на чиста животна средина, тогаш тие имаат одговорност да прават сé што можат околу грижата за нивната животна средина.1
Прашање: Зошто децата имаат потежок пристап до некои права во однос на возрасните?
Како функционира Конвенцијата за правата на детето?
Вашите деца не се ваши деца. Тие се синови и ќерки на копнежот кон Животот... Вие можете да ги вдомите нивните тела, но не и нивните души, бидејќи нивните души живеат во куќата на утрешнината, која вие не можете да ја посетите, дури ни во соништата ваши.
Калил Гибран
Секои 5 години, земјите-потписнички на оваа конвенција мора да поднесат извештај до Комитетот за правата на детето за постигнатиот напредок во почитувањето на правата, вклучени во конвенцијата. И други организации се поттикнуваат да поднесуваат извештаи, а некои невладини организации често ги пријавуваат можните кршења на правата од Конвенцијата, кои не се спомнуваат во официјалниот извештај на владата.
Комитетот е составен од независни експерти и откако ќе ги разгледа сите поднесени извештаи на владата и на невладините организации и откако ќе одржи сесија во Женева, заедно со претставниците на владата, ќе издаде заклучни напомени. Целта е тие да бидат препораки кои земјите би требало да ги имплементираат за да ги корегираат или подобрат областите каде Комитетот чувствува дека Конвенцијата соодветно не се почитува. Тие повторно ќе проверат дали овие препораки се имплементирани кога владата ќе поднесе нареден извештај.
Прашање: За што би го известиле Комитетот за правата на детето во врска со детските права во вашата земја?
Факултативни протоколи кон Конвенцијата за правата на детето
Има два факултативни протоколи кон Конвенцијата за правата на детето, и двата усвоени во 2000, кои се мониторирани од Комитетот за правата на детето. Првиот е Факултативен протокол за вклученоста на децата во воен конфликт; вториот е Факултативен протокол за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија.
Во јуни 2011, Советот за човекови права при ОН ја усвои нацрт верзијата за третиот Факултативен протокол за комуникациски процедури при кршењето на детските права. Новиот протокол ќе му овозможи на Комитетот за правата на детето да ги испитува комуникациите со децата и нивните претставници, во врска со прекршувањето на нивните права.
Основни карактеристики на Конвенцијата за правата на детето
Конвенцијата за правата на детето има 54 членови кои вклучуваат целосен и широк спектар на права – граѓански, политички, културни, социјални и економски и тие служат како рамка за заштита на правата на човечките суштества на возраст под 18 години. Конвенцијата се заснова на три категории права и ја водат четири главни принципи.
Три “P”
Членовите кои ги заштитуваат правата во Конвенцијата за правата на детето можат да бидат групирани во три категории, често познати и како три „Р“ – учество (participation), заштита (protection) и овозможување (provision).
Елементот на учество беше (и сé уште е) високо-иновативен и го рефлектира сфаќањето на Конвенцијата дека децата се субјекти, а не објекти во законот. Многу возрасни и многу општества ги третираат децата како неспособни за независно размислување и дека нивните преференции и чувства водат до мали последици – особено во однос на одлуките за нивната благосостојба. Сепак, Конвенцијата ја промовира идејата за децата како луѓе, чии желби треба да се земат предвид. Конвенцијата вели дека децата имаат право да бидат почитувани и достоинствено третирани, бидејќи тие се луѓе, без разлика на нивната возраст. Дел од тоа „достоинствено третирање“ им дозволува да бидат автономни суштества, дозволувајќи им да ги искажат нивните желби и мисли, штом ќе бидат способни за тоа, како и оние желби и мисли кои ќе бидат значаен фактор во одлуките кои ги засегаат.
Во прилог на признавањето на детските права на учество, Конвенцијата признава дека на децата можеби им е потребна посебна заштита од, на пример, злоупотреба, насилство, експлоатација и суровост.
Третото „P“, за овозможување (provision), ги покрива правата потребни за основен опстанок и целосен развој на детето, на пример, право на соодветна храна, чиста вода, засолниште, формално образование и здравствена грижа.
Прашање: Колку ги слушате и колку ги почитувате желбите на младите луѓе со кои работите?
Детскиот парламент во Финска
Виртуелната зграда на парламентот е изградена онлајн за потребите на Финскиот детски парламент. Оваа виртуелна зграда им овозможува простор на претставниците, независен од време и место, да можат меѓусебно да делуваат и да ги продлабочуваат нивните активности.
Управниот одбор и комитетите во Детскиот парламент се среќаваат онлајн, еднаш неделно, во соби за разговор и ги дискутираат прашањата и се подготвуваат за идни пленарни сесии. Членовите на Детскиот парламент дискутираат онлјан за прашањата во нивни дискусиони форуми, одговараат на анкети поднесени од страна на оние кои одлучуваат и одржуваат двонеделни онлајн пленарни сесии.
Управниот одбор и сите деца, исто така, и лично се среќаваат. http://www.lastenparlamentti.fi
Четирите принципи
На детето, кое е способно да формира свое сопствено мислење, државите му обезбедуваат право на сопствено мислење, право на слободно изразување на тоа мислење за сите прашања кои се однесуваат на детето, со тоа што на неговото мислење се посветува должно внимание во согласност со возраста и зрелоста на детето.
Конвенција за правата на детето, член 12
Во основата на целата Конвенција воспоставени се четири водечки принципи или општи барања за сите права кои се содржани во документот. Овие принципи, исто така, се појавуваат и како одделни членови во Конвенцијата. Кога Комитетот за правата на детето при ОН ги изработи Насоките за известување за Конвенцијата, овие принципи беа наведени како посебни ставки за кои треба да се известува.
Прв принцип: Недискриминација (член 2)
Членот за недискриминација е отворен: тој ја забранува дискриминацијата онака како што е наведено, но исто оневозможува и други форми кои не се јасно наведени.На девојчињата треба да им се дадат истите можности како на момчињата, децата без попреченост треба да се третираат исто како и децата со попреченост, муслимани, хинду и христијани – сите да се исти, богатите исти како сиромашните, итн.
Државите треба да ги почитуваат и да ги обезбедат правата, содржани во Конвенцијата, за секое дете, под нивна јурисдикција, без било каква дискриминација и без оглед на расата, бојата на кожата, полот, јазикот, вероисповедта, политичкото или друго убедување, националното, етничкото или социјалното потекло, имотната состојба, попреченоста, потеклото или друг статус на детето, неговиот/нејзиниот родител или законски старател.
Конвенција за правата на детето, член 2
Втор принцип: Најдобар интерес на детето (член 3)
Овој принцип е поврзан со стојалиштето дека децата се полноправни човечки суштества чии интереси се значајни. Тоа понатаму и се продлабочува: не само што детските потреби се значајни; туку се вели дека и тие треба да се земат во предвид кога се донесуваат одлуки за децата. Тоа не значи дека треба да се постапува според желбите на детето во секоја прилика, бидејќи, понекогаш некое надворешно лице е подобар просудувач за детските интереси, особено кога се работи за подолг период.
Прашање: Кој, според вас, би требало да одлучува за најдобриот интерес на детето: родителите, детето или државните органи?
Во сите дејства кои се однесуваат на децата, од примарно значење е најдобриот интерес на детето.
Конвенција за правата на детето, член3
Трет принцип: Право на живот, опстанок и развој (член 6)
Овој принцип е многу поширок отколку што на прв поглед изгледа: тој им наметнува обврски на земјите-потписнички на Конвенцијата да обратат внимание не само на физичкиот развој на децата, туку и на нивниот ментален, духовен, психолошки и социјален развој. Владите би требало да „креираат средина“ која најдобро одговара за подготовка на секое дете за индивидуален живот во едно слободно општество.
Четврт принцип: Почитување на ставовите на детето (член 12)
Овој принцип веќе беше делумно спомнат кај „учеството“, погоре. Кога државите го известуваат Комитетот за правата на детето, тие би требало да ги подвлечат можностите децата да ги искажат нивните ставови во контекст на семејниот живот, училишниот живот, местата на институционална грижа и други форми на згрижување, како и процедурите за барање азил.
Состојбата на децата: факти и бројки
Конвенцијата за правата на детето беше огромен чекор напред во почетокот на процесот на формализирање на владините обврски и обезбедување на некаков вид одговорност. Сепак, тоа беше само почеток на процесот. Во секоја земја во светот, детските права минуваат долг пат додека не ги исполнат стандардите зацртани во Конвенцијата.
Државите, во најголема мера, овозможуваат опстанок и развој на детето.
Конвенција за правата на детето, член 6.2
Децата во светот
Од 2,2 милијарди деца во светот, 600 милиони живеат во екстремна сиромаштија. Ова значи дека едно од четири деца живее со помалку од едно евро на ден.2
Секоја година, речиси 9 милиони деца, на возраст под 5 години, умираат од причини, кои во голема мера би можеле да се спречат. Сепак, овој број бил многу поголем пред 20 години и продолжува да се намалува.3
17000 деца умираат од глад секој ден.
ОН проценува дека некои 250 000 деца, момчиња и девојчиња на возраст под 18 години, се вклучени со воени групи или воени сили.Повеќе од 100 милиони деца, на училишна возраст, не посетуваат училиште, а бројот на девојчиња е поголем од бројот на момчиња.
Децата во Европа
Постојат многу проблеми со кои се соочуваат децата во Европа, а следнава статистика претставува еден мал избор. Другите делови од овие поглавја овозможуваат понатамошни детали за некои специфични прашања.
Детските права во Европа
- Многу деца страдаат од насилство во семејството, во заедницата, во домовите за деца без родители и во други услови. Во Централна и Источна Европа, 35% од децата на училишна возраст, одговарајќи на прашалници, рекле дека се малтретирани последните два месеци пред интервјуто, со процент кој се движи од 15 до 64%.
- 19% од децата во ЕУ се во ризик од сиромаштија.
- Повеќе од 626 000 деца живеат во домови за деца без родители во 22 земји од Централна и Источна Европа и Заедницата на независните држави.
- Некои групи на деца страдаат од дискриминација, често на повеќе основи. На пример, ромските деца често имаат искуство со исклученост од образованието и нивниот пристап до здравствената заштита е оскуден. Многу деца со попреченост редовно се соочуваат со предрасуди и недостаток на свесност и рутински се исклучуваат од учеството во донесувањето одлуки кои ги засегаат.
- Иако Европската Унија е еден од најбогатите региони во светот, децата од овој регион продолжуваат да живеат во сиромаштија. 9% од децата, под 14 години, живеат во домаќинства каде ниту еден возрасен не добива плата. Детската сиромаштија и социјалната исклученост значително пораснале во некои земји од ЕУ, во периодот на последните дваесет години, кога помали деца се соочуваат со повисок ризик на релативна сиромаштија од која и да било друга група.
„За 4 месеци, додека не одевме на училиште, отидовме во шест куќи, не, седум куќи и шест нови училишта...Не ми се допаѓа преселувањето, само што ќе запознам нови пријатели, ќе мора повторно да се преселам, и повторно, и повторно, и повторно.“
Девојче; 10, цитирано од “Listen up – the voices of homeless children”
Деца на улица
УНИЦЕФ има дефинирано три видови на улични деца: деца кои живеат на улица, кои избегале од нивните семејства и живеат сами на улица; деца кои работат на улица, кои трошат најмногу време на улица, препуштени сами на себе; и деца од улични семејства, кои живеат на улица со нивните семејства. Извештајот на Children’s Society во Велика Британија открива дека
- Бројот на мароканските малолетници, кои влегуваат во Шпанија, значително пораснала од времето кога Министерството за внатрешни работи од Шпанија ги регистрирало за прв пат во 1998. Од 811 во таа година, бројот се зголемил повеќе од четири пати и стигнал до 3 500 во 2002.
- Бројот на деца кои работат на улица во Санкт Петерсбург, Русија, е проценет помеѓу 10 000 и 16 000: 20% од овие деца се вклучени во проституција.
- Некои деца без родители во Украина велат дека 97% од децата ги напуштаат институциите и стануваат бездомни.
- Околу 2 500 деца во Грузија отишле на улица за да заработат пари, или со питачење или со проституција.
„Дојде време кога заштитата на децата – сите наши деца – стана заедничка цел, која може да нé обедини, преминувајќи преку сите граници на нашата политичка ориентација, верска припадност и културни традиции.Ние мора да ги исправиме нашите загубени табуа и да ги направиме неприфатливи злоупотребата и бруталноста врз децата.
Олара Отуну, Специјален претставник за деца и воен конфликт при ОН
- 100 000 млади луѓе бегаат од Велика Британија секоја година: 6.7% од бегалците имаат по два родители, 13% имаат само еден родител, 18% имаат полу-семејство, а 30% имаат „друг вид на семејство“.
Прашање: Дали го знаете бројот на децата на улица во вашата земја?
Трговија со луѓе
Речиси секој експерт верува дека трговијата со луѓе е растечки проблем, но една од тешкотиите е дека постои малку согласност околу бројот на луѓето кои се засегнати. Владата на САД проценува дека 600 000 – 800 000 луѓе се пренесуваат секоја година преку меѓународните граници. Доказите од Канцеларијата за дрога и криминал при Обединетите Нации укажуваат на тоа дека повеќе од 20% од жртвите на трговијата со луѓе и во рамките на една земја и преку границите, се деца.
Конвенција за акција против трговијата со луѓе на Советот на Европа
Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе на Советот на Европа стапи на сила на 1 февруари 2008. Спогодбата се заснова на признавање на принципот дека трговијата со човечки суштества претставува кршење на човековите права и е повреда на достоинството и интегритетот на човекот. Ова е сеопфатна спогодба која има за цел:
- Спречување на трговијата со луѓе
- Заштита на човековите права на жртвите од трговија со луѓе
- Казна за лицата кои ја спроведуваат трговијата со луѓе.
Таа се однесува на сите форми на трговија со луѓе, без разлика која и да е жртвата или каков и да е видот на експлоатацијата.
Насилство врз децата
Телесно казнување
Удирањето деца не е само лекција поради лошото однесување; тоа е силен доказ на презир на човековите права на помалите, послабите луѓе.
Томас Хамарберг, Комесар за човекови права при Советот на Европа
Во законите за човековите права стои дека децата имаат право на заштита од сите форми на насилство, вклучувајќи го и телесното казнување во домот, на училиште и во кое било друго опкружување. Сé уште, државите во светот, вклучувајќи и многу европски земји, толерираат, дури и одобруваат одредени форми на насилство врз децата, особено оние кои се случуваат во домот. Во 1998, Европскиот суд за човекови права носи клучна пресуда (А против Велика Британија), прво решение за родителско телесно казнување. Детето „А“, младо момче од Англија, е претепано со стап од страна на неговиот очув, што му предизвикало тешки модринки. Европскиот суд констатира дека правото на заштита на момчето од деградирачка казна е прекршено.
Од јуни 2011, телесното казнување е незаконско во училиштето во 117 држави, а во 29 од нив, децата се заштитени од насилно казнување каде и да се, вклучувајќи го и домот. Дваесет и две држави-членки на Советот на Европа забранија насилство во домот, училиштето, казнено поправните институции и институциите за алтернативна грижа.
Прашање: Дали е правилно да се забранат сите форми на телесно казнување на децата?
Еден тест за коректност на образовниот процес е среќата на детето.
Марија Монтесори
Сајбер-насилство и слики од сексуална злоупотреба
Децата можат да бидат изложени на висок степен на ризици кога тие користат Интернет, на пример, прегледувајќи несоодветен материјал, онлајн врсничко насилство или да станат жртви на злоупотреба и искористување. Луѓето кои редовно работат со деца можат да ги заштитат од ваков вид на опасност преку:
Преземање индивидуални дејства, како што се известувања, поплаки или поставување прашања дали се свесни дека детето е изложено на такви ризици или кога откриваат незаконски или опасни материјали на Интернет;
Оспособување на децата преку информирање и дискутирање со нив во врска со темата;
Оспособување на родителите, кои треба да станат свесни за опасноста од користењето на Интернет и можностите за проверка на веб-страниците кои децата ги посетуваат.
Советот на Европа креираше интерактивна игра за мали деца наречена "Wild Web Woods", која им помага на помалите деца да ги препознаваат и да им се спротивстават на виртуелните закани, така што пребарувањето на Интернет ќе се одвива во една безбедна средина.
Јас одлучив дека е подобро да се вреска. Молчењето е вистински злочин кон човештвото.
Надежда Манделштајм, руска писателка
Сексуално насилство
Достапните податоци кажуваат дека едно од пет деца во Европа се жртви на некаков вид сексуално насилство. Се проценува дека во 70%-85% од случаите, злоставувачот е некој кој детето го познава и кому му верува.
Сексуалното насилство врз децата се појавува во многу форми: сексуално злоставување во семејниот круг, детска порнографија и проституција, корупција, барање преку Интернет и сексуално злоставување од страна на врсниците. Сексуалното насилство врз децата постои во секоја земја во Европа, но постојат многу пречки за да се овозможи јасна слика за обемот, длабочината и видот. Многу случаи остануваат непријавени, разрешувањето може да трае со години, тешко може да се добие веродостојна статистика и не постои стандардизиран, координиран метод за собирање на податоци.
Конвенцијата за заштита на децата од сексуално искористување и сексуална злоупотреба од Советот на Европа (Конвенцијата од Ланзароте) ги содржи сите потребни мерки кои се потребни да се спречи сексуалното насилство, да се заштитат децата и да се гонат злоставувачите. Таа е прва меѓународна спогодба која ги опфаќа сите форми на сексуално насилство врз децата. Нејзин заштитен знак е така-наречениот пристап на четири “P: спречување на насилство (prevention), заштита на децата-жртви (protection), гонење на напаѓачите (prosecution) и промовирање на партнерство и политики за учество (promotion). Конвенцијата од Ланзароте особено бара детектирање и обучување на професионалци при контактот со децата, сексуалното образование и подигање на свесноста, како и програмите за интервенција за можните сторители.
ЕДЕН од ПЕТ
Борбата против сексуалното насилство врз децата преку посебни законски инструменти и сеопфатните акции за подигање на свесноста се две стратешки цели на програмата „Градење на Европа за и со децата“ од Советот на Европа. Во ноември 2010, беше промовирана кампањата „ЕДЕН од ПЕТ“, на Советот на Европа, за запирање на сексуалното насилство врз децата. Кампањата „ЕДЕН од ПЕТ“ има за цел да постигне понатамошно потпишување, ратификување и имплементирање на Конвенцијата за заштита на децата од сексуално искористување и сексуална злоупотреба од Советот на Европа и да ги подготви децата, нивните семејства/старатели и општеството, во целост, со знаење и алатки за спречување и пријавување на сексуално насилство врз децата, како и за подигање на свеста за неговиот степен.
Прочитајте повеќе на www.coe.int/oneinfive
Европски иницијативи
Совет на Европа
Советот на Европа и државите-членки имаат усвоено бројни законски инструменти, програми и препораки за да ги истакнат некои од проблемите со кои се соочуваат децата во Европа денес. Во спогодбите на Советот на Европа, кои се однесуваат на децата, спаѓаат:
Европската конвенција за остварување на правата на децата (2000)
Конвенцијата за заштита на децата од сексуално искористување и сексуална злоупотреба (2007), првата меѓународна правна спогодба која сексуалната злоупотреба на децата ја смета како криминал
Европската конвенција за посвојување на деца (ревидирана во 2008).
Се разбира, сите спогодби за човекови права се однесуваат и на децата, исто така.
Градење на Европа за и со децата
Оваа програма беше претставена како резултат на Третиот самит на шефови на држави и влади на Советот на Европа (Варшава 2005). Таа се состои од две блиско-поврзани стојалишта: промоција на детските права и заштита на децата од насилство. Главната цел на програмата е да им се помогне на сите носители на одлуки и актери при креирањето и имплементирањето на националните стратегии за заштита на детските права и превенцијата на насилство врз децата.
Советот на Европа, исто така, стави акцент врз подигањето на свесноста и кампањите за најзначајните прашања кои се однесуваат на човековите права, вклучувајќи ги тука и детските права. Во 2007, младинскиот сектор на Советот на Европа го издаде „Компасито“ – прирачник за образование за човекови права за деца. Прирачникот е развиен како одговор на исклучително големата побарувачка од праксата за да се прошири фокусот на образованието за човекови права кон групата на помала возраст. Ширењето на „Компасито“ низ Европа докажа дека образованието за човекови права е многу ефективно со деца од раните години во животот, па нататаму.
Програмата за образование за демократско граѓанство постави насоки за имплементирање на образовни активности кои ќе ги оспособат децата да бидат граѓани и да ги сфатат механизмите на демократијата.
Европската мрежа на советници за млади Во 2008, беше воспоставена Европската мрежа на советници за млади. Нејзина цел е активно да се вклучуваат деца и млади луѓе во нејзината годишна работа и да им се даде можност да бидат слушнати на европско ниво. Децата и младите луѓе, како носители на правата и експерти на нивните животи, како дел од средината во која живеат, се способни да учествуваат во активностите на оваа мрежа, во смисла да ги споделуваат нивните искуства, да му дадат јасна идеја на детскиот правобранител кои нешта им се важни и како да обезбедат заштита и промовирање на нивните права, како што е предвидено во Конвенцијата за правата на детето.
Европска мрежа на детски правобранители
Зборот „правобранител“/„омбудсман“ доаѓа од скандинавскиот збор „омбуд“ кој значи претставник, комесар или делегат. Тоа значи дека е личност која се занимава и/или истражува поплаки, ги претставува и брани интересите/правата на одредена група, зборува во името на таа група и се обидува да ги подобри условите за поединците и за групата како целина. Многу земји сега имаат детски правобранител, а во 1997, се формира и Европската мрежа на детски правобранители (ENOC). Улогата на овој правобранител е да овозможи целосно применување на Конвенцијата на правата на детето, а во исто време да одржи целосна независност од владата и од останатите државни органи. Детскиот правобранител обично ќе ги заштитува и промовира интересите/правата на децата во однос на јавните и приватни органи и ќе ги следи развојните услови во кои растат децата. До 2011, беа вклучени 39 институции во 30 земји. Негова обврска е да овозможува промовирање и заштита на правата на децата.
Прашање: Дали има детски правобранител во вашата земја?
Европска Унија
Во 2006, Европската комисија го издаде документот „Кон стратегијата на ЕУ за правата на детето“, кој дава нов поттик за детските права во агендата на Европската Унија. Тој ги вклучува седумте цели кои се однесуваат на акциите на Комисијата и ги воспостави критериумите во Агендата на ЕУ од 2011. Исто така, во 2010, Комисијата го елаборираше акциониот план за малолетници без придружба, а преку ДАФНЕ акционите програми, тежнее кон борба против насилството врз децата, младите луѓе и жените. Агендата на ЕУ за правата на детето има за цел да се зацврсти целосната обврска на ЕУ, како што е предвидено во Спогодбата од Лисабон и Повелбата за човекови права, за промовирање, заштита и исполнување на правата на детето во сите релевантни политики и дејства на ЕУ. Оваа агенда вклучува 11 специфични акции каде што ЕУ може да даде придонес, на еден ефективен начин, за добросостојбата и безбедноста на децата.
Eurochild
Eurochild е мрежа на организации и поединци кои работат низ Европа за да го подобрат квалитетот на животот на децата и младите луѓе. Eurochild е пример за работa во едно граѓанско општество за заштита на децата преку вмрежување, истражување, комуникација и застапување во Европа и пошироко. Дознајте повеќе на www.eurochild.org
Невладини организации
Невладините организации не само што имаат глас при мониторирањето на Конвенцијата за детски права, туку и придонесуваат во имплементирањето на детските права преку нивната секојдневна работа и практика. Важна улога играат организациите кои се предводени од деца. Работата на невладините организации вклучува многу различни акции, засновани врз права, од образование за човекови права со деца, до истражување, иницијативи за заштита на децата, партнерство со државните органи за имплементација на политики блиски на децата, алтернативни извештаи за детски права итн.
Некои примери на организации кои работат на различни начини со детски права се:
Defence for Children International, меѓународна невладина организација, со претставништва во 40 земји, чија работа се фокусира, особено, на малолетничка правда, преку директни интервенции, како и преку лобирање, мониторирање и обуки на професионалци.
ECPAT, меѓународна мрежа, со свои претставништва во повеќе од 70 земји, која работи на елиминирање на детската проституција, детската порнографија и трговија со деца за сексуални цели.
Невладината група за Конвенцијата на правата на детето е мрежа од над 70 национални и меѓународни невладини организации, чија мисија е да се овозможи промовирање, имплементирање и мониторирање на Конвенцијата за правата на детето.
Европскиот младински форум, младинска платформа, ја претставуваат 98 национални младински совети и меѓународни младински организации од цела Европа. Работи на младинско учество преку претставување и застапување на потребите и интересите на младите луѓе, како и оние на нивните организации кон европските инстиуции, Советот на Европа и Обединетите нации.
Европската конфедерација на младински клубови (ECYC) е мрежа за младинска работа и младински клубови, кои практикуваат и промовираат отворена младинска работа и неформално учење преку мрежа на 28 организации-членки во 27 европски земји.
Save the Children со претставништва во 120 земји, е една од водечките организации за промовирање и заштита на детските права и поддржување на потребите на децата. Преку широк спектар на иницијативи, од директни интервенции до застапување и лобирање, визијата, на организацијата е свет во кој на секое дете ќе му биде обезбедено правото на опстанок, заштита, развој и учество.
The International Falcon Movement – Socialist Educational International (IFM-SEI) е меѓународно, образовно движење кое работи на зајакнување на децата и младите луѓе, се бори за нивните права, преку семинари и обуки, меѓународни кампови, конференции и кампањи, поврзани со образование, застапување и директна работа со деца од ранливи категории.
Фусноти
1 Комитет за УНИЦЕФ во Велика Британија, брошура: www.unicef.org/pakistan/rightsleaflet.pdf
2 „Состојбата на децата во светот 2008”, УНИЦЕФ 2008: www.unicef.org/sowc08/docs/sowc08.pdf
3 3„Состојбата на децата во светот, специјално издание, одбележување на 20 годишнината на Конвенцијата за правата на детето“, УНИЦЕФ, 2010:www.unicef.org/rightsite/sowc/pdfs/SOWC_Spec%20Ed_CRC_Main%20Report_EN_090409.pdf
4 Изјава на Генералниот секретар,„Шефот на ОН: Гладот убива 17000 деца дневно“, CNN, 2009: http://edition.cnn.com/2009/WORLD/europe/11/17/italy.food.summit/
5 “Извештај од хуманитарна акција 2009”, УНИЦЕФ, 2009:www.unicef.pt/docs/HAR_2009_FULL_Report_English.pdf
6 EFA Глобален мониторинг извештај, „Скриената криза: Воен конфликт и образование“, Универзитет во Оксфорд, УНЕСКО, 2011: http://unesdoc.unesco.org/images/0019/001907/190743e.pdf
7 Прирачник за парламентарци, бр. 13, 2007, Елиминирање насилство врз децата, Интер парламентарна унија и УНИЦЕФ: www.ipu.org/PDF/publications/violence_en.pdf
8 Погледнете: Веб-страницата на Европската комисија за правда: http://ec.europa.eu/justice/fundamental-rights/rights-child/index_en.htm
9 „Дома или во домот? Формална грижа и посовојување деца во Источна Европа и Централна Азија“, УНИЦЕФ, 2010: www.unicef.org/ceecis/At_home_or_in_a_home_report.pdf
10 Погледнете: www.oecd.org/dataoecd/2/17/43198877.pdf
11 Вести за уличните деца во светот, Конзорциум за улични деца: http://streetkidnews.blogsome.com/ and www.streetchildren.org.uk/news.asp?newsID=73
12 "Статистика за уличните деца“,Конзорциум за улични деца, 2009: www.streetchildren.org.uk/_uploads/resources/Street_Children_Stats_FINAL.pdf
13 Погледнете: http://england.shelter.org.uk/__data/assets/pdf_file/0004/114853/Child_Poverty_and_Housing.pdf
14 „Извештај за трговија со луѓе“, Стејт Департмент на САД, Канцеларија за мониторинг и борба против трговијата со луѓе, 2006: www.state.gov/g/tip/rls/tiprpt/2006/65983.htm
15 "Децата и телесното казнување: „Правото да не си тепан е, исто така, право на детето“, Совет на Европа, Документ за расправа, 2006: https://wcd.coe.int/wcd/ViewDoc.jsp?id=1237635&Site=CM
16 Newell, Peter. Телесното казнување во училиштата и напредокот при забраната на телесното казнување во Европа и Централна Азија, Глобална иницијатива за крај на телесното казнување на децата, 2011: www.endcorporalpunishment.org
17 Европска легислатива: http://europa.eu/legislation_summaries/human_rights/fundamental_rights_within_european_union/index_en.htm
18 Погледнете: http://eur-lex.europa.eu/LexUriServ/LexUriServ.do?uri=CELEX:52011DC0060:en:NOT
compass-key-date
- 15 МајМеѓународен ден на семејството
- 4 ЈуниМеѓународен ден на невините деца жртви на агресија
- 12 АвгустМеѓународен ден на младите
- 20 НоемвриМеѓународен ден на детето
Детето мора да знае дека тоа е чудо, дека уште од почетокот на светот, не постои и сé до крајот на светот, ќе нема друго дете како него.
Пабло Казалс