Image: Theme 'Democracyt' by Pancho

Никој не се родил како добар граѓанин, ниту една држава не раѓа демократија. Наместо тоа, и двата се процеси кои продолжуваат да се развиваат во текот на животот. Младите луѓе мора да бидат вклучени од раѓање.
Кофи Анан

Што е демократија? 

„На луѓето, од луѓето, за луѓето.“
Абрахам Линколн

Зборот демократија доаѓа од грчките зборови „demos“, што значи луѓе и „kratos“, што значи моќ; па демократијата може да се смета како „моќ на народот“: начин на управување кој зависи од волјата на народот. 

Постојат многу различни модели на демократско управување во светот, така што, понекогаш е полесно да се сфати што не е демократија. Демократија, не е автократија или диктатура, кога владее една личност; не е ни олигархија, кога управува еден мал сегмент од општеството. Соодветно разбрана, демократијата не би требало да биде ни „владеење на мнозинството“, ако тоа би значело дека интересите на малцинството комплетно ќе се игнорираат. Демократијата, барем во теоријата, е управување во името на сите луѓе, согласно нивната „волја“.

Прашање: Ако демократијата ја водат луѓето, дали постои вистинска демократија во светот?

Зошто демократија? 

Идејата за демократија ја црпи нејзината морална сила – а и популарноста – од двата клучни принципа:
1. Индивидуална автономија: Идејата дека никој не треба да биде субјект на владеење со наметнати правила од другите. Луѓето треба да се способни за контрола на сопствените животи (со причина).
2. Еднаквост (Рамноправност): Идејата дека секој треба да има иста можност за да влијае врз одлуките кои се однесуваат на луѓето во општеството. 

Овие принципи интуитивно се појавуваат и тие помагаат во објаснувањето зошто демократијата е толку популарна. Се разбира, ние чувствуваме дека е праведно кога имаме иста можност, како и другите, да одлучуваме за заедничкото управување!

Проблемите се појавуваат кога разгледуваме како принципите се применуваат во пракса, бидејќи ни е потребен механизам за одлучување како да ги адресираме конфликтните гледишта. Бидејќи тоа нуди едноставен механизам, демократијата тежнее кон „владеење на мнозинството“; но владеењето на мнозинството може да значи дека интересите на некои луѓе не би можеле никогаш да бидат претставени. Вистинскиот пат за претставување на интересите на сите е со користење на консензус при донесување одлуки, каде целта е да се најдат заеднички точки на интерес.

Прашање: Кои се предностите и недостатоците на донесувањето одлуки со консензус, споредено со користењето на владеењето на мнозинството? Како се донесуваат одлуки во вашата младинска група?

Развојот на демократијата 

Античка историја 

Се смета дека Старите Грци ја создале првата демократија, иако постојат и претходни примери на примитивна демократија во други делови од светот. Грчкиот модел бил воспоставен во 5 век п.н.е., во градот Атина. Помеѓу мноштвото автократии и олигархии – кои биле вообичаени форми на владеење во тоа време – атинската демократија отскокнувала. Сепак, споредено со тоа како ние ја сфаќаме демократијата денес, атинскиот модел има две значајни разлики:

1. Нивниот беше форма на директна демократија – со други зборови, наместо избирање претставници кои би управувале во корист на сите луѓе, „луѓето“ сами се сретнувале, дискутирале за прашања со управувањето и дури, потоа, имплементирале политика.

„Демократијата не е право на мнозинството, туку заштита на малцинството.“
Албер Ками

2. Како систем, делумно е возможен, бидејќи „луѓето“ биле многу ограничена категорија. Оние, кои директно можеле да учествуваат, биле мал дел од народот. Жените, робовите, странците, а се разбира и децата, биле исклучени. Бројот кој учествувал бил многу далеку oд оној во модерната демократија: можеби 50.000 мажи, директно ангажирани во политика, од население кое броело околу 300.000 луѓе.

Прашање: Кои се предностите и недостатоците на директната демократија?

Демократијата во модерниот свет 

„Иако демократиите споделуваат заеднички одлики, не постои единствен модел на демократија.“
Резолуција за промовирање и консолидирање на демократија на ОН (A/RES/62/7)

Денес, има многу различни форми на демократија, колку што има и демократски народи во светот. Два системи не се исти помеѓу себе. Ниту еден систем не може да биде земен за „модел“. Постојат претседателски и парламентарни демократии, демократии кои се федерални или унитарни, демократии кои користат пропорционален гласовен систем и оние кои користат мнозински систем, демократии кои се монархии итн.

Една работа која ги спојува модерните системи на демократија, а исто и ги разделува од античкиот модел, е користењето на претставници на народот. Наместо директно учество во креирањето на законите, модерните демократии користат избори за да изберат претставници, кои се пратени од народот, да управуваат во нивно име. Ваквиот систем е познат како репрезентативна демократија.Тој може да почива на тврдења кои се „демократски“, бидејќи е, барем до некој степен, заснован на двата принципа од погоре: еднаквост за сите (една личност[1]еден глас) и правото на секој поединец за степен на лична автономност.

Прашање: Што би требало да прави еден избран претставник за да биде сигурен дека соодветно ги претставува оние кои го/ја избрале?

„Правото на глас не е привилегија. Во дваесет и првиот век,пресумпцијата во демократската држава мора да биде во корист на вклученоста...Секое оддалечување од принципот за универзално право на глас сноси ризик од поткопување на демократската вредност на избраните закони и законите кои ги прогласува.“
Пресуда од Европскиот суд (Хирст против Велика Британија)

Подобрување на демократијата 

Луѓето често зборуваат за земји кои „станале“ демократски, веднаш штом почнале да имаат релативно слободни и отворени избори.Но, демократијата вклучува многу повеќе од избори и има повеќе смисла да се размислува за идејата за „волјата на народот“, отколку за институционалните и гласачки структури, кога ние се обидуваме да оцениме колку е демократска една земја. Демократијата е подобро да се разбере како нешто од кое секогаш би имале повеќе или помалку, отколку нешто кое е или не е.

Демократските системи речиси секогаш можат да бидат поинклузивни, повеќе да ги рефлектираат желбите на луѓето и повеќе да реагираат на нивното влијание. Со други зборови, постои простор да се подобри улогата на „луѓето“ во демократијата, со вклучување на повеќе луѓе во донесувањето одлуки; исто така, постои простор за да се подобри улогата на „моќта“ или „волјата“во демократијата, давајќи им на луѓето поголема моќ. Борбата за демократија, низ историјата, се концентрирала на едниот или на другиот од овие елементи.

Денес, во повеќе земји во светот, жените имаат право на глас, но борбата беше добиена пред релативно скоро време. Нов Зеланд е првата земја во светот која воведе универзално право на глас во 1893. Сепак, на жените им беше дадено право за кандидирање во парламент дури во 1919. Многу земји им дале право на глас на жените, а неколку години подоцна, им се дозволило да извршуваат изборна функција. Саудиска Арабија им даде на жените право да гласаат на избори во 2011. 
Денес, дури и кај воспоставените демократии, постојат други сектори во општеството, кои вклучуваат емигранти, работници-мигранти, затвореници и деца, на кои не им е дадено право на глас, иако многу од нив плаќаат даноци и сите се обврзани да ги почитуваат законите на земјата. 

Затворениците и правото на глас 

На затворениците им е дозволено да гласаат во 18 европски земји.
Правото на глас на затворениците е забрането во 20 земји, во зависност од должината на затворската казна, тежината на стореното кривично дело или видот на изборите. Во 9 европски земји, на затворениците не им е дозволено да гласаат, воопшто.
Право на глас на затворениците, Библиотека Commons, стандардна белешка SN/PC/01764, последно обновено во 2012, http://www.parliament.uk/briefing-papers/SN01764
Во случајот на Хирст против Велика Британија во 2005, Европскиот суд открива дека универзалната забрана за гласањето на затворениците во Велика Британија беше кршење на правото од член 3, протокол 1 од Европската конвенција, која вели:„Високите договорни страни се обрзуваат да спроведуваат слободни избори во разумни периоди со тајно гласање, во услови кои ќе обезбедат слободно изразување на мислењето на народот при изборот на законодавните тела.“

Прашање: Може ли исклучувањето од демократскиот процес на одредени сектори во општеството да биде оправдано?

Демократија и учество 

„Јас немам формула за отстранување на некој диктатор или за градење на демократија. Сé што можам јас да понудам е човек да заборави на себеси и да мисли на другите луѓе. Секогаш се луѓето оние кои овозможуваат да се случат нештата.“
Корасон Акино

Најочигледниот начин да се учествува во владата е преку гласање, кандидатура и да се биде претставник на народот. Сепак, демократијата е многу подалеку од гласање и постојат бројни начини на ангажирање во политиката и управувањето. Ефективното функционирање на демократијата, всушност, зависи и од обичните луѓе кои користат и други начини, колку што е можно. Ако луѓето само гласаат на секои 4 или 5 години – или ако не гласаат воопшто – и ако тие ништо друго не прават во меѓувреме, тогаш владата не може да се рече дека е „од народот“. Тешко е да се каже дека таквиот систем е демократија.
Можете да прочитате подетално за начините на учество во делот за „Граѓанство и учество“. Еве неколку идеи – можеби минимумот кој е потребен за членовите на парламентот демократски да се однесуваат, во ваше име:
Останете информирани за она што се случува, за она за кое се одлучува „во името на народот“, а особено за одлуките и дејствата кои се преземени од страна на вашиот претставник.
Потрудете се вашите мислења да бидат познати – или кај вашите претставници во парламентот, или во медиумите, или во групите со кои работите на одредени прашања. Без повратна информација од „народот“, лидерите можат да управуваат само по сопствена волја и приоритети.
Кога ќе се случи одлуките да бидат недемократски или против човековите права, или кога се чувствувате силно заради нив, направете напори да се слушне вашиот глас, па политиките да можат да бидат повторно разгледани. Најефективниот начин да се направи ова е со приклучување на други луѓе, така што вашиот глас ќе стане посилен.
Гласајте, секогаш кога ќе се појави таква можност. Ако луѓето не гласаат, тогаш претставниците се ефективно неодговорни.

Прашање: Дали некогаш сте учествувале во некој од овие начини (или други)?

Демократија и човекови права 

Врската помеѓу човековите права и демократијата е длабока и оди во две насоки: секој е, на некој начин, зависен од другиот, и не е комплетен без другиот.

Секој има право да учествува во управувањето со јавните работи на својата земја, непосредно или преку слободно-избрани претставници. Член 21, дел 1, UDHR

Прво, вредноста на еднаквоста и автономијата се- исто вредности на човековите права, а правото да се учествува во управувањето е човеково право, само по себе. Член 21 од Универзалната декларација за човекови права ни кажува дека: „Волјата на народот е основа на државната власт“: според тоа, демократијата, всушност, е и единствената форма на управување, која е конзистентна со човековите права.

Сепак, „демократијата“ не е комплетна без темелно почитување на човековите права. Учеството во управувањето, на природен начин, е речиси невозможно да се прави без луѓе, чии права не се почитуваат. Земете го предвид следново, како примери:
1. Слобода на мисла, совест и вероисповед (UDHR, член 18). Ова е едно од првите права кои се основни за демократијата: луѓето треба да можат слободно да размислуваат,да ги зачуваат верувањата, доколку им се важни, без да бидат казнувани за тоа. Владите, низ историјата, се обидувале да го ограничат ова право, бидејќи се плашеле дека луѓето би можеле да размислуваат за други начини на управување, а тоа би го загрозило тековниот систем. Па така, тие ги затворале луѓето на кои им доаѓале „лоши мисли“. (Таквите луѓе се познати како политички затвореници/затвореници на совест.)Сепак, општество без плурализам во гледиштата не е само нетолерантно; тоа, исто, ги ограничува и сопствените можности за развој во нови и подобрени насоки. 

2. Слобода на изразување (UDHR, член 19). Важно е да мислите онака како што сакате, но исто така е важно гласно да се искаже мислењето, без разлика какво и да е. Ако на луѓето им се забрани да дискутираат за нивните размислувања со другите луѓе или ако им се забрани да ги презентираат во медиумите, тогаш како тие би „учествувале“ во управувањето? Нивното мислење во суштина се занемарува од можните алтернативи кои се земаат предвид.

„Демократијата не познава исток или запад; демократија е, едноставно, волја на народот.“ Ширин Ебади

3. Слобода на мирно собирање и здружување (UDHR член 20). Ова право дозволува да се дискутираат идеите со другите, кои сакаат тоа да го прават, да се формираат групи на интерес или лоби групи или собирање со цел на протест против одлуки со кои не се согласувате. Можеби ваков вид на активност понекогаш е несоодветен за владите; сепак, важно е да се знаат различните гледишта и да се земаат предвид. И ова е дел од демократијата.

Овие се само три човекови права кои се вистински поврзани со идејата за демократија, но кое било кршење на останатите човекови права, исто, ќе влијае врз опсегот во кој различни луѓе ќе можат да учествуваат во власта. Сиромаштијата, лошото здравје или недостатокот на дом може да отежнат нечиј глас да биде слушнат, како и да се намали влијанието врз нивниот избор во однос на другите. Ваквото кршење на правата може да му оневозможи на засегнатата личност да биде избрана за некаква државна функција.

Прашање: Колку добро се почитуваат овие три „демократски права“ (наведени погоре) во вашата земја?

Проблеми со демократијата 

„Демократијата не значи многу, ако си гладен или ако си бездомник, или ако немаш здравствена грижа или твоите деца не можат да одат на училиште; дури и да имаш право на глас, демократијата не е ефективна.“
Сузан Џорџ, Претседател на ATTAC

Апатијата на гласачот 

Бројни години, постои грижа за статусот на демократијата, особено во подобро-воспоставените демократии. Повеќето од ова се заснова врз намаленото ниво на граѓанското учество на изборите, кое се појавува за да го покаже недостатокот на интерес и влучување од страна на граѓаните. Нискиот одзив на гласачите ја става во прашање легитимноста на така-наречените демократски избрани влади, кои, во некои земји, се всушност избрани од страна на малцинството од вкупното избирачко тело.

 

Избори и апатија 
Одѕивот на изборите во Европскиот парламент паѓа секоја година од првите избори во 1979. Во 2009, само 43% од електоратот го искористил својот глас, а во некои земји одѕивот падна подолу од 34%.
Во државните избори низ Европа, одѕивот се движи од над 50% во некои земји до над 90% во други.
Во некои земји, на пример, Грција и Белгија во Европа, гласањето е обврзно. Во овие земји одѕивот, очигледно, е многу повисок отколку просекот за земјите каде гласањето е доброволно.

Прашање: Колкав процент од електоратот во вашата земја излегол на гласање на последните избори?

Без сомнеж, проблем е дека се зголемува бројот на луѓето кои не гласаат на избори, но сепак постојат студии кои покажуваат дека учеството во различни форми може да е подигнато, на пример, групи на притисок, граѓански иницијативи, консултативни органи итн. Овие форми на учество се исто толку значајни за ефективното фукционирање на демократијата колку и гласачката излезност на изборите, ако не и повеќе.

Демократија и граѓанско учество 

Таканаречената Арапска пролет, каде маса луѓе – повеќето од нив млади луѓе – излегле на улиците за да го изразат нивното незадоволство од владата, покажува ново ниво на граѓанско учество во земји кои традиционално не се сметале за демократски. Во Европа, исто така, дури и во потрадиционалните демократии, „моќта на народот“ се јавува за да се најде нова смисла на животот: студентите протестираат во многу земји против одлуките на владите за наметнување на трошоци во образованието. Синдикатите ги доведуваат луѓето на улица да протестираат за влијанието на економскиот пад. Во продолжение, независни групи на активисти смислуваат нови и креативни форми на демонстрации против климатските промени, моќта на големите корпорации, повлекувањето на клучните државни служби, како и против угнетувачките мерки на полицијата.

Владеење на мнозинството 

Едно малцинство може да е во право, а мнозинството секогаш греши.
Хенрик Ибзен

Постојат два проблеми кои се покомплексно поврзани со поимот репрезентативна демократија и тие се однесуваат на малцинските интереси. Првиот проблем е дека малцинските интереси често не се застапени во изборниот систем: ова може да се случи ако нивниот број е премал за да се достигне минимално ниво кое е потребно за какво и да е претставување. Вториот проблем е дури и кога нивниот број е застапен во законодавното тело, тие ќе имаат малку претставници, и поради тоа нема да соберат доволен број гласови и нема да можат да ги поразат мнозинските претставници. Поради овие причини, демократијата често се однесува на „владеењето на мнозинството“.

Владеењето на мнозинството, ако не е засновано врз загарантирани човекови права за сите, може да води до одлуки кои се штетни за малцинството, а фактот дека овие одлуки се „волја на народот“ може да не дадат никакво оправдување. Основните интереси на малцинствата, како и на мнозинството, треба да се заштитени во кој било демократски систем, преку почитување на принципите на човековите права, зацврстени со ефикасни правни механизми, без оглед која е волјата на мнозинството.

Прашање: Ако мнозинството од народот има корист од кршење на човековите права на одредени луѓе, дали мислиш дека „луѓето треба да одлучат“?

Пораст на национализмот 

Демократијата најдобро се сфаќа како процес на демократизација.
Патомаким, Теиваинен

Еден поврзан проблем е загрижувачкиот тренд низ Европа за поддршката на партиите од екстремната десница. Овие партии секогаш играат на националните чувства и ги имаат таргетирано „не-домородните“ припадници на народот, особено барателите на азил, бегалците, припадниците на религиски малцинства, а понекогаш и на насилни начини. Како одбрана, ваквите партии често апелираат за поддршка помеѓу народот, а демократскиот принцип кој го претставуваат го отсликува мислењето на голем број луѓе. Сепак, кога една партија пропагира насилство во која било форма и каде што не постои почитување на човековите права од секој припадник на народот, има малку право да апелира за демократски принципи.

Во зависност од големината на проблемот, а особено културниот контекст, можеби е потребно да се ограничи правото на слобода на изразување на одредени групи, со оглед на важноста на ова право за демократскиот процес. Повеќето земји, на пример, имаат закони против предизвикување на расна омраза. Во Европскиот суд ова се смета како прифатливо ограничување на слободата на изразување, оправдано преку потребата да се заштитат правата на другите припадници во општеството или општествената структура, сама по себе.

Прашање: Дали национализмот се разликува од расизмот?

Младите луѓе и демократијата 

Младите луѓе често немаат право на глас, па како тие би можеле да бидат дел од демократскиот процес?
Многу луѓе би одговориле на ова прашање велејќи дека младите луѓе не се подготвени да бидат дел од процесот и дури кога ќе наполнат 18 (или некоја друга возраст која е дозволена за гласање во некоја држава) тие ќе можат да учествуваат.

Всушност, многу млади луѓе се многу долго политички активни пред да добијат право на глас и на некој начин, влијанието од ваквата активност може да биде посилно отколку правото на глас, кое тие ќе го добијат подоцна – и кое може да го искористат или да не го искористат – еднаш на 4 или 5 години. Политичарите се често загрижени и се жалат од гласањето на младите, па затоа тие треба да ги слушаат грижите на младите луѓе.

Многу млади луѓе се ангажирани во групи за животната средина или во протестни групи кои се против војна, против корпоративна експлоатација или против детски труд. Можеби еден од најважните начини преку кој младите луѓе би се ангажирале во животот на заедницата и во политичка активност е на локално ниво: овде тие ќе бидат посвесни за одредени прашања, кои за нив се многу важни и со кои доаѓаат во контакт и така тие ќе бидат поспособни да имаат директно влијание. Демократијата не се справува само со државни и меѓународни прашања: таа треба да започне во нашето соседство! Младинските организации се еден од начините преку кој младите луѓе искусуваат и вежбаат демократија и според тоа, имаат значајна улога во демократијата, која се овозможува доколку тие се независни и демократски во начинот на кој тие функционираат!

Прашање: Ако некој кој има 16 години, се смета за доволно возрасен за да стапи во брак или да се вработи, дали треба да добие или да не добие право на глас?

Работата на Советот на Европа 

Ќе се стремиме кон нашата заедничка цел да промовираме демократија и добро владеење со највисок квалитет, на национално, регионално и локално ниво за сите наши граѓани.
Акционен план на Самитот на Советот на Европа во Варшава (2005)

Демократијата е една од суштинските вредности на Советот на Европа, заедно со човековите права и владеењето на правото. Советот на Европа има бројни програми и публикации кои го разгледуваат подобрувањето и иднината на демократијата. Во 2005, беше формиран Форум за иднина на демократијата во рамките на Третиот самит на шефовите на држави и влади при Советот на Европа. Целта на Форумот е „зајакнување на демократијата, политичката слобода и граѓанското учество преку размена на идеи, информации и примери за најдобрите практики.“Средбата на форумот се одржува секоја година и собира околу 400 учесници од 47 држави-членки на Советот на Европа и држави-набљудувачи.

Поддршка за развојот и имплементацијата на стандардите за демократија се дава од Европската комисија за демократија преку закон – исто позната како Венецијанска комисија – која е советодавно тело на Советот на Европа за уставни прашања. Комисијата е особено активна во изготвувањето на новите устави или закони за уставните судови, изборните кодови, малцинските права, како и правната рамка во врска со демократските институции.

Во продолжение на оваа работа, поставена врз стандарди, Советот на Европа ја промовира демократијата и нејзините вредности преку програми за демократско учество, образование за демократско граѓанство и младинско учество, бидејќи демократијата е многу повеќе од гласање на избори!