На скалата
Како граѓани, имаме обврска да интервенираме и да бидеме вклучени – тоа е граѓанин кој ги менува нештата.
Жозе Сарамаго
- Преглед
Оваа активност вклучува играње на улоги и дискусија. Учесниците размислуваат за значењето на младинското учество и ги дискутираат начините за зголемување на сопственото учество во локалната заедница.
- Поврзани права
- Право на учество во влада и на слободни избори
- Право на учество во културниот живот
- Слобода на мислење и информирање
- Цели
- Да се размислува за начините на кои младите луѓе можат да учествуваат и факторите кои можат да го попречат или олеснат нивното учество
- Да се развијат вештини за соработка, организирање и преземање акција заедно со другите
- Да се култивира чувството за одговорност за дејствата на поединците
- Материјали
- Прилог: "Скала на учество" (погледнете ги и информациите за„Граѓанство и учество“, во Поглавје 5.)
- Големи листови хартија, фломастери и ножици
- Мали самолепливи ливчиња кои ќе се лепат на ѕидот
- Ѕид
- Подготовка
- Направете копии од прилогот, по еден за секоја мала група
- Направете 6 знаци: пречки, контрола, нема контрола, фактори кои овозможуваат, контрола, нема контрола)
compass-key-date
- 28 СептемвриДен на правото да се знае
Инструкции
Прв дел. Што е скала на учество? (45 минути)
1. Прашајте ги учесниците што подразбираат под терминот „младинско учество“.
2. Поделете го дијаграмот за скалата на учество и објаснете дека ова е еден модел за размислување за различните начини на учество. Кратко дискутирајте ги различните нивоа.
3. Поделете ја групата на 8 мали групи. Доделете по едно на ниво на учество на секоја група и замолете ги да подготват кратка претстава од 2-3 минути за да го илустрираат даденото ниво.
4. Кога групите се подготвени, поканете ги да ги прикажат нивните претстави. Дозволете прашања или време за коментари помеѓу различните претстави, доколку учесниците сакаат.
Втор дел. Како ние учествуваме
5. Замолете ги учесниците индивидуално да работат 5 минути, обидувајќи се да најдат примери од нивниот живот за колку што можат повеќе од осумте нивоа. Кажете им да размислуваат за тоа што прават во сите аспекти од нивниот живот: дома, на училиште, во клубовите, на работа, со семејството и пријателите.
6. Потоа, поканете ги учесниците да ги споделат нивните примери во мали групи од 4-5 луѓе. Додека дискутираат за примерите, замолете ги учесниците да дадат идеи за пречките (работи кои ги спречуваат да се движат нагоре по скалата) и за факторите кои овозможуваат (работи кои им помагаат да се движат нагоре по скалата). Тие треба да ја напишат секоја идеја на различно самолепливо ливче.
7. Додека групите дискутираат, залепете ги подготвените наслови „пречки“ и „фактори кои овозможуваат“ на ѕидот, оддалечени 2 метра, еден од друг. Потоа донесете ја групата пленарно и замолете ги да ги залепат ливчињата на ѕидот, под насловите.
8. Прегледајте ги двете листи со учесниците. Побарајте појаснувања за некои нејасни изјави и обидете да ги решите несогласувањата помеѓу учесниците во врска со позиционирањето на изјавите.
9. Сега ставете ги и насловите „контрола“ и „нема контрола“ на ѕидот, под првите наслови и замолете ги учесниците да ја сортираат секоја листа во две под-листи согласно со тоа дали изјавите се за работите кои тие би можеле да ги контролираат или дали изјавите се однесуваат на надворешни фактори, кои се надвор од нивната контрола.
10. На крај, прегледајте ги позициите на ливчињата во четирите листи. Потоа, преминете на евалуација и евалуација.
Резимирање и евалуација
- Дали активноста ви помогна појасно да размислувате за начините на учество во различни области од вашиот живот? Што ве изненади најмногу?
- Дали мислите дека младинското учество, општо, е високо или ниско – во вашето училиште, клуб и заедница? Кои се причините?
- Дали е важно дали младите луѓе активно учествуваат или не? Зошто?
- Дали ниското учество го сметаат како резултат, најчесто, на внатрешни (психолошки) фактори или, најчесто, како резултат на надворешни фактори?
- Како луѓето се чувствуваат кога можат да учествуваат во вистинска смисла – со други зборови – кога нивното учество не е само токенизам?
- Дали учесниците во групата би можеле да учествуваат на повисоко „скалило“ отколку што е во моментот? Ако можат, во кои области? Кои се причините за тоа и кои се причините против тоа?
- Дали учесниците во групата би можеле да учествуваат на пониски „скалило“ отколку што е во моментот? Ако е да, во кои области? Кои се причините за да го направат тоа, а кои се причините против?
- Колку луѓе чувствуваат дека можат да учествуваат повеќе од нивното сегашно учество? Ако е да, како и кога?
- Како е загарантирано правото да се учествува во донесувањето одлуки во документите за човекови права?
Совети за обучувачите
Во вториот дел, поттикнете ги учесниците да се произнесат со, колку што е можно повеќе, различни начини на учество. За идеи, видете го делот Граѓанство и учество.
Кога ја претставувате скалата на учество, разјаснете дека моделот не е наменет да сугерира дека да се биде на „највисокото“ ниво е секогаш најдоброто нешто. Во различни ситуации и во зависност од стручноста на луѓето, времето на располагање или нивото на интерес може да биде најсоодветно да се учествува, на пример, како консултант или претставник. Тука нема суштински ништо „погрешно“ да се биде консултиран (па дури и информиран) во одредени ситуации. Според тоа, најдолните три степени на манипулација, декорација и токенизам не се прифатливи и не може да се сметаат како „учество“, бидејќи вклучувањето и придонесот се минимални или непостоечки. Треба да ја нагласите оваа точка и да бидете сигурни дека никој не се двоуми за неа.
Кога групата се обидува да размислува за факторите кои овозможуваат и за пречките, помогнете им да стават, колку што е можно повеќе изјави под категоријата „контрола“. Можеби ќе сакате да дадете неколку примери или да ги потсетите дека „пречките“ можат да бидат психолошки, како и физички или структурални. Во дискусиите, охрабрете ги учесниците да најдат начини за работите кои се можни пречки, на пример, ако тие речат дека „авторитетите (наставниците или управен одбор во клубот или факултетот) не ни дозволуваат“, дознајте дали тие се обиделе да прашаат!
Ако тие речат: „Ние мислиме дека не можеме“, прашајте ги како тие можат да докажат дека би можеле!Ако тие речат: „Тоа би ги направило моите родители/наставници/локалната власт лути“, погледнете дали тие можат да најдат други начини и да го постават прашањето, така што човекот или луѓето на кои се однесува различно би реагирале.
Можеби ќе сакате да ја искористите оваа активност како можност да проговорите за учеството на членовите на групата на часот или во клупските активности. Можете да ги истражувате начините, во кои вие или тие, ќе можат да водат поголемо вклучување и преземање иницијативи.
Дискутирајќи дали некои членови од групата претставуваат пречки за другите, спречувајќи ги да учествуваат на подлабоко ниво, може да биде начин да се разгледаат и прашањата за притисокот од врсниците и врсничкото насилство (булинг).
Варијации
Можете да искористите играње на улоги во почетокот за да ги истражувате пречките и факторите кои овозможуваат отколку да ги слушате размислувањата на младите луѓе за случките во нивниот живот. После секоја претстава, употребете ја техниката Форум театар и замолете ги учесниците да преземат чекор напред на различен начин. Ова ќе им дозволи да се соочат со пречките во ситуации слични на оние од нивните животи, кои ги спречуваат поактивно да учествуваат.
Предлози за идни активности
Подгответе акционен план заедно со групата за да им дадете на луѓето одговорност и контрола врз она што го прават и учат.
Активноста "Пазете се гледаме" промовира лична акција и одговорност и покажува начини на учество во кампања.
Идеи за акција
Кажете ѝ на групата да напише листа на работи во нивната локална заедница кои тие би сакале да ги променат. Потоа, замолете ги да идентификуваат еден или два наслова од оваа листа за кои тие веруваат дека би можеле да имаат влијание и да истражуваат како нивниот глас би можел да се слушне или како би можеле да влијаат на промената на некој друг начин. Потоа, охрабрете ги овие идеи да ги реализираат!
Понатамошни информации
Советот на Европа има прирачник за ревидираната Европска повелба за учество на младите луѓе во локалниот и регионалниот живот, наречен "Кажете го своето"(“Have your say”). Ова е одличен извор за младинското учество и има посебен дел за активности.
Во Европа постои консолидирана традиција на младинско учество и претставување. На пример, обврската на Советот на Европа да се грижи за поголемото младинско учество може да биде демонстрирана преку неговите системи на ко-управување во младинскиот сектор. Советодавното тело за млади се состои од 30 претставници од меѓународни младински невладини организации и национални младински совети, кои заедно со младинските претставници од владите се во Европскиот управен одбор за млади, одлучуваат за приоритетите и програмите. Советодавното тело формулира и мислења и предлози за секое прашање кое се однесува на младите во рамките на Советот на Европа.
Европскиот младински форум е независна, демократска платформа, управувана од млади, претставувајќи 100 Национални младински совети и меѓународни младински организации. Европскиот младински форум работи на зајакнување на младите луѓе активно да учествуваат во општеството за да ги подобрат нивните животи, преку претставување и застапување на нивните потреби и интереси и оние на нивните организации кон европските институции, Советот на Европа и Обединетите нации. Европскиот младински форум верува дека „културата на учество“ треба да се креира. Ова значи дека агендата на младинската политика треба да се развива рака под рака со зголеменото учество на младите луѓе во процесите на донесување на одлуки за прашањата кои се однесуваат на нив и кои ги засегаат нив.
Прилози