Речник
Целта на овој речник е да им даде на корисниците на Компас кратка дефиниција или кратко објаснување на главните концепти, конвенции и термини како што се користат во прирачникот. За повеќе информации, читателот треба да ги консултира релевантните делови за информации во контекст на темите во Поглавје 5 и да користи Интернет.
Пристапување: го заменува класичниот процес во две фази на потпишување и ратификација на договор кој веќе е во сила. Со пристапувањето кон договорот, државата веднаш се обврзува со него . Пример каде идејата за пристапување е во игра е прашањето дали Европската унија треба да пристапи кон ЕКЧП.
Одговорност: процес кој бара владата да покаже, објасни и да оправда како ги исполнила своите обврски кон луѓето.
Застапување: јавно да поддржи или да предложи идеја, развој или начин да се направи нешто.
Афирмативна акција: акција преземена од влада или приватни бизниси за да надомести за минатата дискриминација во, на пример, образование и работа против, на пример, жените, оние на специфични раси, етнички групи, религии или попречености. Афирмативното делување е еден начин да им се даде на обесправените групи суштинска еднаквост. Афирмативното активност треба да се смета за привремена мерка сè додека не се постигне еднаквост
Африканска повелба за човекови и народни права: (Африканска повелба, понекогаш именувана како Банџул Повелба); регионален договор за човекови права за Африканскиот континент усвоен од Организацијата на Африканското единство (ОАЕ) во 1981 година.
Американска конвенција за човекови права: (Американска конвенција); договор за човекови права усвоен од страна на Организацијата на Американски Држави (ОАД)во 1969 година. Таа ги опфаќа Северна, Централна и Јужна Америка.
Антисемитизам: страв, омраза, незадоволство, сомневање, предрасуди, дискриминација или неправеден третман на лица со еврејско потекло или оние кои исповедаат Јудаизам. Современите форми на антисемитизам вклучуваат негирање на Холокаустот.
Апартхејд: нехумани дела на убиства, силување, тортура, ропство или други злосторства против човештвото извршени во контекст на институционализиран режим на систематско угнетување и доминација од страна на една расна група над било која друга расна група или групи, а извршени со намера за одржување на тој режим.
Арапска повелба за човекови права: усвоена од Советот на Лигата на Арапски држави на 22 мај 2004 година ги афирмира принципите содржани воУДЧП, Меѓународниот пакт за човекови права и Каирската декларацијата за човекови права во исламот
Арбитража: процес со кој, наместо да одат на суд, спорните страни бараат од трето лице да ги слушне нивните аргументи, и потоа да донесе одлука, која тие се согласуваат да ја следат.
Здружение: организација формирана од група на поединци со цел на остварување на одредена цел.Таквите организации, исто така, можат да се наречат волонтерски ( доброволни) организации , волонтерски здруженија и неинкорпорирани здруженија. Невладините организации (НВО) се здруженија.Здруженијата ја формираат основата на она што се нарекува „граѓанско општество”.
Барател за азил: лице кое побарало меѓународна заштита и чии барања за формален статус на бегалец сè уште не се утврдени.
Автократија: влада од едно лице или мала група која има неограничена моќ или авторитет, или моќ или авторитет на такво лице или група.
Закон за правата(Bill of rights): изјава во устав за човековите или граѓанските права која наведува заштита од мешање од страна на владите. Исто така, види Меѓународен нацрт на човекови права.
Повелба: документ со кој се утврдува доделувањето на права или привилегии.
Повелба на Обединетите нации: основачки договор на Обединетите нации. Таа беше усвоена едногласно на 25 јуни 1945 година, а ги поставува правата и обврските на земјитечленки, како и воспоставувањето на органите и процедурите на Обединетите нации.
Државјанство: а) правен однос помеѓу лице и држава, што резултираво меѓусебни права и обврски или б) се користи за да се опише општиот однос помеѓу поединците и државата со кој тие се “приврзани”, вклучувајќи очекувани форми на однесување и ставови.
Кодификација, кодифицирање: Процесот на формализирање на правото или правата во пишан инструмент.
Повелба за фундаментални права: договор кој содржи политички, економски и социјални права за граѓаните на Европската Унија. Ги поврзува земјите-членки на ЕУ кога го применуваат законот ( правото ) на ЕУ.
Граѓански права: (понекогаш познати како граѓански слободи); категорија на права и слободи кои ги штитат луѓето од неоправдано дејство на владата и обезбедува нивна можност да учествуваат во граѓанскиот живот на државата без дискриминација или репресија.
Граѓанското општество: заеднички се однесува на доброволни граѓански и општествени организации,здруженија и институции, на пример, регистрирани добротворни организации, невладини организации, групи на заедницата, женски организации, верски организации, професионални здруженија, синдикати, групи за самопомош и групи за застапување кои ја формираат основата на функционалното демократско општество. Граѓанското општество се смета за различно од државата и комерцијалните институции на пазарот.
Колективни права: правата на групите за ги заштитат нивните интереси и идентитети; понекогаш се нарекуваат “права од третата генерација”. Овие права постојат како дополнување на индивидуалните права.
Комисија за човекови права: тело на ОН кое сега е заменето со Советот за човекови права.
Комесар за човекови права: независна институција во рамките на Советот на Европа овластена да промовира свест и почит за човековите права во земјите членки на Советот на Европа. Видете и Висок комесар за човекови права.
Компетентност: способност за вршење на работа или задача. Во однос на заштита на човековите права, знаење и разбирање кое им е неопходно на младите луѓето да стекнат подлабоко разбирање за прашањата на човековите права и вештини, ставови и вредности потребни за одбрана на човековите права.
Трансформација на конфликт: процесот со кој конфликти, како што се војнии меѓу-етничкото и меѓу-религиското насилство се менуваат или се трансформираат во мирни резултати (разврски). Тоа е долгорочен процес кој ги адресира главните причини за конфликтот, како и однесувањето и ставовите на странките кои се вклучени.
Устав: збир на закони со кои се регулира една земја или организација.Во повеќето земји уставот е напишан и договорен како Врховниот закон на земјата; тој ги утврдува основите на државата и нејзиниот политички систем. Околу четири земји немаат пишан устав;тука законот се развива преку правни пресуди и преседани.
Превенција на конфликти: активности преземени во краток рок за намалување на манифестираните тензии и / или за да се спречи избувнување или повторување на насилниот конфликт.
Управување со конфликти: активности преземени со главната цел наспречување на вертикална (интензивирање на насилство) или хоризонтална (територијално ширење) ескалација на постоечките насилни конфликти.
Решавање конфликти: активности преземени во краток рок за да се стави крај на насилниот конфликт.
Пакт: обврзувачки договор меѓу држави; користен како синоним со конвенција и договор. Главните меѓународни договори за човекови права, двата донесени во 1966 година, се Меѓународниот пакт за граѓански и политички права ИПГПП (ICCPR) и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права МПЕСКП (ICESCR).
Конвенција: обврзувачки договор меѓу државите; користен како синоним со договор и пакт. Конвенцијата е посилна од декларацијата бидејќи таа е правно обврзувачка за владите кои ја ратификувале.
Совет на Европа: основан во 1949 година за заштита и унапредување на човековите права, демократија и владеење на правото. Денес нејзините 47 земји-членки го опфаќаат речиси целиот Европски континент. Тој е со седиште во Стразбург.
Злосторства против човештвото: широко раширени или систематски акти на насилство насочени против било кое цивилно население. На пример, убиство; истребување; поробување, тортура; силување, сексуално ропство; принудна бременост; прогон на група, меѓу другото врз основа на раса, етничка припадност, пол; присило исчезнување на лица; злосторства на апартхејд и други нечовечки акти од сличен карактер намерно предизвикувајќи големо страдање,или сериозна повреда на телото или на менталното или физичкото здравје.
Злосторства против мирот: во меѓународното право се однесува на (i) планирање, подготовка, иницирање или водење на воена агресија или војна со кршење на меѓународни договори, спогодби или гаранции; (ii) учество во заеднички план или заговор за остварување на некое од актите споменати под (i). Познати како Нирнбершки принципи.
Култура: широк збир на споделени ставови, вредности, цели и практики, често засновани на историски традиции споделени од институција, организација или група.
Културни права: право на зачувување на културниот идентитет и развој.
Вообичаено меѓународно право: пракса која е признаена во правото (законот)врз основа на обичај и традиција. Со цел да стане вообичаено меѓународно право во практиката треба да исполни два елементи: униформно и доследно практикување од државата во текот на времето и верување дека таквата практика е задолжителна (opinio juris). Претставува важен и корисен извор на меѓународното право бидејќи ги поврзува сите нации, без разлика дали се согласиле на договор.
Смртна казна: санкционираното одземање на живот од страна на државата како казна за кривично дело. Првично Европската конвенција за човекови права ја дозволило смртната казна, но сега ја забранува во рамките на нејзината територија (протокол 6)дури и за време на војна (протокол 13). Сега, повеќето земји во светот ја имаат укинато смртната казна.
Резимирање: структуриран разговор помеѓу обучувачите олеснувачите и учесниците со цел да се разгледа искуствената и партиципативната активност; да се зборува за тоа што се случило и како се чувствувале луѓето. Целта е да им помогне на учесниците да ги разјаснат своите мисли и чувства во безбедна средина.
Декларација: документ во кој се наведуваат согласувања за принципи и стандарди,но кој не е правно обврзувачки. Конференциите на ОН, како што се Конференцијата на ОН за човекови права од 1993 година во Виена и Светската конференција за жени во Пекинг од 1995, обично и даваат креираат два сета на декларации: еден напишан од страна на владини претставници и еден од невладини организации (НВО). Генералното собрание на ОН честопати издава влијателни, но законски необврзувачки декларации.
Декларацијата за правата на детето: усвоена од Генералното собрание на ОН во 1959 година, овој необврзувачки инструмент поставува десет општи принципи, кои подоцна ја формираа основата на Конвенцијата за правата на детето (КПД), кое беше усвоено во 1989 година.
Демократија: форма на владеење во која власта да се управува е изведена од народот, било со директен референдум или преку претставници избрани од луѓето што имаат право да гласаат.
Дерогација: изјава од земја членка на договор што дозволува таа државата да суспендира или ограничи одредени права - на пример, за време на војна. Некои права никогаш не можат да се дерогираат - на пример, правото да се биде слободен од измачување.
Развој: сеопфатен економски, социјален, културен и политички процес, кој има за цел постојано подобрување на благосостојбата на целата популација и на сите поединци врз основа на нивно активно, слободно и целисходно учество во развојот и во праведна дистрибуција на придобивките кои произлегуваат од тоа. Види исто Право на развој.
Дискриминација на луѓето со попреченост (disablism): (понекогаш неспособност или способност како дискриминација во корист на способни лица) дискриминаторски, угнетувачки или навредливи однесувања кои произлегуваат од верувањето дека луѓето со попреченост се инфериорни во однос на другите.
Исчезнување: изразот што се користи кога луѓето исчезнуваат затоа што тие биле убиени или тајно затворени од страна на влада или од други организации. Тие исчезнуваат поради нивните политички мислења или активности предизвикувајќи го неправедниот режим или доктрина на организациите.
Дискриминација: секое правење разлика, исклучување или ограничување на изборот, кое се базира на било каква основа како раса, култура, етничко потекло, националност, сексуална ориентација, религија, физички хендикеп или други карактеристики што не е релевантна за предметното прашање.
Економски: во врска со фактори поврзани со производството, развојот, или управување со материјалното богатство.
Економски права: права кои се однесуваат на производство, развој и управување со материјали за потребите на животот. Тие се прогласени во УДЧП и заштитени од страна на МПЕСКП и Европската социјална повелба.
Зајакнување: зголемување на духовната, политичката, социјалната или економската сила на поединците и заедниците. Се користи во врска со давање на способност на маргинализираните поединци и групи да ги бараат своите права да учествуваат во целост во општеството преку, на пример, легислатива, афирмативна акција и обука.
Влегување во сила: процес со кој договорот станува целосно обврзувачки за оние држави што го ратификувале. Ова се случува кога е постигнат минималниот број на ратификации што се бараат со договорот.
Права на животната средина: вообичаено се користат за опишување на правата на поединците да имаат безбедна, здрава и еколошки исправна околина. Понекогаш се користат и се однесуваат на “правата” што самата средина може да ги поседува - вклучувајќи ги и правата на животните, растенијата и екосистемите за да го преживеат влијанието на човечки акции.
Европски комитет за социјални права: тело одговорно за следење на усогласеноста на државите со Европската социјална повелба. Тоа е составено од 15 независни и непристрасни експерти кои редовно се состануваат за да ги разгледаат извештаите поднесени од страна на земјите-членки во Социјалната повелба.
Европската конвенција за спречување на тортура или понижувачки третман или казна: Регионален договор за човекови права усвоен во1987 од страна на Советот на Европа која има за цел да спречи разни прекршувања против лица кои се задржани (притворени) од страна на јавен орган на места како што се затвори, центри за малолетници, полициски станици, кампови за бегалци или психијатриски болници.
Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (ЕКЧП): (Европска конвенција, Европска конвенција за човекови права), регионален договор за човекови права усвоен во 1950 година од страна на Советот на Европа. Сите земји-членки на Советот на Европа се дел од ЕКЧП а новите членки се очекува да ја ратификуваат Конвенцијата најрано што можат.
Европски суд за човекови права: сместен во Стразбур, тоа е наднационален суд, основан со Европската конвенција за човекови права,која обезбедува правна помош во крајна инстанца за лица кои чувствуваат дека нивните човекови права се прекршени од страна на договорната страна на Конвенцијата.
Европски суд на правдата на Европската Унија: (честопати едноставно се нарекува “Судот”); основан во 1952 година. Со седиште во Луксембург, неговата работа е да осигура дека законодавството на ЕУ се толкува и се применува исто во сите земји на ЕУ, така што законот е еднаков за сите. Тоа осигурува,на пример, дека националните судови не даваат различни пресуди за исто прашање.
Европската конвенција за култура: (усвоена од Советот на Европа, 1954;влезе во сила 1955 година); регионален договор кој обезбедува официјална рамка за работа на Советот на Европа во образованието, културата, наследството,младите и спортот. Дополнување на Европската конвенција, Конвенцијата за култура има за цел да ја заштити европската култура и да развива меѓусебно разбирање и почитување на културната разноликост меѓу нејзините различни народи.
Европски парламент: е директно избрана парламентарна институција на Европската Унија. Парламентот има две места за состаноци, Стразбур и Брисел. ЕП има 705 членови пратеници на Парламентот (ПЕП) .
Европска социјална повелба: (усвоена од Советот на Европа 1962; ревидирана 1996); регионален договор кој ги гарантира социјалните и економските човекови права; таа ја надополнува Европската конвенција, која главно се однесува на граѓанските и политичките права.
Европска Унија (ЕУ): економска и политичка унија на земјите-членки лоцирани во Европа и посветена на регионална интеграција и социјална соработка. ЕУ е основана со Договорот од Мастрихт во 1993 година.
Оценување (евалуација): структуриран разговор помеѓу обучувачите олеснувачите и учесниците за да им се овозможи на учесниците да анализираат и проценат што имаат научено од искуствената и партиципативна активност. Во тој процесот, учесниците размислуваат за тоа како ова учење се однесува на она што веќе го знаат и како тие можат да го користат учењето во иднина.
Развоен капацитет: принцип што се користи во Конвенцијата за правата на детето (КПД) кој препорачува поголемо остварување на правата на детето во врска на неговото или нејзиното когнитивно и емоционално растење и зрелост.
Обучувач олеснувач: лице кое подготвува презентира и координира активностите во Компас. Обучувач фацилитатор е некој кој “прави нешто да се случи”, кој”помага”, ги поттикнува другите да учат и да развијат свој сопствен потенцијал. Улогата на фасилитаторот е да се создаде безбедна средина во која учесниците учат преку експериментирање, истражување, давање и примање. Тоа не е прашање на една личност, лидер, кој е “експерт”, кој дава знаење на другите. Секој треба да порасне преку искуство на споделување како учесници и олеснувачи.
Фашизам: Владеечки систем базиран на идеологија на национална или расна надмоќност и важност на контролата над сите аспекти на политичкиот,економскиот и културниот живот. Може да се карактеризира со присилно сузбивање на опозицијата и критиките, контрола над средствата за јавно информирање, контрола на државата во индустријата, трговијата итн., агресивен национализам и често расизам.
Прва генерација на права: правата кои генерално биле прифатени како човекови права во 17-тиот и 18-тиот век. Тие ги вклучуваат сите граѓански и политички човекови права, како што се правото на глас, правото на живот и слобода и слободите на изразување, религија и собирање. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (МПГПП) главно ги кодифицираат овие права. Затоа што терминот сугерира хиерархија на граѓанските и политичките права над втора генерација, или економските и социјалните права, се повеќе отпаѓа од употреба.
Формално образование: структуриран систем на образование и обука кој се одвива од пред-основно и основно преку средно образование и универзитет. Како по правило, тоа се одвива во општи или стручни образовни институции и води до сертификација.
Рамковна конвенција: конвенција која воспоставува принципи и норми под кои се одвива меѓународна акција, и која поставува процедури за преговарање на подетални решенија потребни за справување со проблемот.
Слобода на изразување: слобода да се изразат мислења во печатени и други медиуми, да се примаат, како и да се комуницираат идеи. Терминот “слобода” на изразување “често се користи општо и се однесува на било кој од двата или на двата члена 19 и 18 од УДЧП.
Род: Социјален конструкт што информира за улогите, ставовите, вредностите и односите меѓу жените и мажите. Додека полот е определен од биологијата - биолошките разлики помеѓу мажите и жените - родот е утврден од општеството; речиси секогаш функционира за да ги потчини жените на мажите.
Вклучување на родот во главните политики: глобално прифатена стратегија за промовирање на родова еднаквост. Таа не е цел сама по себе, туку средство за постигнување на целта на родова рамноправност при што обезбедување на родови перспективи и фокусирање на целта за родова еднаквост се централни за сите активности, вклучувајќи развој на политики , распределба на ресурсите и планирање, имплементација и следење на програми и проекти.
Женевски конвенции: четири договори усвоени во 1949 година од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) во Женева, Швајцарија. Тие ги утврдуваат правилата што се применуваат во вооружен конфликт, особено во врска со лекување на болни и ранети војници, морнари и воздухопловци, воени затвореници и цивили под непријателска контрола.
Геноцид: систематско убиство со намера да се уништи, целосно или делумно,група на луѓе поради нивната националност, раса, етничка припадност или религија. Исто така, предизвикување на тешки телесни или ментални повреди и насилно пренесување на деца од групата во друга група.
Глобализација: генерално го опишува процесот на зголемување на меѓузависноста и размената меѓу нациите - особено во економските, социјалните и културните сфери. Терминот исто така се користи и се однесува на одредена форма на меѓународна интеграција, со цел да задоволи интереси на лична моќ,производствени корпорации и финансиски институции, тесно поврзани со моќни држави.
Сослушување: процес во кој заинтересираните страни и сите други лица кои може да бидат засегнати од резултатот, имаат можност да поднесат поднесоци, поставуваат прашања или даваат забелешки за некое прашање. На пример, сослушувањето може да се одржи од оддел на локална или национална власт, меѓународно тело или специјално формирана комисија.
Висок комесар за човекови права: главен службеник за човекови права на Обединетите нации. Високиот комесар го води Кабинетот на Високиот комесар за човекови права кој беше формиран за да ги поддржи механизмите за човекови права на ООН. (Да не се меша со Комесарот за човекови права, институција на Советот на Европа).
Човекови права: права кои универзално припаѓаат на сите човечки суштества. Човековите права се неделиви, неотуѓиви и универзални и ја почитуваат еднаквоста и достоинството на секој поединец.
Комитет за човекови права: тело на Обединетите нации составено од 18 експерти кое се состанува три пати годишно за да ги разгледа доставените петгодишни извештаи од 162 земјичленки на ОН за нивната усогласеност со Меѓународниот пакт за граѓански и политички права,МПГПП(ICCPR.)
Совет за човекови права: меѓувладино тело во рамките на системот на ОН составено од 47 држави одговорни за зајакнување, промоцијата и заштита на човековите права низ целиот свет. Советот беше креиран од Генералното собрание на ОН во март 2006 година за да ја замени Комисијата за човекови права, со главна цел за решавање на состојбите на кршење на човековите права и давање препораки за нив.
Рамка за човекови права: еволуирачко и заемно поврзано тело на меѓународни и регионални инструменти кои ги дефинираат човековите права и воспоставуваат механизми за нивно промовирање и заштита.
Хуманитарно право: правно тело, главно засновано врз основа на Женевските конвенции, кое штити определените лица во време на вооружен конфликт, помага на жртви и ги ограничува методите и средствата за борба со цел да се минимизира уништување, загубата на животи и непотребно човечко страдање.
Домородните народи: се дефинирани колку од нивните односи со земјата, толку и од било какви внатрешни карактеристики што можат да ги поседуваат. Страдаа од колонизација, секогаш се маргинални во нивните држави и често се племенски. Многу домородните народи бараат признавање на нивните права како различни народи, вклучувајќи го и правото на самоопределување и правото да го контролираат развојот на нивните општества. Декларација на Обединетите нации за правата на домородните народи, 2007 година.
Неотуѓиви: се однесува на правата што припаѓаат на секое лице и не можат да бидат земени од нив под никакви околности.
Неделиви: се однесува на важноста на гледање на сите човекови права како на неделива и неразделна целина. На лице не може да му биде одземено одредено човеково право врз основа на тоа дека е „помалку важно” отколку друго, или пак „не е суштинско “.
Информално учење: доживотниот процес во кој секој поединец стекнува ставови, вредности, вештини и знаење од секојдневното искуство и образовните влијанија и ресурси во неговата или нејзината средина(семејство, врсничка група, соседи, пазар, библиотека, масовни медиуми, работа,игра итн.).
Инструменти: било кој формален, писмен документ на држава или држави што ги поставува правата како необврзувачки принципи (декларација) или ги кодифицира правата кои се правно обврзувачки за оние држави кои ги ратификувале (завет, договор или конвенција). Тие можат да бидат национални или меѓународни.
Интеркултурен: се однесува на меѓузависност и интеракција помеѓу разни јазични и етнички заедници. Меѓукултурната перспектива бара од нас да препознаеме дека реалноста е повеќе од една, комплексна и динамична, и дека интеракцијата е составен дел од животот и културата.
Меѓузависни: се однесува на идејата дека уживањето на одредено човеково право зависи од уживањето на сите други. На пример, вашата способност да учествувате во вашата влада е директно под влијание на вашето право да се изразите, на вашето здравје, слобода на движење и отсуство на дискриминација.
Меѓувладини организации (МВО): организации спонзорирани од неколку влади кои сакаат да ги координираат нивните напори. Обединетите нации се меѓународна МВО. Некои МВО се регионални, на пр. Советот на Европа, Организација на Африканско единство; некои се алијанси, на пр.Организација на Северноатлантскиот договор, (НАТО), а некои се посветени на специфична цел, на пр. Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
Внатрешно раселени лица (ВРЛ): луѓе или групи на поединци кои биле принудени да ги напуштат своите домови или места на вообичаено живеење,особено како резултат на, или со цел да се избегнат, ефектите на вооружените конфликти, ситуации на генерализирано насилство, прекршување на човековите права или природни или човечки катастрофи, и кои не ја преминале меѓународната граница.
Меѓународен Закон за човекови права: неформално име дадено колективно на Универзалната декларација за човекови права (УДЧП), Меѓународниот пакт за граѓански и политички права МПГПП(ICCPR) и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права МПЕСКП (ICESCR) и нивните факултативни протоколи.
Меѓународен кривичен суд (МКС): постојан трибунал основан во 2002 година кој се наоѓа во Хаг, Холандија, за да ги гони лицата за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и злосторства на агресија. (МКС не треба да се меша со Меѓународниот суд за правда.)
Меѓународен суд на правдата (МСП): (Светски суд); е основен судски орган на Обединетите нации. Со седиште во Хаг, Холандија, неговите главни функции се да ги решава правните спорови доставени до него од страна на државите и да дава советодавни мислења за правни прашања доставени до него од соодветни овластени меѓународни органи, агенции и од Генералното собрание на ОН. (МСП не треба да се меша со Меѓународниот кривичен суд.)
Меѓународен пакт за граѓански и политички права (МПГПП) (ICCPR): (усвоен1966, а стапи во сила 1976); еден од клучните меѓународни договори за човечки права, МПГПП изјавува дека сите луѓе имаат широк спектар на граѓански и политички права и поставува начини за следење на нивното почитување од страна на земјите членки.
Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права МПЕСКП (ICESCR): (усвоен во 1966 година, а стапи во сила 1976 година); еден од клучните меѓународни договори за човекови права, МПЕСКП изјавува дека сите луѓе имаат широк спектар на економски, социјални и културни права.
Меѓународната организација на трудот (МОТ): основана во 1919 година, е трипартитна агенција на ОН која ги поврзува владите, работодавачите и работниците од нејзините земји членки за да промовираат пристојна работа со човеково достоинство ширум светот.
Неправилна миграција: термин кој го користат повеќето истражувачи на миграција наместо “нелегална”, “недокументирана” или “неовластена” миграција за да се подвлече дека ниеден човек како таков не е нелегален.
Судска пракса: правен термин кој се однесува на собирање на случаи и принципи воспоставени со овие случаи на одреден суд, на пример судска пракса на Европскиот суд за човекови права.
Законски права: (исто така наречени статутарни права); права утврдени со закон кои можат да се бранат и кои можат да се изнесат пред судовите. Исто така се користат да ги опишат човековите права во врска со правниот процес, на пример, правото на фер судење.
Животен став: рамка на идеи што ни помага да го разбереме светот и да најдеме значење и вредност во животот; заедничка ознака што ги опфаќа двете и религии и алтернативи на религија, без дискриминација во корист на било кој.
ЛГБТ: акроним за лезбејки, геј, бисексуалци и трансродови лица.
Посредување: процес во кој трето лице им помага на двете страни кои се во спор да го решат своето несогласување со тоа што ќе разговараат за прашањето за да најдат заедничка основа со која и двете ќе можат да се согласат.
Земјите-членки: земји кои се членки на меѓувладина организација (на пример, на Обединетите нации, Советот на Европа).
Мигрант: термин што широко се користи во работата на Европскиот комитет за миграција,а се однесува, во зависност од контекстот, на иселеници, вратени мигранти, емигранти, бегалци, раселени лица и лица кои потекнуваат од емигрантии / или припадниците на етничкото малцинство што се создадени преку емиграција.
Малцинство: било која етничка, јазична или религиозна група во една држава, во не-доминантна позиција, составена од лица кои имаат чувство на припадност на таа група и се решени да го зачуваат и развиваат нивниот идентитет.
Морални права: права кои произлегуваат од општите етички принципи, како што се праведност и правда.
Мултикултурен: луѓе од различни култури кои живеат едни покрај други во една заедница, кои комуницираат во различни степени, но во исто време ги задржуваат своите посебни карактеристики.
Природни права: права што им припаѓаат на луѓето едноставно затоа што се човечки суштества. Исто така, наречени неотуѓиви права, тие се сметаат за очигледни и универзални и независни од законите, обичаите или верувањата на било која посебна култура или влада.
Преговори: процесот со кој луѓето (народите) кои се во спор разговараат едни со другисо цел да дојдат до решение за нивниот проблем.
Неонацизмот: се однесува на крајно десно политичко или општествено движења и идеологии, од по Втората светска војна, кои се стремат да го оживеат нацизмот или некоја негова варијанта базирана на расен или етнички национализам.
Не-формално образование: секоја планирана програма за образование надвор од формалната образовна поставка која е наменета за подобрување на низа вештини и компетенции, на пример младинска работа. Не-формалното образование исто така е се нарекува неформално учење.
Невладини организации (НВО): организации формирани да бидат независни од владата, вообичаено со лобирање, добротворни или со активистичка улога. Некои се големи и меѓународни, на пр. Црвениот крст, Амнести Интернејшенел, Извидничкото движење, Хјуман рајтс воч, Европски младински форум. Други може да бидат мали и локални, на пр. организација која се залага за лица со посебни потреби во одреден град; коалиција за промовирање на женските права во еден бегалски камп. Можете да пребарувате за невладини организации во вашата земја во базата на податоци на Советот на Европа, http:// ngo-coe.org
Олигархија: влада од мала група на моќни луѓе.
Народен правобранител (Омбудсман): независен службеник, кој вообичаено е назначен од владата или од парламентот, кој е задолжен за истражување на жалбите пријавени од страна на поединечни граѓани. Зборот омбудсман доаѓа од старо-норвешки што значи “претставник”.
Факултативен протокол: договор кој модифицира друг договор, на пр. со додавање дополнителни процедури или одредби. Се нарекува “незадолжителен”, бидејќи владата која го ратификувала оригиналниот договор може да избере дали промените направени во протоколот ќе ги ратификува или не.
Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ): безбедносно-ориентирана меѓувладина организација која практично ги спојува сите земји од Европа и Централна Азија, САД и Канада.Нејзиниот мандат вклучува прашања како што се контрола на оружје, човекови права, слобода на печатот и фер избори.
Парламентарно собрание на Советот на Европа (ПССЕ): лоциран во Стразбур, ПССЕ се состанува четири пати годишно за да дискутира за актуелни прашања ида побара од европските влади да преземат иницијативи и да поднесат повратен извештај. 318-те претставници се назначуваат од членовите на националните парламенти на 47 земји-членки на Советот на Европа.
Учество: учество во јавниот живот на една заедница или општество. Ревидираната Европска повелба за учество на младите во локалниот и регионалниот живот е документ за меѓународна политика за промовирање на младинското учество на локално ниво; усвоена од Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа во 2003 година.
Градење на мирот: (вклучувајќи го и постконфликтното градење на мирот); активности преземени на среден и подолг рок за решавање на главните-причини за насилните конфликти.
Политички права: право на поединците да учествуваат во политичкиот живот на нивната заедница и општество, како на пример преку гласање за нивна влада.
Позитивна дискриминација: термин со исто значење како и афирмативна акција.
Плутократија: систем на влада во кој владеат или имаат моќ најбогатите луѓе во земјата.
Расизам: верувањето дека квалитетите на луѓето се под влијание на нивната етничка група или племе и дека членовите на другите групи и племиња („раси”) не се толку добри како членовите на нивната сопствена, или што резултира во неправеден третман на членовите од другите “раси”.
Ратификација, да се ратификува: процесот со кој законодавниот орган на државата потврдува акција на владата за потпишување на договорот; формалната процедура со што државата се обврзува на договорот по прифаќањето. По ратификацијата државата станува дел од договорот.
Бегалец: некој кој поради основан страв дека ќе биде прогонуван поради раса, религија, националност, членство во одредена социјална група или политичко мислење, е надвор од земјата на неговата или нејзината националност, и не е во состојба, или поради таков страв, не сака да биде искористен за заштита на таа земја. Терминот исто така се користи во општа смисла да опише некој во ситуација слична како на бегалците, на пример баратели на азил.
Резервираност: исклучоците што државите ги прават од договорот, на пр. одредби кои не се согласуваат да ги следат. Меѓутоа, резервираноста не може да го поткопа основното значење на договорот.
Право на развој: право на групите да растат во културна, политичка и економска смисла, така што нивните човекови права и фундаментални слободи можат да бидат целосно и прогресивно реализирани. Декларацијата на ОН за правото на развој од 1986 година.
Игра на улоги: кратка драма што учесниците ја глумат. Луѓето ги вклучуваат нивните сопствени животни искуства за да одглумат ситуација; играњето на улоги најчесто се импровизира. Целта на играњето на улоги е да им овозможи на учесниците да доживеат ситуации и да истражуваат решенија за проблемите во безбедна средина.
Владеење на правото: никој, без разлика дали е владин службеник, крал или претседател, не е над законот. Истиот закон ги обврзува оние кои владеат и оние кои се владеани.
Права од втората генерација: правата кои што влегоа во популарниот дискурс околу почетокот на 20 век главно опфаќајќи економски,социјални и културни права, како што се соодветен стандард на живеење, здравствена грижа, домување и образование. Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права главно ги кодифицира овие права. Бидејќи терминот сугерира хиерархија на граѓанските и политичките права над економските и социјалните правата, тој сè повеќе отпаѓа од употреба.
Поделба на власта: поделба на владината моќ во различни гранки, така што никој не може да врши апсолутна контрола. Нормалната поделба е помеѓу законодавната гранка, што ги прави законите, извршната власт за да ги спроведува законите; и независната судска власт за да го надгледуваат почитувањето на законите.
Пол: биолошките разлики помеѓу мажите и жените, кои се универзални и не се менуваат. Ова е спротивно на род, кој се однесува на социјални атрибути кои се научени или стекнати за време на социјализацијата како член на дадена заедница.
Извештај во сенка: неофицијален извештај подготвен од институти или поединци кои го претставуваат граѓанското општество поднесен до комитет за следење на договорот за човековите права.Ваквите извештаи обично се контрадикторни или додаваат на официјалните извештаи за усогласеноста и спроведувањето на договорот поднесен од страна на владата како дел од нејзините договорни обврски.
Потпис: потписот на договорот е првиот чекор за да се приклучи кон договорот, кој секогаш значи чекор кон ратификација. Со потпишување на договорот државата изразува намера, во иднина, да ги прифати сите обврски што произлегуваат од договорот, а во меѓувреме да се воздржи од правење било што, кое не е во согласност со овие обврски.
Симулација: проширена, структурирана игра на улоги која ги води учесниците во непознати ситуации и улоги.
Вештина: способност да се направи добро некоја активност или работа, особено затоа што ја имате вежбано, практикувано. Способноста да се бранат човековите права вклучува, на пример, вештини на комуникација, решавање на проблеми, креативно размислување, преговарање и тимска работа.
Ропство: практика базирана на однос на моќ и подреденост, при што едно лице е сопственик на друго лице и може да побара работа или други услуги од тоа лице. Современите форми на ропство вклучуваат: продажба на деца, детска проституција, експлоатација на детски труд, употреба на деца во вооружени конфликти, должничко ропство, трговија со луѓе, експлоатација на проституција и принудна работа.
Социјални права: права потребни за целосно учество во животот на општеството. УДЧП, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права(МПЕСКП) и Европската социјална повелба ги гарантираат социјалните права.
Права на солидарност: види колективни права.
Специјален известувач: лице избрано од тело за човекови права, како што е Советот за човекови права на ОН да известува за одредена тема, на пр. За соодветно домување, детска проституција и детска порнографија, за насилство против жените или состојбата со човековите права во одредена земја.
Државен суверенитет: идејата дека владата има неприкосновено законско право да утврди што е направено во рамките на нејзината јурисдикција. Меѓународните документи за човекови права поставуваат одредени ограничувања на суверенитетот, како и членството во меѓународни тела, како што е ЕУ.
Стереотип: упростена, генерализирана и често несвесна замисла за луѓе или идеи кои може да доведат до предрасуди и дискриминација. Генерализација во која карактеристики кои се поседувани од дел од групата се проширени на групата како целина.
Одржлив развој: развој кој ги задоволува сегашните потребите без да ја загрози можноста на идните генерации да ги задоволат нивните потреби. Терминот првпат го користеше Светската комисија за животна средина и развој (СКЖСР), свикана од ОН во 1983 година.
Права од третата генерација: права, кои не се лесно класифицирани како граѓанско-политички или социјалноекономски, кои се појавија во втората половина на дваесеттиот век. Тие вклучуваат право на здрава животна средина, право на мир, право на развој и право на природни ресурси. Види исто така колективни права.
Толеранција: подготвеност да се прифати однесување и верувања кои се различни од сопствените, иако можеби не се согласувате со нив или не ги одобрувате. Декларација за принципите за толеранција (УНЕСКО 1995).
Синдикат: здружение на работници во одредена трговска или занаетчиска дејност кое се грижи за интересите на работниците, на пример, за подобри услови за работа. Правото на формирање и приклучување кон синдикат, како и правото на колективно договарање на платите се широко признати човекови права.
Обучувач: лице кое за група на учесници подготвува програми за учење, на пример, дебати, студиски престои, гледање филмови и спроведување на активности на Компас. Кога се работат активности на Компас, обучувачот или наставникот работи демократски со група млади луѓе и има улогата на олеснувач.
Обука: процесот на учење на знаења, вештини и ставови кои ви се потребни за да направите одредена работа или активност, на пример, за да ве направи способни да ги браните човековите права.
Договор: (кој се користи како синоним со конвенција и пакт); формален договор меѓу национални држави што ги дефинира и ги модификува нивните заеднички должности и обврски. Кога една држава ќе го ратификува договорот, тој е усвоен, членовите на тој договор стануваат дел од нејзините домашни законски обврски.
Обединети нации: меѓународна меѓувладина организација (ММО) основана во 1945 година после Втората светска војна со цел одржување на меѓународниот мир и безбедност, развивање пријателски односи меѓу нациите и промовирање на социјален напредок, подобри животни стандарди и човекови права.
УНИЦЕФ: (Детски фонд на Обединетите нации); се залага за заштита на правата на децата, да им помогне да ги задоволат нивните основни потреби и да ги прошири нивните можности за да го постигнат нивниот целосен потенцијал. УНИЦЕФ е воден од Конвенцијата за правата на детето и се стреми да го воспостави како меѓународен стандард за сите однесувања кон децата.
Совет за безбедност на Обединетите нации (СБОН): еден од главните органи на Обединетите нации и е надлежен за одржување меѓународен мир и безбедност. Има 5 постојани членки, од кои секоја има моќ да стави вето на секоја одлука на Советот за безбедност, како и 10 непостојани членки.
Универзалност: Принципот дека сите луѓе во сите земји и општества во светот ги имаат сите човекови права.
Универзална декларација за човекови права(УДЧП): (Универзална декларација); усвоена од страна на Генералното собрание на 10 декември 1948 година. Основен документ на ООН кој ги воспоставува стандардите и нормите за човековите права. Сите држави членови се согласија да ја поддржат УДЧП. Иако декларацијата беше со цел да бидат необврзувачка, со текот на времето различни нејзини одредби станаа толку широко прифатени што сега може да се каже дека се дел од обичајното меѓународно право.
Учество на младите: види учество .
Воени злосторства: злосторства извршени за време на конфликт, внатрешен или меѓународен, кои вклучуваат тешки прекршувања на хуманитарното право или други закони кои се однесуваат на вооружен конфликт. Хашките конвенции од 1899 и 1907 заедно со Женевската конвенција од 1949 година се меѓу првите официјални меѓународни закони за војната и воените злосторства и хуманитарен третман на жртвите на војната.
Светска здравствена организација (СЗО): меѓувладина организација под покровителство на Обединетите нации што работи на унапредување на здравјето во светот.
Ксенофобија: (ирационален) страв од странци, од лица од други земји или генерално од странски нешта. Ксенофобијата може да доведе до дискриминација,расизам, насилство, па дури и вооружен конфликт против странците.
- Поглавје 1 -Образование за човекови права и Компас: вовед
- Поглавје 2 - Практични активности и методи во образованието за човекови права
- Поглавје 3 - Преземање акција за човекови права
- Поглавје 4 - Разбирање на човековите права
- Поглавје 5 - Информации во контекст на глобалните теми за човековите права
- Додатоци
- Речник