Image: Theme 'Environment' by Pancho

Човековите права и животната средина 

„Спасот на светот лежи во човековото срце, во човековата моќ да се изразува, во човековата кроткост и во човековата одговорност. Ние сé уште се движиме во насока на деструктивното и празно верување дека човекот е врвот на создавањето, а не само дел од него... Ние сé уште не знаеме како да го поставиме моралот пред политиката, науката и економијата. Ние сме сé уште неспособни да разбереме дека единствениот столб на сите наши дејства – ако се тие морални – е одговорноста. Одговорноста е нешто повеќе од моето семејство, мојата земја, мојата фирма, мојот успех.“
Вацлав Хавел

Кога би ве замолиле да зборувате за „животната средина“ што прво ви паѓа на памет? Еуробарометар наведува одговори од типот: климатски промени, загадување во градовите, заштита на природата, катастрофи предизвикани од луѓе, како што е излевање на нафта, индустриски несреќи, земјотреси, поплави и други природни катастрофи, како и искористување на природните ресурси. Не е изненадување дека прашањето, за кое постои најголема грижа, варира од земја до земја, на пример, загадувањето на водата во Балтичкото Море за граѓаните на балтичките држави, додека во Малта и Бугарија тоа е загадувањето на воздухот.

Диоксин, перзистентен биоакумулативен отров, се создава при производство на ПВЦ и винил, брзо не се распаѓа и патува околу земјата, акумулирајќи се во масното ткиво и концентрирајќи се во синџирот на исхрана. Диоксинот дури се наоѓа и во ризични концентрации во ткивото на поларните мечки и во мајчиното млеко на ескимските мајки.1

Оваа широко-распространета загриженот за состојбата на животната средина е многу неодамнешна. Во различните култури низ историјата имало бројни религиозни и филозофски традиции кои ја земале предвид врската помеѓу човечките суштества и остатокот од природата. Во така-наречениот „развиен свет“ генералниот став, до неодамна, беше оној на доминација и експлоатација. Пошироката јавност започна да дава сериозни забелешки за степенот на нашата деструктивност кон природната животна средина во раните 60-ти години од минатиот век.

Луѓето сфаќаат дека ние не можеме да го исфрлиме ѓубрето, а потоа да очекуваме тоа само да исчезне. Очигледно е дека она што се случува на едно место влијае врз друго и што и да правиме, нашите акции имаат последици, локално и глобално, сега и во иднина. Според тоа, нашата грижа за животната средина не може да се оддели од грижата за човештвото и тие мора да бидат засновани врз принципите на еднаквост, права и одговорност. Овде следат неколку примери за тоа како влијанијата врз животната средина се поврзани со човековите права:

Воздух

Воздухот кој го дишеме може да биде загаден, на пример, од одредени емисии на честички од моторните возила и индустријата, како и од чадот од домаќинствата и чадот од цигарите. Други загадувачи вклучуваат ниско ниво на озон и микроорганизми поврзани со влагата. Во Европскиот регион на СЗО , изложеноста на честичките го намалува очекуваниот животен век за секоја личност, во просек од речиси 1 година. Намалениот квалитет на воздухот го крши правото на живот и највисокиот можен стандард на физичкото и менталното здравје.

Вода

Светските ресурси за свежа вода се при крај и не се доволни за да излезат во пресрет на барањата на растечката популација, не само за пиење и хигиена, туку и за зголеменото производство на храна, индустриски процеси и рекреативни активности .3
Во 2011, 1,1 милијарда луѓе – 1 од 7 од населението – немале пристап до безбедно и соодветно снабдување со вода, што претставува очигледно кршење на правото на живот и здравје. Според СЗО, 1,8 милиони луѓе – најмногу деца, под 5 години, кои живеат во земјите во развој – секоја година умираат од дијареа, предизвикана од нечиста вода. Колку што водата станува оскудна, толку растат прашањата за сигурноста на човекот. Споровите можат да бидат внатрешни во една земја, на пример, како што се случи во Њу Делхи, Индија, во 2010, каде непредвидливото водоснабдување, како и евентуалниот комплетен прекин на водата, водеше кон насилни протести и неколку повреди. Споровите можат да бидат и помеѓу земјите кои ја ослободуваат или задржуваат водата од соседот, како политичка алатка, акт на агресија или тероризам.4

Почва

Речиси една-третина од светската површина на почвата денес се користи за земјоделство, а милиони акри од природните екосистеми се претвораат секоја година.6

Глобалната проценка на шумските ресурси на ФАО 2010 проценува дека нето загубата на светските шуми е 7,3 милиони хектари (18 милиони акри) годишно. Многу земјоделски практики се со високо загадување и се неодржливи. За модерните методи на фармерството е потребен помал труд, па луѓето се принудени да мигрираат во градовите за да најдат работа. Во 2007, за прв пат во историјата, повеќе од половина од светското население живее во урбаните средини.7 Почвата се искористува и за рударство и за други индустрии, додека транспортните системи го пресекуваат пределот со последици за движењето на дивите животни. Во врска со човековите права, сите овие промени можат да водат до кршење на правото на сопственост, да се има посакувана работа, право на храна и да се учествува во културниот живот се само неколку наведени права.

Прашање: На кои начини се загадуваат воздухот, водата и почвата во средината во која живеете?

„Светот не е наш, земјата не е наша. Тоа е богатство кое го чуваме во доверба за идните генерации.“
Африканска поговорка

Ние живееме во еден ограничен глобус каде што сé е поврзано едно со друго, на пример, синџирите на исхрана и циклусите на водата и карпите. Постои природно обновување, но сериозното нарушување на овие циклуси, на пример, од страна на загадувањето, несоодветните фармерски практики, наводнувањето и претераниот риболов, го дестабилизираат природниот баланс. Нуклеарните катастрофи во Чернобил и Фукушима, смртта на дрвјата во Црната шума во Германија од киселиот дожд, ширењето на пустините во јужна Шпанија, пресушувањето на Аралското Море во Узбекистан, како и проектот за браната „Илису“ во Турција се примери кои покажуваат како луѓето во развојниот процес ја уништуваат основата на животната средина за сите економски активности и за животот, сам по себе.

Климатски промени 

За примери на кршење на човековите права, во врска со животната средина, посетете ја веб-страницата:
www.righttoenvironment.org

„Намалениот квалитет на животната средина на планетата Земја и очигледното зголемување на силата и фреквенцијата на природните катастрофи, како што се циклони, поплави и суши, ја засилуваат ранливоста на луѓето во однос на прехранбената несигурност, болестите и неодржливата егзистенција.“
 Програма за животна средина при Обединетите нации.

Според Четвртиот извештај8 за проценка на Меѓувладиниот панел за климатските промени (IPCC) „во последните неколку години, научните истражувања и знаење за климатските промени многу напреднале, потврдувајќи дека тековното затоплување на климата на Земјата веројатно се должи на активностите на човекот, како што е согорувањето на фосилни горива. Земјиното затоплување веќе има мерливи последици и идни влијанија, кои се очекува да бидат со широк распон и скапи.“ Извештајот се става на ниво на веројатност од 90%.

Во областа на Дунавскиот басен, сите земји работат на национални планови за управување и соработка на меѓународно ниво преку Меѓународниот совет за заштита на реката Дунав со цел да ги исполнат целите на животната средина од Рамките за директивите за вода на ЕУ 2015.5

Горењето на фосилни ѓубрива е главната човекова активност која придонесува за климатски промени. Како што горат горивата, така тие испуштаат јаглероден двооксид, водена пареа, метан и азотен оксид во земјината атмосфера, каде овие гасови ја заробуваат сончевата енергија и предизвикуваат глобално затоплување. Понекогаш, процесот е наречен „ефект на стаклена градина“. Јаглеродниот двооксид е најважниот гас во стаклената градина, бидејќи останува во атмосферата долго време. Сегашните атмосферски нивоа го надминуваат природниот процент на јаглеродниот двооксид во последните 650.000 години. Ефектот е сериозен; 11 од 12 години, од 1995 до 2006, беа најтоплите години од глобалните површински температури, кои се забележуваат од 1850 (почетокот на индустријализацијата)9 . Некои од тековните и очекуваните последици од глобалното затоплување вклучуваат:

Промена на нивото на морето. Зголемувањето на нивото на морето ќе потопи некои мали, ниски островски земји и ќе стави милиони луѓе на ризик од поплава. Продирањето на солената вода ќе ги погоди фармите кои се наоѓаат во ниско земјиште. Последиците се веќе почувствувани во различни региони од светот, особено во Југоисточните пацифички острови и Југоисточна Азија.

Екстремно време. Поплавите, сушите и невремето ќе бидат почести и посилни. 

Изумирање. Ако глобалната температура порасне за два степени Целзиусови, се проценува дека на 30% од сите живи видови им се заканува зголемен ризик од изумирање.10

Недостаток од храна. Како што се зголемува температурата и како се променува начинот на паѓање на дождовите, приносите од посевите значајно ќе се намалат во Африка, Средниот Исток и Индија.

Недостаток од вода. Промената на начинот на паѓање на дождовите ќе резултира со суши или поплави. Помалку вода ќе биде достапна.

Болест. Со растењето на температурите, болестите, како што е маларијата, западно-нилската болест, денга треската и речното слепило, ќе се префрлат во различни подрачја.

Уништување на ранливите подрачја. Уништените подрачја, како што се потрошените пасишта, непошумените планини и соголените земјоделски почви, ќе станат почуствителни на климатските промени отколку порано.11

Еколошки бегалци. Климатските промени, заедно со проблемите во средината, придонесуваат за висок пораст на бројот на луѓе, кои се принудени да се преселуваат или да бараат засолниште од промените во нивната животна средина.

Прашање: Дали можете да идентификувате некои последици од климатските промени кои веќе ја имаат погодено вашата земја?

Прашањето за еднаквоста 

„Почнувајќи од пречекот за Нова година, па сé до 2 јануари, кога тие седнуваат да вечераат, едно американско семејство веќе има потрошено, по лице, еквивалентно количество на фосилно гориво, кое едно семејство во Танзанија, би го користело во период од една година.“ 
Ендрју Симс 

Ефектите од климатските промени се чувстуваат насекаде во светот. Според Меѓувладиниот панел за климатските промени, најмногу страдаат најсиромашните луѓе во светот. Земјите во развој, поради нивната географска локација, ниски приходи, слаби институции и поголемата изложеност на климатско-сензитивните сектори, како што е земјоделството, немаат приспособливи ресурси (на пример, садење на различни култури кои се погодни за повлажни или посуви услови).
Другиот аспект на прашањето за еднаквоста е како да се споделат трошоците за миграциите, на пример, плаќање за премин на модерни технологии кои трошат поекономично гориво, или пак, се обновливи, како што се ветер, вода или сончева енергија. Како да се поделат одговорностите беше главниот камен на сопнување на 17-та Конференција на потписниците на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации, во Дурбан, 2011 и тоа остана предизвик за преговарачите.
Прашањето за праведност е поврзано со концептите за правда и многу луѓе зборуваат дека концептот за климатска правда значи „визија за разрешување и ублажување на неднаквите тешкотии, предизвикани од климатските промени. Климатската правда е праведен третман за сите луѓе и надминување на дискриминацијата преку креирање на политики и проекти кои се однесуваат на климатските промени и системите кои креираат климатски промени и ја продлабочуваат дискриминацијата.“12

„Климатските промени се вистинска закана за меѓународниот мир и безбедност.“
Бан Ки Мун

Климатските промени можат да бидат најголемата закана за долгорочната благосостојба на човекот, и без сомнение, тие треба итно да се решат. Сепак, фокусот на климатските промени може да има несреќни последици: или на проблемите во средината, како што се загадувањето, претераниот риболов или урбаниот развој, не им се дава доволно внимание или влијанието на овие притисоци се поврзува со климатските промени, кога всушност постојат други причини кои треба да се решат. Опасноста за коралните гребени е добар пример. Потоплите морски температури, подигнатото морско ниво и киселоста на океаните се должат на климатските промени и се потенцијална закана за коралните гребени и според тоа, и врз правата на оние луѓе кои заработуваат или уживаат во нивните слободни активности. Според тоа, моменталните закани за загадување, седиментација која е резултат на промените во земјоделските практики, преку ловењето на риби за храна, собирање на риби, полжави и корали за хоби на акваристите и ископување на коралите за правење цемент и асфалт се неколку од непосредните закани кои можат да ги уништат коралите многу порано отколку што ефектите од климатските промени би можеле да се случат за 70 години.13

Пораст на населението 

„Климатските промени не треба да мутираат од една незгодна вистина до прикладно жртвено јагне за другите човекови притисоци.“ Кит Брендер и останатите14

Во 1804, имало 1 милијарда луѓе во светот; во 1927 – 2 милијарди; во 1959 – три милијарди, во 1974 – 4 милијарди; 1987 – пет милијарди; шест милијарди во 1998; седум милијарди во 2011. Зголемениот пораст се должи на комбинацијата на позитивни промени, на пример, подобрена хигиена, исхрана и здравствена заштита, кои овозможуваат луѓето подолго да живеат и да раѓаат повеќе деца, кои живеат до поголема возраст. Сепак, ние живееме во еден ограничен свет и порастот на населението прави екстремен притисок врз животната средина дури и при обезбедувањето на основно засолниште, храна и вода.

„Ако не можеме да ја стабилизираме климата и ако не можеме да го стабилизираме населението, тогаш не постои еко-систем на Земјата кој можеме да го спасиме.“
Worldwatch Институт

Кога се зборува за притисокот врз животната средина, не само обичните броеви, туку и животните стилови и начините на потрошувачката треба да се сведат на еднаквост. Богатите народи, како што се повеќето во Европа, кои се 20% од светското население, според нивниот висок животен стандард, значи дека тие користат повеќе од 70% од нивните ресурси. Според тоа, и населението е дел од прашањето за еднаквоста. 

Прашање: Кина ја намали стапката на раѓање со политика за раѓање на едно дете. Дали мислите дека постои оправдување за кинеската влада? Дали имате слушнато за други методи за намалување на стапката на раѓање?

Решавање на проблемите 

„Луѓето не се единствените видови на Земјата, тие само се однесуваат така.“
Анонимен

Со оглед на тоа дека сите активности на човекот влијаат врз животната средина, прашањето е како најдобро да ја заштитиме животната средина која нé одржува.

Еден пристап е преку меѓународни договори за специфични прашања. ОН имаат бројни спогодби и декларации за заштита на животната средина, на пример, за загадување на воздухот, биоразновидноста, биолошка безбедност, ширењето на пустините, загрозените видови, загадувањето од бродовите, тропските дрвја, мочуришта и ловењето на китови.15
Меѓународната акција за заштита на озонската обвивка, укинувајќи го производството на хлорофлуорјаглеродите и други хемикалии кои ја оштетуваат озонската обвивка, била брза и многу ефикасна. Протоколот од Монтреал за супстанции кои ја оштетуваат озонската обвивка стапи на сила во 1989; и како резултат, озонската обвивка би требало да се обнови.16

„Можеби, единствениот најуспешен меѓународен договор е Протоколот од Монтреал.“
Кофи Анан

Друг пример е Протоколот од Кјото (усвоен во 1997, а стапил во сила во 2005 и траел до крајот на 2012), според кој земјите специфично се обврзуваат за да се намалат емисиите на гасовите кои предизвикуваат ефект на стаклената градина. Протоколот од Кјото е значаен бидејќи се базира врз принципите на правда и еднаквост и на премисата за „заеднички, но со различни одговорности.“ Со други зборови, индустријализираните земји треба повеќе да платат, бидејќи нивните емисии по жител типично се 10 пати повеќе од просекот на оние од земјите во развој.
Со истекот во 2012, на протоколот му е потребна нова меѓународна рамка – за која ќе се преговара и која ќе биде ратификувана – која ќе донесе континуитет и евентуално подобрување во намалувањето на емисиите на гас што го предизвикуваат ефектот на стаклената градина. Затоа, е потребно обновена политичка обврска и од потписничките и од земјите кои нема да го потпишат тој протокол. 

Меѓувладин панел за климатски промени (IPCC) 

IPCC е водечко меѓународно тело за проценка на климатските промени. Бил формиран од страна на Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP) и Светската метеоролошка организација (WMO) за да му овозможи на светот јасен научен поглед за тековната состојба за сознанијата од климатските промени, како и нивните потенцијални влијанија од средината и социо-економски влијанија. Меѓувладиниот панел за климатски промени е меѓувладино и научно тело. Денес, 194 земји се членки на Панелот, кои ги разгледуваат и ги проценуваат последните научни, технички и социо-економски информации ширум светот, кои се значајни за сфаќањето на климатските промени. Заради неговата научна и меѓувладина природа, IPCC ја отелотворува единствената можност да обезбеди ригорозни и научно-балансирани информации за носителите на одлуки. Според тоа, работата на организацијата е политички-значајна, а во исто време и политички-неутрална и никогаш политички-нормативна.

Меѓувладиниот панел за климатски промени не води некакво истражување, ниту ја мониторира климата според податоци или параметри. Илјадници научници од целиот свет придонесуваат во неговата работа на доброволна основа.

Права и одговорности 

Стокхолмската декларација од Конференцијата за човекова животна средина на Обединетите нации од 197217 може да се гледа како почетна точка на пристап заснован на правата за заштита на животната средина. Таа го формулира принципот дека „ човекот (би требало да) има основно право на слобода, еднаквост и соодветни услови за живот, во една квалитетна животна средина која дозволува достоинствен живот и благосостојба и тој носи сериозна одговорност за заштита и подобрување на животната средина за сегашните и идните генерации.“ 
Дали сите луѓе во светот имаат можност да живеат достоинствен живот и да имаат соодветни услови за живот без разорни последици за животната средина? Ако да, како? Штетата на животната средина може да биде резултат колку од неразвиеноста, толку и од развојот. На пример, неразвиеноста и како последица на тоа сиромаштијата, водат до уништување на шумите, кои погоденото население ги користи како оган за готвење или греење. Со оглед на недостатокот на пасишта, напасувањето на периферијата од земјоделското земјиште води до опустошување. Несоодветното прочистување на отпадните води и собирање на ѓубрето резултира со недостаток на вода за пиење. Несоодветното образование ја парализира националната потрага за почиста животна средина. Развојот, од друга страна, ја напаѓа животната средина на друг начин. Економските придобивки мотивираат уништување на шумите и разместување на племенските заедници, како и максимално експлоатирање на природните ресурси. Индустријализацијата го загадува воздухот, водата и атмосферата преку токсични и хемиски испуштања за време на производството и консумирањето, и тоа сé во име на развојот.18

Најголема разлика помеѓу UNFCCC и Протоколот од Кјото е дека иако Конвенцијата ги охрабрува индустријализираните земји да ги стабилизираат емисиите на штетни гасови, Протоколот ги обврзува да го сторат тоа

Во 1989, Извештајот Брунтланд бара да се решат инхерентните контрадикции помеѓу животната средина и развојот преку принципот на одржлив развој, кој тоа го дефинира како „развој кој ги задоволува потребите на сегашноста без загрозување на способноста на идните генерации за задоволување на нивните потреби.“ Извештајот беше основа за Конференцијата за животна средина и развој на Обединетите нации од 1992 (исто позната и како Самит на Земјата), од која произлезе и Декларацијата од Рио за животна средина и развој. Декларацијата (исто наречена Агенда 21) беше акционен план кој требаше да се реализира глобално, национално и локално од страна на владите, организациите и поединците во секоја област каде луѓето имаат влијание врз животната средина. Друг резултат од средбата во Рио беше и Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите нации (UNFCCC). Оваа конвенција обезбедува целосна рамка за меѓувладини напори за справување со предизвиците од климатските промени.

Архуска конвенција 

Архуската конвенција за пристап до информации, јавно учество во донесувањето одлуки и пристап до правдата за прашања во врска со животната средина беше прифатена од Економската комисија на Обединетите нации во 1998. Конвенцијата беше ратификувана од страна на 40 земји и од Европската Унија. Таа е прва меѓународна спогодба која го признава „правото на секоја личност од сегашните и идните генерации да живеат во животна средина соодветна за неговото/нејзиното здравје и живот.“ Исто, го признава правото на јавно информирање за прашањата во врска со животната средина и пристап до независните судови во врска со донесување одлуки во врска со животната средина. И покрај тоа што е ратификувана најмногу од европски и централно-азиски земји и покрај многу слабиот механизам за мониторинг, конвенцијата е од глобално значење заради нејзината комбинација на права на животната средина и човекови права.19

„Движењето за животната средина може да преживее единствено ако стане движење на правдата. Како движење на животната средина или ќе умре или ќе преживее како корпоративно „зелено перење“. Секој кој е искрен активист за животна средина не може да ја поднесе таа улога. Но, тоа има неограничени можности и како еколошко и како движење засновано врз правда.“
Вандана Шива

Пристапот на човековите права кој се заснова на еднаквост и правда, права и одговорности, од многумина се смета како чекор напред за заштита на животната средина. Иако, долги години, активистите и другите во движењето за животна средина расправаат дека оваа премиса не е доволна. Нивната поента е дека ако човековиот живот и здравје се цели за заштита на животната средина, тогаш животната средина ќе биде заштитена како последица и до степен на заштита на човековата благосостојба. Во 2009, на крајот од Светската конференција на народите за климатски промени на мајката Земја во Боливија, Универзалната декларација на мајката Земја (2010) беше испратена на разгледување во ОН. Член 2 наведува дека: „Мајката Земја има право да постои, да истрае и да продолжи со животните циклуси, структури, функции и процеси кои ги одржуваат сите суштества.“

Злосторство на екоцидот 

Катстрофите во животната средина, како што се Севесо во 1976, Бопал во 1984, Чернобил во 1986, шпанското излевање на отпадните води во 1998, како и Deep Water Horizon во 2010 резултираат со големи парници. Сепак, ниту идните генерации, ниту животната средина не се застапени во судските случаи. Уверлив случај може да се направи од бизниси кои предизвикуваат голема еколошка штета и тие да се одведат на суд. Терминот „екоцид“, кој се однесува на секое големо уништување на природната средина, беше воведен по хербицидната катастрофа во Јужна Азија за време на Виетнамската војна. Во април 2010, британскиот адвокат, Поли Хигинс даде предлог до Обединетите нации, екоцидот да биде признат како меѓународно злосторство против мирот, заедно со геноцидот, злосторствата кон човештвото, воените злосторства и злосторствата од агресија, и да биде донесен пред Меѓународниот кривичен суд.

[„Креирањето на кривично дело - екоцидот е неопходно; како што постои казна – убиство против оние кои одземаат човечки животи, мора да постои такво нешто и против оние кои ја убиваат природата.“
Хајме Давид Фернандез Мирабал, Министер за животна средина, Доминиканска Република

„Британија ги зеде половина од ресурсите на оваа планета за да го постигне својот просперитет. Колку планети и се потребни за развој на Индија?“
Махатма Ганди

Улогата на Советот на Европа 

Советот на Европа го става одржливиот развој на врвот од неговата агенда. Негова политика е дека економскиот напредок не смее да ги компромитира клучните средства на човештвото: квалитетот на животната средина и пределите, човековите права и социјалната рамноправност, културната разновидност и демократијата. Советот на Европа гледа на климатските промени како на сериозен проблем на животната средина со кој се соочува светот денес, ги признава импликациите за човековите права и е активен на два фронта: зачувување на природните ресурси и биоразновидноста, но исто така и заштита на разновидноста и виталноста на многу светски култури. Според тоа, културниот столб на одржливиот развој бара паралелни напори за развивање култура на одржливост и заштита на културната разновидност.

Со своите активности, Советот на Европа помагна да се формира соодветна правна средина во Европа во корист на биоразновидноста, просторното планирање и менаџирањето на пределите, како и одржлив територијален развој врз основа на интегрирано користење на културните и природните ресурси. Програмата за животна средина на Советот на Европа, започна во 1961, ги креираше и Европската конвенција за пределите, Конвенција за зачувување на европската дивина и природни живеалишта, како и Рамковната конвенција за вредноста на културното наследство за општеството. Советот на Европа ја воведе и Европската диплома на заштитените подрачја. Креирана во 1965, тоа е награда за заштитените подрачја поради нивните извонредни научни, културни или естетски квалитети; тие мора да бидат предмет на соодветен план за зачувување, кој може да се комбинира со програмата за одржлив развој.

Прирачникот за човекови права и животна средина на Советот на Европа обезбедува информации за судската пракса на Европскиот суд за човекови права и за влијанието на Европската социјална повелба во врска со заштитата на животната средина

Постоеле неколку обиди да се додаде правото на здрава животна средина во Европската конвенцијза за човекови права, преку дополнителен протокол, но не успеале. Спротивен бил ставот дека Европскиот суд за човекови права да може да се справи со повеќето големи уништувања на животната средина во согласност со член 8 (приватен и семеен живот) од Европската конвенција за човекови права. 

Прашање: Дали правото на здрава животна средина треба да биде додадено во Европската конвенција за човекови права?

Европски суд за човекови права 

Неколку поединци успешно ги извеле пред суд случаите поврзани со животната средина врз основа дека штетните средински фактори биле причина за кршење на едно од нивните човекови права, заштитено со Европската конвенција за човекови права. Судската пракса на судот го вклучува мешањето во правото на живот, правото на почитување на приватен и семеен живот, како и дом, правото на праведно судење и пристап до суд, правото да се добијат и споделат информации и идеи, правото на ефикасен правен лек и правото на мирно уживање во сопственоста.

Хамер против Белгија 

Судење од страна на Европскиот суд за човекови права, на 27 ноември 2007. Тужената поседувала куќа, изградена од нејзините родители, во шума, каде градењето не било дозволено. Постапката била поведена против неа, заради куќата која била изградена во спротивност од релевантните закони за шуми и судот утврдил дека земјиштето треба да се врати во првобитната состојба. Куќата била насилно урната. Тужената се пожалила дека нејзиното право на приватен живот било прекршено. За прв пат, Судот заклучил, дека иако не е експлицитно заштитена во Конвенцијата, животната средина е вредност, сама по себе, за која и општеството и јавните власти треба да се заинтересирани. Економските причини, па дури и правото на сопственост, не би требало да имаат предност пред грижата за средината, особено кога државата има донесено закон. Според тоа, властите имаат одговорност да делуваат со цел заштита на животната средина.20

Учество на младите луѓе 

Бидејќи младите имаат поголема свесност за прашањата и поголем удел во долгорочниот одржлив развој, животната средина е една област во која тие треба да го преземат водството.
Светски младински извештај 200321

Во првото поглавје ги опишавме димензиите „за, низ и заради“ на образованието за човекови права и наведовме дека знаењето, вештините и ставовите за одбрана на човековите права можат да се научат единствено низ искуство. „Да се почне од точката каде што се младите луѓе“ е мантра на младинскиот работник, а кое е подобро место за почеток од вклучувањето во акција за животната средина? На пример, почетна точка може да биде грижата на локална група на млади луѓе која се однесува на градењето на еден локален пат, кое би им го одзело игралиштето, или можеби ќе сакаат да откријат како би го намалиле присуството на јаглероден двооксид или како да ги направат нивните домови, училишта, факултети или младински клубови поволни за средината. На регионално и национално ниво, тие можат да влијаат врз јавните дискусии и политички дебати, на пример, преку пишување писма, играње на претстави и демонстрирање.

Заштитата на животната средина и свесноста се главна грижа за многу младински организации низ Европа, иако никоја од нив не го оценува тоа како нивен прв приоритет. Постојат неколку европски младински организации и движења кои својата работа ја базираат на заштитата на човековите права и животната средина, одразувајќи ја и свесноста дека образованието за околината и активностите не познаваат граници. Во програмата на Европските младински центри, поврзаните активности покриваат прашања, кои се далечни – а многу блиску меѓусебно-поврзани - како што се безбедност на храната, правда за животната средина, одржлив развој и климатски промени. Можности постојат и на меѓународно ниво. UNFCCC го признава значењето на младинското учество и го прошири привремениот конститутивен статус на младите луѓе. Овој проширен статус им дозволува на младите луѓе да добиваа официјални информации, да учествуваат на состаноци и да говорат. Ваквиот 16-ти состанок, одржан во Канкун, Мексико, беше посетен од 500 младински делегати, младински активисти и претставници на младински организации од целиот свет.

Грижа за иднината? Грижа за шумата! 

Тоа беше иницијатива на Младите и еколошка Европа (YEE) кои ја водеа во 2011, вклучувајќи млади луѓе од Албанија, Чешката Република, Финска, Португалија, Русија и Обединетото Кралство, кои организираа кампања да ги поттикнат младите луѓе да се мобилизираат и да ги заштита шумите насекаде во светот. Кампањата имаше за цел да ја подигне свесноста за заканите кон шумите, насекаде во светот, да ги поттикне младите луѓе да делуваат, да им помогне да ги откријат нивните локални шуми и да ги оспособи да се грижат за нивните локални шуми.. http://www.yeenet.eu

Корисни организации и линкови

Над речиси половина (53%) од граѓаните на ЕУ велат дека тие преземаат некаков вид на акција за борба против климатските промени во последните шест месеци; одделувањето и рециклирањето на ѓубрето е најчесто-преземената акција, а по неа следат купување на помалку еднократни производи и купување на локални и сезонски производи.22

Повелба на Земјата е декларација за основни етички принципи за градење на праведно, одржливо и мирољубиво глобално општество во 21 век: www.earthcharterinaction.org

Worldwatch,  истражување за глобални прашања за животната средина: www.worldwatch.org

Обединети во борба против климатски промени е кампања на ОН за да ги поттикнува заедниците ширум светот да се обединат и веднаш да делуваат во борбата против климатските промени: www.unep.org/unite/

Светска статистика во реално време: www.worldometers.info

Пресметајте го вашиот јаглероден отисок. Онлајн алатки на неколку јазици, кои се бесплатни и лесни за употреба: www.carbonfootprint.com

Климатска правда: Мрежа на организации и движења од целатиот свет, обврзани да се борат за социјална, еколошка и родова правда: www.climate-justice-now.org

Голем централен извор на податоци погоден начин за споредба со националните статистики: www.nationmaster.com

Врската помеѓу младите и климатските промени е многу добро елаборирана во Светскиот младински извештај на Обединетите нации од 2010.

Пријатели на Земјата International е една светски-најголема мрежа за животна средина. Тие имаат кампањи за денешните најитни средински и социјални прашања: www.foei.org

350.org е глобално движење кое работи на решавање на климатските кризи: www.350.org
Википедија има листа на позначајни средински организации, според типот на организација (меѓувладини, владини или невладини) и понатаму поделени според земјата: www.wikipedia.org

Фусноти

1 www.healthybuilding.net/pvc/facts.html
2  СЗО во Европскиот регион има 53 држави-членки. За комплетна листа, консултирајте ја страница 8 од брошурата на СЗО/Европа: www.euro.who.int/__data/assets/pdf_file/0017/122912/who_office_brochure-UK-www.pdf
3 www.unwater.org
4 За детали погледнете на www.worldwater.org
5 www.icpdr.org/icpdr-pages/river_basin_management.htm
6 „Користењето на светската почва гледано како прашање од животната средина“, Science Daily, , www.sciencedaily.com/releases/2005/08/050808065021.htm
7 www.unfpa.org
8 www.greenfacts.org/en/climate-change-ar4
9 IPCC, „Атмосферски јаглероден двооксид“, Четврт извештај за проценка на IPCC: Климатски промени 2007,, www.ipcc.ch/publications_and_data/ar4/wg1/en/ch2s2-3.html#2-3-1
10 www.direct.gov.uk
11 www.righttoenvironment.org
12 www.climate-justice-now.org
13 Л.M.Брендер,„Економското влијание на киселоста на океаните врз коралните гребени“, Институт за економско и социјално истражување, работна книга бр.282, февруари 2009.
14 K. Brander, et al, "The value of attribution", Nature Climate Change, Vol. 1, May 2011, p 70.
15 За повеќе информации погледнете: www.unescobkk.org/rushsap/resources/shs-resources/environmental-ethics-resources/environmental-treaties
16 http://science.nasa.gov/science-news/science-at-nasa/2006/26may_ozone/
17 www.unep.org/Documents.Multilingual/Default.asp?documentid=97&articleid=1503
18 www.unescap.org/drpad/publication/integra/volume2/malaysia/2my04a.htm
19 www.coastalwiki.org; www.unece.org
20 www.echr.coe.int/NR/rdonlyres/0C818E19-C40B-412E-9856-44126D49BDE6/0/FICHES_Environnement_EN.pdf
21 www.un.org/esa/socdev/unyin/documents/ch05.pdf
22 http://ec.europa.eu/public_opinion/archives/ebs/ebs_372_en.pdf

compass-key-date
  • 22 МартСветски ден на водата
  • 23 МартСветски ден на метеорологијата
  • 21 МајСветски ден за културна различност за дијалог и развој
  • 22 МајМеѓународен ден за биолошка разновидност
  • 5 ЈуниСветски ден на животната средина
  • 17 ЈуниСветски ден за борба против опустинувањето и сушата
  • 11 ЈулиСветски ден на населението
  • Втората среда во ОктомвриМеѓународен ден за намалување на природните катастрофи
  • 16 ОктомвриСветски ден на храната
  • 6 НоемвриМеѓународен ден за превенција на експлоатацијата на животната средина во воен и вооружен конфликт