„Секој поединец и секој орган во општеството…ќе се стреми, преку предавања и едукации, да промовира почит кон овие права и слободи.“
Преамбула на Универзалната декларација за човекови права, 1948

„Предавањето и едукацијата за промовирање почит за овие права и слободи“ е основата на образованието за човекови права (ОЧП). Сепак, пред да се погледне што е образование за човекови права и како тоа се практикува, потребно е да се разјасни дека „овие права и слободи“ се истите од кои ОЧП е засегнато. Затоа, ние започнуваме со краток вовед за човековите права.

Што се човекови права?

Како можат луѓето да ги користат и да ги бранат човековите права, ако никогаш не учеле за нив?

Низ историјата, секое општество развило системи за да се овозможи социјална кохезија со кодифицирање на правата и одговорностите на своите граѓани. Конечно, во 1948 година, меѓународната заедница дошла до договор за кодексот на правата кој би бил обврзувачки за сите држави; тоа била Универзалната декларација за човекови права (UDHR). Од 1948 година, се договориле и други документи за човекови права, вклучувајќи ги, на пример, Европската конвенција за човекови права во 1950 година и Конвенцијата за правата на детето (CRC) во 1990 година.

Човековите права ги изразуваат основните потреби на човекот; тие ги воспоставуваат основните стандарди без кои луѓето не би можеле достојно да живеат. Човековите права се однесуваат на рамноправноста, достоинството, почитувањето, слободата и правдата. Примери на права вклучуваат слобода од дискриминација, право на живот, слобода на говор, право на брак и семејство и право на образование. (Има резиме и целосен текст од Универзалната декларација за човекови права во додатоците).

Човековите права важат за сите луѓе подеднакво, универзално и засекогаш. Човековите права се универзални, а тоа значи дека тие се исти за сите човечки суштества во секоја земја. Тие се неотуѓиви, неделиви и меѓусебно поврзани и затоа никогаш не можат да бидат одземени; сите права се подеднакво важни и тие се надополнуваат, на пример, правото на учество во владеењето и правото на слободни избори зависат од правото на слобода на говорот.

Како можат луѓето да ги користат и да ги бранат човековите права, ако никогаш не учеле за нив? Универзалната декларација за човекови права (UDHR)го потврдува ова во нејзината Преамбула, а во член 26 секому дава право на образование кое треба „да го зајакне почитувањето на човековите права и основни слободи“. Целта на образованието за човекови права е да креира свет со култура за човековите права. Ова е култура каде се почитуваат правата на секого, а секој ги почитува правата на другите; култура каде луѓето ги разбираат нивните права и одговорности, го препознаваат кршењето на човековите права и преземаат дејства да ги заштитат правата на другите. Тоа е култура каде човековите права се дел од животот на поединецот, исто како и јазикот, обичаите, уметноста и поврзаноста кон местото.

Дефинирање на образованието за човекови права

Од 1948 година, многу големи и разновидни работи се направени и сé уште се прават, а се во интерес на образованието за човекови права. Постојат многу начини на реализирање на образованието за човекови права, а тоа е така бидејќи поединците различно гледаат на светот, едукаторите работат во различни ситуации, а различните организации и државни органи имаат различни интереси; според тоа, иако принципите се исти, практикувањето може да биде различно. Со цел да се добие слика за разновидноста на предавањата и активностите кои ќе бидат испорачани, поучно е да се погледнат улогите и интересите на различните „поединци и органи во општеството“ со цел да се согледа како тие информираат за фокусот и обемот на нивниот интерес во ОЧП.

Во 1993 година, Светската конференција за човекови права го прогласи образованието за човекови права како „суштинско за промовирањето и постигнувањето на стабилни и хармонични односи помеѓу заедниците и за зацврстување на заемното разбирање, толеранција и мир“. Во 1994 година, Генералното собрание при Обединетите Нации прогласи Декада на Обединетие Нации за образование за човекови права (1995-2004) и ги повика државите-членки да промовираат „дисеминација на обуки и информации со цел градење на една универзална култура на човекови права“. Како резултат на тоа, владите вложија поголеми напори во промовирањето на ОЧП, најчесто преку државни образовни програми. Бидејќи на владите им се од интерес меѓународните односи, зачувувањето на редот и поредокот и општото функционирање на заедницата, тие имаат тенденција ОЧП да го гледаат како средство за промовирање на мирот, демократијата и социјалното уредување.

Образовни програми и активности кои се фокусираат на промовирањето рамноправност во човековото достоинство

Целта на Советот на Европа е да креира заедничко демократско и правно поле за целиот европски континент, обезбедувајќи почит за неговите основни вредности: човекови права, демократија и владеење на правото. Oвој фокус врз вредностите се рефлектира во сите дефиниции за ОЧП. На пример, со препорака за нивната посветеност да се обезбеди активно учество на младите луѓе при одлучувањето и акциите на локално и регионално ниво, Младинската програма за образование за човекови права при Советот на Европа, ОЧП го дефинира како „...образовни програми и активности кои се фокусираат на промовирањето рамноправност во човековото достоинство1 , во корелација со другите програми како што се оние кои промовираат интеркултурно учење, учество и зајакнување на малцинствата.“

Повелбата за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права (2010)2 при Советот на Европа, ОЧП го дефинира како образование, обука, подигнување на свеста, информации, практики и активности кои имаат за цел, преку екипирањето на учениците со знаења, способности, разбирање, како и развивање на нивните ставови и однесување, до оспособување на учениците да придонесуваат во градењето и одбраната на универзалната култура на човековите права во општеството, од гледиште на промовирањето и заштитата на човековите права и основните слободи

Постојат и други дефиниции за образованието за човекови права, како што е онаа од Amnesty International: ОЧП е процес при кој луѓето учат за нивните права и правата на другите, во рамките на партиципативно и интерактивно учење.

Азиско-Пацифичкиот регионален ресурсен центар за образование за човекови права особено ја нагласува врската помеѓу човековите права и животите на луѓето вклучени во ОЧП: ОЧП е партиципативен процес кој содржи намерно дизајнирани сетови на активности за учење, користејќи го знаењето за човековите права, вредности и способности како содржина која е наменета за широката јавност со цел да се оспособат при разбирањето и преземањето контрола врз нивните животи.

Светската програма за образование за човекови права при Обединетите Нации го дефинира ОЧП како: Образование, обука и информации со цел градење универзална култура на човекови права. Сеопфатно образование за човекови права, кое не обезбедува само знаења за човековите права и механизмите за нивна заштита, туку и дава знаења за способностите кои се потребни да се промовираат, бранат и применуваат човековите права во секојдневниот живот. Образованието за човекови права ги поттикнува ставовите и однесувањата, потребни за поддржување на човековите права за сите луѓе во општеството. 

Култура каде човековите права се учат, живеат и се делува за нив.

Движењето на луѓето за учење на човековите права го преферира учењето за човековите права, преку образование за човековите права и става посебен фокус на човековите права како начин на живот. Акцентот на учењето, наместо на образованието, исто, значи дека е заснован кон индивидуалниот процес на откривање на човековите права и нивната примена во секојдневниот живот на поединецот.

Други органи во општеството ги вклучуваат невладините организации и организациите кои работат на локално ниво, чија работа е да ги поддржуваат ранливите групи, да ја заштитуваат животната средина, да ги мониторираат владите, приватниот сектор и институциите и да промовираат социјални промени. Секоја невладина организација дава своја перспектива за ОЧП. Според тоа, на пример, Amnesty International верува дека „образованието за човекови права е основно за решавање на основните причини за кршењето на човековите права, спречувањето на злоупотребата на човековите права, борбата против дискриминацијата, промовирањето рамноправност и зголемување на учеството на луѓето во процесите за демократско донесување на одлуки“.3

ОЧП мора да се стреми кон родовата свесност и да вклучи димензија за интеркултурно учење.

На Форумот за образование за човекови права со и од младите луѓе „Живеење, учење, делување за човековите права“, одржан во Будимпешта, во октомври 2009, состојбата на младите луѓе во Европа беше прикажана како „ризична и нестабилна, која сериозно ги попречува еднаквите можности за многу млади луѓе да играат значајна улога во општеството [...] човековите права, особено социјалните права и слободата од дискриминација, звучат како празни зборови и празни ветувања. Постоечките ситуации на дискриминација и социјално исклучување не се прифатливи и не можат да бидат толерирани.“ Според тоа, учесниците на Форумот, загрижени за еднаквите можности и дискриминацијата, се согласиле дека: „Образованието за човекови права мора систематски да се стреми кон свесност за родовите и перспективите на родовата рамноправност. Како дополнување, мора да биде вклучена и димензија за интеркултурно учење; [...] Ние очекуваме од Советот на Европа да [...]ги потенцира прашањата за малцинствата преку нивните програми за образование за човекови права, вклучувајќи род, етнички заедници, религија и верување, способности и теми за сексуална ориентација.“

Владите и невладините организации имаат тенденција да го гледаат ОЧП, во однос на резултатите во форма на посакувани права и слободи, додека пак образовните академици, за споредба имаат тенденција да се насочат кон вредностите, принципи и моралните избори. Betty Reardon воОбразование за човеково достоинство, 1995 год. наведува дека „Рамката за образование на човековите е замислено како социјално образование, засновано врз принципи и стандарди [...] да се развиваат способностите за правење морални избори, заземање принципиелни позиции за одредени прашања – со други зборови, да се развие морален и интелектуален интегритет.“4 Тренерите, обучувачите, наставниците и други практикувачи на ОЧП, кои директно работат со млади луѓе, тежнеат да размислуваат низ призмата на способности и методологија.

Образованието за човекови права е за учење на човековите права

Се надеваме дека јасно ставивме до знаење дека различни организации, образовни провајдери и актери во образованието за човекови права користат различни дефиниции согласно со нивната филозофија, цел, целни групи или членство. Постои, и покрај сé, еден очигледен консензус дека образованието за човекови права вклучува три димензии:

  • Учење за човековите права, знаење за човековите права, што се тие и како тие се чуваат или заштитуваат;
  • Учење низ човековите права, препознавајќи дека контекстот и начинот на кој е организирано учењето за човековите права и како се пренесува, треба да биде доследно со вредностите на човековите права (пр. учество, слобода на мисла и изразување и сл.) и дека во образованието за човекови права процесот е исто толку важен колку и самата содржина на учењето;
  • Учење заради човековите права, преку развивање вештини, ставови и вредности на учениците да ги применуваат вредностите на човековите права во нивните животи и да преземаат акција, самостојно или со другите, за промовирање и бранење на човековите права.

Оттука следува дека кога размислуваме за тоа како да го испорачаме ОЧП, за тоа како да им помогнеме на луѓето да ги стекнат потребните знаења, вештини и ставови, за да можат да ги играат своите улоги во рамките на културата на човековите права, можеме да видиме дека не можеме да ги „учиме“ за ОЧП, туку тоа мора да се научи преку искуство. Според тоа, ОЧП е и образование низ изложеност на човековите права во практика. Ова значи дека како и каде да се одвива ОЧП, мора да ги рефлектира вредностите на човековите права (учење во човековите права); контекстот и активностите мора да бидат такви дека достоинството и рамноправноста се составен дел од практиката

Во Компас, внимававме да се осигураме дека без оглед колку и да беа интересни и игриви методите и активностите, сепак, од суштинско значење е да упатуваат кон човековите права, за учењето за човекови права да биде веродостојно. Постојат различни предлози за преземање активности.

Образованието за човекови права е основно човеково право

Образованието треба да биде насочено кон целосен развој на човековата личност и кон зајакнување на почитувањето на човековите права. UDHR, член 26 

Човековите права се значајни бидејќи ниту една индивидуа не може да преживее сама, а неправдите го намалуваат квалитетот на живот на лично, локално и глобално ниво. Она што ние го правиме во Европа има ефект врз она што се случува на друго место во светот. На пример, облеката која ја носиме може да е изработена со злоупотреба на детски труд во Азија, додека наследството од европската колонијална индустрија придонесува кон политички и верски немири во Ирак, Сомалија и Авганистан, кои испраќаат очајни баратели на азил, кои чукаат на нашите врати. Слично на тоа, милиони луѓе од Африка и Азија се раселени заради последиците од климатските промени, предизвикани во најголем дел од активностите на индустријализираните држави. Сепак, тоа не е само затоа што прекршувањето на човековите права во другите делови на светот се враќа врз нас; должноста да се грижиме за другите е основен морал што се наоѓа во сите култури и религии. Прекршувањето на човековите права се случува насекаде, не само во други земји, туку и дома и затоа ОЧП е многу важно. Само со целосна свесност, разбирање и почитувањена човековите права можеме да се надеваме дека ќе се развие култура онаму каде што тие се почитуваат, а не да се кршат. Затоа, правото на образование за човекови правае препознато како човеково право, само по себе.

ОЧП не е само морално право, туку и законско право според меѓународното право. Членот 26 од Универзалната декларација за човекови права наведува дека секој има право на образование и дека „образованието треба да биде насочено кон целосен развој на човековата личност и кон зајакнување на почитувањето на човековите права и основни слободи. Тоа ќе промовира разбирање, толеранција и пријателство помеѓу народите, расните или религиските групи и ќе ги продлабочува активностите на Обединетите Нации за зачувување на мирот“. Понатаму, во член 28 од Конвенцијата за правата на детето се наведува дека „училишната дисциплина треба да биде спроведувана во согласност со достоинството на детето. Образованието треба да биде насочено кон развој на личноста на детето, талентите и способностите, почитувањето на човековите права и основни слободи, одговорен живот во слободно општество, разбирање, толеранција и рамноправност, развој на почитување на животната околина“.

Човековите права се повеќе од инспирација.

ОЧП, исто така, е легитимно политичко барање. Пораката од Форумот „Живеење, учење, делување за човековите права“ признава дека „вредностите што го насочуваат дејствувањето на Советот на Европа се универзални вредности за сите нас. Тие се засновани на неотуѓивото достоинство на секое човечко суштество.“ Пораката оди понатаму во потсетување дека човековите права се повеќе од инспирација: тие се, исто така, морални и политички наредби кои се применуваат во релациите помеѓу државите и луѓето, помеѓу самите држави и помеѓу самите луѓе.

Образованието за човекови права во Обединетите нации

Обединетите нации имаат незаменлива улога во поглед на образованието за човекови права во светот. Светската конференција за човекови права, одржана во Виена, во 1993 година, повторно ја потврди суштинската улога на образованието за човекови права, обуки и јавни информации во промовирањето на човековите права. Во 1994 година, Декадата за образование за човекови права на Обединетите нации беше прогласена од страна на Генералното собрание, опфаќајќи го периодот од 1 јануари 1995 до 31 декември 2004 година.

Светската програма за ОЧП е основана во 2004 година за да се промовира развојот на културата на човековите права.

Како резултат од евалуацијата на декадата, беше формирана Светската програма за образование за човекови права во 2004 година. Првата фаза на програмата се фокусира на образованието за човекови права во основните и средните училишта. Од сите држави се очекуваше и беа охрабрувани да развиваат иницијативи во рамките на Светската програма и нејзиниот акциониот план. Советот за човекови права одлучи втората фаза (2010-2014) да ја насочи на образованието за човекови права во високото образование и на програми за обуки за човекови права за наставници и едукатори, државни службеници, службениците за спроведување на законите и воениот персонал на сите нивоа. Во согласност со тоа, во септември 2010 година, се прифати акциониот план за втората фаза, подготвен од Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права. Исто така, ги охрабрува државите-членки да продолжат со спроведување на образованието за човекови права во системите на основните и средни училишта. Отворената светска програма, останува заедничка колективна рамка за дејствување, како и платформа за соработка помеѓу владите и сите други заинтересирани страни.

“Секој поединец и секој орган во општеството ќе се стремат, преку предавања и едукации, да промовираат почитување на човековите права и основните слободи“.  Преамбула од Декларацијата за образование за човекови права и обуки при ОН

Во декември 2011 година, Генералното собрание ја усвои Декларацијата за образование за човекови права и обука на Обединетите нации. Декларацијата се смета како иновативна, бидејќи таа е првиот инструмент посебно посветен на ОЧП, па според тоа, е многу вредна алатка за застапување и подигање на свесноста за значењето на ОЧП. Декларацијата признава дека „секој има право да знае, бара и добива информации за сите човекови права и основни слободи и треба да има пристап до образование и обуки за човековите права“. Исто се наведува дека „образованието и обуките за човекови права се суштински за промовирањето на универзалното почитување на сите човековите права и основните слободи за сите, во согласност со принципите на универзалност, неделивост и меѓузависност на човековите права.“ Декларацијата, исто така, содржи широка дефиниција за образованието и обуките за човекови права, што ги опфаќа образованието за, низ и заради човековите права. Декларацијата наведува дека државите ја имаат главната одговорност „да го промовираат и да обезбедат образование и обуки за човековите права “ (член 7).

Во рамките на системот на Обединетите нации, образованието за човекови права е координирано од Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права, со седиште во Женева, а под надлежност на Советот за човекови права.

Образованието за човекови права во ЕвропаGoto top

Советот на Европа 

Заложбите за човековите права се исто така обврски за образованието за човекови права. Инвестирањето во образованието за човекови ја обезбедуваат иднината на сите; краткорочните намалувања во образованието резултираат со долгорочни загуби.  Порака од Форумот „Живеење, учење, делување за човековите права“ 2009

За државите-членки на Советот на Европа човековите права се повеќе од тврдење: човековите права се дел од нивната законска рамка и според тоа, тие треба да бидат интегрален дел од образованието на младите луѓе. Европските народи дадоа силен придонес за најважниот проглас за човекови права во дваесеттиот век – Универзалната декларација за човекови права, која беше усвоена од Генералното собрание, на Обединетите нации, на 10 декември 1948. Европската конвенција за човекови права која има правна сила за сите држави-членки на Советот на Европа, ги црпеше своите принципи и инспирација од документот на ООН, и беше усвоен две години подоцна. Појавата на човековите права, како што ние ги знаеме денес, се должи на масовното кршење на човековите права за време на Втората светска војна во Европа и светот.

Уште во 1985 година, Комитетот на министри ја издаде Препораката R (85) 7 за државите-членки на Советот на Европа во врска со наставата и учењето за човековите права во училиштата. Препораката нагласи дека сите млади луѓе треба да учат за човековите права како дел од нивната подготовка за живот во плуралистичка демократија. 

Препораката беше зајакната на Вториот самит при Советот на Европа (1997), кога шефовите на државите и владите од државите-членки одлучија да „покренат иницијатива за образование за демократско граѓанство со цел да се промовира свесноста на граѓаните за нивните права и одговорности во едно демократско општество.“ Проектот за образование за демократско граѓанство, кој произлезе од оваа иницијатива, игра главна улога во промовирањето и поддршката на инклузијата на образованието за демократско граѓанство и образование за човекови права во училишните системи. Воспоставувањето на Младинската програма за образование за човекови права, издавањето и преводите на Компас, а подоцна и на Компасито, придонесоа за понатамошно признавање на образованието за човекови права, особено преку неформално образование и младинска работа.

Државите-членки треба да имаат за цел да им овозможат „на секоја личност, на сопствената територија, да има можност за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права.   Повелба за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права при Советот на Европа

Во 2010 година, Повелбата за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права при Совет на Европа беше усвоена од Советот на министри во рамките на Препораката CM/Rec (2010) 7. Повелбата ги повикува државите-членки да го вклучат образованието за демократско граѓанство и образованието за човекови права во наставните програми на предучилишното, основното и средно образование, како и во стручното образование и обука. Исто така, Повелбата ги повикува државите-членки да ја „зацврстат“ улогата на невладините и младинските организации во образованието за демократско граѓанство и образование за човекови права, особено во неформалното образование. Тие треба да ги признаат и нивните активности, како еден вреден дел од образовниот систем и да им обезбедат, таму каде што е возможно, потполна поддршка и целосно да ја искористат експертизата, која може да придонесе во сите форми на образованието. Државите-членки треба да имаат за цел да им овозможат „на секоја личност, на сопствената територија, да има можност за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права. Повелба за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права при Советот на Европа Образование за човекови права и Компас: вовед Компас - прирачник за образование за човекови права со млади луѓе 23 1.5 Образованието за човекови права во Европа Советот на Европа За државите-членки на Советот на Европа човековите права се повеќе од тврдење: човековите права се дел од нивната законска рамка и според тоа, тие треба да бидат интегрален дел од образованието на младите луѓе. Европските народи дадоа силен придонес за најважниот проглас за човекови права во дваесеттиот век – Универзалната декларација за човекови права, која беше усвоена од Генералното собрание, на Обединетите нации, на 10 декември 1948. Европската конвенција за човекови права која има правна сила за сите држави-членки на Советот на Европа, ги црпеше своите принципи и инспирација од документот на ООН, и беше усвоен две години подоцна. Појавата на човековите права, како што ние ги знаеме денес, се должи на масовното кршење на човековите права за време на Втората светска војна во Европа и светот. Уште во 1985 година, Комитетот на министри ја издаде Препораката R (85) 7 за државите-членки на Советот на Европа во врска со наставата и учењето за човековите права во училиштата. Препораката нагласи дека сите млади луѓе треба да учат за човековите права како дел од нивната подготовка за живот во плуралистичка демократија. Препораката беше зајакната на Вториот самит при Советот на Европа (1997), кога шефовите на државите и владите од државите-членки одлучија да „покренат иницијатива за образование за демократско граѓанство со цел да се промовира свесноста на граѓаните за нивните права и одговорности во едно демократско општество.“ Проектот за образование за демократско граѓанство, кој произлезе од оваа иницијатива, игра главна улога во промовирањето и поддршката на инклузијата на образованието за демократско граѓанство и образование за човекови права во училишните системи. Воспоставувањето на Младинската програма за образование за човекови права, издавањето и преводите на Компас, а подоцна и на Компасито, придонесоа за понатамошно признавање на образованието за човекови права, особено преку неформално образование и младинска работа. Во 2010 година, Повелбата за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права при Совет на Европа беше усвоена од Советот на министри во рамките на Препораката CM/Rec (2010) 7. Повелбата ги повикува државите-членки да го вклучат образованието за демократско граѓанство и образованието за човекови права во наставните програми на предучилишното, основното и средно образование, како и во стручното образование и обука. Исто така, Повелбата ги повикува државите-членки да ја „зацврстат“ улогата на невладините и младинските организации во образованието за демократско граѓанство и образование за човекови права, особено во неформалното образование. Тие треба да ги признаат и нивните активности, како еден вреден дел од образовниот систем и да им обезбедат, таму каде што е возможно, потполна поддршка и целосно да ја искористат експертизата, која може да придонесе во сите форми на образованието. Цел на државните политики и законодавството кое се занимава со ОЧП, согласно со Повелбата, треба да биде „обезбедување на секоја личност, на нивната територија, можност за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права“. Повелбата воспоставува цели и принципи за образование за човекови права и препорачува дејствување во полето на мониторингот, евалуацијата и истражувањето. Повелбата е придружувана од еден објаснувачки меморандум кој обезбедува детали и примери за содржината и практичната употреба на Повелбата.

Улогата на образованието за човекови права во однос на заштитата и промоцијата на човековите права во Советот на Европа понатаму беше засилена со создавањето на функцијата Комесар за човекови права, во 1999 година. На Комесарот му беше доверено „да го промовира образованието и свесноста за човековите права“ , помагајќи им на државите-членки во примената на стандардите за човековите права, идентификувањето на можни недостатоци во законот и практиката, како и давање совети кои се однесуваат на заштитата на човековите права низ цела Европа. Исполнувајќи го својот мандат, Комесарот посветува особено внимание на образованието за човекови права и смета дека човековите права можат да бидат постигнати само доколку луѓето се информирани за нивните права и знаат како да ги користат. Според тоа, образованието за човекови права е во центарот од ефективното применување на европските стандарди. Во бројни извештаи, тој ги повикува државните власти да го зајакнат образованието за човекови права. Учениците и младите луѓе, но и наставниците и владините претставници мораат да бидат едуцирани да ги промовираат вредностите на толеранцијата и почитувањето на другите. Од гледиштето насловено како „Образованието за човекови права е приоритет – потребно е поконкретно дејствување“5 , тој заклучува дека „поголем акцент се става врз подготовката на учениците за пазарот на трудот, отколку врз развивањето животни способности кои ќе ги вклучат и вредностите на човековите права.“ Треба да постојат и двете „човекови права низ образование“ и „човекови права во образование“.

Промовирањето на правото на образование за човековите права во Советот на Европа е повеќе-секторско и мулти-дисциплинарно. Советот на Европа ги поврзува и координира своите активности на ОЧП со други меѓународни организации, вклучувајќи ги UNESCO, Високиот комесар за човекови права при Обединетите нации, OSCE (Организација за соработка и сигурност во Европа) и Агенцијата за основни права при Европската Унија. Исто така, делува и како регионален координатор за Светската програма за образование за човекови права при Обединетите нации.

Европскиот Wergeland центар 

 Европскиот Wergeland центар, кој се наоѓа во Осло, Норвешка, е ресурсен центар кој работи со образование за интеркултурно разбирање, човекови права и демократско граѓанство. Центарот беше формиран во 2008 година како кооперативен проект помеѓу Норвешка и Советот на Европа. Главни целни групи се професионалци во образованието, истражувачи, донесувачи на одлуки и други мултиплаери. Активностите на Wergelandцентарот вклучуваат:

  • обуки за обучувачи на наставници, наставници и други едукатори
  • истражувачки и развојни активности
  • конференции и мрежни услуги, вклучувајќи и база на податоци за експерти
  • електронска платформа за ширење информации, едукативни материјали и добри практики.

Европската Унија 

Во 2007 година, Агенцијата за основни права при Европската Унија  (FRA) беше формирана како советодавно тело за да обезбеди заштита на основните права на луѓето кои живеат во ЕУ. Агенцијата, со седиште во Виена, Австрија, е независно тело на Европската Унија, формирано да обезбеди помош и експертиза за Европската Унија и нејзините држави-членки, при применувањето на Правото на заедницата, за прашања од фундаменталните права. Агенцијата, исто така, има мисија да ја подигне јавната свест за основните права, вклучувајќи ги и човековите права како што се дефинирини во Европската конвенција за човекови права и оние од Повелбата за основни права на Европската Унија.

Младинските програми на Европската Унија, низ годините, имаат посветено конкретно внимание на рамноправноста, активното граѓанство и образованието за човекови права. 

Многу младински проекти се реализирани во рамките на Младинските и Eразмус програмите, кои се засноваат на неформално учење и овозможуваат значајни можности за младите луѓе да ги откријат вредностите на човековите права и образованието за човекови права.

Младинска политика и образование за човекови праваGoto top

Советот на Европа има долгогодишна евиденција за здружувањето на младите луѓе со процесот на градење на Европа, сметајќи ја младинската политика како интегрален дел од неговата работа. Првите активности за младински лидери беа одржани во 1967, а во 1972 година беа основани Европскиот младински центар и Европската младинска фондација. Врската помеѓу Советот на Европа и младите постојано се развиваше уште од тоа време. Младите луѓе и младинските организации беа главни актери и партнери во клучните одлучувачки моменти за организацијата и за Европа. Дали во процесите на демократизација на поранешните комунистички земји, во градење на мирот и трансформацијата на конфликтите во конфликтните области или во борбата против расизмот, антисемитизмот, ксенофобијата и нетолеранцијата, младите луѓе и нивните организации секогаш сметале на Советот на Европа и обратно – Советот секогаш можел да смета на нив. Лесна и длабока сигурност на Европскиот континент не може да се предвиди без придонес од образованието за човекови права и демократско учество.

Зацртаната цел на младинската политика на Советот на Европа е „да им обезбеди на младите луѓе, девојки и момчиња, млади жени и млади мажи, еднакви можности и искуство, со кои ќе се оспособат да развиваат знаења, способности и компетенции за да одиграат целосна улога во сите аспекти на општеството.“6.

Да им се обезбедат на младите луѓе еднакви можности и искуства, со кои ќе се оспособат да играат целосна улога во општеството.

Улогата на младите луѓе, младинските организации и младинската политика во промовирањето на правото на образование за човекови права e детално објаснета во приоритетите на младинската политика на Советот на Европа, од кои едниот е човекови права и демократија, применет со посебен акцент на: 

  • да им се овозможи на младите луѓе целосно уживање во човековите права и човековото достоинство и поттикнување на нивната заложба во овој поглед
  • промовирање на активното учество на младите луѓе во демократските процеси и структури 
  • промовирање еднакви можности за учество на сите млади луѓе во сите аспекти од нивниот секојдневен живот
  • ефективно применување на родовата рамноправност и спречување на сите форми на родово-базираното насилство
  • промовирање едукации и дејствување на свеста кај младите луѓе за животната средината и одржливиот развој
  • олеснување на пристапот до информации и советодавните услуги за сите млади луѓе

Два други тематски приоритети – живеење заедно во разновидни општества и социјално вклучување на младите луѓе – се исто блиску поврзани со образованието за човекови права.

Младинската политика при Советот на Европа, исто така, предвидува и блиска соработка помеѓу политиките за децата и младите, бидејќи двете групи, деца и млади, во голема мера се преклопуваат.

Во 2000 година, по повод 50 годишнината од Европската конвенција за човекови права, Директоријатот за млади и спорт ја започна Младинската програма за образование за човекови права. Програмата обезбеди вклучување на главните текови на ОЧП во работата на Советот со младите и во младинската политика и младинската работа. Младите луѓе и младинските организации играат централна улога во програмата, како едукатори и застапници на човековите права и имаат дадено значаен придонес во работата на Советот на Европа.

Друга димензија на програмата беше издавањето на Компас во 2002 година и неговиот последователен превод на повеќе од 30 јазици. Програмата на европски и национални курсеви за обука за обучувачи и мултиплаери придонесе да се појават формални и неформални мрежи на едукатори и застапници за ОЧП. Таа даде видливи резултати, иако тие длабоко се разликуваат од една до друга земја. Успехот на Младинската програма за образование за човекови права се темели на:

  • Поддршката за клучните регионални и национални активности за обука на обучувачи на наставници и младински работници во државите-членки, организирани во соработка со националните организации и институции 
  • Развојот на формалните и неформалните мрежи на организации и едукатори за образование за човекови права преку неформални пристапи на учење на европско и национално ниво
  • Вклучување на главните текови во пристапите и методите за образование за човекови права од сеопфатната програма на активности во младинскиот сектор при Советот на Европа
  • Развојот на иновативни пристапи за обука и учење и стандарди за квалитет за образование за човекови права и неформално учење, како што е воведување на е-учењето од страна на напредната обука за Компас во образованието за човекови права
  • Обезбедување на образовни пристапи и ресурси за Сите еднакви-сите различни – Европска младинска кампања за различност, човекови права и учество
  • Ширењето на „Живата библиотека“ како методологија за интеркултурно учење, борба против стереотипите и предрасудите
  • Обезбедување на политичка и образовна рамка на активности за интеркултурен дијалог

Програмата, исто така, мобилизира илјадници млади луѓе низ Европа преку поддршката на пилот-проектите за образование за човекови права од страна на Европската младинска фондација.

Во 2009 година, по повод 60 годишнината од Советот на Европа, младинскиот форум за образование за човекови права – живеење, учење, делување за човековите права – собра повеќе од 250 учесници во Европските младински центри во Будимпешта и Стразбур. Учесниците на форумот испратија порака до Советот на министри при Советот на Европа. Оваа порака ги нагласува принципите и потребите за ОЧП во Европа преку:

  • обезбедување соодветни нивоа за мултиплицирање и нивно пренесување преку проекти и партнери на национално и локално ниво, како и преку развивање оптимална комуникација помеѓу европските, националните и локалните нивоа на дејствување;
  • барање сојузи помеѓу актерите од формалното и неформалното образование и институциите за човекови права за воспоставување на национални програми за образование за човекови права;
  • развивање капацитет на невладини партнери и барајќи поголема вклученост на владините младински партнери;
  • поддржување на транснационална соработка и мрежи за образование за човекови права;
  • продлабочување на свесноста за специфичните прашања за човековите права кои ги засегаат младите луѓе (пр. насилство, исклучување); 
  • вклучување перспектива за родова свесност и интеркултурна димензија како неодвоив дел од концептот за рамноправност во човековото достоинство;
  • блиско поврзување на активностите од образованието за човекови права со реалноста на младите луѓе, младинската работа, младинската политика и неформалното учење;
  • земање предвид на неопходното преклопување и комплементарната природа на образованието за човекови права со деца и млади;
  • препознавање и промовирање на образованието за човекови права како човеково право и подигање на свесноста за ова;
  • водење сметка за заштита на слободата и безбедноста на активистите и едукаторите за човекови права;
  • вклучување во главните теми на малцинствата, вклучително и родот, етничката припадност, религијата или верувањето, прашања за способностите и сексуалната ориентација;
  • поддржување на активното учество и сопственост на младите и децата во образовните процеси;
  • подигање на свесност за одговорноста на државите и државните власти за промовирањето и поддршка на образованието за човекови права во формалното и неформалното образовно поле.

ОЧП со млади луѓе

Очигледно е дека младите луѓе би требало да се занимаваат со образованието за човекови права, но реалноста е дека повеќето млади луѓе во Европа имаат малку пристап до образование за човекови права.Компас беше развиен за да се промени ова.

Образованието за човекови права со млади луѓе е корисно, не само за општеството, туку и за самите млади луѓе. Во современите општества младите луѓе често се судираат со процесите на социјалното исклучување по религиски, етнички или национални разлики, како и заради недостатоците и предностите на глобализацијата. Образованието за човекови права се осврнува на овие прашања и може да им помогне на луѓето да ги сфатат различните верувања, ставови и вредности, како и очигледните контрадикторности во модерните мултикултурни општества каде што тие живеат

Во специјалниот извештај на Евробарометар, од март 2008 година, „Ставовите на европските граѓани кон животната средина“, се констатира дека Европјаните даваат преголемо значење на заштитата на животната средина, и дека96% од нив велат дека за нив е прилично или многу им е значајно. Особено младите луѓе имаат волја да ја вложат нивната енергија и ентузијазам за прашањата кои ги засегаат. Еден пример е кога 100.000 луѓе кои демонстрираа за да се преземат активности во борбата против промена на климата во Копенхаген, во декември 2009 година. Како едукатори за човекови права, ние треба да ја искористиме таа енергија. Дека тие ќе ги прифатат идеите и дека ќе дејствуваат, евидентно е од многу програми кои веќе постојат за младите луѓе – од мали активности спроведени на релативно ад-хок основа во одделни младински клубови или училишта до главните меѓународни програми спроведени од Советот на Европа и Европската Унија.

Еден пример за придонесот што го имаат младите едуцирани за образованието за човекови права во Европа е во подготовката на извештаите од државата,за групата за малцински права. Овие извештаи, користени од владите, невладините организации, новинарите и академиците, нудат анализа на малцинските прашања, вклучувајќи го гласот на овие заедници и давајќи практичен водич и препораки за начините за напредување. На овој начин, образованието за човекови права може да се гледа како дополнување на работата на Европскиот суд за човекови права во испраќањето јасни пораки дека насилството нема да биде толерирано. Сепак, ОЧП нуди повеќе: тоа е и позитивен начин да се спречи насилството, а потоа и да се обезбеди подобро функционирање, поефективна превенција и механизми за санкционирање. Луѓето кои имаат стекнато вредности на почит и рамноправност, ставови на сочувство и одговорност и кои имаат развиено способности да соработуваат при работата и критички да размислуваат, ќе бидат помалку подготвени да ги кршат човековите права на другите. Младите луѓе ќе делуваат и како едукатори и обучувачи при процесите на образованието за човекови права и затоа се една значајна поддршка и ресурс за развивање планови за ОЧП на национално и локално ниво.

Кон културата на човековите права Goto top

Ти можеш да ги исечеш сите цвеќиња, но не можеш да ја запреш пролетта да дојде. Пабло Неруда

„Сите патишта водат кон Рим“ е вообичаена поговорка која значи дека постојат многу патишта за да се оствари нашата цел. Исто како што сите патишта водат кон Рим, така и постојат многу различни начини да се испорача ОЧП. Така, образованието за човекови права, е можеби најдобро опишано во однос на она што го поставува: градење култура каде човековите права се разбираат, бранат и почитуваат, или ако ги парафразираме учесниците од Форумот за образование за човекови права со млади луѓе, од 2009 година, „култура во која човековите права се изучуваат, живеат и во која се „делува“ за човековите права.“

Културата на човековите права не е само култура каде што секој ги знае своите права, бидејќи знаењето не секогаш ја дава еднаквата почит, а без почит ние секогаш ќе имаме кршење на правата. Како тогаш би можеле да ја опишеме културата на човековите права и кои квалитети треба да ги имаат нејзините следбеници? Авторите на овој прирачник работеа на овие прашања и формулираа неколку (но не и ексклузивни) одговори. Културата на човековите права е онаа каде луѓето:

  • Имаат знаење и почит за човековите права и основни слободи
  • Имаат чувство за индивидуално самопочитување и почит кон другите; тие го вреднуваат човековото достоинство
  • Искажуваат ставови и однесувања кои покажуваат почит кон правата на другите
  • Практикуваат вистинска родова рамноправност во сите сфери
  • Покажуваат почит, разбирање и ценење на културната разновидност, особено кон различни национални, етнички, верски, јазични и други малцински групи и заедници
  • Се охрабрени и активни граѓани
  • Промовираат демократија, социјална правда, хармонија во заедницата, солидарност и пријателство помеѓу луѓето и нациите
  • Се активни во продолжување на активностите на меѓународните институции насочени кон креирање култура на мир, која се базира врз универзалните вредности на човековите права, меѓународното разбирање, толеранцијата и ненасилството.

Овие идеали во различни општества , различно ќе се манифестираат, заради различните социјални, економски, историски и политички искуства и реалности. Од тоа следи дека ќе има и различните пристапи кон ОЧП. Може да постојат различни гледишта за најдобриот или најсоодветниот начин за придвижување кон културата на човекови права, но тоа е онака како што треба. Поединци, групи од поединци, заедници и култури имаат различни почетни точки и проблеми. Културата на човековите права треба да ги земе предвид и да ги почитува овие разлики.

Фусноти

1 Нагласени зборови од страна на уредниците
2 Препорака CM/REC (2010)7 од Советот на министри за Повелбата за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права при Совет на Европа
3 http://www.amnesty.org/en/human-rights-education
4 4 Betty A. Reardon: Образование за човеково достоинство-Учење за правата и одговорностите, Прес при Универзитет од Пенсилванија, 1995
5 www.fra.europa.eu (достапна од 13 октомври 2010)
6  Резолуција од Советот на Министри за младинска политика при Советот на Европа, CM/Res (2008)23 Обединети Нации, План за дејствување на Светската програма за образование за човекови права – прва фаза, Женева, 2006