Употребувајќи го Компас да се пренесе ОЧП низ културите и јазиците 

Искуството од првото издание на Компас покажа дека е можно да се напише еден прирачник за цела Европа. Разликите во културите и јазиците не се препреки, туку ресурси кои ја збогатуваат нашата работа. Секој може да се поврзи со човековите права, бидејќи секој од нас има чувство на достоинство и може да го почувствува понижувањето кое е резултат на негирањето на нашите права. Бидејќи човековите права се универзални и се поврзани со меѓународно-прифатени документи, како што е Универзалната декларација за човекови права, следува дека целите и принципите на ОЧП се, исто така, применливи во секое општество дури и кога практикувањето на ОЧП секогаш има потреба да се контекстуализира.

Европа, е свет на различности, самата по себе. На овој континент се зборуваат повеќе од 200 јазици. Секоја голема религија може да се најде во границите на Европа. Континентот е поврзан со раѓањето на демократијата и во исто време, со најлошите примери на фашизам и тоталитаризам кои светот некогаш ги видел. Минатото на Европа е обележано со Холокаустот, со колонијализмот и со ропството, а денес има доволно нуклеарно оружје кое е доволно за да го уништи целиот живот на земјата. Сепак таа е домаќин на годишната прослава за Нобеловата награда за мир и има формирано постојан суд за човекови права, кој е признат во целиот светот.

Родителите можат само да дадат добар совет или да ги насочат децата на вистинскиот пат, но крајното формирање на карактерот на личноста лежи во сопствените раце. Aна Франк 

Денес, државите кои ја сочинуваат Европа, вклучуваат многу од нив кои не постоеле кога Советот на Европа бил формиран, во 1949 година, и други, чии граници одвај се промениле во текот на стотици години. Некои продолжиле да се менуваат дури и денес кога конфликтите се закана за нестабилни граници. Според тоа, во Европа има луѓе кои се соочуваат со насилство и конфликти секој ден, додека има и други кои живеат во релативен мир, сигурност и просперитет.

Има милионери во секоја европска земја и милиони луѓе кои живеат под границата на сиромаштијата. Постои разновидност во секоја земја и разновидност помеѓу земји. Ако си наставник, во еден дел од Европа, би заработил толку пари за еден ден, колку што би заработиле твоите колеги, од другите делови, за еден месец. Ако си наставник, во некој друг регион, можеби нема, воопшто, да добиеш плата и со месеци. А што е со учениците? Бројот на годините од задолжителното образование варира од 9 во Кипар и Швајцарија до 13 во Белгија и Холандија. Кога учениците го напуштаат училиштето, можностите да најдат работа се разликуваат. Можностите за младите луѓе да пристапат до нивните социјални права и да бидат независни се, исто така, многу различни. Невработеноста на младите, според бројките на Eurostat, може да варира од 7.6% во Холандија до 44.5% во Шпанија или 43.8 % во Летонија.7

Социјалното, културното и политичкото опкружување за ОЧП се разликува помеѓу заедниците и земјите; иако деталите во пристапот, содржината и методите можат да се разликуваат, сепак, принципите и целите не се разликуваат.

ОЧП во различни образовни средини 

Искуството со првото издание покажа дека Компас се користи не само во младинските клубови, младински организации и невладини организации, туку и во училиштата, бизнисот, па дури и во владините оддели за обуки. Со други зборови, Компас се користеше од страна на луѓе од сите возрасти и во многу различни образовни окружувања.

Нашата почетна намера бешеКомпас да се користи првенствено од страна на младинските работници во неформално-образовните околности, на пример, во клубови после училиште, спортски групи, црковни младински групи, универзитетски клубови, групи за човекови права и организации за младинска размена. Во овие околности, фокусот е врз личниот и социјалниот развој на младите луѓе и заради таа причина, активностите користат холистички пристап, а тоа значи дека тие работат негувајќи го знаењето, способностите и ставовите во рамките на општествениот контекст.

Активностите во Компасито често се поедноставни, со повеќе игри и бидејќи се пократки, тие се подобро креирани за употреба во училницата

Како и да е, Компас, се користи и во формални околности, како што се основни училишта, средни училишта и универзитети, каде што фокусот е почесто врз стекнувањето знаења отколку врз развојот на способностите и ставовите. Многу наставници наоѓаат можности да ги користат активностите од Компас на часовите по историја, географија, јазик, граѓанско општество. Можностите ќе се зголемат доколку има промена во наставната програма која би ги интегрирала и компетенциите. Обуките на персоналот, на пример, обуките на наставниците, директорите, владините службеници и судскиот персонал, лежат помеѓу формалното и информалното, но и тука обучувачите го користат Компас и за обуки за човекови права воопшто, но и за решавање на прашањата за еднакви можности и расизам во рамките на институцијата. Компас е акредитиран како еден официјален ресурс за учење во училишниот систем на некои земји. Свесни за значењето за воведувањето на образованието за човекови права на помалите деца, Младинскиот сектор при Советот на Европа го изработи и Компасито, прирачник за образование за човекови права со деца. Компасито особено погоден за деца од 7 до 13 години, а како што сугерира името, се заснова на пристапи и методологии од Компас.

Луѓето практикуваат и учат образование за човекови права на многу различни начини и иако секоја активност во Компас предлага и методи кои, сами по себе, се интересни, сепак треба да се има предвид дека крајната цел на активностите е што можат да научат учесниците и што можат тие да направат со наученото. Некои од предлозите за идни активности од наученото вклучува и водење на активност со семејството или пријателите или пишување во медиумите. Овие се два од начините преку кои Компас, исто така, може да биде корисен и за информалното образование.

Пристапите до формалното образование, особено методите кои се користат и улогата која ја игра наставникот, се разликуваат од земја до земја. Слично, достапноста на неформалното образование, во форма на младински клубови и организации, нивната филозофија и начинот на нивното водење, се разликува помеѓу земјите. И покрај сé, постојат одредени структурни разлики помеѓу формалните и неформалните сектори, кои можат да бидат генерализирани.

Информално образование

Информалното образование се однесува на процесот на доживотно учење, каде што секој поединец стекнува ставови, вредности, способности и знаење од образовните влијанија и ресурси во неговата/нејзината средина и од секојдневното искуство. Луѓето учат од семејството и соседите, на пазар, во библиотека, на изложби, на работа, преку театар и филм, музика и песни, телевизиски дебати и документарни филмови. Учењето, на овој начин, секогаш е непланирано и неструктурирано.

Формално образование

Формалното образование се однесува на структурираниот систем на образование што трае од основно училиште (во некои земји и од градинка) до универзитет, и вклучува специјализирани програми за стручна, техничка и професионална обука. Формалното образование често вклучува и проценка на стекнатото знаење и компетенции и е засновано на програма или курикулум која може да биде повеќе или помалку затворена за прилагодување кон индивидуалните потреби и интереси. Формалното образование обично води до признавање и потврдување.

Неформално образование

Меѓусебната релација од знаењето, ставовите и вештините е карактеристика на добро образование за човекови права, како и добро неформално образование. Заклучоци од Форумот „Живеење, учење, делување за човековите права, 2009

Неформалното образование се однесува на планирани, структурирани програми и процеси на лично и социјално образование, дизајнирани за подобрување на низа вештини и компетенции, надвор од формалната наставна програма. Неформалното образование е она што се случува на места како што се младинските организации, спортски клубови, драмски групи и групи во заедницата, каде младите луѓе се среќаваат, на пример, заедно реализираат проекти, играат игри, дискутираат, кампуваат или прават музика и драма. Постигнувањата во неформалното образование, обично, се тешки за потврдување, дури и кога нивното социјално признавање се зголемува. Неформалното образование треба да биде:

  • доброволно
  • достапно за секого (идеално)
  • еден организиран процес со образовни цели
  • партиципативно
  • насочено кон ученикот
  • учење за животните вештини и подготовка за активно граѓанство
  • засновано на вклучување и на индивидуално и на групно учење преку заеднички пристап
  • холистичко и ориентирано кон процесот
  • засновано врз искуство и дејствување
  • организирано врз основа на потребите на учесниците.

Формалното, неформалното и информалното образование се надополнуваат и заедно ги зајакнуваат елементите на процесот на доживотно учење. Повторно би сакале да нагласиме дека индивидуалните активности од Компас можат корисно да се применуваат во многу различен контекст, во формални или помалку формални околности, на редовна или нередовна основа. Како и да е, важно е да се нагласи дека заради тоа каде и како она што се случува, авторите на Компас имаат пристрасност кон неформалното образование,како потенцијално поповолен за ОЧП (и бидејќи Компас првично беше дизајниран да послужи на младинската работа). Во врска со основните и средните училишта, ОЧП не може да се гледа како нешто кое е изолирано од училницата; тоа мора да се проширува во целото училиште и заедницата. Демократското управување на образовните институции е, на пример, димензија која е широко препозната и игра голема улога во процесот на учење на човековите права (и нејзиниот кредибилитет)8.

Во овој прирачник, ќе најдете информации за човековите права и широк спектар на теми во врска со човековите права, како и над 60 активности за реализирање на ОЧП со млади. Овие активности не стојат сами; има еден детален дел за методологијата на ОЧП и како да се користат активностите во различни ситуации, како да се прилагодуваат или развиваат. Исто така, има информации и насоки за тоа како да им се помогне на младите луѓе да се вклучат во прашањата што ги засегаат и како да „преземат акција“ (Поглавје 3).

Педагошката основа на ОЧП во Компас

Во ОЧП, методот и содржината се меѓусебно поврзани и меѓусебно зависни

Знаењето за човековите права не е доволно; луѓето исто така мораат да развиваат вештини и ставови и да дејствуваат заедно за да ги бранат човековите права и тие мораат да ги користат нивните глави, срца и раце за да ги остварат личните и социјални промени кои се неопходни за создавање глобална култура на човековите права

Холистичко учење

Прашањата за човековите права сеоднесуваат на целата личност (тело, ум и душа) и сите животни димензии од лулка до гроб. Личноста целосно живее во целосен свет каде што сé е меѓусебно поврзано; образованието за човекови права задолжително вклучува холистички пристап за учење. Холистичкото учење го промовира развојот на целосната личност и нејзините интелектуални, емотивни, социјални, физички, уметнички, креативни и духовни потенцијали. Исто така, холистичкото учење укажува дека учењето се случува во социјален контекст кој ги опфаќа сите секојдневни искуства; затоа тоа е интердисциплинарно и ги опфаќа традиционалните предмети во наставната програма. 

Холистичкиот пристап, исто, значи дека ние бараме начин да ги вклучиме и когнитивните, практичните и гледишните димензии на учењето. Не е важно луѓето само да учат, туку и да знаат како да го применат нивното знаење во нивните ставови или однесување и како да го применат во акција за човековите права, самостојно или заедно со други.

Поврзано со холистичкото учење е и диференцираното учење. Активностите за учење во Компас се дизајнирани да опфаќаат различни стилови на учење и различни интелигенции. Тие поучуваат и во когнитивниот и во афективниот домен. 

Ненасочено учење

Ненасоченото учење е структурирано така што повеќекратни/комплексни одговори на проблемите не само што се можни, туку и очекувани. Учесниците не се управувани кон еден „точен“ одговор, кој има смисла, бидејќи животот не е црно-бел и двосмисленоста е факт во светот во кој живееме. Ненасоченото учење ја охрабрува самодовербата да се искажат мислењата и критичкото мислење. Ова е суштинско во образованието за човекови права, бидејќи прашањата за човековите права произлегуваат како резултат од различни мислења и сфаќања; според тоа многу е значајно за учениците да учат заедно, но сепак да бидат слободни во несогласувањето или доаѓањето до спротивни заклучоци или гледишта

Разјаснување на вредностите

На учесниците им се даваат можности да ги идентификуваат, разјаснат и искажат своите верувања и вредности и да ги спротивстават со другите во една безбедна рамка, заснована врз достоинството на секое човечко суштество, слободата на мислата и изразувањето и почитувањето на другите мислења

Учество

Учеството бара поддршка од околината што ги охрабрува учениците да преземат одговорност за активностите во кои се вклучени. 

Учеството во ОЧП значи дека младите луѓе учествуваат во донесувањето одлуки за тоа „што“ и „како“ ќе учат за човековите права. Преку учество, младите луѓе развиваат најразлични способности, вклучувајќи ги донесувањето одлуки, слушањето, сочувството со почит кон другите и преземање одговорност за сопствените одлуки и активности.

Според тоа, ОЧП мора да им дозволи на младите луѓе да одлучат кога, како и на кои теми тие сакаат да работат. Тоа значи дека улогата на лидерот или наставникот е улога на обучувач, водич, пријател или ментор, а не е улога на инструктор кој го пренесува знаењето или кој одлучува и контролира што и како ќе се учи.

Активностите во овој прирачник бараат активно вклучување; секој треба да биде активен и ангажиран; никој не смее да седи назад и да биде пасивен набљудувач. За оваа методологија, почит му должиме на работата на Augusto Boal и другите пионери во социјалното образование, подигање на свесноста и совеста. Ако учениците/учесниците не учествуваат целосно во активноста би било подобро таа да се одложи или да се запре. Нив треба да ги прашаме кои се нивните причини за неучество. И ова е, исто така, дел од образованието за човекови права

Учеството бара една средина која поддржува и која ги охрабрува учениците/ учесниците да преземат одговорност за активностите и процесите во кои се вклучени. Важно е да се биде отворен и чесен кон учесниците – како и за ограничувањата на учеството. Поприфатливо е да се најават ограничувања за учеството, отколку да се манипулира со ситуацијата или пак, да се симулира учество.

Кооперативно учење

Учењето да се почитуваат другите и да се работи заедно е една од целите на ОЧП. Во учењето по пат на соработка (кооперативно учење), луѓето учат преку заедничка работа, барајќи резултати кои ќе им користат ним и на сите членови на групата. Учењето по пат на соработка промовира повисоко достигнување и поголема продуктивност, поголема грижа, поддршка и посветени релации и поголема социјална способност и самопочит. Ова е спротивно на она што се случува кога учењето е структурирано на начин каде постои натпревар. Компетитивното учење често тежнее кон промовирање на личниот интерес, непочитување на другите и ароганција кај победниците, додека оние кои губат стануваат демотивирани и ја губат самопочитта.

Искуствено учење (учење низ искуство)

Учењето низ искуство или учење преку откривање е камен-темелник на ОЧП, бидејќи јадрото на вештините и вредностите на човековите права, како што се комуникација, критичко мислење, застапување, толеранција и почит, не може да се изучува; тоа треба да се научи низ искуство и практикување.

Знаењето за човековите права е значајно, но не доволно, само по себе. Потребно е младите луѓе да имаат далеку подлабоко разбирање за тоа како човековите права се развиваат од потребите на луѓето и зошто тие треба да бидат заштитени. На пример, младите луѓе без директно искуство со расна дискриминација можат да мислат дека тоа прашање нив не ги засегнува. Од перспектива на човековите права, оваа позиција не е прифатлива; луѓето насекаде имаат одговорност да ги заштитуваат човековите права на другите.

Искуството, само по себе, не е доволно за учење

Во Компас ние овозможуваме искуства преку активности, како што се играњето улоги и студии на случај, кои ќе постават прашања и ќе презентираат проблеми со кои учесниците треба да се справат. Како и да е, искуството, само по себе, не е доволно. За да се стекне знаење од искуството, важно е да се рефлектира она што се случило, да се донесат заклучоци и да се вежба наученото: без зајакнување, учењето ќе биде загубено

Циклусот на искуственото учење на Дејвид Колб

Во 1984 година, Дејвид Колб ја издал „Искуствено учење: искуството како ресурс за учење и развој“. Неговата теорија наведува дека постојат четири фази во процесот на учење.

Сите активности во Компас се изградени врз овој модел. Постои некое искуство (планиран настан/стимул/активност, како што е играњето улоги) проследено со резимирање (фаза 2) и евалуација (фаза 3). Секој опис на активноста вклучува предлози за прашања, за да се води резимирање и дискусија, за да им помогне на луѓето да се искажат за она што се случило, како тие се чувствуваат околу нивното искуство и како искуството се споредува со она што претходно го знаеле и е поврзано со светот пошироко. На крај, луѓето се движат кон фаза 4, фаза на применување, применувајќи го знаењето во пракса. Во Компас ние даваме предлози за идни активности, вклучувајќи и тоа како младите луѓе да го преточат наученото во активности кои ќе биде корисни за целата заедница. Важно е да се разбере дека овие четири фази се суштински делови на целиот процес на учење; луѓето нема да разберат без рефлексија, а која е користа од учењето ако тие не го употребат? Само изведување на активноста од Компас (фаза 1), без другите фази, е како да се направи повреда на образованието за човекови права! 

Некои луѓе можат да бидат вознемирени од овие стремежи кон социјална промена и да чувствуваат дека промовирањето на активизмот оди премногу далеку. Тоа не треба да биде така. Како едукатори за човекови права, ние имаме за цел да ги инспирираме младите луѓе да бидат заинтересирани за човековите права и да им дадеме алатки тие да дејствуваат секогаш, кога и каде, ќе почувствуваат дека е потребно

Во овој момент можеби е потребно да се појасни како го користиме терминот „активност“ во Компас. Го користиме во смисла на стимул, метод или настан кој се случува во фаза 1 од циклусот на учење и во смисла на „целата активност“ која ги опфаќа сите четири фази од циклусот на учење. Во пракса, контекстот во кој терминот се користи треба јасно да се даде до знаење дали ние зборуваме за метод или за метод заедно со резимирање и евалуација, дејствување и идни активности. 

Циклус на искуственото учење

Image: The cycle of experimental learning

Насоченост кон ученикот

ОЧП има јасна цел: овозможува учење за, заради и низ човековите права. Иако, знаењето за човековите права и компетенциите се во целост делови од ОЧП, ученикот/ учесникот е во неговиот центар. Не е толку важно што пренесува или што соопштува фасилитаторот или наставникот, ниту пак содржината („Денес ќе учиме за смртната казна.“) Важно е што ученикот/учесникот, кој е во центарот, ќе научи или извлече од предаваното или искусеното, бидејќи на овој начин тоа е порелевантно за него (или воопшто не е релевантно, што, исто така, е важно да се напомене) и треба да му се даде практично значење. Насоченоста кон ученикот има многу други тврдења и последици, вклучувајќи ја отвореноста од страна на обучувачот да ги прилагоди содржината и нивото на работа со секојдневието на учесниците, нешто кое, при создавањето на Компас, го означивме како „почеток од каде што се луѓето.“

ОЧП, процес и резултат

Клучните образовни пристапи кои се користат во Компас, учење по пат на соработка, учество и учење низ искуство, се споени во активностите, во дискусиите кои следат и во идните активности, за да се создаде процес кој:

  • почнува од она што луѓето веќе го знаат, нивните мислења и искуства и од оваа основа се оспособуваат да истражуваат, да откриваат заедно нови идеи и искуства (учење за човековите права)
  • ги охрабрува младите луѓе да учествуваат и да придонесуваат во дискусиите и да учат едни од други, колку што е можно повеќе ( учење низ човековите права)
  • ги поддржува луѓето во пренесувањето на нивното знаење во едноставни, но ефективни дејства кои ќе го демонстрираат отфрлањето на неправдата, нерамноправноста и кршењето на човековите права (учење поради човековите права).

За да бидат ефективни едукатори, практикувачите на ОЧП треба да ја имаат во предвид целта: човековите права ги учат младите луѓе дури и кога тие одлучуваат да останат неактивни. Во практиката, нема разлика помеѓу ОЧП како процес и како резултат; низ активностите тие стануваат единствена целина, во која процесот и содржините, методот и резултатите се меѓусебно-зависни, како во мислата: „Не постои пат до мирот, мирот е патот“, како што рекол Махатма Ганди.

Кога се обидовме да ги наброиме карактеристиките на културата на човековите права, ние – авторите на прирачникот, исто се обидовме да ги наведеме знаењето, вештините и ставовите на една личност која е описменета во врска со човековите права. Овие компетенции потоа служат како основа за развивање на нашите цели за активностите.

Општо земено, ние го опишуваме резултатот од ОЧП во смисла на знаење и разбирање, вештини и ставови:

  • Свесност и разбирање на темите за човекови права, во смисла, луѓето да го препознаваат кршењето на човековите права: да научат што се човекови права, како може да бидат заштитени во државата, кои тела се одговорни за нивна заштита; кои меѓународни инструменти се применуваат, кои права можат да бидат побарани од страна на учесниците/младите луѓе (учење за човековите права);
  • Вештини и способности да се бориш и да ги браниш сопствените и човековите права на другите, како што се подигање на свесност, застапување и кампањи, да се чувствуваш способен да се обратиш до надлежните институции или до медиумите (учење заради човековите права), итн;
  • Ставовите за почитување на човековите права, оние заради кои луѓето доброволно не ги кршат правата на другите и заради кои учесниците живеат согласно со вредностите на човековите права; оваа е така-наречена „хоризонтална димензија“ на човековите права која се применува во релациите меѓу луѓето, а не само кон релациите помеѓу луѓето и државните институции (така-наречена „вертикална димензија“). Овие ставови можат да се рефлектираат во позната средина, помеѓу врсниците, на училиште или во нивната младинска организација или младински клуб (учење низ и учење во човековите права).

Цели засновани врз компетенции

Изјавите за општите цели се кориснио, но за да бидеме ефективни едукатори за човекови права, ние мора да сме попрецизни за нашите специфични цели и јасно да утврдиме кои компетенции ќе ги развиваме кај младите луѓе со кои работиме. Ние треба да се запрашаме: Кој тип на знаење е потребно да го стекнат младите луѓе за подлабоко разбирање на прашањата за човековите права? Кои вештини и ставови им се потребни за да им помогнат во бранењето на човековите права? Одговорите ни помагаат за попрецизно опишување на нашите цели. Следните особини се оние кои се идентификувани за време на процесот на создавање на Компас и за време на практиката на ОЧП со млади луѓе низ Европа. Тие ја формираат основата за активностите во прирачникот.

Знаење и разбирање

Во практиката, нема разлика помеѓу ОЧП како процес и како резултат.

  • Клучни концепти како што се: слобода, правда, рамноправност, човеково достоинство, недискриминација, демократија, универзалност, права, одговорности, меѓузависност и солидарност;
  • Идејата дека човековите права овозможуваат рамка за преговарање и договарање за начините на однесување во семејството, во училиште, во заедницата и во светот пошироко;
  • Улогата на човековите права и нивната мината и идна димензија на сопствениот живот, животот во заедницата и во животот на сите луѓе ширум светот;
  • Разликата и соодносот помеѓу граѓански/политички и социјални/економски права;
  • Локални, национални, меѓународни тела, невладини организации, поединци кои работат на поддршка и заштита на човековите права;
  • Различни начини на гледање и искусување на човековите права во различни општества, различни групи во исто општество и различни извори на легитимност – вклучувајќи религиозни, морални и правни извори;
  • Главни општествени промени, историски настани и причини кои водат до признавање на човековите права;
  • Признати права во главните меѓународни инструменти кои постојат и каде се применува заштитата на човековите права, како што се Декларацијата за човекови права при Обединетите нации (UDHR), Конвенцијата за правата на детето при Обединетите нации (CRC), како и Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи (ECHR);
  • Човековите права се штитат во нивните национални или државни устави и закони и од страна на телата одговорни за нивниот мониторинг на национално ниво

Вештини

  • Активно слушање и комуникација: да се биде во можност да слушаат различни гледишта, да се залагаат за сопствените права и оние на другите луѓе;
  • Критичко размислување: пронаоѓање на релевантни информации, критичка проценка на докази, да се биде свесен за предрасудите и пристрасностите, да се препознаат формите на манипулација и да се донесуваат одлуки врз основа на аргументирано расудување;
  • Способност да работат кооперативно и позитивно да ги решаваат конфликтите;
  •  Способност да учествуваат и да организираат социјални групи; 
  • Способност да препознаваат прекршување на човековите права;
  • Дејствување на промовирање и заштита на човековите права, како на локално така и на глобално ниво;

Ставови и вредности

  • Чувство на одговорност за сопствените активности, заложба за личен развој и социјални промени;
  • Љубопитност, отвореност и прифаќање на различностите;
  • Емпатија и солидарност со другите и давање поддршка на оние чии права се под закана;
  • Чувство за човеково достоинство, сопствените вредности и вредностите на другите, без оглед на социјалните, културните, јазичните и религиските разлики;
  • Чувство на правда, желба да се работи на идеалите на универзалните човекови права, рамноправност и почитување на различностите.

ОЧП и другите образовни полиња

Речиси секој проблем во светот денес вклучува кршење на човековите права. 

Човековите права влијаат врз секој аспект од нашите животи, локално и глобално. Ако погледнеме во Универзалната декларација за човекови права (UDHR) можеме да видиме дека речиси секој проблем во светот денес – сиромаштија, загадување, промена на климата, економска нерамноправност, СИДА, слаб пристап до образование, расизам и војни – вклучува кршење на човековите права

Можеби е тешко да се каже кои од овие неправди се повеќе или помалку важни една од друга. Перспективата се менува согласно местото каде што си и статусот кој го имаш како личност. Всушност, тие се меѓусебно поврзани до таа мера така што повикувањето на која било од нив вклучува повикување на една или повеќе други. Човековите права се неделиви, меѓусебно-зависни и меѓусебно-поврзани и не е можно да се избере кои човекови права да бидат прифатени и почитувани.

Овие проблеми не се исклучиво од интерес само за едукаторите за човекови права; тие се подеднакво значајни за сите оние кои се ангажирани во промовирањето на праведен и мирољубив свет каде почитувањето и рамноправноста се норма. Како и да ги нарекуваат луѓето, на пример, развојно образование, мировно образование, образование за одржлив развој или граѓанско образование, ние работиме со овие меѓузависни и меѓусебно поврзани теми, а Компас има и што да понуди. Често, особено во активностите на младинската работа, се повикуваме на чувството на одговорност и достоинство на младите луѓе, без тоа да го нарекуваме образование за човекови права. 

Граѓанско образование / Образование за демократско граѓанство

Образованието за демократско граѓанство и образованието за човекови права повеќе се разликуваат во фокусот и обемот, отколку во целите и праксата.

Според Повелбата за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права при Советот на Европа „образованието за демократско граѓанство и образование за човекови права се блиску поврзани и заемно се поддржуваат. Тие повеќе се разликуваат во фокусот и обемот, отколку во целите и праксата. Образованието за демократско граѓанство првенствено се фокусира на демократските права и одговорности и активното учество, поврзани со граѓанските, политички, социјални, економски, правни и културните сфери во општеството. Додека, образованието за човекови права опфаќа поширок спектар на човекови права и основни слободи во секој аспект од животот на луѓето.“ 

Наставната програма за граѓанското образование вклучува теми за политика и владеење, правен систем, медиуми, мултикултурализам и еднакви можности. Компас нуди изобилство од значајни активности во темите за „Демократија“ и „Граѓанство и учество“, „Медиуми“, „Општи човекови права“, „Дискриминација и нетолеранција“ и „Род“.

Овие теми од Компас, исто така, се корисни и за оние владини и невладини организации кои испорачуваат граѓанско образование на имигранти и бегалци на кои им е потребна подготовка да станат законски и социјално-прифатени граѓани на една земја.

Лично и социјално образование

Многу земји имаат некаква форма на образование која ја признава улогата на поединецот во општеството и им помага на младите луѓе да се подготват за личните предизвици со кои ќе се сретнат. Ова може да се преклопи со граѓанските теми, но, исто, може да вклучува аспекти од животот на поединецот поврзани со неговото слободно време – вклучувајќи спорт, клубови и здруженија, музика, уметност или други форми на култура. Ваквото образование може да ги земе во предвид и личните односи. Човековите права влегуваат во овие прашања на два централни начина: прво, заради личниот развој и личните односи, поседува морални и социјални аспекти кои треба да се водат според вредностите на човековите права; второ, бидејќи правото да се учествува во културниот и социјалниот живот е признато и во Декларацијата за човекови права при Обединетите нации (UDHR), како и во други меѓународни договори. Дури и кога младите луѓе, со кои работите, се способни да си го бараат правото, постојат млади луѓе низ светот кои ја немаат таа способност

Компас содржи неколку активности во темите „Учество“ и „Култура и спорт“ кои се значајни за наставниците по лично и социјално образование.

Образование за вредности / Морално образование

Никој не треба да се критикува заради поучувањето за вредностите на човековите права.

Образованието за вредности, исто, е заеднички дел од училишната наставна програма во многу земји, но често предизвикува две основни грижи кај луѓето: кои вредности треба да се цел на образованието при поучувањето и како да бидеме сигурни дека тие вредности не им се наметнати на луѓето или пак, не се перцепираат како вредности на мнозинството? Земањето во предвид на перспективата на човековите права е валиден, оправдан и продуктивен начин за решавање на овие проблеми, бидејќи човековите права се засновани на вредности кои се заеднички за секоја поголема религија и се признати – но, не секаде се применуваат – речиси во сите земји од светот. Вредностите, врз кои се засноваат човековите права, се универзални по природа, па дури и кога начинот на кој тие се искажуваат може да е различен од едно до друго општество. Исто така, човековите права се резултат на преговори и консензус помеѓу владите од целиот свет. Според тоа, никој не треба да се критикува заради поучувањето за вредностите на човековите права! 

Глобално образование

Практикувачите на глобалното образование ја признаваат важноста на холистичкиот пристап, бидејќи тие ја ценат меѓузависноста на социјалните, економските, еколошките и политичките аспекти на нашиот свет и потврдуваат дека како граѓани на светот ние имаме одговорности кон нашата глобална заедница. 

Декларацијата за глобално образование од Мастрихт (2002)9 наведува дека глобалното образование е образование кое ги отвора очите и умот на луѓето кон реалноста во глобализираниот свет и ги поттикнува да создадат свет со поголема правда, рамноправност и човекови права за сите. Тоа опфаќа развојно образование, образование за одржливост, образование за мир и спречување на конфликти, како и меѓукултурно образование.

Практикувачите на глобалното образование се способни да го збогатат нивното предавање, земајќи ги човековите права како почетна точка за нивната работа со социјалните, економските, срединските и политичките аспекти на нашиот свет.

Охрабрувајќи ги учениците и едукаторите да работат заедно на глобални теми преку иновативна педагогија, активностите од глобалното образование дозволуваат да се разбере сложената реалност и процесите во денешниот свет: тие бараат развивање вредности, ставови, знаење и вештини кои ќе ги оспособат луѓето да се соочат, да ги разберат и да се справат со предизвиците на меѓусебно-поврзаниот свет, култивирајќи им го духот за „глобална одговорност како граѓани на светот“.

Во Компас има бројни активности под темата „Глобализација“, бидејќи многу прашања од човековите права денес имаат глобална димензија. На пример, во активноста „Дали може да влезам?“, на страница 119, учесниците имаат симулирано искуство за тоа како е да се биде барател на азил.

Интеркултурно образование

Интеркултурното образование има за цел да развива разбирање помеѓу културите преку истражување на сличносите и разликите помеѓу културите и луѓето. Недостатокот од интеркултурно разбирање често води до расна дискриминација, нетолеранција, клевета и насилство, локално и глобално. Тажните илустрации на проблемите, кои можат да произлезат од човековата неспособност да почитува и живее со оние со различни култури, се искуства на расизам, дискриминација и насилство, а кои можат да се најдат во сите општества.

Причините за конфликти никогаш не се едноставни. Нееднаквото делење на ресурсите и нееднаквите политички и социјални права, обично се меѓу главните причини од кои се поттикнуваат нетолеранцијата и дискриминацијата. Според тоа, перспективата на правата е логички пристап кој го користат практикувачите на интеркултурно образование. Тие ќе најдат многу содржини во Компас и во другите публикации од Советот на Европа за да ја поддржат нивната работа.

Младинскиот сектор при Советот на Европа, особено преку Европските младински центри и Европската младинска фондација, вложија големи напори во полето на интеркултурното образование. Кампањата „Сите различни - сите еднакви“ против расизмот, ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата беше воспоставена во 1995 година за да укаже на порастот на расното непријателство и нетолеранцијата кон малцинските групи.10 Едукативниот пакет „Сите различни – сите еднакви“, создаден за кампањата, а кој е претходник на Компас, има многу корисни активности кои ги надополнуваат оние од Компас во темата „Дискриминација и нетолеранција“. 

Анти-расистичко образование

Анти-расистичкото образование има за цел да го укине вековното наследство на расистички ставови и идеологија, а како почетна точка го зема тврдењето дека ние живееме во мултикултурно и демократско општество, во кое сите граѓани имаат право на рамноправност и правда. Со други зборови, пристапот е врз основа на правата и има блиска поврзаност со меѓукултурното образование.

Добри почетни точки за практикувачите на анти-расистичкото образование се поглавјето и активностите во темата „Дискриминација и нетолеранција“ од Компас. Ако сте заинтересирани за користење на пристап за врсничко образование, тогаш ќе најдете повеќе идеи во една друга публикација од Советот на Европа – Домино.

Во Советот на Европа, човековите права и образованието и дејствувањето за антирасизам, се сведени под чадорот на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ECRI). Задача на оваа комисија е да се бори против расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата, антисемитизмот и нетолеранцијата во поголем дел од Европа од перспектива на заштита на човековите права. Во Европската конвенција за човекови права може да се најде работата на комисијата, нејзините додатни протоколи и поврзаните правни случаи

Развојно образование

Човековите права се важна димензија во развојното образование.

Декларацијата за човекови права при Обединетите нации (UDHR) и Меѓународниот договор за економски, социјални и културни права содржат бројни членови кои се од клучно значење за разбирањето на луѓето за правото на развој. На пример, промовирањето на социјалниот напредок и подобриот животен стандард, правото на недискриминација, правото на учество во односите со јавноста, правото на соодветен стандард на живеење и правото на самоопределување. Исто така, го содржи правото на луѓето на социјален и меѓународен поредок, каде што правата и слободите можат целосно да се реализираат. (Сет 4 во Декларацијата).

Вистинското право на развој беше прогласено од страна на ОН во 1986 година во Декларацијата за право на развој, прифатена со Резолуцијата 41/128, од страна на Генералното Собрание на Обединетите нации. Правото на развој, реафирмирано со Виенската декларација во 1993 година, е групно право, за луѓето во целина и е различно од оние права кои се однесуваат на поединци.

Практикувачите на образованието за развој веќе ги препознаваат човековите права како значаен елемент во нивната работа. Сепак, тие не работат од перспектива на правата. Традиционален пристап за развојното образование е да се истражат врските помеѓу луѓето кои живеат во „развиените“ земји на север со оние од „развиените“ земји на југ и да се разберат економските, социјалните, политичките и срединските сили кои го формираат животот на луѓето. Ние предлагаме да се почне од перспективата на човековите права, бидејќи таа ќе понуди дополнителен стимул за работа. Понатамошна предност е тоа што активностите кои ги нудиме во Компас развиваат вештини, ставови и вредности кои ги оспособуваат луѓето да работат заедно при дејствувањето и правењето промени, што, всушност, е и важна цел на развојното образование.

Темите од Компас Работа“, „Сиромаштија“, „Здравје“, „Глобализација“ и „Животна средина“ ги прават најочигледните врски со развојното образование.

Образование за одржлив развој / Образование за животната средина

Ако сакаме да ги разгледаме човековите права во однос на прашањата за животната средина, почетна точка треба да ни биде членот 25 од Универзалната декларација за човекови права при Обединетите Нации (UDHR), особено правото на соодветен стандард на живеење, вклучувајќи соодветна храна, облека и дом. Со оглед на тоа дека животот на луѓето зависи од здрава и одржлива животна средина, грижата на луѓето за човековите права насекаде на земјината топка, како и грижата за идните генерации, ги става темите за животната средина во преден план. Денес, некои луѓе дури и зборуваат за потребата од официјално признавање на човековото право за животна средина, како посебно право

Животната средина ни обезбедува добра и услуги кои ги одржуваат нашите животи и животни стилови. Како и да е, одамна е јасно дека ние живееме на една конечна планета и дејствувањето на луѓето има погубни последици за здравјето на животната средина и благосостојбата на човештвото. Од оваа перспектива, прашањата кои се однесуваат на идниот економски развој треба да се балансираат наспроти нивната цена за човештвото и природниот свет, како целина. Образованието за животна средина има за цел да ги пренесе овие прашања пред јавноста и да поттикне поголема грижа и почит кон природните ресурси во светот

Често поврзувано со образованието за животна средина, образованието за одржлив развој ја нагласува потребата за холистичко гледиште на прашањата за животна средина и развој. Терминот „одржлив развој“ влезе во заедничка употреба од Самитот за планетата Земја во Рио во 1992 година; се мисли на развој кој излегува во пресрет на сегашните потреби без компромис на потребите на идните генерации. Со други зборови, одржливоста е грижа за светот и зачувување здрав свет за идните генерации кои ќе живеат во него. Според тоа, вредностите на човековите права за правда и рамноправност се јадро на идејата за одржливост.

Образованието за одржлив развој, согласно со UNESCO, има за цел да им помага на луѓето да развиваат ставови, вештини и знаење за да донесуваат одлуки во корист на сите, сега и во иднина и да делуваат според тие одлуки. 

Декадата за образование за одржлив развој при Обединетите нации (2005- 2014), која ја водеше UNESCO, настојува да ги интегрира принципите, вредностите и практиките на одржливиот развој во сите аспекти на образованието и учењето, со цел да укаже на социјалните, економските, културните и срединските проблеми со кои се соочуваме во 21 век.

Постои блиска врска помеѓу образованието за одржлив развој, развојното образование, глобалното образование и образованието за човекови права, особено во почитувањето на развојот на ставовите, вештините и знаењето за донесување одлуки во наша корист и во корист на нашата планета, како и делување според тие одлуки. Покрај темите спомнати погоре, во врска со глобалното и развојното образование, Компас има одделна тема за животната средина во која прашањата за одржливоста се истражуваат од перспектива на човековите права.

Образование за мир

Концептуалното јадро на образованието за мир, како што се практикува во програмите на многу училишта и универзитети, е насилството, неговата контрола, намалување и елиминирање. Образованието за мир има место во наставната програма на студиите за решавање на конфликти, интеркултурното образование, развојното образование, студиите за светски поредок и образованието за животна средина. Многу често, пристапот е да се одговори на одредени проблеми, кои се перцепирани како причини на социјална неправда, конфликт и војна.

Од друга страна, образованието за мир, кое започнува од перспективата на човековите права со нејзиното концептуално јадро на човеково достоинство и универзалност, полесно може да води кон еден подлабок концепт на мир, кој нема да е само прекинување на насилството, туку реставрација на релациите и креирање социјални, економски и политички системи, најмногу поради создавањето на долготрајни мирни животни средини.

Образованието за мир кое започнува од перспектива на човековите права може полесно да води кон подабок концепт на мир

Образованието за мир препознава многу различни форми на насилство. На пример, физичко или бихевиоралното насилство, вклучително и војна; структурното насилство, односно сиромаштијата и лишувањето, кои се резултат на неправдата и на нееднаквите социјални и економски структури; политичко насилство од угнетувачките системи кои ги заробуваат, заплашуваат и злоупотребуваат неистомислениците, како и сиромашните, немоќните и маргинализираните; културно насилство, каде има девалвирање и деструкција на одредени човекови идентитети и начини на живот; насилство од расизам, сексизам, етноцентризам, колонијална идеологија и други форми на морално исклучување кое ја рационализира агресијата, доминацијата, нееднаквоста и угнетувањето.  Анализирањето на сите овие форми на насилство, како кршење на одредени стандарди на човековите права, овозможува конструктивно движење напред. Методологијата на ОЧП за критичко мислење и искуствено учење не носат само елемент на конкретно искуство, туку и нормативни и описни димензии. Во Компас, темите „Мир и насилство“ обезбедуваат многу материјал за практикувачите.

Најчесто поставувани прашања за вклучувањето на ОЧП во работата со младите луѓе

Без разлика дали сте младински работник, училиштен наставник или член на НВО која работи со млади луѓе и без разлика дали сте или не сте ангажирани во споменатите видови „образование“, човековите права се значајни за вашата работа. Како и да е, можеби малку ќе се колебате за ОЧП заради бројни причини. Овде ние претставуваме некои најчесто поставувани прашања за образованието за човекови права и се обидуваме да одговориме на некои од грижите кои ги имаат луѓето за ОЧП и за негово вклучување во нивната работа.

Прашање: Нели е поважно младите луѓе да учат за одговорноста отколку за правата?

Одговор: И правата и одговорностите се јадро на човековите права и овој прирачник става акцент и на правата и на одговорностите. Членот 1 од Универзалната декларација на човековите права наведува дека „сите човечки суштества се родени слободни и рамноправни по достоинство и права. Тие ..... треба да делуваат еден кон друг во духот на братството.“ Членот 30 наведува: „...[ниту една] држава, група или поединец [нема] право да се вклучува во некаков акт или да изведува некаков акт со цел нарушување на правата и слободите предвидени во оваа Декларација.“ Активностите на Компас се дизајнирани да покажат дека ниту едно право не може да се користи за злоупотреба на други човекови права и дека секој има одговорност да ги почитува правата на другите.

Прашање: Нема ли родителите, одделенските раководители и лидерите во заедницата да се спротивстават на учењето за човековите права како на политичка индоктринација која ќе поттикне бунтовничко однесување?

Одговор: Образованието за човекови права ги оспособува децата, младите и возрасните целосно да учествуваат во општеството и неговиот развој. Важно е да се направи разлика помеѓу развојот на способностите за учество и партиската политика. Образованието за човекови права преку дискусии и учество ги охрабрува младите луѓе да развиваат критички и љубопитни умови, да донесуваат информирани одлуки и соодветно да се однесуваат. Во оваа смисла, образованието за човекови права е, исто така, поврзано и со граѓанското и со политичкото образование и им дозволува на младите да прават врски помеѓу човековите права, социјалните прашања, образованието и политиките. Може да се случи младите да се вклучуваат или исклучуваат од локални или национални политички партии, како резултат на нивното право на политичко учество и слобода на мислата, здружување и изразување. Но, тоа треба да остане нивен сопствен избор. Исто, многу е важно да се има предвид дека при дополнувањето на вештините, директно поврзани со учењето за човековите права, ОЧП како што е покажано во Компас, го поддржува развојот на социјалните и комуникациски вештини, како што се соработка, групна работа, активно слушање и зборување.

Прашање: Нели е обврска на владата да им овозможи на луѓето да учат за човековите права?

Одговор: Државите-членки на Обединетите нации имаат обврска да го промовираат образованието за човекови права во сите форми на учење. Членот 26 од Универзалната декларација за човекови права наведува дека „(1) секој има право на образование […] и (2) образованието треба да биде насочено кон целосен развој на личноста на човекот и кон зацврстување на почитувањето на човековите права и основни слободи.“ Правото на образование и образованието за човекови права, исто, е наведено во член 28 од Конвенцијата за правата на детето. Според ова, многу влади имаат многу малку направено во врска со промоцијата на образованието за човекови права и со вметнувањето на човековите права во наставната програма. Индивидуалните едукатори и невладините организации можат многу да направат за да го поттикнат развојот на образованието за човекови права, сами или со заеднички напори во училиштата и други образовни програми, како и преку лобирање и правење притисок врз владите да ги исполнат нивните обврски

Прашање: А што ако има кршење на човековите права во мојата земја?

Одговор: Практично не постои земја во светот каде сите човекови права на сите луѓе се секогаш почитувани. Поточно е, ако се каже, дека во некои земји човековите права почесто и отворено се кршат, за разлика од други земји. Како и да е, образованието за човекови права не се однесува само на кршењето на правата. Пред сé, се работи за разбирање на човековите права, како една универзална сопственост за сите човечки суштества и за сфаќање на потребата за нивна заштита. Во продолжение на ова, не постои земја која би можела да тврди дека нема кршење на правата. На пример, практично, сите држави-членки при Советот на Европа се осудуваат за кршење на правата од страна на Европскиот суд за човекови права. Еден лесен начин за да се увиди реалноста е да се погледне во социјалната средина или заедница. Кој е исклучен? Кој живее во сиромаштија? Чии деца не ги уживаат нивните права? Друг начин е да се погледне како, владата и компаниите од вашата земја, преку нивната работа, ги кршат човековите права во други земји. На пример, преку продажба на оружје на недемократски режими, трговски договори кои ги експлоатираат произведувачите, протекционистички регулативи и потврди за правото на сопственост, патенти за медикаментите за да се запре произведувањето на поевтини, генерички лекови. 

Фусноти

7 Броевите на Eurostat за декември 2009 – ново издание наEurostat 16/2010 од 29 јануари 2010
8  Погледни за пример, Backman, E. & Trafford, B. (2006) Демократско управување во училиштата, Стразбур: Совет на Европа
9 Глобални образовни насоки – Концепти и методологии за глобално образование за едукатори и креатори на политика, Центар Север-Југ при Советот на Европа, 2008.
10  Втората европска, младинска кампања за разновидност, човекови права и учество - Сите различни-сите еднакви – се одвиваше во 2007-2008.