Човековите права се она што не може да се одземе од вас.
Рене Касин

Не постои образование за човекови права без човекови права. Разбирањето за тоа што се човековите права е меѓу најважните компетенции за секој едукатор за човековите права. Човековите права можат да се разберат и да се објаснат на многу едноставни или сложени начини; тие можат да се пренесат во апстрактни и појмовни форми или да се направат многу реални преку практични примери; тие можат да се гледаат од глобална перспектива или со многу локален поглед. Сепак, од суштинско значење е секој кој ќе влезе во едукација на човековите правада се чувствува способно да ги воведе човековите права и да одговори на прашања во врска со нив.

Иако основната работа на фацилитаторите е да ги вклучат младите луѓе во учењето на човековите права, дел од тоа исто така вклучува и обезбедување на точни информации, демистификација на сложеноста на човековите права и решавањето на многу од нивните дилеми. Ова не може сепак, да се направи на сметка на клучните концепти и вредности на основните човекови права: универзалност, неделивост и неотуѓивост. Фацилитаторот на образованието за човекови права е, исто така, „амбасадор“ и застапник за човекови права. Неуспехот да се обрати или да одговорат на клучните прашања во врска со човековите права ќе резултира со неуспех на образованието за човековите права. Како и со многу други прашања поврзани со човековите права, никој не очекува фацилитаторите да имаат одговори на сите прашања. Сепак, фер е да може да се очекува дека фацилитаторите знаат каде да ги најдат одговорите како и да ги поканат учесниците да ги најдат своите сопствени одговори, исто така.

Заблудите за потеклото на човековите права, особено нивната наводна „западна“ природа, нивната универзалност и нивната примена и извршување може лесно да ја претвори добронамерната образовна дејност за човекови права во искуство што ги потврдува сомневањата и заблудите, наместо да ги разјасне. Учењето за човековите права во образованието за човековите права е суштинско и димензија за која не може да се преговара; без тоа, ништо од останатото нема смисла.

Човековите права треба да бидат разбрани од секого, не само од специјалистите.

Во ова поглавје им обезбедуваме на корисниците на Компас повеќе информации за човековите права, кои се тие, како се развиле и како тие можат да бидат заштитени и промовирани. Тука, очигледно, не се сите информации за концептите и системите за човекови права што може да ги споделите. Како и со другите делови на Компас сепак, им дава на своите корисници важни појдовни точки и основни информации. До фацилитаторите е да побараат дополнителни информации во зависност од природата на нивната програма и потребите на учениците. Исто така, ова поглавје не треба да се разбере како „Што секој треба да знае за човековите права“. Наместо тоа, допира до разни важни аспекти на човековите права. Индивидуалните ученици и фацилитатори можеби ќе треба да знаат повеќе (или помалку), особено во однос на начините на кои човековите права се развиени и заштитени во нивните земји.

Ова поглавје завршува со делот на прашања, одговори и загатки за човековите права, кои се едни од најчестите прашања и сомнежи за човековите права.

Човековите права постојано се оспоруваат, развиваат и усовршуваат.

Како (несовршена) креација на (несовршени) човечки суштества, човековите права постојано се соочуваат со предизвици, развој и подобрување. Ние сметаме на корисниците на Компас да придонесат за нивно ажурирање, особено во однос на развојот што ќе се случува по објавувањето на Компас.