Да се живее значи да се избере.
Но за да се избере добро, мора да знаеш кој си и за што се залагаш, каде сакаш да одиш и зошто сакаш таму да стигнеш.

Кофи Анан

Преглед

Оваа активност користи дискусија и рангирање во форма на дијамант за да им помогне на луѓето да сфатат како изгледа кога некој одеднаш треба да го напушти својот дом.

Поврзани права

• Право да се бара азил во други земји од прогон;
• Слобода на религија и верување;
• Слобода на мислење и информирање

Цели

• Да се развие разбирање за тоа како изгледа ненадејното напуштање на сопствениот дом;
• Да се вежбаат способности за донесување одлуки и градење консензус;
• Да се зајакне емпатијата и солидарноста кон бегалците

Материјали

• Post-it ливчиња или мали квадратни парчиња хартија (приближно 8cm x 8cm), по 3 за секој учесник;
• Моливи или пенкала, по едно за секој учесник. 

compass-key-date
  • 18 декемвриМеѓународен ден на мигрантите

Инструкции

1. Запознајте ги со темата за миграција преку бура на идеи за тоа кои се причините за луѓето да се преселат на друго место.
2. Објаснете дека во активноста тие ќе си замислат како се присилени да ги напуштат нивните домови. Повикајте се на бурата на идеи и истакнете ги факторите кои ги притискаат луѓето да ги напуштаат домовите, на пример, војна, природни катастрофи, прогон или тероризам. Потоа, групата нека погоди колку раселени лица има во светот
3. Потоа, замолете ги да се разместат во мали групи и дајте им мали парчиња хартија и моливи.
4. Замолете ги сите да си замислат дека одеднаш мораат да го напуштат сопствениот дом поради одредена причина и дека со нив можат да понесат само три работи. Кои три работи би ги зеле со себе? Тие треба да напишат по едно нешто на секое парче хартија.
5. Потоа, замолете го секој да ги презентира сопствените избори и да ги објасни причините за сопствените одлуки.
6. Сега, кажете им на учесниците да работат заедно и да ги дискутираат различните избори, да се обидат да дојдат до консензус и да ги наредат по приоритет работите, користејќи рангирање во форма на дијамант. (види страница 69).
7. На крај, дозволете им да разгледаат наоколу и да ги видат резултатите од работата на секоја група.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете со резимирање како секоја група ги рангираше работите и потоа преминете на дискусија за тоа што научија учесниците и кои се последиците за човековите права.

  • Дали имаше некои изненадувачки работи кои луѓето сакаа да ги понесат со нив?
  • Дали беше лесно да се рангираат работите? Какви видови на различни мислења имаше во групите?
  • Колку слични или колку различни беа рангирањата на групите?
  • Колку практични беа луѓето? Дали тие, главно, размислуваа за нивниот физички опстанок или размислуваа и за нивните емоционални или духовни потреби?
  • Колку тешко би било ако навистина треба да се напушти домот?
  • Што ќе им недостига на луѓето ако тие треба да го напуштат домот?
  • Дали тие познаваат некого кој го напуштил својот дом?
  • Дали активноста е реалистична? Можат ли луѓето секогаш да избираат што да понесат со нив?
  • А што е со децата и младите луѓе? Дали нивните посебни потреби се земаат во предвид кога нивните родители се пакуваат?
  • Што можеме ние да направиме за да го свртиме вниманието кон потребите на бегалците во нашата заедница (или во светот)?
  • Кои човекови права особено ги заштитуваат бегалците?

Совети за обучувачотGoto top

Кога ја претставувате активноста, обидете се да ги натерате учесниците да размислат за миграциите во целина. Примери, зошто луѓето се преселуваат, се заради школување и работа, заради нивниот начин на живот, поплава или земјотрес, војна и прогон. На крајот од бурата на идеи, сумирајте ги различните причини, кои луѓето ги даваат за преселување, во две листи, согласно дали тие ги присилуваат да заминат (војна или прогон од татковината) или ги влечат (подобри можности за работа и школување во друга земја).

Според UNHCR, до крајот на 2010 имало: -10.55 милиони бегалци
-14.7 милиони внатрешно раселени лица и 3.5 милиони без државјанство.

Во чекор 4, треба да поставите сценарио така што учесниците ќе работат во иста рамка. Изберете ситуација која ќе биде најсоодветна или најинтересна за групата. „Војната“ може да е предизвик, доколку никој нема директно искуство со неа, но сценарио кое вклучува терористички напад може да биде пореалистично. Обидете се да креирате сценарио кое може да биде замислено како возможно. Ако изберете „поплава“, како причина, а градот се наоѓа во долина, има смисла да се каже дека нивото на реката расте и поплавата се заканува дека ќе ги руши мостовите, а водата ќе ја поплави целата област. Од друга страна, ако живеете во ридесто или планинско место, опасност ќе има од силни дождови кои предизвикуваат свлечиште од кал кое ќе му направи штета на градот. Мора да разјасните дека луѓето треба да си замислат дека тие ги напуштаат своите домови, дека ќе немаат можност да се вратат и дека ќе се движат по долг пат и долго време, можеби и засекогаш. 

Работите кои ги избираат луѓето и колку се тие практични, ќе зависи од нивната зрелост. Што ќе земат луѓето со себе, исто, зависи од многу фактори, на пример, времето, годишното време и причината зошто заминуваат. На пример, ако има поплава, а тие не знааат да пливаат, тие можеби ќе понесат нешто кое ќе го искористат како чамец. Важно е да се нагласи дека нема точни и погрешни одговори, кога се работи за личен избор и претпочитање. Може некои избори да бидат помудри и попрактични од другите.

Забелешка:
Постојат дефиниции и објаснувања за разликите помеѓу „бегалци“, „внатрешнораселени лица“, „баратели на азил“ и „мигрантски работници“ во информациите за „Миграции“, во Поглавје 5

Кога ги прашале, барателите на азил во Данска, кои ги напуштиле своите домови заради војна и прогон, сите рекле дека тие зеле пари, како прв приоритет. Пасошот или личната карта беа важни, „но ти секогаш можеш да купиш лажни документи, ако ти се потребни“ – рекоа тие. Истото важи за топла облека и храна; со пари секогаш можат да се добијат работи. За неколкумина, Библијата беше приоритет за да ги одржат нивните духовни потреби.

Предложено е да се користи рангирање во форма на дијамант и post-it ливчиња, прво, бидејќи правењето апсолутни избори е тешко и неприродно, а второ, бидејќи методот е конкретен, а ливчињата (и мислите) можат лесно да се реорганизираат, како што бара дискусијата

ВаријацииGoto top

Овој метод може да се користи за да се истражуваат ставовите на луѓето за аспекти од сите теми. На пример:

  • Деца: Кои се 3 најважни карактеристики на среќно детство?
  • Граѓанство и учество: Кои се 3 најважни квалитети кои му се потребни на поединецот за да живее во мултикултурна заедница?
  • Култура и спорт: Кои 3 аспекти од твојата култура се најважни за тебе?
  • Демократија: Кои се најважните 3 работи, потребни на земјата, за да има демократија која добро ќе функционира?
  • Попреченост и дискриминација на луѓето со попреченост: Пристигањето е проблем на многу луѓе со попреченост. Кои би биле 3 најефективни подобрувања кои би можеле да се направат во нашиот град, на пример, за една слепа личност?
  • Дискриминација и нетолеранција: Ти одиш на долго патување со воз и мора да го делиш купето со луѓе од различни земји. Одбери 3 националности кои тебе најмногу ти се допаѓаат. (Можете да ја проширите активноста со додавање, кои 3 најмалку ви се допаѓаат?)
  • Образование: Промовирање на комуникација и разбирање помеѓу народите, кои 3 јазици треба да ги изучуваат децата, како светски јазици, насекаде низ светот?
  • Животна средина: Кои 3 загрозени видови треба да бидат таргетирани од страна на Светската фондација за заштита на природата (WWF) во нивната следна кампања?
  • Род: Именувај 3 главни причини зошто родово-базираната дискриминација сé уште постои.
  • Глобализација: Кои 3 од Целите за одржлив развој се најважни за тебе?
  • Здравје: Тутун, кокаин, алкохол, хашиш, ефедрин, Виагра? За кои 3 супстанции им се потребни повеќе информации на младите луѓе во твојата земја?
  • Медиуми: Кои 3 иновации во медиумите, во последните 10 години, најмногу придонесоа за промовирање на човековите права?
  • Миграции: Ако мора да ја напуштиш твојата земја, во кои 3 земји би сакал/а да живееш?
  • Мир и насилство: Кои се 3 најголеми закани за светскиот мир?
  • Сиромаштија: Кои 3 чекори/дејства би биле најефикасни за елиминирање на сиромаштијата?
  • Религија и убедување: Кои се 3 најефективни работи кои можат да се направат при борбата во спречувањето на фундаментализмот?
  • Сеќавање: Размисли за некој споменик во твојот град кој одбележува национален/историски празник. Предложете 3 начини тој настан да биде и јавно признат и документиран, да се учи од него без нарушување или злоупотреба.
  • Војна и тероризам: Денес постои меѓународен договор за забрана на нагазните мини; Кои 3 оружја треба да се забранат во иднина?
  • Работа: Кои 3 нарушувања на правото на пристојна работа најмногу те загрижуваат?

Предлози за следните активностиGoto top

Ако групата сака да истражува како изгледа да се напушти домот и да се бара азил, може да се искористи и активноста „Дали може да влезам?“, или „Јазична бариера“.

Размислувањето за настани од минатото ги евоцира сите спомени: ако групата сака да размислува како се евоцираат спомени од јавни воени споменици, искористете ја активноста „Етикети за спомени“.

Идеи за акцијаGoto top

Прашајте го семејството, пријателите или колегите кои 3 работи би ги понеле со себе и отворете дискусија за човековите права и бегалците.
Најдете локална организација која работи со баратели на азил и бегалци и дознајте дали вие можете да им помогнете во нивната работа.