Можеш ли да одговориш на овие прашања? Дали твојата апликација за азил ќе биде прифатлива?

Преглед

Ова е симулација за тешкотиите со кои се соочуваат бегалците кога бараат азил. Темите ги вклучуваат:
• Фрустрациите и емоционалните фактори со кои се соочуваат бегалците
• Надминувањето на јазичната бариера
• Дискриминацијата за време на процедурата на аплицирање.

Поврзани права

• Право да се бара и да се ужива азил
• Право да не се биде дискриминиран врз основа на етничка група или земја на потекло
• Право на невиност додека не се докаже вината

Цели

• Да се подигне свесноста за дискриминацијата од страна на граничната полиција и имиграциските власти
• Да се развијат меѓукултурно комуникациски вештини
• Да се развива емпатија за бегалците и барателите на азил.

Материјали

• Копии од прилогот „Барање за азил“, по една за секој учесник
• Пенкала, по едно за секој учесник.

Подготовка

Наместете ја просторијата така што ќе можете да седите зад масата и да одглумите формалност на еден бирократски службеник.

compass-key-date
  • 21 ФевруариМеѓународен ден на мајчиниот јазик

Инструкции

1. Дозволете им на учесниците да дојдат, но не поздравувајте никого, ниту пак да се нагласува нивното присуство. Не кажувајте ништо за она што ќе се случи.
2. Почекајте неколку минути после договорениот почеток и потоа поделете ги копиите од „Барањето за азил“ и пенкалата, по едно за секој учесник.
3. Кажете им дека имаат пет минути да ја пополнат апликацијата, но не кажувајте ништо друго. Игнорирајте ги сите прашања и протести. Ако треба да комуницирате, зборувајте на друг јазик (или измислете јазик) и користете гестови. Задржете ја целата комуникација на минимум. Запомнете дека проблемите на бегалците не се ваша грижа; ваша работа е само да ги поделите формуларите и повторно да ги соберете!
4. Грубо поздравете ги оние кои доцнат! (На пример, „Ти доцниш. Земи го формуларот и пополни го. Имаш само неколку минути да го сториш тоа.“).
5. Кога ќе поминат петте минути, соберете ги формуларите без да се насмевнете и без да воспоставите личен контакт.
6. Повикајте некое име од пополнетите формулари и кажете му на тој учесник да пристапи напред. Погледнете во формата и измислете нешто во врска со пополнетото во формуларот, на пример, „Не си го одговорил/а осмото прашање“ или „Видов како одговори со „не“ на шестото прашање. Барањето се отфрла.“ Кажете му да си замине. Не влегувајте во никаква дискусија. Веднаш повикајте некој друг да пристапи напред.
7. Повторете го овој процес неколку пати. Не е потребно да се прегледуваат сите барања, туку само продолжете онолку долго колку што е потребно за учесниците да сфатат што се случува.
8. На крај, излезете од вашата улога и поканете ги учесниците да дискутираат што се случило.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете со прашување на учесниците како тие се чувствуваа за време на активноста, а потоа преминете на дискусија за она што се случило, што научиле тие и поврзаноста со човековите права.

  • Како се чувствуваа учесниците кога пополнуваа неразбирилив формулар?
  • Колку реалистична беше симулацијата за искуството на еден барател на азил?
  • Дали мислите дека во вашата земја барателите на азил праведно се третираат за време на нивното барањеза азил? Зошто? Зошто не?
  • Кои би можеле да бидат последиците за некого чие барање за азил е одбиено?
  • Дали учесниците некогаш биле во ситуација да не го зборуваат јазикот и се конфронтирале со некое службено лице, на пример, полицаец или контролор на билети? Како се чувствувале?
  • Кои човекови права се опфатени во оваа активност?
  • Кои можности ги имаат барателите на азил за да бараат заштита од кршење на нивните права?
  • Колку баратели на азил има во вашата земја? Дали мислите дека вашата земја прибира доволен број бегалци?
  • Кои права им се ускратени на барателите на азил во вашата земја?

Совети за обучувачитеGoto top

Ова е лесна активност за водење: главното нешто кое се бара од вас е да бидете „силни“ во вашата улога и мора да бидете сериозни, груби и бирократски. Состојбата на барателите на азил не е ваша грижа; вие сте тука само да си ја вршите вашата задача! Поентата е дека многу луѓе не сакаат бегалци во нивната земја. Имиграциските службеници имаат задача да ги скенираат бегалците и да дозволат влез само за оние кои имаат документи за идентификација и оние кои точно го имаат пополнето формуларот. Бегалците, често, слабо го познаваат јазикот на земјата во која доаѓаат и за нив е многу тешко пополнувањето на формуларот. Исто така, тие се во стресна и емоционална состојба. Особено тешко им е да сфатат што се случува, бидејќи нивните барања често се одбиваат и тие не ги разбираат причините.

„Барањето за азил“ е на креолски јазик. Креолските јазици се појавуваат како резултат на два народи, кои немаат заеднички јазик, а кои се обидуваат да комуницираат едни со други. Резултатот е мешавина. На пример, креолскиот јазик од Јамајка се одликува со долги англиски зборови со супериорен изговор на дијалектот на западно-африканската граматика. Постојат неколку креолски јазици, на пример, во Хаити и Доминиканската Република и на некои острови во Пацификот и Индискиот Океан, како што се Папуа Нова Гвинеја и Сејшелите. Причината, поради која креолскиот јазик е искористен во оваа вежба, е таа што релативно малку Европјани го знаат. Ако ви се случи да имате учесник кој зборува на креолски јазик, замолете го/ја да ја земе улогата на граничниот полицаец или имиграцискиот службеник.

Предлози за идни активностиGoto top

Ако сакате да ги погледнете аргументите за прифаќање или отфрлање на влезот на бегалците во земјата, погледнете ја активноста „Дали може да влезам?“.

Многу баратели на азил, доаѓајќи во Европа, имаат тешкотии да се интегрираат бидејќи имаат низок степен на образование од нивните родни земји. Ако сакате да дознаете повеќе за нееднаквоста во достапното образование низ светот, можете да ја искористите активноста „Образование за сите?“.

Идеи за акцијаGoto top

Дознајте повеќе за процедурите и што, всушност, се случува во вашата земја кога еден барател на азил ќе пристигне на граница. Каде и како тие ги пополнуваат првите формулари? Дали тие имаат право на преведувач уште на самиот почеток? Погледнете на Интернет, на официјалната веб-страница на владата, поканете еден имиграциски службеник и зборувајте за предизвиците на неговата работа и интервјуирајте ги барателите на азил за да дознаете кои се нивните ставови за ситуацијата, дали сметаат дека системот е праведен и со кои тешкотии се соочуваат, особено со процедурите при почетното пополнување на формуларите. Информациите би можеле да се искористат за кампањи за подигање на свесноста за бегалците или за повратни информации до имиграциските оддели или организации, како што се UNHCR и Amnesty International.

На децата, особено оние кои бараат азил без придружба на родител или возрасен, кој е близок член на семејството, им е потребна посебна заштита. Дознајте кои се процедурите за малолетници без придружба и погледнете дали има практични начини за да помогнете, на пример, давање помош при преведување на документи, испратени од властите или да станете старател (види подолу, во понатамошни информации).

Понатамошни информацииGoto top

Бегалци
Општото значење на зборот „бегалец“ е некој/а кој/а ја напушта неговата/нејзината земја, барајќи безбедност. Исто така, има прецизно, правно значење за некој, за кого е официјално признато, дека му е потребна заштита според Женевската конвенција од 1951. „Барател на азил“ е некој кој бара да биде законски признат бегалец. Формалните дефиниции на термините се дадени во речникот и повеќе објаснувања и информации можат да се најдат во делот за „Понатамошни информации“ од активноста „Дали може да влезам?“.

Вие ќе најдете уште многу идеи за активности во врска со бегалците во едукативниот пакет на Британскиот црвен крст. Одете на www.redcross.org,uk и побарајте ја активноста „Позитивни слики“

Следната информација е од Европскиот Совет за бегалци и прогонети (ECRE), www.ecre.org.

Можностите на бегалецот да стекне заштита најмногу зависи од процедурите кои се користат во случаите кога се бара азил. Дури и најуверливото барање за меѓународна заштита може да пропадне, ако не е целосно и праведно земено во предвид. Граничните и имиграциските власти мора да ја сфатат обврската да примаат баратели на азил, додека правната помош и услугите при преведување мора да се достапни за секој барател на азил.
На 1 декември 2005, Директивата за постапки при азил на ЕУ стапи на сила; таа се заснова на минимум стандарди за постапките во државите-членки за издавање и повлекување на бегалскиот статус. Таа се справува со прашања како што се пристап до постапките (вклучувајќи ги и граничните процедури), задржување, прегледување на барањата, лични интервјуа и правна помош. Според ставот на Европскиот Совет за бегалци и прогонети, кај Директивата „заостануваат стандарди кои придонесуваат до целосно и правично прегледување на барањата за азил ... прашањата вклучуваат ... санкционирање на граничните постапки кои отстапуваат од принципите и гаранциите на самата Директива“. Во 2009 година, Директивата беше дополнета за да овозможи подобра хармонизација на системот за азил во Европа.

Оваа активност е адаптирана од Донахју,Д. и Флауерс,Н. The Uprooted, издавач Hunter House, 1995.

Деца кои бараат азил
Комесарот за човекови права при Советот на Европа, 20 април 2010, напиша: „Ние имаме должност да ги заштитиме овие деца (малолетници без придружба). Клучно е дека тие имаат право на заштита. Првиот чекор не треба да е автоматска одлука за враќање назад на тие деца, туку брзо доделување на старател, кој ќе ги застапува интересите на детето. Ова е најдобрата заштита против секаква злоупотреба од трговците со луѓе, но и од можно запоставување од страна на властите во земјата. https://www.coe.int/en/web/commissioner/home

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Барање за азил
1. Appellido  
2. Primer nombre  
3. Fecha de nacimiento  
4. Pais, ciudad de residencia  
5. Ou genyen fanmi ne etazini?  
6. Kisa yo ye pou wou  
7. Ki papye imagrasyon fanmi ou yo genyen isit?  
8. Eske ou ansent?  
9. Eske ou gen avoka?  
10. Ou jam al nahoken jyman