„Бегалецу, оди си дома!“– Би отишол, кога би можел.

Преглед

Оваа е активност со играње на улоги за една група бегалци кои се обидуваат да избегаат во друга земја. Го истакнува:
•Страдањето на бегалците
• Социјалните и економски аргументи за давање и одбивање азил.

 

Поврзани права

• Право да се бара азил во други земји
• Право на забрана од протерување (право на бегалците да не бидат депортирани назад во својата земја каде што има ризик од прогон или смрт)
• Слобода од дискриминација.

Цели

• Да се развие знаење и разбирање за бегалците и нивните права
• Да се вежбаат вештини за презентирање аргументи и донесување судови
• Да се промовира солидарност со луѓето кои одеднаш се принудени да ги напуштат своите домови.

Материјали

• Картички со улоги
• Флип-чарт или табла за пишување
• Креда и/или мебел да се креира граничен премин
• Моливи и хартија за набљудувачите да прават белешки.

Подготовка
  • Ископирајте ги картичките со улоги. Секој граничар, бегалец и набљудувач ќе има своја картичка
  • Наместете ја сцената за играње улоги. На пример, нацртајте линија на подот која ќе претставува граница или наместете го мебелот да направите физичка граница со празнина како место за проверка. Употребете маса која ќе послужи како шалтер во канцеларијата на граничната контрола.
  • Информирајте се за бегалците и за тековната состојба на бегалците во светот

 

compass-key-date
  • 20 ЈуниСветски ден на бегалците

Инструкции

1. Објаснете дека ова е играње на улоги за една група бегалци кои ја напуштиле нивната татковина и кои сакаат да влезат во друга земја во потрага по безбедност.
2. Започнете со бура на идеи да откриете што знаат луѓето за бегалците. Запишете ги одговорите на голем лист хартија или флип-чарт и тие ќе се искористат за подоцнежната дискусија.
3. Покажете им ја сцената и објаснете го сценариото. Кажете им дека тие се наоѓаат на граница помеѓу земјите X и Y. Голем број бегалци пристигнаа. Тие сакаат да преминат во Y. Тие се гладни, уморни и премрзнати и поминаа долг пат далеку од нивните родни земји P, Q и R. Некои имаат малку пари, а само неколку имаат документи за идентификација или пасоши. Граничните службеници од земјата Y имаат различни гледни точки за ситуацијата. Бегалците се очајни и користат неколку аргументи за да се обидат да ги разубедат граничните службеници за да ги пуштат да влезат..“

4. Поделете ги учесниците во три групи: првата група да ги претставува бегалците, втората група да ги претставува граничните службеници во земјата Y и третата група да бидат набљудувачите.
5. Кажете им на „бегалците“ и на „граничните службеници“ да ја вежбаат улогата за секој лик и нивните аргументи. Советувајте ги набљудувачите за давањето повратна информација. Поделете ги картичките со улоги и дајте им 15 минути за да се подготват.
6. Започнете го играњето улоги. Одлучете сами кога да запрат, но околу десет минути е доволно.
7. Дајте им на набљудувачите пет минути да ја подготват нивната повратна информација; потоа започнете со резимирање и евалуација.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете со прашување на набљудувачите да дадат повратна информација за играњето улоги. Потоа, слушнете ги коментарите на актерите за тоа како се чувстуваа како бегалци или гранични службеници, а потоа преминете на општа дискусија за прашањата и за тоа што научија учесниците.учесниците.

  • Колку праведен беше третманот на бегалците?
  • Бегалците имаат право на заштита, според член 14 од Универзалната декларација за човекови права и во Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951. Дали на бегалците им беше дадено нивното право на заштита? Зошто/зошто не?
  • Дали земјата има право да ги депортира бегалците назад? Кога? Поради кои причини?
  • Дали би оттурнал некого ако си граничен службеник? Што ако знаеш дека тие се соочуваат со смрт во нивната земја?
  • Како се пресретнуваат бегалците на границите во вашата земја? Нивните човекови права се нарушуваат. Кои?
  • Што може и што треба, прво, да се направи за луѓето да престанат да бегаат?

Совети за обучувачотGoto top

Ситуацијата со бегалците се разликува низ Европа и вие треба да размислите како да го поставите сценариото и да ја прилагодите активноста за да се исполнат целите при водењето на оваа активност. Ќе ви помогне доколку измислите кратка приказна за измислените земји X и Y, каде се поставува сцената; Z, земјата под Y и P, Q и R , земји кои примаат бегалци.

Информирајте се за дефинирањето на терминот „бегалец“, „барател на азил“ (погледнете на страница 536 во делот за „Миграции“). Исто така, информирајте се кои земји примаат бегалци, како и за бројот на бегалци во соседните земји. Проверете и колку бегалци има во вашата земја и во другите европски земји. Сите овие информации можете да ги најдете на веб-страницата на unhcr.org.

Употребете бура на идеи за да се осигурате колку луѓето веќе знаат зошто има бегалци, кои се причините поради кои луѓето ја напуштаат нивната татковина, од каде доаѓаат и земјите во кои ќе одат. Ова ќе ви помогне да одлучите како да ги водите резимирањето и евалуацијата и кои дополнителни информации треба да ги обезбедите на ова ниво.

Размислете доколку некој во групата е бегалец. Доколку се согласи, активноста градете ја врз неговото/нејзиното искуство, а него/нејзе користете го/ја како ресурсна личност.

Трите групи не мора да бидат еднакви. На пример, вие можете да одберете да имате три-четири набљудувачи, а остатокот од групата дозволете да бидат активни играчи на улоги. Во вистинскиот живот има повеќе бегалци од граничари и вие можеби ќе сакате да го покажете тоа во ова играње на улоги. Добар совет е на набљудувачите да им се даде улога на „новинари“ кои треба да напишат извештај како дел од резимирањето.

Земете во предвид што сакате да постигнете со оваа активност и размислете како да ја наместите сцената. Дали вашите бегалци се маса на уморни, гладни и очајни луѓе? Ако се такви, водете ја активноста надвор, во шума или покрај река или езеро, ако вашите бегалци стигнат во натрупан брод, кој пропушта вода. Ако сте внатре и ако сакате да ја наместите сцената на темна, студена ноќ, изгаснете ги светлата и отворете ги прозорците. Како варијанта, ако бегалците пристигнуваат во помали групи на официјалниот граничен премин, наместете „канцеларија“ каде службениците можат (кратко) да ги проверуваат пасошите на бегалците и да ги прашуваат од каде доаѓаат.

Проверете ги и картичките со улоги и прилагодете ги, ако е потребно.

Бидете свесни дека играњето на улоги може да стане многу хаотично. Во овој случај, запрете ја активноста (како во Форум театарот) и замолете ги новинарите да ги интервјуираат бегалците и граничарите. Ова ќе овозможи смирување на сите и внимателно слушање.

ВаријацииGoto top

После резимирањето, водете го играњето улоги и по втор пат, но дозволете учесниците да си ги заменат улогите. Набљудувачите сега имаат дополнителна задача да ги прибележуваат разликите помеѓу првото и второто играње улоги, особено она кое резултираше со повисока заштита на правата на бегалците. 

Можеби ќе сакате да направите и четврта група која ќе биде граѓани, кои сакаат да помогнат, но малку можат да направат, бидејќи се спречени и од полицијата и од бирократијата.

Направете и некое следно играње на улоги, вклучувајќи и официјален тим испратен од UNHCR или Црвен крст за да им помогне на бегалците во земјата Х.

Предлози за идни активностиGoto top

Дознајте повеќе за бегалците во вашата земја, особено за реалноста на нивниот секојдневен живот. Учесниците би можеле да контактираат со локално здружение за бегалци и да ги интервјуираат вработените, волонтерите и бегалците.

Погледнете на www.newtimes.dk каде што ќе можете да прочитате стории напишани (на англиски) од страна на лицата кои бараат азил и бегалците во Данска. Одберете член и дискутирајте го вашиот одговор.

Британскиот Црвен крст има информации и активности за бегалци кои се продуцирани во нивниот проект Позитивни слики: www.redcross.org.uk

Групата ќе може да го испита нивното знаење за бегалците на www.proprofs.com.

Училишниот клас можеби сака да продолжи со темата, истражувајќи информации за улогата на UNHCR (www.unhcr.org), а потоа да напише и „официјален извештај“, вклучувајќи ги следниве точки:
• Оние аргументи кои ги разубедиле граничните службеници да ги пуштат бегалците
• Било какво несоодветно однесување од страна на граничните службеници
• Препораки што да направи земјата Y за да ги заштити правата на бегалците.

Дискутирајте за ситуацијата во Европа денес. Како реагираат политичарите? Какви се ставовите на различните земји кон бегалците и зошто се тие различни? На пример, можете да ги споредите политиките на земјите кои ја почитуваат нивната обврска кон бегалците со оние кои ги затвориле нивните граници за нив. Замолете ја групата да се подели во групи, секоја група да претставува различна земја и да се развие европски план за справување со кризата.
Исто така, можете да прашате кои се ставовите на обичните луѓе во вашата и во други европски земји и што прават тие? Очигледно, ова повлекува и други прашања за тоа како знаеме и дали можеме да генерализираме? Анализирањето на медиумски извештаи може да биде плодна вежба.

Дискутирајте дали Женевската Конвенција ги исполнува сегашните потреби и дали е потребно ажурирање. На пример, во многу земји, за да добијат статус на бегалец, лицата кои бараат азил треба да докажат дека тие индивидуално се прогонети; не е доволно да се биде член на група, која е прогонета или која доаѓа од воена зона. Слично, бегалците кои бегаат заради климата не се покриени од страна на конвенцијата.

Можеби ќе сакате да ја направите активноста „3 работи“ за да им помогнете на луѓето да сфатат како би било ненадејно да го напуштат домот, без да имаат време да си ги соберат работите и да ги поведат со себе.

Ако сакате да се обидете во една активност која ги следи настаните откако бегалците ќе ја поминат границата и бараат азил, може да ја одберете активноста „Јазична бариера“. Исто така, можете да изработите колаж или постери за да ги илустрирате загрижените лица на бегалците; погледни „Играње со слики“.

Идеи за акцијаGoto top

Остварете контакт со локална или национална организација која работи со бегалци кои живеат во вашата земја и погледнете што можете да сторите со цел да им помогнете. На пример, многумина се осамени и тешко им е да се интегрираат; нив, можеби би им било драго да стекнат нови пријатели или да добијат помош при учењето на јазикот.

Децата, кои доаѓаат сами, без ниту еден член на семејството и кои бараат азил, се особено ранливи. Групата би можела да дознае што се случува со овие малолетници без придружба во нивната земја и како би можеле да им помогнат. Идеите вклучуваат пријателство, помагање со јазикот и образование, играње фудбал и излегување заедно.

Поканете една НВО која работи со бегалци или дури и бегалец во вашето училиште или клуб за да научите како бегалците стигнуваат во вашата земја, процесот на барање азил и за нивниот живот денес.

Дефинициите и статистиките за бегалците и мигрантите може да се најде во делот „Миграции“ од Поглавје 5 на линкот: www.coe.int/compass.

Веб-страницата на Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (UNHCR) дава многу информации, флаери и видеа за организирање работилници за бегалците во вашата организација или училиште: http://www.unhcr.org.

Понатамошни информацииGoto top

Бегалците се луѓе кои мораат да се движат, ако сакаат да ги спасат нивните животи или да ја зачуваат нивната слобода. Тие немаат заштита од сопствената држава – често тоа е нивната влада која им се заканува дека ќе ги прогони. Ако другите земји не им дозволат да влезат и ако не им помогнат откако ќе влезат, тогаш тие можат да бидат осудени на смрт – или на нетолерантен живот во сенка, без храна и покрив на главата, како и без права

Други корисни веб-страници:

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Картичка со улога - Бегалци
Аргументи и опции на бегалците
Вие треба да ја одиграте улогата на мешана група на бегалци, па во вашите подготовки, секој треба да одлучи за неговиот идентитет: неговата возраст, род, семејни врски, професија, благосостојба, вероисповед и за сопствените работи кои ги носат со себе. Исто, одлучете од која земја доаѓате, P, Q или R и за тоа дали го напуштивте домот заради војна, заради прогон, недостиг на човекови права или од други причини.
Вие треба да ги подготвите вашите аргументи и тактики; од вас зависи дали аргументите ќе ги претставите како група или посебно, како член.
Можете да ги користите овие аргументи и некои други, размислувајќи дека:
• Имаме законско право да бараме азил.
• Нашите деца се гладни; вие имате морална одговорност да ни помогнете.
• Ќе бидам убиен доколку се вратиме назад.
• Немам пари. Единствено што поседувам се две парчиња накит од голема сентиментална вредност.
• Немам каде да одам.
• Јас бев доктор/ медицинска сестра/ инженер во мојот роден град.
• Јас само сакав засолниште сé додека не биде безбедно за враќање.
• Другите бегалци добија дозвола да престојуваат во вашата земја. Зошто не и ние?
• Каде сме ние? Криумчарите се согласија да нé пренесат во земјата Z.
• Ќе се обидам да ги поткупам службениците за да ме пуштат.
• Мајка ми и брат ми се веќе вo Y.
• На пат сум за Z, не сакам да запирам во Y.

Други работи кои треба да се земат во предвид:
• Дали некој од вас има документи за патување? Дали се тие оригинални или се фалсификувани?
• Дали ќе се разделите ако граничните службеници го побараат тоа од вас?
• Што ќе направите ако се обидат да ве вратат назад? Кои се вашите опции? На пример, ако постои камп за бегалци дали би оделе? Дали постои некаков начин да добиете документ за патување? Можете ли да најдете и да платите криумчар? Дали постои друга рута за да стигнете до Y?

Картичка со улога - Набљудувачи
Вашата работа е да го набљудувате играњето улоги. На крајот ќе ве замолат да дадете повратна информација. Одберете член да биде ваш претставник.
Додека набљудувате, меѓу другото, бидете свесни за:
• Различните улоги кои ги играат и бегалците и граничните службеници.
• Моралните и правните аргументи кои ги користат и како ги презентираат.
• Внимавајте на некакви кршења на човековите права.
Вие треба да одлучите како ќе водите белешки за сé. На пример, можете да се поделите на две подгрупи, така што едната група ќе ги набљудува граничните службеници, а другата – бегалците.

Картичка со улога – Гранични службеници
Аргументи и опции на граничните службеници
Вие треба да ги подготвите вашите аргументи и тактики; од вас зависи одлуката дали аргументот ќе го претставите како група или секој член ќе пристапи кон излагање на аргументите.
Можете да ги користите овие аргументи и некои други, размислувајќи дека:
• Тие се очајни: не можеме да ги вратиме назад.
• Ако ги испратиме назад, ќе бидеме морално одговорни ако ги уапсат, ги мачат или ги убијат.
• Ние имаме правни обврски да прифатиме бегалци.
• Тие немаат пари и нам ќе ни треба помош од државата. Нашата држава не смее да си го дозволи тоа.
• Дали ти имаат некакви документи за патување или документи за идентификација? Дали се тие оригинални или лажни?
• Дали тие изгледаат како вистински бегалци? Некои можеби бараат само подобар животен стандард?
• Нашата земја е воен и бизнис партнер на земјата Х. Не треба да изгледа дека ние ги заштитуваме бегалците.
• Можеби тие имаат вештини кои нам ни се потребни?
• Има доволно бегалци во нашата земја. Ние треба да се грижиме за нашите луѓе. Тие треба да одат во побогати земји.
• Можеме да им побараме поткуп за да ги пуштиме да влезат.
• Ако им дозволиме да влезат, и другите ќе бараат влез.
• Тие не го зборуваат нашиот јазик, имаат различна вероисповед и јадат различна храна; тие нема да сакаат да се интегрираат.
• Можеби има терористи или воени криминалци кои се кријат меѓу нив.
• Дозволено ни е да ги пуштиме само оние кои ги напуштиле своите домови заради војната во Р.
• Дали тие сакаат да бараат азил во Y?
• Дали тие имаат пари или вредни предмети за да платат за нивниот престој додека се разгледува нивното барање за азил?

Пред играњето улоги, размислете за следниве опции:
• Дали ќе ги пуштите сите бегалци преку границата? Кои и поради кои причини?
• Дали ќе пуштите само неколку преку границата?
• Дали ќе ги разделите според возраст, професија, богатство...?
• Или можеби ќе направите нешто друго? Што?

Забелешки
Оваа активност беше адаптирана од „Први чекори: Прирачник за започнување на образование за човекови права“ Amnesty International, Лондон, 1997.
Нивната последна верзија од активноста, погледнете ја на „Работилница: На границите од Европа“ www.amnesty.org
Цитатот, „Бегалецу, оди си дома! Би отишол, кога би можел!“ беше слоган искористен во кампања на UNHCR