Нашиот напредок не се цени по тоа дали ќе им дадеме уште повеќе на тие што имаат многу, туку дали ќе обезбедиме доволно за тие што имаат малку.

Френклин Д. Рузвелт 

Преглед

Во оваа активност, учесниците ги цртаат, ги разгледуваат и ги дискутираат нивните надежи и грижи за иднината на нивната генерација. Опфатено е следново:

  • Прашања од животната средина кои ги погодуваат идните генерации
  • Како локалниот развој ги исполнува/не ги исполнува потребите на граѓаните
  • Силите кои го движат развојот
Поврзани права
  • Право на мислење и пристап до информации
  • Право да бидат слушнати сите прашања во врска со најдобриот интерес на детето
  • Право на пристоен животен стандард
Цели
  • Да се развие разбирање за животот во заедницата, права и одговорности
  • Да се вежбаат вештини за отворена дискусија, тимска работа и визионерство
  • Да се промовира љубопитноста и верувањето дека иднината е во рацете на секоја млада личност и значајно е она што тие го прават.
Материјали
  • Хартија за скици
  • Големи листови хартија за крајниот дизајн
  • Бои, четки, моливи, пенкала и фломастери
  • Материјали за колаж, на пример, хартија во боја, списанија, гранчиња, ориз, грав, листови од дрво, школки, цевки за пиење
  • Ножици
  • Лепило и селотејп
  • Слики или фотографии од вашето соседство/град од пред дваесет години (по избор)
  • Мапи од местото каде живеете, стари и нови (по избор)
compass-key-date
  • 12 АвгустМеѓународен ден на младите

Инструкции

1. Запознајте ги учесниците со концептот на промените во текот на времето. Замолете ги учесниците да се потсетат на времето кога биле помлади, како тогаш изгледале нивните домови и локалните улици и како се измениле. Дали некои од училишните простории или во центарот, каде се среќавате, се преуредени или дали има нов мебел? Дали има нови згради во соседството, на пример, шопинг центри, станбени зради, патишта, паркови или велосипедски патеки?
2. Прашајте ги луѓето зошто овие работи се промениле и кој одлучил за промените и како тоа треба да се направи. На пример, дали е подобро: одредена шема за домување која овозможува попотребни и пониски трошоци за домување за локалното население или луксузни апартмани или вили, изградени како инвестиција од страна на некоја финансиска компанија? 
3. Кратко дискутирајте за еден или два примери: кој има корист од развојот и како? Што би направиле тие доколку би имале контрола?
4. Сега направете врски со одлуките, кои ги засегаат луѓето и човековите права. Дали луѓето мислат дека човековите права се корисна рамка за донесување одлуки? Дали човековите права ќе бидат помалку или повеќе за носителите на одлуки во иднина? Зошто?
5. Кажете ѝ на групата дека можноста е сега! Овој е моментот да ја искористат приликата и да започнат да размислуваат за – и да влијаат на – иднината. 
6. Замолете ги луѓето да се поделат во групи од три до четири.
7. Поделете ја хартијата и пенкалата и замолете ги да направат скици за нивното идеално соседство/град во иднина. Тие имаат слобода за цртањето. Граница е нивната фантазија. 
8. Кога секоја група ќе се согласи за нацрт-планот, тие треба да го префрлат на голем лист хартија и да го комплетираат со боја и материјали за колаж.
9. Кога ќе бидат готови, замолете ја секоја група да го презентира нивниот план, да кажат од каде добиле идеи и како ги развиваа. Дозволете време за кратки прашања и одговори после секоја презентација, но оставете ја главната дискусија за резимирањето. 

Резимирање и евалуација Goto top

Goto top

Започнете со преглед за тоа како луѓето работеле заедно во нивните групи. Потоа, продолжете да зборувате дали плановите ги исполнуваат или не ги исполнуваат потребите на луѓето за здрава животна средина. 

  • Дали секој може да учествува и придонесува во работата? Како различните мали групи најдобро ги искористија индивидуалните таленти на членовите?
  • Како е да се добие повратна информација за нивните планови?
  • Како е да се испрати повратна информација за нивните планови?
  • Дали се подготвени да направат компромис за некои нивни идеали, со цел да се изработи план кој ги задоволува потребите и аспирациите на сите од одделението/класот или групата?
  • Дали плановите ја земаат во предвид заштитата на животната средина, на пример, потребата да се намалат емисиите на јаглеродниот диоксид, да се користам обновливи и одржливи извори и да се рециклира?
  • Дали луѓето уживаат да бидат „архитекти на нивните иднини“? Дали тие веруваат дека овие идеали би можеле да се остварат? Зошто? Зошто не?
  • Дали сметаат дека возрасните ќе бидат подготвени да дискутираат за нивните планови? Зошто? Зошто не?
  • Кое беше најголемото изненадување во некои од овие планови?
  • Кои би биле нивните права како граѓани на иднината?
  • Кои би биле нивните должности како граѓани на иднината?
  • Дали младите луѓе во вашето училиште (клуб или заедница) имаат право да го искажат мислењето за развојот кој директно ги засегнува или за општиот развој? Кои права треба да ги бараат за да им се овозможи правото на учество во процесот на донесување одлуки?
  • Кои можности ги имаат младите луѓе да влијаат врз демократските процеси, кои ги формираат нивните животи и нивните иднини?
  • Какви видови на локални погодности се потребни за да им се овозможат правата за здравствена заштита, одмор и слободно време и културен живот за сите? 

Совети за обучувачите Goto top

Насловот на оваа активност е „Нашите иднини“. Целта на употребата на множина е да се нагласи дека иднината не е однапред предодредена, туку е таква каква што ќе ја креираме. Затоа, постојат повеќе можни иднини и предизвикот за младите луѓе е да изградат иднина која ќе одговара на нивните идеали и аспирации.

За да се направи концептот на промени повпечатлив, можете да покажете стари слики за тоа како изгледала околината пред десет или дваесет години. Исто така, можете да побарате од нив да размислуваат за глобални промени. На пример, тие би требало да размислуваат за фактот дека пред триесет години Интернетот беше научна фантастика, но за неколку години сите училишта и библиотеки во светот ќе бидат поврзани во мрежа на Интернет.

Ако учесниците не се сигурни како ќе изгледа нивниот град во иднина, можете да ја поттикнете нивната фантазија, поставувајќи им ги следниве прашања:

  • Кој ќе живее овде? Луѓето кои се родени тука или новодојдени луѓе? На која возраст би биле? Дали ќе живеат во семејства?
  • Како ќе изгледа нивниот секојдневен живот? Дали ќе има продавници за храна? Како ќе патуваат наоколу?
  • Какви социјални услуги ќе им требаат (болници, заболекари итн.)?
  • Како ќе изгледаат нивните училишта?
  • Како ќе патуваат?
  • Какви ќе бидат нивните куќи?
  • Каков ќе биде нивниот општествен живот? Што ќе шрават во слободното време?
  • Ќе имаат ли миленичиња?
  • Што ќе работат луѓето?
  • Кои нови технолошки достигнувања ќе постојат?
  • Што ќе се случи со животната средина? Природната околина?

ВаријацииGoto top

Наместо колажот, можете да креирате модели, употребувајќи некакви отпадни материјали, на пример, картонски кутии/пакети, ролни од тоалетна хартија, картон или може да користите коцки, на пример Лего.

Наместо да правите генерален план за тоа како да изгледа нивниот град, учесниците можат да одберат едно локално место, кое моментално не се употребува, а на кое може да се гради. Учесниците нека истражуваат кои потреби ги имаат различните сектори во заедницата и нека направат предлог проект кој можат да го достават и до локалниот совет. Опциите за тоа што да се предвиди може да вклучува шопинг центар, рекреативен центар, училиште, зграда, паркинг, отворен зелен простор, игралиште, спортски терен, градина со рози за повозрасни луѓе, градска фарма, засолниште за диви животни, забавен парк, место за туристи или куглана на трева. Ако сакате да го правите ова како акционен проект, ќе најдете информации за планирање и имплементирање на акциони проекти во Поглавје 3.

Предлози за идни активности Goto top

Вие можеби ќе сакате да истражувате како вашата локална средина може да се прилагоди за идни предизвици во врска со количеството на нафта или климатските промени. Иницијативата за Транзициониот град ги вклучува локалните луѓе кои ги разгледуваат сите аспекти во нивната заедница (храна, енергија, транспорт, здравје, срце и душа, економија и приходи итн.) и изнаоѓање креативни начини за евентуално започнување на „Акционен план за енергетско снижување“ за во наредните 15-20 години. Иницијативите го вклучуваат следното: креирање на градски градини за одгледување на храна; размена на отпадот, кое бара да се поклопи отпадот од едната индустрија со отпадот од другата, која користи ист отпад; замена на стари предмети, наместо нивно фрлање и развивање на локални системи за размена. За повеќе информации и примери како луѓето го развиваат овој концепт насекаде во светот, погледнете на www.transitiontowns.org или внесете “Transition Towns” во вашиот пребарувач.
Друга идеја е да ги замолите учесниците да нацртаат персонализирана, необична, илустрирана и означена карта со голем размер, од местото каде што тие живеат, за да ги прикажат карактеристиките кои се значајни за нив. На пример, графити на ѕидот, конкретно дрво на патот или една неофицијална патека кои ја користат за да го скратат патот низ градот. Забележувањето на постоењето на нештата е првиот чекор со кој се покажува дека тоа се вреднува; тоа е начин да се заштити од рушење во некоја идна „изградба“. Погледнете на www.commonground.org.uk и нивниот проект Parish Maps.

Уште еден начин да се погледне и да се забележи локацијата и дистрибуцијата на ресурси, карактеристики, пејзажи и копно, кои се користат во една област, е алатка која е позната како “transect walk”, која ја користи Светска Банка во нејзините анализи за сиромаштијата и социјалното влијание. Обидете се едно попладне, ако сакате да стигнете до некое село! Побарајте “transect walk” на http://web.worldbank.org

Дознајте повеќе за процесите на планирање за локален развој и како да се влијае врз нив. Вклучете се во донесувањето одлуки на училиште, клуб или здружение, посетувајќи ги состаноците на советот, па дури и кандидирајќи се на избори. Постојат и други активности кои можат да бидат корисни за да се истражуваат идните опции. На пример, "Пат до земјата на рамноправноста" го разгледува прашањето како да се постигне родова рамноправност.

Ако сакате друга активност која вклучува млади луѓе во демократското донесување одлуки – овој пат во врска со видот на образование кое тие го сакаат преку учество во училишните совети – погледнете ја активноста "Да се чуе сечиј глас".

Додека ние сонуваме за нашите иднини, можеме да започнеме со градење на поправедно општество. Ако групата сака да го разгледа прашањето за врсничкото насилство (булинг) и да ги истражува начините за развивање емпатија и почит кон другите, тогаш тие можат да ја искористат активноста "Дали имаме алтернативи?".

Идеи за акција Goto top

Направете изложба од колажите и поканете локални советници, да дојдат и да ги слушнат вашите ставови. 

Обезбедете копија од стратешки планови (годишни и долгорочни) за вашата заедница. Анализирајте ги во групата, а потоа консултирајте се со пријателите и семејството. Дајте повратна информација преку креирање блог, пишување за локален весник, организирање јавна средба за ова прашање или учество во јавно собрание, организирано од страна на власта. 

Контактирајте ја локалната Агенда 21 или друга група за животна средина и вклучете се во работата за одржлива иднина.

Goto top