Колку сте убедливи?

Преглед

Оваа активност се базира на дискусија и укажува на:
• Права и одговорности поврзани со демократијата
• Демократска дискусија

Поврзани права

• Право да се учествува во влада и на слободни избори
• Слобода на мислење и изразување
• Слобода на мислата

Цели

• Да се разгледаат некои контроверзни аспекти на демократското општество
• Да се вежбаат и да се развиваат вештини за слушање, дискусија и убедување
• Да се поттикне соработка и отвореност

Материјали

• Отворен простор, долг ѕид и 2 стола
• Хартија (А4 формат), фломастери за изработка на знаците
• Селотејп
• Мали парчиња хартија и пенкала за правење забелешки (по избор)

Подготовка

• Направете два знака – „се согласувам“ и „не се согласувам“ – и залепете ги на спротивните страни од долгиот ѕид. Обезбедете доволно простор за луѓето да можат да се наредат во права линија.
• Ставете два стола во средината на просторијата, оддалечени 50 цм еден од друг, и доволно простор околу нив за слободно движење на луѓето.
• Одберете една изјава од предлозите, дадени подолу, или најдете некоја своја.

compass-key-date
  • 19 септемвриДен на правото на глас

Инструкции

1. Покажете ги двата знака, на спротивните страни од ѕидот, и објаснете дека ќе прочитате една изјава, со која тие можат да се согласат, повеќе или помалку.
2. Прочитајте ја одбраната изјава.
3. Кажете им на луѓето да застанат до еден од ѕидовите, помеѓу двата знака, согласно со тоа „колку“ се согласуваат или не се согласуваат: ако тие се согласуваат или не се согласуваат целосно, тие треба да стојат на еден од краевите; инаку, тие би требало да стојат некаде помеѓу двете точки.
4. Кога луѓето ќе ја заземат нивната позиција на линијата, повикајте ги двајцата, кои стојат на двете најoддалечени точки, да седнат на двата стола во средината на просторијата. Останатите треба да се соберат околу столовите, заземајќи позиција зад личноста со чиј став „најмногу“ се согласуваат; или пак, може да застанат во средина, ако не можат да се одлучат.
5. Дајте им по една минута на луѓето кои седат на столовите за да објаснат зошто се согласуваат или не се согласуваат со конкретната изјава. Никој не треба да ги прекинува или да им помага. Сите треба да слушаат во тишина.
6. На крајот од минутата, замолете ги останатите од групата да се придвижат или позади едниот или позади другиот говорник (тие не можат да останат неодлучни), така што ќе има една група луѓе кои се „за“ изјавата и една група кои се „против“ изјавата. Дајте им на групите десет минути, одделно едни од други, за да ги подготват аргументите за поддршка на нивната позиција и да одберат некој кој ќе ги презентира овие аргументи.
7. На крајот од десетте минути, повикајте ги назад групите и поканете ги двајцата нови говорници да седнат на двата стола со нивните „поддржувачи“ околу нив.
8. Дајте им по три минути на оние кои ќе говорат да ги претстават нивните аргументи, а до крајот на ова време, поддржувачите на едната или другата страна можат да ја сменат позицијата и да преминат во спротивната група, доколку аргументите на спротивната група се поубедливи.
9. Дајте им на групите наредни пет минути за да работат на нивните аргументи и да одберат трет говорник. Повторно, после излагањата, дозволете им на луѓето да ја сменат нивната позиција, доколку сакаат.
10. Соберете ги сите заедно за резимирање.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Сега преминете на рефлектирање на процесот и целта на дискусијата, како форма, како и за причините за вреднување на плуралистичкото општество. Обидете се да не навлегувате во дискусија за самото прашање.
• Дали некој се предомисли во текот на дискусијата? Ако се предомисли, кои беа аргументите кои го убедија?
• Дали луѓето мислат дека освен вистинските аргументи врз нив влијание имаат некои работи, како на пример, притисокот од врсниците, емоционалниот говор или чувството на ривалство?
• За оние кои не го сменија нивното мислење во текот на дискусијата, дали имаше некоја цел во зборувањето за овие прашања? Можат ли тие да замислат некаков доказ кој би можел да ги убеди за да го сменат нивното стојалиште?
• Зошто луѓето се држат до различни мислења? Што би требало да се направи за ова во едно демократско општество?
• Треба ли сите мислења да се толерираат во демократијата?
• Какво е чувството да си претставуван во дискусиите од страна на некој друг и обратно, какво е чувството да бидеш говорник и да треба да го пренесеш мислењето на твоите поддржувачи?
• Какво е чувството да бидеш претставуван во политичкиот живот на локално и национално ниво? Или во организациите и здруженијата на учесниците (или во одделението/класот на училиште)?
• За кои човекови права се работи во оваа активност?

Совети за обучувачитеGoto top

Првиот дел од оваа активност, кога учесниците заземаат позиција во линија, не би требало да трае повеќе од неколку минути. Поентата на ова е да се воспостават „почетните позиции“ на луѓето и тие самите да видат каде стојат во споредба со другите.

Целта на активноста е да се вежбаат вештините за комуникација и убедување, а во исто време и да размислуваат низ прашањата. Според тоа, учесниците би требало да се поттикнуваат да мислат не само за содржината и презентацијата на нивните мислења, туку и за типот или формата на аргументите кои ќе бидат најубедливи за луѓето од другата страна. Тие имаат за цел да привлечат колку што е можно повеќе луѓе во нивната „партија“. Тие можат да го искористат краткото време помеѓу двата „говори“ за да ја земат во предвид позицијата на опозицијата и да размислуваат за начините со кои можат да ја ослабат.

Вие можете да имате и други теми, освен предложените подолу, кои би можеле добро да се искористат како основа за дискусија. Важна работа е да се одбере изјава која ќе биде контроверзна за вашата група.

Имајте предвид дека се потребни 30 минути за дискусија на една изјава, минувајќи ги сите кругови на дискусијата. Ако сакате да користите повеќе изјави, мора да дадете и повеќе време.

Пожелно би било да се има флексибилност за точниот ред на настаните, во зависност од силата или слабоста на групата, како и од живописноста на дискусијата. На пример:
• Вие можеби сакате да додадете еден или два интервали за да можат групите да ги подготват аргументите, така што и различните говорници ќе имаат можност да ги презентираат нивните гледни точки.
• Ако веќе сте ја извеле оваа активност со групата – или и да не сте ја извеле – вие можете да имате и изненадување, така што ќе го менувате начинот на кој првите говорници се одбираат. На пример, можете да ги изберете двајцата, трети по ред, од секој крај.
• Вие можете да одлучите, во еден од интервалите за подготвување на аргументите, да ги замолите „поддржувачите“ на секој говорник да работат со говорникот на спротивната група - со други зборови, да подготват аргументи против позицијата која тие ја поддржуваат. Ова може да биде добар начин да ги поттикнете луѓето да размислат за спротивните гледни точки и може да обезбеди интересна варијација доколку луѓето не ги сменат страните воопшто. 

Вие можете да им дозволите на говорниците да имаат парче хартија, во големина на разгледница, со кратки белешки за потсетување на различните аргументи и за да можат да погледнат додека зборуваат.
Вие можете да го покренете прашањето дали „плурализмот“ или слободата на изразување би требало да се предмет на некакво ограничување во едно толерантно општество: дали фашистичките или националистичките демонстрации треба да се забранат, на пример?

Предлози за идни активностиGoto top

Ако сте заинтересирани за идни активности во врска со тоа дали мислењата се формирани или се менуваат, особено од страна на медиумите, можеби ќе сакате да ја погледнете активноста, "Насловна страница".
Ако сакате и понатаму да размислувате за врската помеѓу мислењата до кои луѓето се држат и претставите или сликите кои тие ги имаат за светот, можеби ќе сакате да ја реализирате активноста,  "Cultionary" од Образовниот пакет „Сите различни – сите еднакви“.

Идеи за акцијаGoto top

Ако ја одберете изјавата со гласањето, можеби ќе сакате наредна активност со истражување на навиките за гласање во вашата локална заедница; погледнете ја активноста,"Да се гласа или да не се гласа".

Понатамошни информацииGoto top

Денот на правото на глас се одбележува на 19 септември и тоа е ден, кога во 1893, Нов Зеланд им одобри право на глас на жените. Нов Зеланд е првата земја во светот која го примени општото право на глас.

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Изјави за дискусија
• Ние имаме морална обврска да го искористиме нашиот глас на изборите.
• Ние треба да ги почитуваме сите закони, дури и неправедните.
• Единствените луѓе кои имаат некаква моќ во демократијата се политичарите.
• „Луѓето имаат такви лидери какви што заслужуваат.“
• Граѓаните имаат одговорност да ја контролираат секојдневната работа на владата.
• Слободата на изразување значи дека можеш да кажеш сé што сакаш.
• Нео-фашистичките партии треба да бидат забранети.
• На екстремистите треба да им се забрани јавно да зборуваат.
• Гласањето би требало да биде обврска.
• Не вреди да се гласа за претставниците да седнат во училишниот совет, бидејќи советот само дискутира и донесува препораки; не може да донесе обврзувачки одлуки.