Моќ на цвеќето
Сите цвеќиња на сите утрешнини се во семињата на денешнината.
Индиска поговорка
- Преглед
На крајот од оваа активност ќе имате ѕид со цвеќиња кој ќе ја претставува разновидноста на групата. Оваа е креативна активност која води кон дискусија за општите човекови права: кои се тие, зошто постојат и како треба да ги заштитуваме.
- Поврзани права
Сите
- Цели
• Да се развие разбирање за поврзаноста помеѓу човековите потреби, личната благосостојба и човековите права
• Да се развијат вештини за размислување и анализирање
• Да се развие солидарност и да се почитува разновидноста- Материјали
• Празен ѕид со доволно простор за да се постават сите цртежи
• Копии од прилогот, по еден за секој учесник
• По еден молив за секој учесник; гуми за бришење, фломастери во боја
• Селотејп за лепење на цртежите
• Флип-чарт и фломастери- Подготовка
Фотокопирајте по еден лист со прилогот, за секој учесник.
compass-key-date
- 28 мајЕвропски ден на соседите
Инструкции
Објаснете дека оваа активност ќе се развие во дискусија за човековите права, но тие ќе започнат да размислуваат што значи да се биде човек.
Прв дел. Идентификување што значи да се биде комплетен човек
1. Објаснете дека за некој да се чувствува како комплетен човек, потребно е неговите потреби да бидат исполнети. На пример, за основен живот, нам ни се потребни храна и вода, сон и воздух за дишење. Исто, нам ни е потребна сигурност: лична и финансиска, како и добро здравје. Нам ние потребна љубов и припадност: пријателство, интимност и семејство. Потребно ни е почитување: да се чувствуваме прифатени и ценети од другите и да чувствуваме дека можеме да го развиеме нашиот целосен потенцијал и да се чувствуваме целосно исполнети.
2. Кажете им на учесниците да нацртаат цвеќе за да ги претстават нивните потреби како човечки суштества. Цвеќињата треба да имаат осум ливчиња:
- Основни потреби
- Лична сигурност
- Финансиска сигурност
- Здравје
- Пријателство
- Семејство
- Почит
- Лично исполнување
Големината на ливчињата на цветот треба да одговара на важноста на осумте потреби во овој период од нивниот живот. Нацртајте еден пример на флип-чарт, додека објаснувате, но нагласете дека тоа е само пример; цвеќето на секој учесник ќе биде различно од цвеќињата на останатите.
3. Дајте им хартија, моливи и фломастери во боја. Замолете ги учесниците да го нацртаат нивното цвеќе на средина од листот, оставајќи простор околу. Објаснете дека нема точно или грешно, добри или лоши „одговори“; секое цвеќе ќе биде уникатно. За да ги мотивирате луѓето, кажете им да не ставаат име на листот. Дајте им десет минути за овој дел од активноста.
4. Сега, замолете ги учесниците да размислат за условите кои мора да постојат за да цвета цвеќето, а тие да бидат комплетни човечки суштества. Замолете ги да нацртаат лисја околу цвеќето за да ги претстават овие услови и да ги запишат клучните зборови на лисјата. Дозволете десет минути за ова.
5. На крајот, замолете ги учесниците да ги залепат нивните цртежи на ѕидот за да направат изложба
Втор дел. Поврзување на човековите потреби со човековите права
6. Дозволете им на учесниците да ги погледнат цвеќињата. Потоа кажете им да се поделат во мали групи од 3-4 и замолете ги да дискутираат на следните прашања:
- Дали постојат врски помеѓу човековите права и цвеќињата и листовите? Ако има, кои се врските?
- Дали човековите права се важни? Зошто?
- Што значат зборовите „човекови права“ за вас?
Сега побарајте од секоја група да даде повратна информација, а потоа преминете на резимирање и евалуација.
Резимирање и евалуација
Започнете со краток преглед на активноста, а потоа преминете на резимирање на дискусиите во малите групи и откријте што научиле учесниците за човековите права:
- Дали уживавте во активноста? Зошто? Зошто не?
- Дали беше тешко да се одлучите за големината на ливчињата од цветот? Дали сите осум потреби се значајни за исполнет живот?
- Дали има и други потреби кои не се претставени на ливчињата од цветот и дали уште треба да се додадат?
- Дали некој напиша нешто во средината на цвеќето?
- Дали сте изненадени од некои сличности и разлики помеѓу различните цвеќиња на учесниците? Што ви кажува тоа за човековите права?
- Кои се последиците за поединецот ако има уништени ливчиња на цветот?
- Што е потребно за да се заштитат различните ливчиња на цветот? Што напишаа учесниците на лисјата?
- Дали има некаква поврзаност помеѓу напишаното на лисјата и идејата за човековите права?
- Што научивте за сопствениот идентитет како човек? Како е тоа поврзано со човековите права?
- Кои човекови права ни се најпотребни за ние да цветаме и растеме како комплетни суштества (каде живеете)?
- Дали некои човекови права се поважни од другите? За кого? Кога? Каде?
- Зошто е потребно да ги заштитуваме и да ги развиваме човековите права?
- Што можеме најдобро да направиме за да ги заштитиме човековите права?
- Дали има некакви потреби кои не се покриени со постоечките конвенции за човекови права?
Совети за обучувачите
Нацртаното цвеќе подолу е само еден пример. Важно е да им се нагласи на учесниците дека секој од нив сам одлучува колку големи ќе бидат различните ливчиња на цветот. Боите, кои тие ќе ги изберат за различните делови, исто така, се личен избор.
Не треба да им обрнете внимание за средината на цвеќето; дозволете им сами да размислат дали ќе добијат идеја за нешто што е од суштинско значење во текот на активноста. Слично на тоа, нека размислуваат за повеќе ливчиња на цветот, на пример, културна сигурност, слобода на избор на сите аспекти во животот на поединецот, дистрибутивна правда, учество, идентитет и вероисповед или верба. Во секој случај, истакнете ја врската помеѓу потребата, последицата ако не се исполни потребата, користа ако се исполни потребата и како е заштитена од страна на легислативата и документите за човекови права.
На четвртиот чекор треба да им дадете на луѓето неколку совети. Треба да нагласите дека лисјата создаваат храна за цвеќето, користејќи ја сончевата светлина, водата и јаглеродниот диоксид, а потоа предложете дека некои од работите кои создаваат финансиска сигурност се работата, банкарскиот систем и синдикатите. Секако, можете да го додадете правото на работа, член 23 од Универзалната декларација за човекови права, но пожелно е учесниците сами да ја најдат врската со човековите права.
Важно е да се направи врска помеѓу човековите потреби и човековите права и да се покаже дека човековите права се основа за еден свет каде сите потреби на поединецот ќе бидат задоволени. Можеби ќе сакате да дискутирате со групата за Преамбулата од Универзалната декларација. Таа започнува со концептот на достоинство, еднаквост и неотуѓиви права за сите членови од човековата заедница, како основа за слобода, правда и мир во светот. Таа продолжува со опишување на највисоките аспирации на обичниот човек, како што се слобода на говор, убедување и слобода од страв.
Варијации
За да се скрати оваа активност, можете да ги направите само чекорите од 1 до 4, а потоа да започнете општа дискусија за човековите права со целата група. Ова може да биде соодветно со младите учесници, за кои може да биде тешко да работат на концептуално ниво. Некои, можеби, нема да ја разберат идејата за цртањето на различни големини на цвеќето за да ги претстават разликите во степенот на значајноста. Можеби ќе им биде апстрактно и правењето врски со човековите права.
Оваа активност можете да ја проширите замолувајќи ги луѓето да идентификуваат кои човекови права ги заштитуваат човековите потреби, како што е идентификувано за време на активноста. Употребете ја Универзалната декларација .
Предлози за идни активности
Вие можеби ќе сакате да им креирате проект на учесниците за да дознаат како хронолошки се развивале човековите права и да истражувате што се „новонастанати права“.
Ако учесниците уживале да зборуваат за она што е потребно во нивните животи, тогаш можеби ќе сакаат да ги истражуваат нивните убедувања преку активноста "Верници". По избор, учесниците можеби ќе уживаат во "Бинго на правата" , која е еден активен начин да се истражува врската помеѓу секојдневниот живот и човековите права. Ако тие се заинтересирани за новонастанатите права, активноста "Прсти и палци" изгледа вистинска за животната средина.
Идеи за акција
Предложете им на учесниците да ја направат оваа активност со нивното семејство, пријатели и колеги и да започнат дискусија за човековите права.
Понатамошни информации
Идејата за задоволување на човековите потреби, искористена во оваа активност, е развиена од работата на Маслов, Грифин и Тајрел (Human Givens). Основните потреби се оние кои ни требаат за да го зачуваме телото живо; и сексуалните потреби се вклучени во оваа категорија. Личната сигурност да се има засолниште – дом, „покрив над главата“, како и чувството да се биде безбеден од крадци и банди, војна и терористички напади. Финансиската сигурност значи да се има пари за пристоен животен стандард, како и сигурносна мрежа доклку станете невработени. Здравјето значи добро здравје и достапна здравствена грижа, доколку имате несреќа или се разболите. Пријателството вклучува можности за вклучување во клубови, како и слободен избор на пријатели и партнер за интимна врска. Семејство значи не да сте присилно одделени од вашето семејство. Почит значи да сте почитувани и ценети од другите, заради тоа што сте и заради тоа што го правите. Исполнувањето на сопствениот потенцијал е наречено „само-актуелизација; тоа значи дека вие имате можност да бидете личноста која сакате да бидете, целосно да ги користите вашите способности и самоуверено да се чувствувате во поглед на себе и вашето место во светот.