Јас навистина посакувам да можев да зборувам со некого за тоа.  

Преглед

Оваа е активност со играње на улоги и ги опфаќа прашањата за:
• Интерперсонално насилство
• Врсничко насилство (булинг).

Поврзани права

• Слобода од деградирачки третман
• Право на достоинство
• Право на заштита од сите форми на физичко и ментално насилство

Цели

• Да се развијат знаење и разбирање за причините и последиците од врсничкото насилство (булинг)
• Да се развиваат вештини за соочување со проблемот
• Да се создава емпатија со жртвите од врсничко насилство (булинг)

Материјали

• Копии од сцените за играње улоги (една сцена за група)
• Една копија од листот со „вистински приказни“
• Простор за изведување на драматизациите

compass-key-date
  • 4 јуниМеѓународен ден на децата-жртви на агресија

Инструкции

1. Претставете ја активноста. Објаснете им дека ќе работат во мали групи и ќе подготват кратки драматизации на тема врсничко насилство (булинг).
2. Направете кратка бура на идеи за тоа „Што е врсничко насилство (булинг)?“ за да се осигурате дека секој се согласува за тоа што е врсничко насилство (булинг), ги знае различните форми, знае дека може да се случи во секое училиште, колеџ, клуб, организација или работно место.
3. Поделете ги учесниците во три подгрупи и доделете им по една од сцените на секоја група. Дајте им по 15 минути да се обидат и да ги подготват нивните улоги.
4. Штом се готови, замолете ја секоја група да ја претстави нивната сцена.
5. Оставете ги коментарите сé додека сите групи не завршат со претставување на нивната сцена, а потоа вратете се сите заедно, пленарно, за дискусија.

Резимирање и оценувањеGoto top

Започнете со резимирање на играњето улоги.

  • Каде групите најдоа материјал за развивање на нивните сцени? Дали тоа беше од приказните или филмовите за врсничкото насилство (булинг) или беше засновано врз искуство?
  • Беа ли сцените реалистични?
  • Во сцена 1, кои работи, кои ги кажаа луѓето, беа конструктивни и ѝ помогнаа на ситуацијата, а кои работи ја попречуваа ситуацијата?
  • Во врска со сцена 2, колку е лесно да се зборува искрено со пријател, кој е и насилник. Општо, кои техники имаат тенденција да имаат позитивен ефект, а кои тактики имаат тенденција да имаат негативен ефект?
  • Во врска со сцена 3, колку е лесно да се зборува со пријател кој бил жртва на насилство? Кој е најдобриот начин да се најдат решенија кои се прифатливи за жртвата?

Потоа замолете три учесници доброволно да ги прочитаат трите „вистински приказни“. Замолете ги општо да коментираат за случаите и потоа продолжете со разговор за причините на врсничкото насилство (булинг), како можеме да се справиме со него и за тоа кои права се вклучени.

  • Што мислите, какво е чувството да бидете жртва на насилство?
  • Дали жртвата на насилство е одговорна за тоа?
  • Зошто насилниците малтретираат? На пример, дали тие се обидуваат да докажат нешто, злоупотребувајќи ги другите луѓе?
  • Дали врсничкото насилство (булинг) е форма на насилство?
  • Дали врсничкото насилство (булинг) е заради моќ?
  • Дали врсничкото насилство (булинг) е неизбежно?
  • Ако сте пријател со некого, кој бил жртва на насилство, дали треба да информирате некого од власта, иако вашиот пријател ви го кажал неговиот проблем во доверба?
  • Кои се вообичаените предрасуди за луѓето кои се жртви на насилство?
  • Кој е одговорен за контролирањето на проблемот со врсничкото насилство (булинг)?
  • Што би направиле доколку сте личност – жртва на насилство?
  • Што треба да се направи со насилниците? Како тие можат да научат да запрат со насилството? Дали тие треба да бидат казнувани?
  • Кои човекови права се во прашање во различните приказни?

Совети за обучувачитеGoto top

Врсничкото насилство (булинг) може да биде директно и индиректно. Директното насилство значи однесување од типот: именување со погрдни имиња, задевање, туркање или влечење, удирање или напаѓање, земање чанти или друга сопственост и нивно расфрлање наоколу, присилување некого да краде пари и други предмети, напаѓање и заканување некому заради неговата вероисповед, боја, попреченост или обичаи. Индиректното насилство значи однесување од типот: ширење озборувања со намера жртвата да се изолира од општествениот живот. Вакви однесувања најчесто се иницирани од еден или повеќемина против конкретна жртва или жртви. И во двата типа насилство, основната компонента е физичкото или психичкото заплашување, кое систематски се појавува со тек на време и создава постојан модел на вознемирување и злоставување. 

Ако работите во една поширока група или клуб, колеџ или работно место, можеби ќе сакате да ги прилагодите овие сцени да одговараат на вашата одредена ситуација. Внимавајте на младите луѓе во вашата група и на личните искуства од врсничкото насилство (булинг). Формирајте ги групите и согласно на тоа, споделете ги сцените

ВаријацииGoto top

Наместо играњето улоги, трите групи можат да ја анализираат секоја сцена и да објаснат како тие ќе го решат проблемот.

Вие можете да изберете да се насочите на една од сцените и на секоја група да им дадете исто сценарио на кое ќе работат. Така, секоја група ќе ја презентира сопствената верзија на приказната со нивните различни, можни решенија и алтернативи. Предноста е дека ќе добиете поголем увид во прашањата и повеќе решенија за проблемот. 

Ако имате кратко време и доколку немате простор за играње улоги, можете да ги искористите вистинските приказни како случаи за дискусија во мали групи. Замолете ги луѓето да размислуваат за ситуациите и да предлагаат можни конкретни решенија и алтернативи и да имаат во предвид што би сториле тие, доколку се жртви на врсничко насилство (булинг). 

Предлози за идни активностиGoto top

Дознајте дали има некакви локални програми кои обучуваат врснички едукатори (млади волонтери) за посредување при конфликти. Замолете некој од нив да дојде и да зборува со групата и земете ја во предвид можноста за воспоставување систем на врснички медијатори во вашето училиште, колеџ или клуб.

Ако сте заинтересирани за примери на добра практика во врсничкото образование, погледнете го „Проектот миротворец во Офенбах, Германија – еден пример за врсничка медијација во училиштата“, дел 5.1 во Домино.

Ако сакате да погледнете за сајбер-насилството, погледнете ја активноста "Мојот живот не е шоу".По избор, групата можеби ќе сака да развие политика против врсничко насилство за нивното училиште или организација. Методот, опишан во активноста "Одговорајќи на расизмот" за тоа како да се развие анти-расистичка политика, е исто соодветен за развивање на политика против врсничко насилство.

Во "Приказни раскажани од млади луѓе" дел 4 од Домино, можете да ја прочитате приказната на Габор за тоа како тој бил малтретиран на училиште, бидејќи бил Евреин. Можете да ја искористите за почеток на дискусијата во врска со антисемитизмот или за да го поставите прашањето: „Што би направиле вие во оваа ситуација?“

Идеи за акцијаGoto top

Најдете група или здружение кое работи со врсничко насилство (булинг) и понудете им ја вашата поддршка.
Ако имате особено креативна група, предложете им да напишат нивни сопствени сцени и потоа да ги изведат пред другите.
Членовите на групата можат и да водат или да организираат дебата во нивните училишта или заедници на тема врсничко насилство (булинг).
Заедно со други пријатели, креирајте група за поддршка во вашето училиште или заедница за помош на младите луѓе - жртви на врсничко насилство (булинг).

Понатамошни информацииGoto top

Понекогаш, насилниците не сфаќаат колку лошо се чувствуваат нивните жртви. Можеби тие мислат дека некого задеваат или само прават смешни шеги со нив и тоа е само „добра смеа“! Тие можат така да започнат, но после неколку денови или недели, тоа започнува да ја вознемирува личноста која ја исмеваат. Понекогаш, насилниците мислат дека задевајќи други луѓе, тие изгледаат „кул“. Тие можат да се љубоморни на некого или на нечиј изглед. Можеби тие се навикнати многу внимание и ако некој се осмели да ги засени, тоа не им се допаѓа и го повредуваат. Често, на насилниците им недостигаат социјални вештини и не знаат како да бидат добри пријатели. Насилниците може да имаат проблеми дома; кога луѓето се сведоци на насилство или кога луѓето се гадни едни кон други во домот, тие го копираат, она што го гледаат. Тие лошо се чувствуваат и сакаат да ги повредуваат другите луѓе за и ним да им биде лошо. Телесното казнување може, исто, да води кон врсничко насилство (булинг), бидејќи ги учи децата дека насилството е прифатлива и соодветна стратегија за решавање конфликт или можност луѓето да прават што сакаат. Можете да прочитате за кампањата од Советот на Европа за запирање на тепањето овде: www.coe.int „Забрана за телесното казнување на децата, прашања и одговори“.

На насилниците им е потребна помош; тие треба да ги разберат причините зошти тие малтретираат и да научат како да го променат нивното однесување, особено како да управуваат со нивните чувства на начин кој не ги повредува другите луѓе и како тие треба да бидат упорни за да го добијат она што го сакаат. Вклучувањето во практични активности, каде што тие можат да најдат нови интереси, кои ќе ги одведат подалеку од насилството и каде што тие ќе можат да ги покажат нивните таленти, ќе им помогне да развијат самодоверба и да се замислуваат себеси како некој кој е добра личност, која не повредува други луѓе.
За повеќе информации, погледнете: www.bullying.co.uk , www.bullying.org, www.bullyonline.org или внесете „булинг“ во вашиот пребарувач.

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Сцени за играње улоги

Сцена 1
Еден ученик се обраќа до некој од раководителите и се обидува да им објасни дека еден/една од неговите соученици/чки бил/а жртва на врсничко насилство (булинг). Директорот/ката е авторитарен/на и традиционален/на. Тој/таа смета дека стандардите се снижиле и има ниско мислење за општото однесување на младите луѓе денес. Одделенскиот раководител не сака да ја преземе одговорноста за ситуацијата. Останатите наставници го потценуваат проблемот и не го препознаваат однесувањето на насилникот, онакво какво што е. Претставникот од локалната служба за социјални грижи е загрижен, но е затрупан со премногу работа така да не може да интервенира во моментот

Сцена 2
Група ученици се обидуваат да зборуваат со пријател, кој малтретира помлад ученик.

Сцена 3
Различни ученици се собрани заедно и зборуваат за пријател кој бил малтретиран од група постари ученици. Тие би сакале да му помогнат на нивниот пријател и ги анализираат сите можни решенија за да му помогнат нему.

Вистински приказни

Приказна 1
„Јас имам 12 години и мразам да одам на училиште, бидејќи никој не ме сака. Има група на деца кои ме нарекуваат со погрдни имиња секогаш кога се во можност. Тие велат дека сум грда и дебела и дека моите родители треба да се срамат од мене. Мојата најдобра другарка престана да ми зборува, а сега дури се спријатели и со некои од децата во оваа група. Ја мразам неа. Се чувствувам толку осамено и се плашам дека она што го велат за моите родители е вистина.“
Росана

Приказна 2
„Започнав со часови во нов колеџ оваа година и уште од првиот ден почувстував дека некои од девојките ме гледаат на чуден начин. Потоа сфатив дека се љубоморни, бидејќи бев многу популарна кај момчињата. Сега наоѓам мали ливчиња со закани на вратничката од моето шкафче. Исто така, дома добивам навредливи телефонски повици. Тие дури ми ги украдија моите книги неколку пати. Минатата недела, отидов во тоалетот, а три девојки ме следеа, ми викаа, ми се закануваа со нож и ми рекоа дека треба да учам на друго место и ме нарекоа „курва“. Јас не можам веќе ова да го поднесам. Јас сум уплашена и лута. Се обидов да зборувам со директорката, но таа не го ислуша мојот проблем. Не знам што да правам.“
Лизбет

Приказна 3
„Мојот најдобар другар ми кажа дека другите ученици го задевале на училиште. Бидејќи сакав да му помогнам, одлучив да одам и да зборувам со нив, но откако го сторив тоа, тие почнаа и мене да ми го прават истото. Сега и двајцата сме малтретирани: тие прават шеги со нас, прават валкани трикови и ни се закануваат со тепање. Ние двајцата одлучивме да не кажеме никому, бидејќи се плашиме дека работите ќе се влошат.“
Андреј