Во разновидниот свет, децата се единствената сила способна да нé обедини сите нас за поддршка на заедничката етика

Граса Машел - Мандела

Преглед

Оваа активност користи рангирање во форма на дијамант за да се промовира дискусија за Конвенцијата за правата на детето (КПД), вклучувајќи:
• Основни човекови права и посебни права на детето според Конвенцијата за правата на детето
• Должности и одговорности според Конвенцијата
• Како да се бараат правата.

Поврзани права

•Права на детето (сите)
•Право на слободно изразување на погледите за сé што го засегнува него/неа
•Право на заштита од економска експлоатација
•Право на одмор и слободно време и да се ужива во сопствената култура

Цели

• Да се обезбеди знаење за Конвенцијата за правата на детето (КПД)
• Да се развиваат вештини за критички преглед на информациите и нивно поврзување со секојденвното искуство
• Да се поттикнуваат чувствата на одговорност, солидарност, правда и еднаквост

Материјали

Картички со изјави– по еден комплет за секоја мала група
• Голем лист хартија за да се направи ѕиден приказ и фломастери и пенкала
• Доволно простор малите групи независно да работат

Подготовка

• Погледнете ја скратената верзија на КПД. Наведете ги членовите од Конвенцијата на голем лист хартија како ѕиден приказ.
• Прегледајте ги картичките со изјави, дадени подолу, кои се однесуваат на КПД. Одлучете кои членови ќе предизвикаат најинтересна дискусија со вашата група. Имајте во предвид кои прашања се најзначајни за членовите на групата и кои би биле најконтраверзни. Ако е потребно, одберете други права и направете сопствени картички.
• Подгответе еден комплет картички за секоја мала група. Ставете го секој комплет во плик така што да не можат да се мешаат!

compass-key-date
  • 20 ноемвриМеѓународен ден на детето

Инструкции

1. Започнете со краток преглед на Конвенцијата за детски права. Прашајте ги луѓето што знаат за неа. Покажете го ѕидниот приказ и разгледајте ги главните членови.
2. Замолете ги учесниците да се поделат во мали групи од три или четири луѓе. Поделете ги пликовите со картичките со изјави.
3. Објаснете го процесот на рангирање во форма на дијамант. Секоја мала група ќе ги диксутира деветте изјави и ќе размислуваат колку се тие значајни за нивниот живот. Тие треба да ги наредат во форма на дијамант, редејќи ги по важност. Тие треба најпрвен да ја стават најважната изјава на масата. Под неа, ги поставуваат, една до друга, наредните две најважни изјави. Под овие, ги редат наредните три изјави со умерена важност. Четвртиот ред треба да има две картички, а петтиот ред треба да има една картичка - изјавата која мислат дека е најмалку важна. На овој начин, картичките ќе бидат наредени во форма на дијамант.
4. Дајте им на групите 25 минути да дискутираа и да одлучат за редот на рангирање.
5. Откако сите мали групи ќе завршат, дозволете им на луѓето да се прошетаат низ просторијата и да разгледаат како секоја група ги рангирала изјавите. Потоа, повикајте ги сите пленарно за резимирање.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете поканувајќи ја секоја група да ги презентира резултатите од нивните дискусии. Потоа, преминете на резимирање дали учесниците уживале во активноста и што научиле.

  • Како може да се споредат дијамантите на различните групи? Кои се сличностите, а кои се разликите?
  • Зошто различните луѓе имаат различни приоритети?
  • Луѓето можат да кажат дека одредено право е позначајно од друго право во рамките на заедницата, но погрешно е да се каже дека едно право е позначајно од друго право, само по себе. Зошто?
  • Како резултат на слушањето на другите, дали некоја од групите сака да ја промени нивната одлука за рангирањето на картичките? Кои аргументи беа најубедливи?
  • Општо, кои права не се почитуваат во вашата заедница и зошто?
  • Дали постојат некои права, кои не се во Конвенцијата, а вие мислите дека треба да се вклучени?
  • Зошто на децата им е потребна нивната Конвенција?
  • Ако децата треба да имаат своја Конвенција, дали не треба да постои и Конвенција за млади луѓе од 18-30? Ако има таква Конвенција, кои посебни права би ги содржела?
  • Една работа е децата да имаат права според Конвенцијата, но во реалноста, колку е возможно тие да си ги бараат тие права?
  • Како можат децата да си ги бараат нивните права?
  • Ако учеството во демократскиот процес е еден начин луѓето да си ги бараат правата, што можат учесниците да направат и како да започнат со „барање на правата“ дома, во нивното училиште или клуб? Кои права се особено значајни за младите луѓе во групата?
  • Дали уредот „Москито“, дизајниран да ги растерува младите луѓе од јавни места, се користи некаде во вашиот град? Кои права на младите луѓе ги крши овој уред?
  • Кому, во вашето општество, можат децата да се обратат, ако препознаат сериозно кршење на нивните права?

Совети за обучувачитеGoto top

Има повеќе информации за рангирањето во форма на дијамант, во делот, „Употреба на Компас во образованието за човекови права“ Поглавје 1. Нагласете им на групите дека не постои точен или грешен начин за подредување на картичките. Тие треба да знаат дека различните луѓе имаат различни искуства и според тоа, различни приоритети и тоа треба да се почитува. И покрај тоа, тие би требало да се обидат, во секоја од малите групи, да дојдат до консензус за редоследот. После сé, во вистинскиот живот, треба да се дава приоритет на прашањата, а одлуките да се донесуваат во најдобар интерес за сите!

Во инструкциите за учесниците и при оценувањето, бидете сигурни дека учесниците сфатиле дека давањето приоритети треба да биде во согласност со важноста на правата за животот на учесниците. Човековите права се неделиви и според тоа, не е точно ако се каже дека правото на образование е поважно од слободата на говор. Но, правилно е доколку тврдите дека во вашата заедница правото на образование е поважно, бидејќи немаме училиште, а имаме слободен печат.

ВаријацииGoto top

Наместо деветте членови кои требаше да се рангираат, вие можете да им дадете осум и да оставите една празна картичка за групите сами да го идентификуваат деветтиот член

Ставете ги картичките со изјави во еден шешир и замолете ги луѓето да извлечат по една и да зборуваат за неа една минута. Прочитајте ја активноста  „Само една минута“ за информации за овој метод.

Замолете ги малите групи да напишат кратка приказна или да претстават кратко играње на улоги за некој инцидент, поврзан со избраните права. Може и приказните/претставите да бидат засновани на настани од медиумите: нешто слушнато или видено на филм или театар, или прочитано во книга или списание. Играњето улоги може да се развива така што учесниците ќе започнат со инцидентот и ќе продолжат со импровизирање на решенија или начини за да се спречи повторното случување или само на инцидентот или на нарушувањето, воопшто.

Предлози за идни активностиGoto top

Поканете некого кој ја познава Конвенцијата за детски права, на пример, судија, адвокат, јавен обвинител, одговорниот за детската линија за помош, детски психолог или некој од канцеларијата на правобранителот, за да зборува со групата. Пред разговорот водете бура на идеи за злоупотребата на детските права, на пример, злоупотреба на децата, сексуална експлоатација, занемарување и врсничко насилство (булинг). Дознајте од говорникот кој, во локалната заедница, има должност за грижа и одговорност, на пример, родителите, полицијата, телефонски линии за помош, социјални работници итн. Исто така, побарајте совет како да се дејствува ако тие се сведоци на насилство, особено ако е нешто сериозно, како на пример, соседот да ги малтретира неговите деца. Ваквите прашања треба да се решаваат со нега, грижа и внимателно.

Одберете прашање кое ја засегнува групата и замолете ги да дискутираат и попрецизно да истражуваат за тоа како нивните права се прекршени. Тие треба да одговорат како прекршеното право треба да биде балансирано во однос на правата на другите луѓе. Тие би можеле да преземат понатамошен чекор и да придонесат во дебатата која се одвива на Debatepedia. Предложените теми вклучуваат: употреба на санкции за да се стави крај на детскиот труд; дали децата имаат право да ги знаат нивните биолошки родители; кондоми во училиштето; мобилни телефони на учениците во училиштето; дали возраста за гласање треба да се намали; смалување на возраста за пиење. Погледнете ги овие и други прашања кои се дебатираат на http://debatepedia.idebate.org/en/index.php/Category:Youth

Дознајте повеќе за работата на Советот на Европа со млади луѓе; внесете “Building a Europe for and with Children” во вашиот пребарувач.
Добро погледнете ги различните прашања поврзани со младинското учество преку активноста „На скалата“.
Децата и младите луѓе често се чувствуваат дискриминирани. Ако групата сака да ги истражува прашањата за дискриминацијата, можеби ќе сакаат да ја изведат активноста „Сите еднакви-сите различни“ .

Идеи за акцијаGoto top

Ако работите во училиште, дајте им на учениците да ги разгледаат училишните политики на управување и наставната програма за да проверат дали тие одговараат на должностите и одговорностите во врска со Конвенцијата за детски права. На пример, дали тие овозможуваат образование кое е насочено кон развојот на детската личност, таленти и способности или акцентот е ставен на учењето за испитите? Дали учениците имаат право слободно да ги искажат нивните ставови за сите работи кои ги засегаат? Дали на ученичките погледи им се дава некаква тежина? Со други зборови, дали постои училиштен совет и колку е тој ефикасен? Дали училишната дисциплина се спроведува на конзистентен начин со достоинството на детето? Како училиштето се справува со расните инциденти и врсничкото насилство (булинг)? Дискутирајте за тоа каде има простор за подобрување и кои мерки би требало да се преземат. Погледнете во делот  „Преземање акција“ и испланирајте проект. Бидете внимателни и не избрзувајте! Внимавајте да не ги вознемирите наставниците, па тие да се навредат и да помислат дека им ја одземате моќта!

Ако работите во младински клуб или организација, дајте им на членовите да ги разгледаат политиките на управување и можностите за учество. Придонесете во дебатите на http://debatepedia.idebate.org (category: youth)

Понатамошни информацииGoto top

„Ако 16-годишните се доволно возрасни да пијат вода, загадена од индустриите кои вие ги регулирате, ако 16-годишните се доволно возрасни да го дишат воздухот, загаден од печките за спалување отпад, кои ги изгради владата, ако 16-годишните се доволно возрасни да се движат по улиците, кои се небезбедни заради ужасните дроги и криминалните политики, ако 16-годишните се доволно возрасни да живеат во сиромаштија во најбогатата земја во светот, ако 16-годишните се доволно возрасни да се разболуваат во земја со најлоша јавна здравствена заштита во светот и ако 16-годишните се доволно возрасни да посетуваат училишта, за кои вие не давате доволно средства, тогаш 16-годишните се доволно возрасни да играат улога која ќе ги направи подобри.“ 
Ребека Тилсен, 14, која сведочела пред Поткомисијата на Домот во Минесота, во 1991, во врска со намалувањето на возраста за гласање.

За целосниот текст од Конвенцијата, значајни документи од UNICEF, кои се публикуваат годишно, за состојбата на децата во светот, како и други книги и публикации поврзани со детските права, погледнете ги референците во Поглавје 5 делот за „Деца“.
Парламентарното Собрание на Советот на Европа повика на забрана за акустичните уреди „за растерување на млади (Москито)“. На нивниот состанок, во јуни 2010, Собранието повика на забрана за сите акустични уреди кои ги дискриминираат младите луѓе, како што е „Москито“ – уредот за растерување на млади, кој емитува силен звучен сигнал, кој можат да го слушнат скоро сите помлади од 20 години, но и некои над 25 години, со цел да се спречат младите луѓе од денгубење. Во препораката, која беше едногласно усвоена од Собранието и која беше донесена од сите парламентарци на државите-членки при Советот на Европа, се вели дека тој уред е „исклучиво навредлив“ и ги дискриминира младите луѓе, третирајќи ги како „непосакувани птици или паразити“. Тоа може да претставува и кршење на човековите права, како што се правото на приватен живот или слобода на собирање и може да претставува деградирачки третман, бидејќи нанесува „акустична болка“

 

 

 

 

 

 

 

 

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Картички со изјави

Ископирајте ги следните членови и исечете ги за да направите картички со изјави.

Детето има право слободно да ги изрази неговите/нејзините ставови за сите работи кои го/ја засегаат, а на детските ставови треба да им се даде соодветна тежина. Детето има право на слобода на изразување.

Правото на детето на слобода на мислата, совест и вероисповед треба да се почитува. Детето има право на слобода на здружување и мирно собирање.

Ниту едно дете не смее да биде изложено на самоволно или незаконско мешање во неговата/нејзината приватност, семејство, дом или преписка. Детето треба да биде заштитено од незаконски напади врз неговата/нејзината чест и углед.

Родителите ја имаат примарната одговорност за воспитувањето и развојот на детето.

Детето има право на образование. Државата треба да обезбеди основно образование кое ќе биде задолжително, достапно и бесплатно за сите. Училишната дисциплина треба да биде администрирана на конзистентен начин со достоинството на детето. Образованието треба да е насочено кон развој на детската личност, таленти и способности, кон развој на почитување на човековите права и основни слободи, кон развој на одговорен живот во едно слободно општество во духот на мир, пријателство, разбирање, толеранција и еднаквост и кон развој на почитување на природната средина.

Детето има право на одмор и слободно време, да игра и слободно да учествува во културниот живот и уметноста.

Детето треба да биде заштитено од економска експлоатација и од изведување работа која може да биде опасна по неговиот/ нејзиниот живот и развој. Детето треба да биде заштитено од сите форми на сексуална експлоатација и сексуална злоупотреба, искористување на децата во проституција или други незаконски сексуални практики, во порнографски изведби и материјали.

Државата треба да ги преземе сите можни мерки за заштита и грижа за децата погодени од вооружен конфликт.

Секое дете, обвинето дека направило кривично дело или криминал, треба да добие пресумпција на невиност сé додека не се докаже вината, да има правна помош во претставувањето на неговиот/нејзиниот случај, да не се присилува да сведочи или да признае вина, неговата/нејзината приватност целосно да се почитува и да се однесуваат кон него/нејзе на начин соодветен на неговата/нејзината возраст, околности и благосостојба. Ниту смртна казна ниту доживотен затвор, без можност за ослободување, не смее да им се изрече на деца помлади од 18 години.