Ајде да зборуваме за секс; ајде да зборуваме за тебе и за мене.

Преглед

Оваа активност користи техника „аквариум“ за да се истражат ставовите за сексуалноста, вклучувајќи ја и хомофобијата.

Поврзани права

• Право на еднаквост
• Слобода од дискриминација
• Слобода за изразување и здружување

Цели

• Да се прошири разбирањето на прашањата и правата поврзани со сексуалноста и сексуалниот идентитет
• Да се развие самодоверба за да се изразува сопственото мислење за разновидноста на сексуалните склоности
• Да се промовира толеранција и емпатија кон другите кои се различни

Материјали

• 3 столови
• 2 обучувачи (пожелно е)
• Простор за да се движат учесниците
• Табла или флип-чарт и флоастери
• Мали ленти од хартија и пенкала
• Шешир

Подготовка

• Бидете свесни дека за многу луѓе – особено млади луѓе, сексуалноста е многу лично и сензитивно прашање. Бидете подготвени да ја прилагодите или методологијата или темата - или двете!
• Идентификувајте неколку добро-познати луѓе кои јавно проговориле за нивната сексуалност, вклучувајќи хетеросексуалци и хомосекасуалци, бисексуалци и трансексуалци.

compass-key-date
  • 17 мајМеѓународен ден против хомофобија и трансфобија

Инструкции

1 Насловот е адаптиран од хит-песната, од американското хип-хоп трио Saltn-Pepa (1991)

1. Наместете ја сцената. Објаснете дека, иако повеќето луѓе сексуалноста ја гледаат како приватна работа, правото да не се биде дискриминиран според сексуалната ориентација е основно човеково право и е заштитено со легислативата на повеќето европски земји. Оваа активност е можност да се истражуваат ставовите за сексуалноста, а особено за хомосексуалноста и хетеросексизмот. Потоа, загрејте се со бура на идеи за познатите луѓе, кои гласно проговориле за нивната сексуалност.
2. Поделете ги ливчињата и пенкалата и замолете ги луѓето да напишат прашања во врска со хомосексуалноста или сексуалноста, воопшто, и да ги стават тие ливчиња во шеширот. Прашањата треба да бидат анонимни.
3. Објаснете дека оваа активност е за истражување на ставови за сексуалноста, а особено за хомосексуалноста. Секој слободно треба да го искаже мислењето, кое може да биде конвенционално или неконвенционално, контроверзно или кое ги оспоруваат нормите во нивното општество. Луѓето можат да презентираат гледни точки со кои тие се согласуваат или не се согласуваат без страв, потсмев или презир.
4. Наместете ги трите столови во полукруг пред групата. Овие се за тројцата говорници во „аквариумот“. Остатокот од групата се набљудувачи.
5. Објаснете дека ќе започнете, поканувајќи двајца волонтери, да се придружат во конверзацијата во „аквариумот“. Доколку во некоја точка, некој сака да се приклучи, може тоа да го стори, но бидејќи има простор за само три риби во топката во исто време, тогаш некој ќе мора да испадне. Некој кој сака да се придружи во конверзацијата, треба да дојде напред и нежно да го допре рамото на еден од „говорниците“. Овие двајца луѓе ги заменуваат местата и првиот „говорник“ станува набљудувач.
6. Секој е добредојден да истапи напред и да го искаже мислењето, кое не мора да е и сопствено мислење. На овој начин, гледните точки кои се контроверзни, „политички некоректни“ или незамисливи можат да се искажат, а темата да се дискутира од многу различни перспективи. Нагласете дека навредливите или болни коментари, кои се упатени кон поединци во групата, не се дозволени.
7. Замолете некој доброволец да одбере прашање од шеширот и да започне да дискутира за него. Дозволете дискусијата да тече сé додека луѓето не ја исцрпат темата и додека точките не почнат да се повторуваат.
8. Потоа замолете други тројца добровоци да започнат дискусија за друго прашање, според истите правила од претходно.
9. Дискутирајте онолку прашања колку што имате време. Кога конечно ќе преминете на резимирање и евалуација, направете кратка пауза и дозволете им на учесниците да излезат од „аквариумот“. Ова е особено важно, ако дискусијата почне да се вжештува и да станува контроверзна. 

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете со кратко резимирање за тоа како се чувствуваат луѓето, и внатре и надвор од „аквариумот“. Потоа, преминете на различните погледи кои беа искажани и конечно, дискутирајте што научија луѓето од активноста:

  • Дали некој беше шокиран или изненаден од некои искажани гледни точки? Кои? Зошто?
  • Во вашата заедница, колку се луѓето отворени во врска со сексуалноста?
  • Дали од младите мажи и жени се очекува да се прилагодат на одредена сексуална ориентација и улоги? Кои?
  • Како (младите) луѓе, кои не ги исполнуваат овие очекувања, се перцепирани и третирани?
  • Дали некои групи се повеќе отворени од други? Зошто?
  • Од кои сили зависи како се развива нашата сексуалност?
  • Од каде луѓето ги добиваат нивните вредности за сексуалноста?
  • Дали ставовите на учесниците за сексуалноста се разликуваат од оние на нивните родители и баби и дедовци? Ако се разликуваат, на кои начини се разликуваат? Зошто?
  • Дали постојат некакви закони во вашата земја кои забрануваат сексуални врски помеѓу возрасни луѓе? Ако забрануваат, во што се состои забраната? Зошто тие постојат? Дали мислите дека тие се разумни?
  • Членот 16 од Универзалната декларација наведува: „Мажите и жените во полна возраст, без никакво ограничување според раса, националност или религија, имаат право на брак и да формираат семејство.“ Зошто „сексуалната ориентација“ не е вклучена во листата, заедно со „раса, националност или религија“? Дали треба да биде вклучена?
  • Во некои земји, законите и општествениот притисок се појавуваат за да се судрат со човековите права на поединецот, како што се почит и достоинство, заљубување во личност по сопствен избор, слободно стапување во брак итн. Како можат да се решат ваквите конфликти?

Совети за обучувачитеGoto top

Бидете свесни за социјалниот контекст во кој работите и соодветно прилагодете ја активноста.
Целта на оваа активност е да им се дозволи на учесниците да размислуваат за сопствената сексуалност и за нормите во нивното општество, како и да се охрабрат да имаат самодоверба за да ги изразат нивните погледи, како и да бидат толерантни кон луѓето со различни ставови. Целта не е да се убедат луѓето со различни погледи на свет, ниту пак да се дојде до консензуална одлука.

Пред да ја водите активноста, препорачливо е да се подготвите себеси, читајќи ги читајќи ги информациите за „Род“. Размислете кои теми би можеле да се појават. Некои често поставувани прашања и теми вклучуваат:

  • Што е хомосексуалност?
  • Кои се разликите помеѓу хетеросексуалците, геј, лезбејки, бисексуалци и трансексуалци?
  • Дали хомосексуалноста е болест?
  • Како луѓето стануваат геј или лезбејки?
  • Што е со ризикот од СИДА?
  • Во некои земји хомосексуалноста е прифатена и геј луѓето можат да стапуваат во брак, а во други тоа е казниво со смрт.

Исто така, за вас, обучувачите, многу е важно да размислите за вашите сопствени вредности и верувања за она што е правилно, за вас, вашите семејства и за другите и да запомните дека овие вредности ќе се рефлектираат врз сé што ќе направите и кажете и сé што нема да направите или нема да кажете. Пресудно е да ги признаете вашите сопствени вредности и предрасуди и да го разберете потеклото на тие вредности, така што и учесниците ќе можат да развијат увид во потеклото на нивните вредности.

Целта на бурата на идеи со познати луѓе, кои јавно проговориле за нивната сексуалност, е да се охрабрат учесниците да бидат отворени дискутирајќи за сексуалноста. Исто, можност е да се појаснат термините, како што се геј и лезбејка, хомосексуалец, хетеросексуалец, бисексуалец и трансексуалец. Погледнете ги информациите во Поглавје 5.

Вашата улога во активноста е пресудна во поставувањето на општиот тон. Еден начин да се започне е со користење на двајцата обучувачи како говорници. Едниот од вас би можел да започне велејќи: „Дали слушна, Петар излезе дека е геј?“ Другиот може да одговори: „Не, никогаш не би помислил, во смисла, тој не изгледа како геј.“ На овој начин, вие навестувате дека конверзацијата е за некој заеднички пријател и според тоа е на „локално“ ниво и не е теоретска дебата. Исто така, тоа помага да се отвори дебата за тоа што знаат луѓето за хомосексуалноста и нивните ставови кон неа.
Се надеваме дека некој од набљудувачите брзо ќе ве замени, а со тоа ќе овозможи да им ја оставите дискусијата на учесниците. Според тоа, вие треба да продолжите со учество како опсервери, така што ќе ја задржите можноста уште еднаш да се обидете како говорникци. Ова ја остава отворена можноста за вас дискретно да ја манипулирате дискусијата или да отворите различни патишта на дебатата или тактично да отстраните некој учесник, кој не ги почитува правилата.

Ако сакате, можете да воведете правило дека некоја одредена гледна точка може само еднаш да биде покрената. Ова ќе спречи дискусијата да биде фокусирана само на неколку аспекти од темата и ќе помогне да се обесхрабри повторувањето на популарните предрасуди. 

Ако е потребно да ѝ дадете идеи на групата за прашањата кои треба да се дискутираат, би можеле да го предложите следново:

  • Дали возраста за сексуална согласност (за брак или секс) е различна за хомосексуалците?
  • Дали треба да им се дозволи на геј и лезбејските парови да стапуваат во брак и да посвојуваат деца? Зошто/зошто не?
  • Дали е вистина дека мажите кои имаат секс со мажи имаат повеќе шанси да добијат СИДА од жените кои имаат секс со мажи?

Ако групата е голема, нема да има време да се дискутираат сите прашања. Бидете свесни дека некои од луѓето може да се чувствуваат разочарано или фрустрирано, бидејќи нивното прашање нема да се отвори. Во обид да го надминете ова, вие можете, на крајот од сесијата, да ги залепите сите прашања на ѕидот. Ова ќе ги мотивира учесниците да ја продолжат дискусијата во некое нивно време. 

ВаријацииGoto top

Овој метод може да биде прилагоден за кој било вид на прашање, на пример, расизам, образование или промена на климата.

Предлози за идни активностиGoto top

Вам можеби ќе ве интересира да погледенете како сексуалноста, а особено хомосексуалноста, е претставена во медиумите. Соберете слики од весници, списанија и од Интернет и замолете ги луѓето да напишат наслови или говорно облаче; погледнете „Повеќе начини да се игра со слики“, на крајот од активноста „Играње со слики“.

Активноста  „Наскоро ќе бидат застарени“  разгледува како ставовите, вклучувајќи ги и ставовите кон сексот, се менуваат со текот на времето.

Преземање акции

Контактирајте со организација за лезбејки, геј, бисексуални и трансродови лица во вашата земја. Поканете еден од нивните претставници за да ја насочи групата и да дознаат кои прашања од рамноправноста и правата се најитни за нив во вашата земја.

Понатамошни информацииGoto top

Човековата сексуалност е интегрален дел од животот и една од нашите основни потреби. Нашата сексуалност влијае на нашата личност и бихејвиорални карактеристики – општествени, лични, емоционални, психолошки – кои се очигледни во нашите врски со другите. Нашата сексуалност се формира од нашите сексуални и родови карактеристики и од други комплексни влијаниија и е предмет на доживотна динамичка промена.

Сексуалната разновидност и човековите права

На прв поглед, овие две прашања може да изгледа дека не се поврзани. Може да се дискутира дека едното е поврзано со приватен и индивидуален избор, а другото со јавен домен на правни и политички структури, кои делуваат во врска со граѓанството. Скоро, последните историски, антрополошки и социолошки студии покажуваат како сексуалниот идентитет и начините на изразување на сексуалната желба се гледаат, и низ времето и низ културите, како потенцијално разорни при одржувањето на општествениот ред. Во некој контекст, истите или неодредени сексуални желби предизвикуваат напукнување на традиционалните или религиозни верувања, и кај другите тоа може да се смета како психичка болест.
Тука постои и општествена и верска хегемонија која константно делува при маргинализирањето на еднаквиот пристап до човековите права. Институционализирана претпоставка е дека хетеросексуалноста е „природен“, а според тоа и „нормален“ начин на изразување на сексуалната желба и со тоа е морално прифатлива, додека другите форми на сексуално изразување се „неприродни“ и морално неприфатливи/

Забелешка: Прилагодено од веб-страницата на Комисијата за човекови права на геј и лезбејки, www.iglhrc.org