Јас ги поседувам вештините!

Преглед

Оваа активност користи играње на улоги за да се истражуваат прашањата за правото на вработување на луѓе со попреченост.

Поврзани права

• Право на работа
• Право да не се биде дискриминиран/а
• Право на соодветен животен стандард.

Цели

• Да се сфатат потребите поврзани со попреченоста на работното место и во општеството
• Да се вежбаат вештини за себе-застапување
• Да се развие чувство на одговорност и свесност за човековото достоинство.

Материјали

• Копии од картичките со улоги
• Пенкала и хартија за набљудувачите
• Мала маса и 2 стола за актерите; столови за набљудувачите.

Подготовка

• Направете копии од картичките со улоги.

compass-key-date
  • 7 ОктомвриСветски ден на пристојната работа

Инструкции

1. Прашајте ги учесниците што подразбираат под „право на работа“. Искористете ги информациите на крајот од активноста за да објасните што е покриено со меѓународниот закон за човекови права, без, сé уште, да го дискутирате аспектот на попреченоста.
2. Потоа, замолете ги учесниците да размислат за видовите бариери со кои се соочуваат луѓето со попреченост кога аплицираат за работа. Кратко објаснете го концептот на „разумно прилагодување“.
3. Објаснете им на учесниците дека ќе играат улоги од серија на интервјуа за работно место на канцелариски помошник во службата за корисници во една мала компанија. Секој од оние кои аплицираат има попреченост. Замолете пет доброволци да ги играат работодавачите, кои ќе интервјуираат и уште пет кои ќе бидат апликанти.
4. Поделете ги картичките со улоги. Дозволете му на секој, кој добил улога, да си одбере еден или двајца пријатели за да му помогнат да ја развие улогата. Дајте им 10-15 минути да се подготват.
5. Наместете ја масата и двата стола во средината на просторијата и замолете ги останатите да ги заземат своите места како набљудувачи. Замолете еден од набљудувачите да го мери времето.
6. Започнете го играњето улоги. Замолете го првиот работодавач да го повика првиот апликант. Интервјуто треба да биде кратко, не повеќе од 5 минути.
7. Поканете го и вториот работодавач да го заземе неговото место позади масата и да го интервјуира вториот апликант.
8. Кога ќе завршат сите интервјуа, замолете ги учесниците да излезат од улогите и да се придружат на набљудувачите за резимирање и евалуација.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете со прашување на интервјуираните:

  • Како се чувствувавте за време на симулацијата? Што ви се допадна, а што не?
  • Колку добро се снајдовте со вашата улога? Што беше најтешкото нешто?

Потоа, прашајте ги оние кои интервјуираа:

  • Како се чувствувавте за време на симулацијата? Што ви се допадна, а што не?
  • Колку добро се снајдовте со вашата улога? Што беше најтешкото нешто?

Наредно, замолете ги набљудувачите за коментар:

  • Можно ли е вакви ситуации да се случат во реалниот живот?
  • Дали оние кои интервјуираа покажаа почит кон луѓето кои ги интервјуираа?

Потоа, отворете дискусија со сите:

  • Што можете да кажете за правото на работа на луѓето со попреченост? Дали мислите дека тоа право им е загарантирано во праксата?
  • Што мислите, кои се главните причини за високата стапка на невработеност помеѓу луѓето со попреченост? Дали е тоа праведно?
  • Што мислите, кој е одговорен за да им се овозможи праведен третман на луѓето со попреченост? Што мислите за идејата на „разумно прилагодување“?
  • Дали познавате некого кој искусил дискриминација – од каков бил вид – при аплицирањето за работа? Дали сте искусиле и вие нешто слично?
  • Како можеме да работиме за да ги промениме дискриминаторските ставови во општеството?
  • Кои човекови права се значајни кога се земаат во предвид можностите за вработување на луѓето со попреченост?

Совети за обучувачитеGoto top

Обидете се да се осигурате дека учесниците нема да ги преувеличат нивните улоги, но треба да се однесуваат онака како би се однесувал некој во слична, реална ситуација. Ова можеби е особено важно за работодавачите, кои ќе ја играат улогата на „лошиот“ работодавач.

За време на интервјуата, учесниците, кои не се вклучени во играњето улоги, тивко набљудуваат, запишуваат на каков начин се претставуваат улогите и некои особени тешкотии кои ги забележуваат и од страната на работодавачот и од апликантот.

Информирајте ги учесниците, кои ја играат улогата на интервјуираните, дека картичките со улоги вклучуваат и примери на „разумно прилагодување“ кое работодавачите треба да го направат за да овозможат праведен третман за луѓето со попреченост.

Можеби ќе сакате да дискутирате за можните насоки за акции кои луѓето со попреченост и младинските работници можат да ги преземат во обид да ги променат ставовите на работодавачите. Вие би можеле да дискутирате и за степенот до кој „вработувачите“, при играњето улоги, ги изразуваат типичните ставови кон попреченоста или кон луѓето со попреченост.
Кога ги дискутирате можните причини за високата стапка на невработеност на луѓето со попреченост, можете да дадете некој од следниве примери:

  • Недостаток на знаење за потребите при попреченоста на работното место
  • Недостаток на знаење за тоа што луѓето со попреченост можат да работат
  • Работни места со низок квалитет за многу луѓе со попреченост
  • Најмување заради „погрешни“ причини (пр. Следење на законот/квотите, но подоцна неуспешно овозможување на прилагодувањата)
  • Страв од нови технологии и адаптивни технологии
  • Тенденција за многу луѓе со попреченост да се обидат да го скријат овој факт.

Обидете се да ги нагласите и одговорноста на работодавачите и на луѓето со попреченост да знаат како да се само-застапуваат. Можеби ќе сакате да дискутирате зошто луѓето со попреченост често чувствуваат дека треба да ја кријат нивната попреченост во процесот на вработување? Дали учесниците знаат некакви примери? Како ова може да се спречи?

ВаријацииGoto top

Можете да предложите учесниците претходно да напишат реклама за работа за играњето улоги, давајќи опис на работното место и профил на личноста.

Предлози за идни активностиGoto top

Во зависност од времето со кое располагате и од нивото на свесноста на учесниците во врска со попреченоста и проблемите со вработувањето луѓе со попреченост, можете да ја замолите групата да развие препораки:

  • Како да се сменат ставовите на работодавачите
  • Водење на кампања за насочување на ставовите кон правата на вработување и подигање на свесноста за пропратните проблеми.

Дајте им на групите по 30 минути за дискусија и да напишат на флип-чарт, а потоа, по 5 минути за секоја група, за презентација на флип-чартот.

Ако групата ужива во играњето улоги и ако сака да ги истражува прашањата околу дискриминацијата на вработените мајки, тогаш тие, можеби, би сакале да ја изведат активноста „Работа и бебиња“.

Друга активност која ја следи темата за работа е „Состанокот на синдикатот“. Тоа е симулација на состанок помеѓу работодавачот и вработените, заедно со претставниците од нивниот синдикат, за да преговараат за платите и условите.
Работните услови за луѓето со попреченост се подобрија после силното лобирање кај политичарите. Воопшто не е важно за кои политичари гласате! Ако сакате да спроведете истражување за да дознаете какви се ставовите на луѓето за гласање при избори и граѓанско учество, искористете ја активноста „Да се гласа или да не се гласа?“.

Идеи за акцијаGoto top

Обидете се да дознаете дали организациите или локалните компании имаат политика за лица со попреченост. Групата може да спроведе истражување за да види дали организациите се свесни за барањата кои се содржани во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост при Обединтетите Нации и да ја откријат нивната реакција во врска со тоа.

Понатамошни информацииGoto top

Факти и бројки за попреченоста од Европскиот форум за попреченост

- Луѓето со попреченост претставуваат 65 милиони луѓе од Европската Унија.

- Луѓето со попреченост се два-три пати повеќе невработени отколку останатите луѓе.

- Само 16 % од оние кои се соочуваат со некакви рестрикции на работното место добиваат помош додека работат.

- Многу луѓе со попреченост се „обесхрабрени работници“, кои не се ни обидуваат да стапат во работен однос. Според тоа, тие се класифицираат како неактивни.

- Колку е потежок степенот на попреченост, толку е помала стапката на учество во работната сила. Само 20% од луѓето со потешка попреченост работат, споредено со 68% со оние без попреченост.

- Низ Европа, 38% од луѓето со попреченост, на возраст од 16-34, имаат приход од работа, споредено со 64% од луѓето без попреченост. Приходот на луѓето со попреченост е драматично понизок од оној на луѓето без попреченост. 

Извор: www.edf-feph.org

Проценетата популација на државите-членки на Советот на Европа изнесува 800 милиони, што значи дека приближно мора да има 80 милиони луѓе со попреченост во нивните граници. Светската здравствена организација процени дека над една милијарда луѓе, околу 15% од светската популација, имаат некаква форма на попреченост во светот денес. Бројот се зголемува заради војните и деструктивноста, нездравите услови за живеење или недостатокот на знаење за болестите, причините за нив, превенцијата и лекувањето. Помеѓу луѓето со попреченост, меѓу кои жени, деца, повозрасни лица, жртви од измачување, бегалци и раселени лица, мигрантски работници, се особено ранливи. На пример, жени со попреченост се дискриминирани заради нивниот пол и заради нивната попреченост.

Право на работа
Меѓународна конвенција за економски, социјални и културни права
Член 6:
Државите – потписнички на оваа конвенција го признаваат правото на работа, кое го опфаќа правото што го има секое лице на можност за заработување преку слободно избрана или прифатена работа (...)
Член 7:
Државите – потписнички на оваа конвенција го признаваат правото што го има секое лице да се користи со праведни и поволни услови за работа (...) 

Европска социјална повелба (ЕСП)
Прв дел
Секој треба да има можност да заработува преку слободно-избрана професија...
Сите работници имат право на праведни услови за работа.

Конвенција за правата на лица со попреченост при Обединетите Нации.
Овој документ беше отворен за потпишување во март 2007.
Член 27:
1. Државите – потписнички го признаваат правото на работа на лицата со попреченост, на еднаква основа со другите; овде е вклучено правото на можност за заработка за живот преку слободен избор и прифаќање на работа на пазарот на трудот и работна средина која е отворена, која вклучува и е прифатлива за лицата со попреченост. Државите – потписнички го штитат и промовираат остварувањето на правото на работа, вклучувајќи ги и оние кои се здобиле со инвалидност во текот на вработувањето, преку преземање соодветни чекори, а особено преку законодавство...

За понатамошни информации за попреченоста и образованието за човекови права, погледнете на www.hrea.org

"Разумно прилагодување"Разумно прилагодување е секоја промена или прилагодување на работата, работната средина или начинот на кој работите вообичаено се прават за да му се дозволи на лицето со попреченост да аплицира за работа, да ги изведува работните функции или да ужива во еднаквиот пристап до бенефитот, кој е достапен и за останатите поединци на работното место.
На пример, еден слеп дактилограф не може да користи стандарден компјутер и тастатура. Концептот за разумно прилагодување е развиен за тоа лице да може да се справи со вакви пречки. Кога некој аспект на работното место ќе го стави лицето со попреченост во неповолна положба, споредено со луѓето без попреченост, работодавачот треба да преземе чекори да ја „изедначи“ работната средина. Според новата Конвенција за правата на лицата со попреченост, работодавачите ќе бидат обврзани да направат „разумно прилагодување“, а ако не го сторат тоа ќе се смета дека има случај на дискриминација.

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Картички со улоги:

Апликант 1:

Ти си личност која не слуша. Ти добро читаш од усни во услови на добра осветленост. Ти секогаш проверуваш дека точно си го разбрал/а она што било кажано, прашувајќи, на пример: „Дали јас добро разбрав дека...?“ За да работиш ефикасно во организацијата, тебе ќе ти треба индуктивна петелка во собата за состаноци (жица која помага да се пренесуваат звуците директно до слушното помагало), телефон со засилувач на гласот и аларм со светилка или текст телефон.

Размисли за тоа што ќе треба да го побараш во интервјуто и како тоа ќе го направиш.

Апликант 2:

Ти си глува личност и користиш знаковен јазик. За интервјуто, треба да си придружуван/а од толкувач и ова значи дека ќе биде потребно дополнително време за интервјуто. На работното место ќе ти треба текст телефон (уред кој користи текст наместо глас за комуникација преку телефонски линии) и/или услуги за текстуален пренос (сервис оператор кој им дозволува на луѓето кои се глуви, кои имаат проблеми со слухот, кои се неми или кои се слепи и глуви, да ги испратат повиците до стандардните телефонски корисници преку тастатура или асистивен уред) кои ќе ти овозможат да комуницираш со клиентите.

Размисли за тоа што ќе треба да го побараш во интервјуто и како тоа ќе го направиш.

Забелешка: Треба да замолиш еден од учесниците да биде твој толкувач.

Апликант 3:

Ти си слепа личност и треба да бидеш придружуван/а од асистент, чии патни трошоци (за интервјуто) мора да бидат платени од страна на работодавачот. На работното место ќе ти биде потребен компјутер со специјална тастатура и софтвер кој го „зборува“ текстот на екранот. За да можеш да се движиш наоколу, потребно ти е твоето куче водич. Ти знаеш дека работодавачите може да имаат отпор околу твоето вработување заради трошоците и достапноста на технолошката поддршка која ти е потребна.

Размисли за тоа што ќе треба да го побараш во интервјуто и како тоа ќе го направиш.

Забелешка: Треба да замолиш еден од учесниците да те придружува.

Апликант 4:

Ти си личност која користи инвалидска количка. За тебе е потребно зградата да е пристапна, со паркинг во близина и за тебе ќе биде потребно сите врати, лифтови, тоалети, канцеларии и заеднички простории да бидат пристапни за движење со инвалидска количка. Ако има скали кои водат до некои од наведените, ќе биде потребно да се изградат рампи. Тебе ќе ти треба и модифициран работен простор со биро кое дозволува инвалидската количка да ја собере под него.

Размисли за тоа што ќе треба да го побараш во интервјуто и како тоа ќе го направиш.

Апликант 5:

Ти си личност со дислексија и ти аплицираш за работа која ќе вклучува и читање и пишување писма. Ти имаш одлични квалификации за работата, вклучувајќи ја и способноста за читање и пишување, но за тебе тешко ќе биде да работиш во бучни или стресни ситуации и со кратки рокови. Бараш повеќе време за да го напишеш тестот за пишување писма, што се очекува да го завршиш како дел од процесот на аплицирање.

Размисли за тоа што ќе треба да го побараш во интервјуто и како тоа ќе го направиш. 

Картички со улоги за работодавачи:

Работодавач 1:

Ти ќе интервјуираш личност која не слуша. Ти ќе му/ѝ зборуваш со половина-отворена уста, често гледајќи настрана и седејќи на лошо осветлено место, така што твојата уста не може јасно да се види. Зборувај брзо и биди нетрпелив/а и безволен/а да одговараш на прашањата за појаснување, поставени од страна на апликантот. Кога тој/таа те замолува да повториш нешто, одговори со отпор, на еден претеран начин, давајќи му впечаток на апликантот дека е глупав, бидејќи не го разбрал кажаното првиот пат.

Размислувај за прашањата кои можеби би сакал/а да му/ ѝ ги поставиш на апликантот за време на интервјуто.

Работодавач 2:

Ти ќе интервјуираш некој кој е комплетно глув и ќе комуницираш со него со помош на толкувач. Во интервјуто, ти му ги кажуваш забелешките на толкувачот, не на апликантот. Ти се брзаш и не сакаш да губиш премногу време, чекајќи додека твојот говор се интерпретира или додека апликантот му ги кажува неговите/нејзините коментари на толкувачот. Ти често ја прекинуваш глувата личност во овие моменти. Ти не можеш да разбереш како една глува личност ќе може да комуницира со клиентите и ти мислиш дека интерпретацијата на знаковниот јазик во интервјуто е губење на време. Ти, исто така, веруваш дека на глувата личност цело време ѝ е потребен толкувач на работното место – иако тој/таа го негира тоа – а ти не сакаш уште една личност во канцеларијата.

Размислувај за прашањата кои можеби би сакал/а да му/ ѝ ги поставиш на апликантот за време на интервјуто.

Работодавач 3:

Ти ќе интервјуираш слепа личност, а притоа сметаш дека некој/а кој е слеп/а не одговара за работното место. Сигурен/а си дека потребната технологија чини многу пари и секако тоа не може да ја компензира неспособоноста, доколку си слеп. Исто така, ти си загрижен/а дека и останатите од персоналот нема да можат да комуницираат со него/неа.

Размислувај за прашањата кои можеби би сакал/а да му/ ѝ ги поставиш на апликантот за време на интервјуто. 

Работодавач 4:

Ти ќе интервјуираш личност во инвалидска количка. Тие ќе прашуваат дали има пристап за инвалидски колички, а твојата зграда не е воопшто погодна за инвалидски колички. Ти знаеш дека би било прескапо да се направат потребни прилагодувања, но ќе се обидеш да не го искористиш ова како причина, бидејќи знаеш дека е незаконски да се дискриминира кандидат заради тоа што е со попреченост. Ќе се обидеш да најдеш други оправдувања и причини, иако сметаш дека овој кандидат навистина одговара за работното место.

Размислувај за прашањата кои можеби би сакал/а да му/ ѝ ги поставиш на апликантот за време на интервјуто.

Работодавач 5:

Ти ќе интервјуираш личност со дислексија и ти си многу иритиран/а од нејзините дополнителни барања. На сите апликанти треба да им се даде тест за да се види нивната способност при пишувањето писма, а ти не си подготвен/а да прифатиш дека на овој апликант треба да му се даде подолго време за да ја заврши задачата. Ти мислиш дека ако тој/таа не е способен/а да напише писмо во одредено време и под исти услови како и сите други, тогаш не треба да ја добие ни работата.

Размислувај за прашањата кои можеби би сакал/а да му/ ѝ ги поставиш на апликантот за време на интервјуто.