Image: Theme 'Education' by Pancho

Образованието е процес, преку кој, општеството го пренесува неговото акумулирано знаење, вештини и вредности од една генерација на друга. Во поширока смисла, образованието може да го вклучува секој акт или искуство кој има формативен ефект врз умот, карактерот или физичката способност на личноста. Тоа има основно влијание врз способностите и потенцијалите на поединците и заедниците за да постигнат развој, како и општествен и економски успех. Тоа е еден од клучните фактори за развој, како и за оспособување на луѓето. Образованието им овозможува на луѓето знаење и информации и придонесува во градењето смисла за самопочит и самодоверба, како и реализација на потенцијалот на поединецот. 

Образованието е и човеково право, како и потребно средство за остварување на другите човекови права. Како едно право за зајакнување, образованието е примарна сила, преку која, економски и општествено-маргинализираните возрасни и деца ќе можат да се издигнат себеси над сиромаштијата и ќе стекнат начини за целосно учество во нивните заедници. Образованието има витална улога во зајакнувањето на жените, штитење на децата од експлоататорска и ризична работа и сексуална експлоатација, промовирајќи ги човековите права и демократијата, заштитата на животната средина и контролата на растот на населението.

Општ коментар 13 за правото на образование за член 13 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права. 1

Прашање:Како образованието влијаеше врз начинот на кој размислувате, чувствувате и делувате денес?

Образованието во светот 

Најраниот универзален образовен систем бил воспоставен во Русија во 1714. Тој нашироко се распространува за време на првата половина на 19 век, а подоцна го копираат и други европски народи и САД. Многу земји го следеле во текот на 20 век, а математичките операции и писменоста пораснале во целиот свет.

Согласно УНЕСКО, глобалната стапка на писменост во 1950 била 56%, а 76% во 1990. Оттогаш, постојат неколку меѓународни иницијативи за да се зголеми стапката на писменост на 100%. Во 1990, Светската конференција за образование за сите, во Џомтиен, Тајланд, воспостави цел „Образование за сите“. Во 2000, Светскиот образовен форум (WEF) во Дакар, Сенегал ја усвои Рамката за акција за обезбедување квалитетно основно образование за сите до 2015. Иницијативата на Светскиот образовен форум се поклопи со усвојувањето на Милениумските развојни цели. Милениумските развојни цели се состојат од осум цели со таргети за справување со сиромаштијата, гладот, болестите, недостатокот од соодветно засолниште и ексклузија, промовирајќи родова рамноправност, образование и одржливост на животната средина до 2015 година. Целите 2 и 3 се однесуваа на образованието.

Извештајот од Милениумските развојни цели (un.org) 2015 ја резимира ситуацијата во врска со образованието во светот на крајот од проектот: 

„Ослободете го потенцијалот на детето и ќе го трансформирате во светот.“
Марија Монтесори

Цел 2: Да се постигне универзално основно образование 

  • Стапката на запишување во основно училиште во регионите во развој достигна 91% во 2015, за разлика од 83% во 2000.
  • Бројот на деца кои не одат во основно училиште ширум светот е намален за речиси половина, на околу 57 милиони во 2015 година, што е намалување од 100 милиони во 2000 година.
  • Суб-Сахарска Африка го има најдобриот забележан напредок во основното образование, во секој регион, откако се воспоставени Милениумските развојни цели. Регионот постигнал 20% зголемување во уписот на деца од 2000 до 2015, споредено со 8% помеѓу 1990 и 2000.
  • Стапката на писменост кај младите, на возраст од 15 год. до 24 год., глобално се зголеми од 83% на 91% помеѓу 1990 и 2015. Јазот помеѓу мажите и жените е намален.

Цел 3: Промовирање на родова рамноправност и зајакнување на жените 

  • Многу повеќе девојчиња се сега во училиште, споредено од пред 15 години. Регионите во развој, како целина, го постигнале таргетот за елиминирање на родовиот дисбаланс во основното, средното и терцијарното образование.
  • Во Јужна Азија, во 1990, во основно училиште биле запишани само 74 девојчиња, во однос на секои 100 момчиња. Денес, во основно училиште се запишани 103 девојчиња, во однос на секои 100 момчиња.

Согласно УНЕСКО, глобалната писменост во 2014 биле 84%. Писменоста – способноста за читање и пишување – е една од најважните цели на образованието. Како компонента на основното образование и како основа за учење, писменоста придонесува за унапредување на човековите способности и овозможува придобивки, не само за поединецот, туку и за семејството, заедницата и општеството. Писменоста помага да се елиминира сиромаштијата и да се прошири учеството во општеството.

Во 2015, имало 757 милиони возрасни, кои сé уште не знаат да читаат и не поседуваат способности за пишување, вклучувајќи 115 милиони млади, кои сé уште не можат да прочитаат или напишат проста реченица. Отприлика, две-третини од нив се жени. Писменоста помеѓу младите (на возраст 15-24) порасна до 91% на глобално ниво, благодарение на подобрениот пристап до школувањето за оваа генерација. Но, во Суб-Сахарска Африка и Јужна и Западна Азија, стапката на писменоста на младите сé уште е само 70% и 84%. Јужна и Западна Азија и Суб-Сахарска Африка се далеку од родова рамноправност: девојките на возраст од 15 години и постари се 24% помалку писмени во однос на момчињата во истата старосна група. Во меѓувреме, младите во Источна Азија и Пацификот постигнале родова рамноправност, придружувајќи им се на возрасните и младите во Централна Азија, Латинска Америка и Карибите, како и Централна и Источна Европа.

И покрај предностите, Образованието за сите и Милениумските развојни цели не се сé уште остварени и има уште многу работа. За таа цел, ОН на Самитот за одржлив развој во Њујорк, САД, во септември 2015, ја усвои агендата за „Трансформирање на нашиот свет:“ 2030 Агенда за одржлив развој“. Има 17 цели за одржлив развој; четвртата цел, со 7 таргети, се однесува на образованието.

Целта е да се обезбеди инклузивно и достапно, квалитетно образование и да се промовираат можности за доживотно учење за сите.

Таргети на цел 4: 

  • 4.1          До 2030, да им се обезбеди, на сите девојчиња и момчиња, комплетно слободно, достапно и квалитетно основно и средно образование, кое ќе ги води до значајни и ефективни резултати од учењето;
  • 4.2          До 2030, да им се обезбеди, на сите девојчиња и момчиња, пристап до квалитетен ран детски развој, грижа и предучилишно образование така што тие ќе бидат подготвени за основното образование;
  • 4.3          До 2030, да им се обезбеди еднаков пристап на сите жени и мажи до достапно и квалитетно техничко, стручно и терцијарно образование, вклучувајќи и високо образование;
  • 4.4          До 2030, значително да се зголемува бројот на младите и возрасните кои имаат соодветни вештини, вклучувајќи технички и стручни способности, за вработување, пристојна работа и претприемништво;
  • 4.5          До 2030, да се елиминира родовата нерамноправност во образованието и да се обезбеди еднаков пристап до сите нивоа на образованието и стручни обуки за припадниците на ранливи групи, вклучувајќи лица со попреченост, домородно население и деца во ранливи ситуации;
  • 4.6          До 2030, да се обезбеди сите млади и значителен број возрасни, и мажи и жени, да постигнат јазична и нумеричка писменост;
  • 4.7          До 2030, да се обезбеди сите ученици да стекнат знаења и вештини, потребни за промовирање на одржлив развој, вклучувајќи, меѓу другото, преку образование за одржлив развој и одржлив начин на живот, човекови права, родова рамноправност, промовирање на култура на мир и ненасилство, глобално граѓанство и почитување на културната разновидност и придонесот на културата за одржлив развој.

Човековите права се неделиви од Целите за одржлив развој. Како пример, врските помеѓу четвртата цел од Целите за одржлив развој (квалитетно образование) и меѓународните инструменти за човекови права се:

  • Право на образование [Универзална декларација за човекови права, член 26; Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права, член 13], особено во врска со децата [Конвенција за правата на детето, член 28 и 29]; лица со попреченост [Конвенција за правата на детето, член 23(3), Конвенција за правата на лицата со попреченост, член 24]; и домородно население [Декларација за правата на домородното население од ОН, член 14].
  • Еднакви права за жените и девојчињата во полето на образованието [Конвенција за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, член 10 23(4), 28(3)], лица со попреченост [Конвенција за правата на лицата со попреченост, член 32] и домородно население [Декларација за правата на домородното население од ОН, член 39](www.ohchr. org).
  • Право на работа, кое вклучува технички и стручни обуки [Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права, член 6], меѓународна соработка [Универзална декларација за човекови права, член 28; Декларација за правото на развој, член 3-4], особено во врска со децата [Конвенција за правата на детето].

Образованието и жените 

„Инвестирањето во писменоста на жените нуди многу за возврат: тоа ја подобрува благосостојбата, води кон подобри деца и подобро здравје на мајката и го фаворизира пристапот до образованието на девојчињата. Во кратки црти, ново-описменетите жени имаат позитивен брановиден ефект врз сите развојни индикатори.“ – Генерален директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, во нејзината порака за Меѓународниот ден на писменоста 2010, кога темата беше „Писменоста и зајакнувањето на жените“.
Бројките на УНЕСКО, за 2010, покажуваат дека од 796 милиони возрасни во светот, кои биле неписмени, две-третини биле жени. Податоците за 2015 не се многу различни: 757 милиони неписмени возрасни, од кои 63% биле жени

Прашање: Зошто мислите дека има двојно повеќе жени, во споредба со мажи, помеѓу неписмените луѓе?

Образованието како човеково право 

Правото на образование е јадрото во секоја идеја за човековите права. Во 1948, Универзалната декларација за човековите права прогласи слободно и задолжително основно образование како основно човеково право. Образованието не е само право, туку и начин за реализирање на другите човекови права. Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, кој стапи на сила во 1976 и беше ратификуван од 160 земји4, го реафирмира правото на образование како правно-обврзувачка обврска. Член 13 е најдолгата одредба во Пактот, со најширокиот и најсеопфатен член за правото на образование во меѓународниот закон за човековите права.

„Ако годишно планираш, посади ориз; ако декадно планираш, посади дрвја; ако доживотно планираш, образовај луѓе.“
Кинеска поговорка

Член 13 

1. Државите – членки на овој пакт го признаваат на секое лице правото на образование. Тие се согласуваат дека образованието треба да е насочено кон целосен развој на човековата личност и достоинство и да го зајакне почитувањето на човековите права и основни слободи. Освен тоа, тие се согласни дека образованието треба да му овозможи на секое лице да игра корисна улога во слободното општество, да го унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите народи и сите расни, етнички или верски групи и да ги унапредуваат активностите на Обединетите нации за зачувување на мирот.
2. Државите – членки на овој пакт, со цел за обезбедување на потполно користење на ова право, признаваат дека:
а) основното образование треба да биде задолжително и бесплатно, достапно за сите;
б) средното образование во своите разни видови, вклучувајќи го тука и средно-техничкото и стручното школување, треба да биде општо и достапно за сите преку соодветни мерки, а особено преку постепено воведување бесплатно школување;
в) високото образование треба да им биде достапно на сите подеднакво, зависно од способноста на секој, преку соодветни средства, а особено преку постепено воведување бесплатно школување;
г) основната настава треба да биде поттикнувана или засилена што е можно повеќе за лицата што не добиле основно образование или што не го добиле во потполност;
д) треба активно да се работи врз развојот на училишната мрежа на сите степени, да се воспостави адекватен систем на стипендии и постојано да се подобруваат материјалните услови на училишниот персонал.
3. Државите – членки на овој пакт се обврзуваат да ја почитуваат слободата на родителите и, кога е тоа применливо, на законските старатели, да изберат за своите деца други училишта, освен оние што се формирани од државата, а што се во согласност со такви минимални образовни стандарди што може да се утврдат или одобрат од страна на државата и да обезбедат верско и морално воспитување на своите деца, во согласност со нивните сопствени убедувања.
4. Ниту еден дел од одредбава од овој член не може да се толкува како нарушување на слободата на поединци и на правни лица да основаат и да управуваат со образовни институции, под услов принципите изнесени во точката 1 на овој член да бидат почитувани и под услов образованието што го даваат овие училишта да биде во согласност со минималните стандарди што државата може да ги пропише.

„Оној кој ја отвора вратата на училиштето, го затвора затворот.
Виктор Иго

Правото на образование е вградено во други бројни инструменти за човекови права, вклучувајќи ја и Конвенцијата за правата на детето и различни регионални документи (на пример, Европската социјална повелба или Африканската повелба за човекови права и права на народите или ревидираната Арапска повелба), како и конвенции кои се фокусираат на одредени групи луѓе (како што е Конвенцијата за правата на луѓето со попреченост или Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените).

Сите инструменти за човекови права, главно, се потпираат на знаење и образование за нивните стандарди и цели. Преамбулата на Универзалната декларација за човекови права го признава ова, опсервирајќи дека „заемното разбирање на овие права и слободи е од најголемо значење за целосното спроведување на оваа заложба“ за да се промовира универзално почитување на човековите права. Таа наметнува дека образованието за човекови права е основно за креирање свет каде човековите права се почитувани.

Образованието треба да биде достапно, пристапно, прифатливо и прилагодливо. Концептот на овие четири „А“ (available, accessible, acceptable, adaptable) беше развиен од Катарина Томашевски, поранешен известувач на ОН за правото на образование.

  • Достапност: образованието е бесплатно и платено од владата; има соодветна инфраструктура, вклучувајќи и обучени наставници;
  • Пристапност: системот е недискриминаторски и пристапен за сите, се преземаат позитивни акции за да се вклучат и маргинализираните луѓе;
  • Прифатливост: содржината на образованието е релевантна, недискриминаторска и културно-соодветна, а квалитетот е загарантиран;
  • Прилагодливост: образованието може да се менува заедно со промените во потребите на општеството, а системот може да биде адаптиран во локален контекст.

Владите треба да го почитуваат, заштитуваат и исполнуваат правото на образование, правејќи го образованието достапно, пристапно, прифатливо и прилагодливо. Но, исто така, има и други чинителикои се одговорни во образовниот процес, вклучувајќи го детето, кое има корист од правото на образование, но и треба да одговори на барањата на задолжителното образование; родителите на детето, кои се „први едукатори“ и се одговорни за обезбедувањето на насоки на детето; и образовните професионалци.

Прашање: Дали образованието е достапно и пристапно за сите во вашата земја?

Образование и дискриминација 

„Ако дискриминацијата не е целосно видлива, не можеме ефективно да и се спротивставиме.”
Катарина Томашевски

Принципот на недискриминација со почитување на правото на образование е поврзан со бројни прашања.
1. Прво, образованието, на сите нивоа, треба да биде пристапно и достапно за сите без дискриминација;
2. Второ, обезбедувањето, квалитетот и содржината на образованието треба да поддржуваат недискриминација;
3. Трето, образованието, само по себе, е во насока на негување на почитувањето и толеранцијата.

Земајќи го предвид првото прашање, Универзалната декларација за човекови права поставува цел – основното образование треба да биде бесплатно и задолжително. Техничкото и професионалното образование треба да се генерално достапни, а повисокото образование треба да биде еднакво пристапно за сите, врз основа на постигнувањата. Советот за економски, социјални и културни права на ОН потврди дека обврската за недискриминација, во врска со образованието, важи за сите луѓе кои живеат на територијата на државата членка, вклучувајќи и луѓе кои не се државјани, и наведува дека „уживањето на правото на основно образование не е ограничено со возраст или род; тоа важи за деца, млади и возрасни, вклучувајќи и повозрасни лица.“5 Советот го признава правото на пристап до јавно образование на недискриминаторска основа, како минимум обврска на државите, во врска со правото на образование. Обезбедувајќи недискриминација, во услови на пристап до образование, бара стереотипните перспективи, на пример, оние кои го спречуваат правото на пристап до образованието на девојчињата или на маргинализираните групи, да бидат надминати.
Второто прашање е поврзано до идејата дека образованието, само по себе, треба да функционира на недискриминаторски начин.Советот за економски, социјални и културни права ја нагласува „прифатливоста“ како есенцијален аспект во уживањето на правото да се добие образование. Важно е квалитетот на образованието да биде еднаков во сите јавни образовни институции на исто ниво. Ако одделни образовни институции се чуваат за одредени групи на луѓе, како што се двата пола или религиозни или етнички групи, тогаш и квалитетот на наставниот кадар, како и просториите и опремата во училиштето мора да бидат еднакви. 

Прашање: Дали момчињата и девојчињата еднакво се третираат во образовните институции во вашата земја? Ако не, на кои начини тие различно се третираат?

„Зошто општеството да се чувствува одговорно само за образованието на децата, а не за образованието на сите возрасни, на секоја возраст?“
Ерих Фром

„Ако мислиш дека образованието е скапо, обиди се со игнорирање.“
Анонимен

Прашањето за интегрираното наспроти сегрегираното образование жестоко се дебатира последниве години. Правото на инклузивно образование е признато во меѓународниот закон за човекови права. Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН експлицитно наведува дека образованието за децата со попреченост треба да биде инклузивно. Сепак, инклузивното образование не треба да биде ограничено само за ученици со попреченост или специфични потреби, туку и за сите маргинализирани, отфрлени, стереотипизирани луѓе, вклучувајќи ги и етничките малцинства. Средината за учење, со сите видови на луѓе, е корисна за попривилегираните само ако помага во развивањето на сензитивност за потребите на другите, со што се зголемува и општествената интеграција и толеранција.

Прашање: Дали има сегрегирани училишта во вашата заедница? За кого? 

Во однос на третото прашање, Универзалната декларација за човекови права предвидува дека образованието треба да биде насочено кон целосен развој на човековата личност, човековите права и мирот, а Конвенцијата за правата на детето додава и почит за природната средина. Писменоста и математичките вештини, како компоненти на основното образование и како основа за доживотно учење, се клуч за унапредување на човековите способности; сепак, правото на образование вклучува многу повеќе. Образованието треба да го подготви поединецот за „одговорен живот во едно слободно општество, во духот на разбирање, мир, толеранција, рамноправност на половите, како и пријателство помеѓу сите народи, етнички, национални и верски групи и домородци“. Неговата круцијална улога во справувањето со екстремизмот и радикализацијата, како и промовирањето општествена кохезија за надминување на родовите и други стереотипи, развивање почит за плурализам и зајакнување на способноста на луѓето ефективно да учествиваат во демократски и плуралистички општества, сé повеќе се признава.

Ние сите имаме право на образование кое има за цел градење и зачувување на културата на човековите права. Ние треба да учиме за човековите права и да учиме во средина каде човековите права се почитуваат. Токму за ова се работи во образованието за човекови права. Па, ние можеме да заклучиме дека правото на образование го вклучува и правото на образование за човекови права, исто така.

Правото на образование го вклучува правото на образование за човекови права

Како што се дискутираше погоре, инструментите за човекови права го гарантираат правото на образование за сите, но тоа не е остварливо без да се обезбедат еднакви можности. Во продолжение за да се направи образованието пристапно и достапно за сите без дискриминација, можеби ќе биде потребно усвојување на привремени специјални мерки со цел да се поддржат ранливите групи или поединци за и тие да уживаат во еднаквите можности. На пример, дополнителна помош може да биде потребна за луѓето со ментални или физички пречки или со полесни пречки во учењето, како и за припадниците на социјално-загрозените или маргинализирани групи или етнички малцинства, кои се соочуваат со јазични и културни бариери.

Образованието и ранливоста во Европа 

Иако многу инструменти за човекови права се обврзувачки, го припишуваат правото на образование за секого без дискриминација, реалноста е дека не секој може да ужива во ова право и со целосен степен. Постојат некои посебни групи, чие право на образование е нарушено, многу почесто, отколку на другите луѓе. Експертите од Советот на Европа истакнале три главни групи на млади луѓе кои се особено ранливи во образовните системи:
1. оние кои доаѓаат од економски-загрозени семејства;
2. оние, чии родители, имаат ограничено образовно искуство;
3. етнички малцинства, имигранти и луѓе кои немаат постојан дом (така-наречни „патници“).

Во Европа, стапката на напуштање на образованието, од страна на младите луѓе, на возраст помеѓу 18 год. и 24 год., била 14,4% во 2009, согласно со официјалната статистика, издадена од Еуростат.8 Ова значи дека повеќе од шест милиони луѓе, или еден во седум млади луѓе, го напуштаат училиштето со ниско средно образование или помалку. Во 14 држави-членки, тој индикатор го надминува европскиот просек. Највисока стапка на напуштање на училиштето има во Малта (36,8%), Португалија (31,2%) и Шпанија (31,2%).
Како најголемо етничко малцинство во Европа, Ромите се особено ранливи при кршењето на човековите права, вклучувајќи го и образованието. Општествената маргинализација, сиромаштија, тешкотиите со јазикот и културните разлики можат да ги спречат од во потполното користење на образованието, законски достапно за сите. Во некои земји, ромските деца често се ставаат во „специјални“ одделенија или училишта, иако немаат некакви ментални или пречки во учењето, или се сегрегирани во училишта само за Роми. Се проценува дека 50% од ромските деца не успеваат да го завршат основното образование, согласно со извештајот од УНЕСКО.9 Основното образование е задолжително, во согласност со меѓународниот закон за човекови права, така што засегнатите страни треба да се потрудат и да го остварат.

Прашање: Можете ли да идентификувате некои групи, кои не се спомнати во оваа листа, а кои се особено ранливи во вашата заедница?

Сегашни образовни предизвици 

Што ако откриеме дека нашиот сегашен начин на живот е непомирлив со нашата вокација да станеме целосно луѓе?
Пауло Фреире

Во 1996, комисија на УНЕСКО обезбедила еден преглед на седум главни тензии со кои се соочува светот и кои го погодуваат образованието на 21 век10:
1. Тензија помеѓу глобалното и локалното;
2. Тензија помеѓу универзалното и поединеченото;
3. Тензија помеѓу традицијата и модерното;
4. Тензија помеѓу духовното и материјалното;
5. Тензија помеѓу долгорочните и краткорочните критериуми;
6. Тензија помеѓу натпреварот и еднаквите можности;
7. Тензија помеѓу вонредната експанзија на знаење и капацитетот на луѓето да го асимилираат тоа.
Како стратегија која би можела да помогне во насочувањето на овие предизвици, УНЕСКО подвлече „четири столбови“ на учење:
1. Учење за да се живее заедно: поспецифично, ова значи дека образованието треба да ги зацврстува вештините и способностите кај учениците, кои им се потребни за да ја прифатат нивната меѓузависност со други луѓе; да се справуваат со конфликт; да работат и планираат со другите за заеднички цели и за заедничка иднина; да го почитуваат плурализмот и разновидноста (на пример, род, етничка припадност, вероисповед и култура); и активно да учествуваат во животот на заедницата.
2. Учење за да се знае: ова значи дека образованието би требало да им помогне на учениците да се стекнат со инструментите на знаењето: есенцијални алатки за учење за комуникација и јазично изразување, писменост, математички вештини и решавање на проблеми; да се стекне широко општо знаење и продлабочено знаење во неколку области; да се разберат правата и одговорностите; и најважно, да се научи како да се учи.
3. Учење за да се прави: образованието би требало да им помогне на учениците да стекнат стручни вештини и психолошки компетенции кои ќе ги оспособат да прават промислени одлуки за различни животни ситуации, да функционираат во општествени и работни односи, да учествуваат во локални и глобални пазари, да користат технолошки алатки, да ги исполнуваат основните потреби и да го подобрат квалитетот на сопствениот живот и животите на другите луѓе.
4. Учење за да се биде: образованието би требало да придонесе во развивањето на личноста и оспособувањето на луѓето да делуваат со поголема самостојност, расудување, критичко мислење и лична одговорност. Би требало да има за цел да ги развива сите аспекти на потенцијалот: ова вклучува помнење, резонирање, естетичка смисла, духовни вредности, физички капацитети и комуникациски способности; здрав животен стил и уживање во спортовите и рекреацијата; почитување на сопствената култура; поседување на етички и морален код; способност да се зборува во свое име и сопствена одбрана; отпорност.

Комплементарните улоги на формалното и неформалното образование

Како што нашиот свет се менува сé побрзо, стекнувањето на нови вештини и компетенции стана многу значајно, бидејќи тие ни овозможуваат подобро да одговориме на новите предизвици. Има два клучни концепти, кои се интегрирани во европските образовни политики: „доживотно учење“ и „општество кое учи“. Идејата е да постои една заедница каде на луѓето ќе им се нудат можности за развивање на нивните компетенции низ животот. Од една страна, формалниот образовен систем би требало да биде поотворен и флексибилен за да излезе во пресрет на ова барање. Од друга страна, неформалното образование, со неговиот широк спектар на методологии и флексибилни пристапи, треба да се адаптира побрзо и полесно на постојано-променливите потреби на општествата и на учениците-поединци.

Прашање: Колку е присутно неформалното образование во вашата заедница? 

Сепак, неформалното образование ретко се признава на исто ниво, како и формалното образование, и во административна смисла и во перцепциите на луѓето. Два клучни предизвика на неформалното образование се гаранција за квалитетот и оценување на компетенциите. Исто така, признавањето и вреднувањето на неформалното образование се поставија како прашање во европските политички иницијативи. Денес, постои зголемено признавање, не само на улогата на формалното образование, туку и на можностите кои ги нуди неформалното образование, а тоа се програмите надвор од формалниот образовен систем. Со ваквите програми често управуваат невладините организации, вклучувајќи ги младинските организации.
Во 1998, Конференцијата на европските министри одговорни за млади го идентификувале неформалното образование како приоритет на Советот на Европа и ја подвлекле важноста за признавањето и вреднувањето на компетенциите кои се стекнуваат низ неформалното учење. Партнерството помеѓу Европската комисија и Советот на Европа, во полето на младите, ги координира стратегиите на двете организации и нивните партнери за признавање на неформалното учење, особено преку заедничката книга „Патишта за признавање"11.

Експертите во образованието зборуваат за значењето на „преминување на границите“ помеѓу формалното и неформалното образование, промовирајќи комуникација и соработка, која ќе помогне при синхронизирањето на образовните активности, како и креирање на средини за учење, кои ќе им овозможат на учениците кохерентен збир на можности.

Улогата на Советот на Европа 

Советот на Европа ја поддржува соработката на 47 држави-членки во многу области, вклучувајќи го и образованието. Главна цел е да се развие кохерентна визија за улогата на образованието, со посебен акцент на заштитата и промовирањето на човековите права, демократијата и владеењето на правото, како и способноста на општествата да се ангажираат во интеркултурниот дијалог. Програмата се заснова на широка визија за образованието, која насочува и кон вредностите и кон компетенциите. Идентификувани се заеднички предизвици, предложени се решенија и споделени се примери на добра практика.

Програмата Песталоци на Советот на Европа има за цел, да ги примени насоките и прирачниците, развиени во рамките на погоре-споменатите активности на соработка и да понуди можности за професионален развој, размена и соработка за наставници, училишни администратори и претставници од организации на граѓанското општество.

Државите-членки имаат усвоено неколку значајни текстови, кои овозможуваат фокус и поттик за дејствување на национално ниво, како и начини за дисеменирање на добри практики и подигнување на стандарди низ Европа. Овде се вклучуваат: Повелбата за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права на Советот на Европа (CM/ Rec(2010)7), Препораката за промовирање и признавање на неформалното образование/ учење на младите луѓе (CM/ Rec(2003)8), Препораката од Советот на Министри до државите членки за образование на Ромите и патниците низ Европа (CM/Rec(2009)4), Препораката за јавна одговорност за повисоко образование и истражување (CM/Rec(2007)6) и Препораката за меѓукултурен дијалог и сликата за другиот во предавањата по историја (CM/Rec(2011)6E).

Друга област на соработка е правото на квалитетно образование, преку развивање на политики и практики, во однос на правото на образование за секое човечко суштество, како овозможувачко право кое квалитетното образование ќе го направи предуслов за целосно уживање во другите човекови права. Оваа работа вклучува дефинирање на јавната одговорност, земајќи го предвид правото на квалитетно образование, како и признавање, заштита и промовирање разновидност преку практикување на правото за квалитетно образование.

Улогата на невладините организации 

Улогата на невладините организации е круцијална во промовирањето на правото на образование и другите права, поврзани со него. Освен нив, синдикатите, студентските унии, здруженијата на наставници и родители имаат незаменливи функции, особено на локално и национално ниво.

На европско ниво, младинските организации наоѓаат начини да се слушне нивниот глас во врска со образовните прашања. Истото го прават и студентските организации како што се AEGEE  - Европски студентски форум,  Европската студентска унија (ESIB) и Организациското биро на европски ученички унии (OBESSU), кое е европска платформа на национални ученички организации и унии, активни во општото средно и средното стручно образование. Овие организации работат за да ја олеснат размената на информации, искуство и знаење помеѓу студентските организации и тие играат значајна улога во претставувањето на гледиштата на учениците/студентите во Европа. Како и другите младински и студентски организации, и тие директно работат за запирање на дискриминацијата во европските образовни системи, промовираат подобрувања во квалитетот и пристапноста до образованието во Европа и упатуваат до образовна еднаквости и пристап.

Европскиот младински форум, главната платформа на младински организации во Европа, го смета образованието како стратешки приоритет за младинската политика. Тој повикува на холистички пристапи до образованието, кои признаваат и поддржуваат квалитетно формално образование, неформално образование и информално учење. Главниот фокус на форумот е „градење на вистинско општество во кое доживотно се учи, во кое секое знаење се вреднува, каде младите луѓе можат да ја преземат сопственоста над нивните образовни патишта и каде младинските организации се признаваат како најзначајни даватели на квалитетно неформално образование за млади луѓе12.

Мрежата за демократија и човекови права во Европа - е европска мрежа на невладини и други организации, посветени на издигнувањето на профилот на образованието за демократско граѓанство и образование за човекови права, промовирајќи транскултурна и транснационална соработка, како и унапредување на квалитетот на образованието во овие области. Една од нејзините иницијативи е Синхронизирани денови на акција (SynAct), кои се одржуваат секоја година околу Денот на човековите права (10 декември).

Соработниците за образование за човекови права (HREA) е меѓународна невладина организација која го поддржува учењето за човековите права, обуките на активистите и професионалците, развојот на образовните материјали и програми, како и градењето заедници преку онлајн технологии (како што е листата со електронски адреси на HREA).

Фусноти

1 Општ коментар 13 за правото на образование за член 13 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, 08/12/99. E/C.12/1999/10, пар. 1; http://www.unhchr.ch
2  Извештај за Милениумските развојни цели 2010, www.un.org/millenniumgoals/pdf/MDG Report 2010 En r15 -low res 20100615 -.pdf
3 Писменоста кај возрасни и млади: Глобални трендови во родовата рамноправност, UIS информативен лист, септември 2010, бр. 3, издаден Институтот за статистика на УНЕСКО www.unesco.org/education/ild2010/FactSheet2010_Lit_EN.pdf
4 Како во август 2011  
5 Општ коментар 13 за правото на образование за член 13 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, 08/12/99. E/C.12/1999/10, пар. 24
6 Конвенција за правата на детето, UN Doc A/44/49 (1989), пар. 29(1)(d)
7 Промовирање на еднакви можности во образованието, Извештај на Специјалниот известувач за правото на образование, Kishore Singh, GE.11-12940, 18 април 2011: www2.ohchr.org/english/bodies/hrcouncil/docs/17session/A-HRC-17-29.pdf
8 КомуникацијаодКомисијатадоЕвропскиотпарламент, Советот, Европскиотекономски и социјаленкомитет и Советотнарегиони; Решавање на раното напуштање на училиштето: Клучен придонес до Европската агенда 2020,ec.europa.eu/education/school-education/doc/earlycom_en.pdf
9 9Ранадетска грижа и образовен регионален извештај – Европа и Северна Америка, УНЕСКО, WCECCE/Ref.4, 27 август 2010
unesdoc.unesco.org/images/0018/001892/189211e.pdf
10 Учење: Богатството во него, УНЕСКО, Париз, 1996. www.see-educoop.net/education_in/pdf/15_62.pdf
11 http://youth-partnership-eu.coe.int
12 www.youthforum.org