Луѓето можат да постигнат заедничка цел без да одат по исти патеки.

Амаду Ампате Ба

Преглед

Оваа активност вклучува дискусија и донесување одлуки. Додека работат во мали групи, учесниците одлучуваат како да ги прераспределат парите од глобалниот воен буџет за да го пополнат недостатокот на финансиски средства за четири од Целите за одржлив развој.

Поврзани права

• Право на живот, слобода и лична сигурност
• Право на развој
• Право на соодветен животен стандард
• Права на здравствена заштита и образование

Цели

• Да се прошири знаењето за Целите за одржлив развој
• Да се развијат вештини за решавање на проблеми и критичко мислење
• Да се култивира солидарноста и волјата за изнаоѓање решенија за глобалните проблеми

Материјали
  • Пари од Компас така што ќе имате банкноти со следните апоени (по еден комплет за секоја мала група).
    • 8 x 100 Ем евра
    • 15 x 50 Ем евра
    • 20 x 10 Ем евра
  •  Картички на кои се илустрирани Целите за одржлив развој 2, 3, 4 и 6 (по еден комплет за секоја мала група)
  • Плик (по еден за секоја мала група)
  • Флип-чарт хартија и пенкала во две различни бои
  • Постер од 17 Цели за одржлив развој 
Подготовка
  • Направете постер од 17 Цели за одржлив развој: искористете фотокопир за да ја зголемите табелата на Целите за одржлив развој, на страница 197
  • Фотокопирајте ги логоата од Целите за одржлив развој 2, 3, 4 и 6 и направете картички, со димензии 10 х 10 цм.
  • Ставете ги комплетите со пари и картичките во пликови да бидат готови за делење.
compass-key-date
  • 20 декемвриМеѓународен ден на човековата солидарност

Инструкции

1. Објаснете дека оваа активност се однесува за тоа како светот ќе најде пари за да реши некои од најголемите општествени и економски проблеми со кои се соочуваме денес.

2. Прашајте ги учесниците што знаат за Целите за одржлив развој (ЦОР). Колку од нив можат да именуваат?

3. Покажете го постерот и, ако е потребно, кратко објаснете ги Целите за одржлив развој, како и обврската на Обединетите Нации кон нив.

4. Поделете ги учесниците во групи од 5-6 и наместете ја сцената: Економистите напорно работеа на начините за финансирање на Целите за одржлив развој, но сé уште постои недостаток на пари. Сега „вие“, една од работните групи при Обединетите Нации, имате задача да процените дали 1750 милијарди долари би биле доволни за да се покрие годишното дополнително финансирање (недостатокот на финансиски средства), кое е потребно за да се постигне цел 2 (да нема глад), цел 3 (добро здравје), цел 4 (квалитетно образование) и цел 6 (чиста вода и санитарни услови). За да се стави бројката од 1.750 милијарди долари во некаква перспектива, кажете им на учесниците дека глобалниот бруто годишен производ во 2014 беше 77.000 милијарди долари, од кои во САД 17.500 милијарди долари, Германија 3.850 милијарди долари и Сомалија 5,7 милијарди долари.

5. Поделете ги пликовите со картичките со Целите за одржлив развој. Објаснете дека 1 Ем е еднаков на 1 милијарда американски долари.

6. Замолете ја групата да размисли што треба да се направи за да се исполнат четири од Целите за одржлив развој и да се процени колку тие сакаат да потрошат за да се осигураат дека целите ќе бидат исполнети. Тие треба да стават пари на секоја картичка со цел. Тие не треба да ги потрошат сите пари, бидејќи има уште 13 цели за кои ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства.

7. Потоа, замолете ја секоја група да каже по колку пари издвоиле за секоја цел и да ги набројат сумите на флип-чарт. Не треба да има дискусија во оваа фаза; причините за изборот ќе бидат оставени за главната дискусија.

8. Сега, дајте ги проценките од Прекуморскиот институт за развој (ODI), пресметани за да се покрие недостатокот на финансиски средства на годишно ниво:

  • Цел 2 (да нема глад) – 50 милијарди долари
  • Цел 3 (добро здравје) – 40 милијарди долари
  • Цел 4 (квалитетно образование) - 40 милијарди долари
  • Цел 6 (чиста вода и санитарни услови) – 30 милијарди долари

Напишете ги на флип-чарт со пенкала со различна боја и замолете ги групите да ги распределат нивните банкноти и да пресметаат колку пари им останале..

9. Потоа, кажете ѝ на групата дека бројката од 1.750 милијарди долари не се спомнува тукутака! Тоа е, всушност, бројката за глобалното трошење за воени цели во 2014.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете со резимирање како помина активноста и потоа зборувајте за она што го научија учесниците.

  • Како работеше групата? Беше ли лесно да се согласат за приоритетите и проценките? Како ги решаваа разликите во мислењето?
  • Дали има некакви коментари за бројките за барањето за дополнително финансирање за Целите за одржлив развој 2, 3, 4 и 6? Беше ли вкупниот износ од 1.750 милијарди долари, повеќе или помалку, од она што им беше потребно на луѓето?
  • Дали мислите дека ние треба да го намалиме трошењето за воени цели и да ги искористиме парите за покривање на финансискиот недостаток за Целите за одржлив развој?
  • Што е со дополнителното финансирање кое е потребно за останатите 13 цели? Ќе ги потрошите ли останатите 1.580 милијарди долари за нив?
  • Сигурноста е многу значајна. Кои се главните закани со кои се соочува човековата сигурност денес, локално и глобално?
  • Кој би бил најдобриот начин да се потрошат 1.776 милијарди долари за воени цели насекаде во светот?
  • Кои човекови права се значајни за цел 16 – мир и правда и целите 2, 3, 4 и 6?
  • Што може групата да направи за да ги промовира Целите за локален развој на локално и национално ниво?

 

Совети за обучувачитеGoto top

Целите за одржлив развој беа претставени во 2015 и мора да се нагласи дека бројките за трошоците за покривање на финасискиот недостаток (дополнителни финансиски средства) се начелни (odi.org). Како забелешка, оваа активност беше развиена во 2016 и во тоа време немаше бројки за тоа колку би чинело да се остварат и останатите цели за одржлив развој.

 

Во четвртиот чекор од инструкциите, зедовме три земји за пример. САД беше наведена бидејќи има највисок бруто домашен производ на светско ниво, Германија бидејќи има највисок бруто домашен производ во Европа и Сомалија, бидејќи имаат најнизок домашен бруто производ на светско ниво и имаат долга историја на војни и насилство. Вежбата повеќе ќе поттикнува, доколку учесниците ги добијат Целите за одржлив развој за земјите кои им се значајни. Оваа информација можете да ја најдете на worldbank.org

 

Не е прикладно да се очекува од учесниците да направат реалистични проценки за дополнителните финансиски средства со мало предзнаење. Охрабрете ги да го искористат знаењето што го имаат и да се обидат реално да погодуваат, онолку колку што е можно.

 

Бројките за трошоците и оние за глобален воен буџет се заокружени или намалени од практични причини, но тие се сé уште блиску до вистинскиот износ. На пример, воениот буџет за 2014 беше 1.776 милијарди долари, согласно Меѓународниот институт за мировно истражување од Стокхолм (sipri.org). Оние за покривање на финансискиот недостаток, дадени од odi.org, за целите 2, 3, 4 изнесуваат: 50,2, 37, 38 и 26,8 милијарди долари годишно.

 

Целта заради која групите ги распределуваат парите е да им се даде „физичка слика“ и да се сфати поентата колку малку пари се потребни.

 

Во резимирањето можете да нагласите дека вкупниот дополнителен финансиски износ, потребен да се остварат развојните цели 2, 3, 4 и 6 е 175 милијарди долари; тоа е една десетина од годишниот глобален воен буџет.

 

Точките, кои треба да се нагласат во дискусијата, во врска со сигурноста вклучуваат:
• Застареното размислување за војување и одбрана не ги решава новите закани со кои се соочуваме денес, како што се ХИВ, ебола и зика, транснационален криминал, сајбертероризам, организиран криминал, тероризам и промена на климата.

  • Има повеќе граѓански војни од порано. Силната национална одбрана не е сигурност.
  • Извештајот за човековиот развој на ОН од 1994 заканите за човековата сигурност ги распределува во седум категории: политичка сигурност, економска сигурност, здравје, храна, околина, лична сигурност и сигурност на заедницата. На многу начини, исполнувањето на Целите за одржлив развој ќе нé направи многу посигурни. • Дискриминацијата и кршењето на социјалните и економските права функционираат како темелни причини за конфликт, создавајќи длабоки неправди и групни идентитети, кои можат, под одредени околности, да мотивираат колективно насилство.
  • Кршењето на граѓанските и политичките права често се предизвикувачи на конфликт. Негирањето на правото на учество во политика е поврзано со внатрешен конфликт.
  • Злоупотребата на личните права на интегритет, особено во репресивни режими, води до конфликт.
  • Целосните демократии искусуваат помалку конфликти отколку земјите без демократија и без традиција на почитување на човековите права.
  • Надгледувањето со дронови, видео камери на јавни места, телефонско и Интернет прислушкување се прави во име на сигурноста. Колку е неопходно надгледувањето и кои права ги крши, а кои ги заштитува:

Поврзаноста помеѓу цел 16 и човековите права може да се најде во информациите во делот „Мир и насилство“. 

ВаријацииGoto top

Вие би можеле да ја развиете активноста како играње на улоги во врска со преговарањето за буџетите за воени цели и за Целите за одржлив развој. Поделете ги луѓето во мали групи и дајте им улоги, како што се владини делегати, невладини организации кои работат на сиромаштија, ХИВ, образование, генерал од војската, гласноговорник од индустријата за оружје, претставник на работниците од фабрики за оружје, војници и други групи од интерес. За секоја улога, треба да дадете упатства, на пример:

  • Влади: Вашиот приоритет е да се подобри квалитетот на живот за вашите граѓани, но исто така, да се зачува и безбедноста на вашата земја.
  • Невладини организации: Вашиот приоритет е драстично да се намалат воените трошоци и да се стави крај на долгот на најсиромашните земји.
  • Претставник на воените индустрии: Вашиот приоритет е да не се загубат пазарите и парите, но вие сте подготвени да преговарате.
  • Претставник од синдикатот на воените работници: Вашиот приоритет е да се живее подобро и во мир, но вие, исто така, се плашите да не ги загубите вашите работни места.

Предлози за идни активностиGoto top

Промовирајте дискусија за тоа што би ја зголемило глобалната сигурност; направете комплети од картички со 10 таргети од цел 16 и замолете ги групите да ги подредат во форма на дијамант. (Инструкции за подредување во форма на дијамант има на страница 69). Продолжете со прашување на луѓето колку ефективни би биле овие таргети во зголемувањето на глобалната сигурност, преку давање на причини. Со кои човекови права се поврзани овие таргети?

Замолете ги учесниците да ги споредат бруто националниот производ и индексот на човековиот развој во сопствената земја (или во Европа како целина) со некоја земја во развој (или Африка како целина), а потоа да ги истражуваат причините за нееднаквоста, гледано историски и во сегашноста. Дали богатите земји би требало да преземат поголема одговорност за недостатокот на развој во некои земји?

Активностите „Пристап до лекови“, „Дали може да влезам?“ за мигрантите „Трка за богатство и моќ“  можат да се искористат како надополнување и за продлабочување на знаењето на учесниците за последиците од сиромаштијата и недостатокот на развој.

Идеи за акцијаGoto top

Како дел од училиштен или некаков друг настан, претворете ја активноста во квиз. Направете свој квиз или искористете некој од Интернет, на пример на www.boombox.com или 17goals. org/quiz. Како алтернатива, креирајте и логоа и листа на цели, како голем постер и замолете ги посетителите да да дадат коментар на нивните реакции.

Можете да им кажете на учесниците да дознаат кои планови ќе ги имплементира нивната земја во врска со Целите за одржлив развој. Ако сметате дека вашата влада не прави доволно, можете да се обратите до некој пратеник од парламентот. Дознајте што се случува и на европско ниво и напишете писмо до некој претставник од Европскиот парламент.

Понатамошни информацииGoto top

Корисни информации 

Опуртунитетни трошоци и агенда за развојот ОН, Меѓународно биро за мир: www.IBP.org

Плаќање за напредок: како ќе бидат финансирани новите цели после 2015?: www.odi.org

Дали кршењето на човековите права предизвикува внатрешен конфликт? Oskar N.T. Thomas&James Ron во Човекови права квартално 29 (2007)

Финансирање за завршување на сиромаштијата до 2030, инфо-графикон од www.odi.org
Сигурност: Делот кој недостига во Милениумските развојни цели? www.odi.org

Забелешка

Иконите од Милениумските развојни цели првично беа развиени од Кампањата за овие цели во Бразил

Целите за одржлив развој беа усвоени од Обединетите нации, во септември 2015. Тие продолжуваат онаму каде запреа Милениумските развојни цели, со цел да овозможат, како што кажува и името, одржлив развој за сите до 2030; свет без сиромаштија, без глад, квалитетно образование за сите, мир и правда – свет каде ќе се почитуваат човековите права и сите ќе уживаат во нив. Онаму каде што беа 8 Милениумски развојни цели, сега се 17 Цели за одржлив развој кои рефлектираат реалност во која прашањата за човековиот развој се сложени и се преплетуваат.

 

Една од многу важните разлики помеѓу Милениумските развојни цели и Целите за одржлив развој е разбирањето на улогата која ја играат несигурноста и насилството во попречувањето на развојот, а истовремено улогата на мирот и стабилноста во овозможувањето и промовирањето.

Цел 16 – Мир и правда има 10 таргети:

  • 16.1 Значително намалување на сите форми на насилство и соодветните стапки на смртност насекаде
  • 16.2 Крај на злоупотребата, експлоатацијата, трговијата со луѓе и сите форми на насилство и измачување на деца
  • 16.3 Да се промовира владеење на правото на национално и меѓународно ниво и да се обезбеди еднаков пристап до правда за сите
  • 16.4 До 2030, значително да се намалат недозволените финасиски текови и трговија со оружје, зајакнување на обновувањето и враќањето на украдени имоти и борба против сите форми на организиран криминал
  • 16.5 Значително да се намали корупцијата и митото во сите нивни форми
  • 16.6 Да се развијат ефективни, одговорни и транспарентни институции на сите нивоа
  • 16.7 Да се осигура одговорно, инклузивно, партиципативно и репрезентативно донесување на одлуки на сите нивоа
  • 16.8 Да се прошири и да се зајакне учеството на земјите во развој во институциите на глобалното управување
  • 16.9 До 2030, да се обезбеди правен идентитет за сите, вклучувајќи и регистрација на родените;
  • 16.10 Да се обезбеди јавен пристап до информации и заштита на основните слободи, во согласност со националното законодавство и меѓународните договори

 

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

 

  • Цел 1 Сиромаштија – Крај на сиромаштијата, во сите форми и насекаде
  • Цел 2 Храна – Крај на гладот, да се обезбеди сигурност на храна и подобрена исхрана и да се промовира одржливо земјоделство
  • Цел 3 Здравје – Да се обезбеди здрав живот и да се промовира благосостојба за сите на сите возрасти
  • Цел 4 Образование – да се обезбеди инклузивно и достапно образование и промовирање можности за доживотно образование за сите
  • Цел 5 Жени – Да се обезбеди родова рамноправност и зајакнување на сите жени и девојки
  • Цел 6 Вода – Да се обезбеди достапност и одржливо управување со водата и санитарните услови за сите
  • Цел 7 Енергија –Да се обезбеди пристап до прифатлива, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите
  • Цел 8 Економија – Да се промовира рамномерен, инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и пристојна работа за сите
  • Цел 9 Инфраструктура – Да се изгради отпорна инфраструктура, да се промовира инклузивна и одржлива индутријализација и да се негуваат иновациите
  • Цел 10 Нееднаквост – Да се намали нееднаквоста во и помеѓу земјите
  • Цел 11 Живеалиште – да се направат градовите и населбите инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи
  • Цел 12 Потрошувачка – Да се обезбеди одржлива потрошувачка и производство
  • Цел 13 Клима – Да се преземе итна акција за борба со климатските промени и нивното влијание
  • Цел 14 Морски екосистеми – Зачувување и одржлива корист на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој
  • Цел 15 Екосистеми – Заштита, обновување и промовирање на одржливото користење на копнените екосистеми, одржливо управување со шумите, борба против дезертификација и спречување на повлекувањето на земјиштето и губење на биолошката разновидност
  • Цел 16 Институции – Да се промовира мирољубиви и инклузивни општества за одржлив развој, да се обезбеди пристап до правда за сите и да се изградат ефективни, одговорни институции на сите нивоа Цел 17 Одржливост – Зајакнување на средствата за спроведување и ревитализација на глобалното партнерство за одржлив развоj