Насилство во мојот живот
Следете ги трите - R: Respect for self, Respect for others and Responsibility for all your actions (Самопочит, Почитување на другите и Одговорност за сите ваши акции).
Далај-Лама
- Преглед
Ова е активност во која луѓето ги истражуваат нивните искуства на меѓусебно насилство
- Поврзани права
- Право на живот, слобода и лична безбедност
- Слобода на мисла, совест и религија
- Слобода од тортура и деградирачки третман
- Цели
- Да се развие знаење и разбирање како е да се биде објект на насилство и за причината за насилство
- Да се охрабри развој на вештини за справување со насилство на позитивен начин
- Да се развијат вредностите на толеранција и одговорност.
compass-key-date
- 2 ОктомвриМеѓународен ден на ненасилство
Инструкции
1. Објаснете дека ова е можност за учесниците да ги споделат мислите и чувствата за личните искуства на меѓусебно насилство, и кога луѓето биле насилни кон нив и кога тие биле насилни кон други.
2. Бидете сигурни дека сите ги познаваат и ги разбираат правилата за партиципативна групна работа: дека сите треба да се третираат со почит, дека она што е кажано од било кој се чува во доверба и дека никој не треба да се чувствува под притисок да каже било што, што ќе го направи да се чувствува непријатно.
3. Спроведете кратка сесија на бура на идеи за зборот „насилство“, барајќи учесниците да дадат примери на секојдневно насилство, на пример, вербална злоупотреба, навреди, сарказам, скокање во ред, туркање пред некој, тепање на дете или удирање/да се биде удрен, заплашување од страна на банди, провална кражба, ситни кражби или џепарење, вандализам и така натаму.
4. Побарајте од сите да одделат пет минути и да размислат за лични инциденти кога:
a. некој постапувал насилно кон нив
б. кога тие постапувале насилно кон некој друг
в. кога виделе дека некој друг е насилен, но не интервенирале.
5. Побарајте од волонтерите да ги кажат своите искуства како примери за групата која ќе ги разгледа заедно. Нека кажат што се случило и како се чувствуваат во врска со тоа. Обидете се да добиете по два примери за секоја од категориите а, б и в.
6. Направете кратки белешки за инцидентите на флипчартот.
Резимирање и евалуација
Започнете со кратка дискусија за активноста како целина и дали таа беше тешка или не,и зошто. Потоа продолжете да ги анализирате причините и ефектите на различните инциденти.
- Зошто настанала насилната состојба?
- Зошто се однесувавте така како што се однесувавте?
- Како би се однесувале другите членови на групата во слични околности?
- Како можеше да се однесувате поинаку? Дали остатокот од групата има некакви предлози?
- Што можел некој да направи за да спречи инцидентот да се случи?
- Во случај на в) зошто не интервенирале?
- Дали имаше некои општи причини за инцидентите или сите биле посебни?
- Колку инциденти биле резултат на недоразбирања, колку резултат на огорченост, инает или љубомора и колку резултат на разлики во културата и обичаите, мислење или верување?
- Што луѓето подразбираат под зборот „толеранција“? Како би ја дефинирале?
- Дали треба да бидеме толерантни на сè што другите луѓе прават или велат?
- Зошто толеранцијата е клучна вредност за унапредување на човековите права?
Совети за обучувачите
Нагласете дека целта на оваа активност е да развијат вештини за справување со насилството, преку препознавање на причините, признавање на чувствата и емоциите и развивање вештини за да дејствуваат одлучно со цел да се контролира ситуацијата. Фокусот е да се најдат ненасилни средства за реагирање на насилни ситуации, а не на помагање на поединците да ја надминат траума. Ако некој страда како резултат на насилство, кажете им дека се добредојдени да разговараат со вас приватно потоа, кога ќе им помогнете да најдат професионален советник.
Бидете подготвени за изненадувања и за поддршка на секој кој ја смета оваа активност за тешка или вознемирувачка. Вие не можете да ја знаете приказната на сите, ниту што се случува или што се случило во нивните семејства. Можеби некои учесници имаат лоши искуства од насилство, на пример злоупотреба на деца, семејно насилство, психолошко или емоционално малтретирање, сајбер-малтретирање, сексуална злоупотреба, расизам, малтретирање во училиште или на работа, дивеење на патиштата, самоповредување, обид за самоубиство, злосторства од омраза, тероризам, геноцид, војна, воени злосторства и насилен криминал.
Кажете им на луѓето да се сетат на Членот 1од Универзалната декларација за човекови права: „Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата. Тие се опремени со разум и совест и еден кон друг треба да делуваат во духот на братство“. Ако очекуваме другите да го почитуваат овој член, тогаш треба да го почитуваме и ние.
Ако имате повеќе од десет лица во групата, можете да ги поделите во мали групи за да ги споделат нивните приказни.
Варијации
Ова може да биде добра драмска активност. Побарајте од две, три или четири лица да развијат кратка игра на улоги. Остатокот од групата набљудува. Потоа можете да ја прекинете играта на улоги во интервали и да побарате од присутните да коментираат или да дадат предлози за тоа како треба да продолжи играта на улоги. Алтернативно, членовите на публиката можат директно да интервенираат за да ги преземат улогите од актерите и да развиваат алтернативни исходи.
Наместо Форум театар, можете исто така да направите "Сликовен театар". Тоа е многу ефикасен метод кога сакате луѓето да размислуваат за насилството. Прашајте едно лице – скулптор- да создаде колективна слика со користење на неколку од другите учесници и скулптурирајќи ги нивите тела да направи пано или сцена која покажува насилна ситуација. Кога скулпторот ќе заврши, остатокот од групата може да коментира и да поставува прашања. Следниот чекор треба да биде, веќе претставеното, да се трансформира во позитивна, ненасилна слика на ситуацијата.
Предлози за следни активности
Можеби ќе сакате да разговарате за контрадикцијата во Декларацијата на ОН за принципите на толеранција, која покренува прашања за ограничувањата за толеранција. „Толеранцијата е во согласност со почитувањето на човековите права; практиката на толеранција не значитолерирање на социјалната неправда или напуштање или слабеење на своите убедувања. Тоа значи дека некој е слободен да се придржува до сопствените убедувања и прифаќа дека другите се придржуваат кон нивните “. Замолете ја групата да размисли дека, ако „практиката на толеранција не значи толерирање на социјалната неправда“, тогаш како може некој во исто време „да прифати другите да се придржуваат до своите [убедувања]“, особено ако тие убедувања се расистички или фанатични?
Пронајдете организации кои обезбедуваат поддршка на жртвите на насилство, на пример, телефонски линии за помош или мрежи за поддршка на жртвите. Пронајдете други организации кои промовираат разбирање и толеранција во заедницата.
Ако сакате да продолжите да работите во рамките на темата за мирот и насилството, би можеле да ги погледнете активностите "Домашни работи" која го разгледува насилство во семејството, "Мојот живот не е шоу" за сајбер-малтретирање, и "Дали имаме алтернативи" која го истражува малтретирањето.
Идеи за акција
Стапете во контакт со организација која работи на промоција на мирот и ненасилството во заедницата и да дознаете како можете да и помогнете како волонтери.
Понатамошни информации
Светската здравствена организација (СЗО) во својот прв светски извештај за Насилство и здравје (2002) го дефинира насилство како „намерна употреба на физичка сила или моќ, запретена или актуелна, против себеси, друго лице или против група или заедница, која или резултира или има висока веројатност да резултира со повреди, смрт, психолошка повреда, успорен развој или одземање“.
Декларација на принципите на ОН
Член 1 - Значење на толеранција
1.1 Толеранција е почит, прифаќање и ценење на богатата разновидност на културите во нашиот свет, нашите форми на изразување и начините да се биде човек. Поттикната е од знаењето, отвореноста, комуникацијата и слободата на мислата, совеста и верувањето. Толеранцијата е хармонија во различноста. Таа не е само морална должност, туку е и политичко и законско барање. Толеранцијата, доблест која што го овозможува мирот, придонесува за замена на културата на војна со културата на мир.
1.2 Толеранцијата не е концесија, патронизирање супериорност или уживање. Толеранцијата е, пред сè, активен став поттикнат од признавање на универзалните човекови права и фундаментални слободите на другите. Во никој случај не може да се искористи за да се оправдаат прекршувањата на овие основни вредности. Толеранцијата треба да се практикува од поединци, групи и држави.
1.3 Толеранцијата е одговорност која ги поддржува човековите права, плурализмот (вклучувајќи го и културниот плурализам), демократијата и владеењето на правото. Тоа вклучува отфрлање на догматизмот и апсолутизмот и ги потврдува стандардите утврдени во меѓународните инструменти за човекови права.
1.4 Во согласност со почитувањето на човековите права, практикувањето на толеранција не значи толерирање на социјалната неправда или напуштање или ослабување на пресудите. Тоа значи дека секој е слободен да се придржува до сопствените убедувања и прифаќа дека другите се придржуваат до нивните. Тоа значи прифаќање на фактот дека човечките суштества, природно се разликуваат во нивниот изглед, ситуација, говор, однесување и вредности, имаат право да живеат во мир и да бидат какви што се. Тоа исто така значи дека гледиштата не некој не треба да им се наметнуваат на другите.
Меѓународниот ден на ненасилството на Обединетите нации (ООН) е глобално почитување кое промовира ненасилство преку едукација и јавна свест. Се одржува секоја година на 2-ри октомври за да се совпадне со роденденот на познатиот индиски лидер Махатма Ганди.