Image: Theme 'Gender' by Pancho

Некои клучни концепти 

„Милиони луѓе во Европа се дискриминирани, стигматизирани, па дури и жртви на насилство заради нивната стварна или наводна сексуална ориентација или родов идентитет.“ Томас Хамарберг, Комесар за човекови права при Советот на Европа1

Родот ги засегнува сите на еден комплексен, суптилен и отворен начин. Нашата сексуалност и родов идентитет се интегрални аспекти од човековата природа. Термините „пол“, „род“, „родов идентитет“ и „сексуалност“ имаат различни значења, но често се мешаат.

Полот се однесува на биолошките и физичките карактеристики кои се различни кај мажите и жените. Ние сме дефинирани како мажи или жени со самото раѓање, што станува општествен и правен факт. Некои луѓе се родени со нетипични комбинации на физички карактеристики (телесни карактеристики) кои обично ги разликуваат момчињата од девојчињата при самото раѓање. Овие лица се „интерсексуални“ лица. Често, докторите автоматски изведуваат моментална операција на лицето (или скоро, по самото раѓање) за „корекција“ на телото, често без согласност на засегнатото лице или на родителите. Ова многу се критикува од страна на интерсекс активистите. Тие се повикуваат на Принцип 18 од Принципите од Јогиакарта (документ кој го развила една група на меѓународни експерти за човекови права) кој ги повикува земјите да ги: „преземат сите потребни правни, административни и други мерки како би се осигурало дека телото на ниту едно дете нема неповратно да се промени со примена на медицински процедури во обид да се наметне родов идентитет без целосна, слободна и информирана согласност на детето, во склад со возраста и зрелоста на детето и водена со принципот дека во сите акции, кои се во врска со детето, најдобриот интерес треба да има предност ."

Родот се однесува на општествено-изграден сет на очекувања, однесувања и активности на жените и мажите, кои им се доделени ним, врз основа на нивниот пол. Општествените очекувања, кои ги земаат предвид дадените родови улоги, зависат од одреден социо-економски, политички и културен контекст и се засегнати од други фактори, вклучувајќи раса, етничка припадност, класа, сексуална ориентација и возраст. Родовите улоги се научени и многу се разликуваат во и помеѓу општествата и се менуваат со текот на времето.
Ние сме социјализирани од моментот кога се раѓаме. Ние се развиваме, растеме и учиме за тоа како да се однесуваме согласно со очекуваните норми на општеството во кое живееме, под влијание на нашето семејство, училиште, работно место, медиуми, нови информациски технологии и популарната култура. Социјализацијата е значаен процес за станување на функционални членови на група на луѓе. Родовата социјализација може да ги ограничи момчињата и девојчињата во истражувањето на нивните таленти и интереси до нивниот целосен потенцијал. Според тоа, често нереалистични и контрадикторни очекувања можат да предизвикаат внатрешни конфликти, психолошки проблеми, а одбивањето на исполнувањето на овие очекувања може да води до одредени форми на казнување од страна на другите.

Родовиот идентитет се однесува на родот, на кој лицата чувствуваат дека припаѓаат, кој може или не мора да биде истиот како и полот, кој го добиле со раѓањето. Тој се однесува на секое длабоко, внатрешно почувствувано и индивидуално искуство на родот и го вклучува личното чувство на тело и други експресии, како што се облекување, говор и манири.

Трансрод е еден поширок поим кој често се користи да се опише широк спектар на идентитети и искуства; тој често се однесува на лица кои имаат родов идентитет кој е различен од полот кој го добиле со раѓањето, како и оние луѓе кои сакаат да го прикажат нивниот родов идентитет на различен начин од полот кој го добиле со раѓањето. Трансродовите лица се поединци чие родово изразување и/или родов идентитет се разликува од конвенционалните очекувања, засновани на физичкиот пол, со кој се родени и со кој правно се регистрирани од раѓање.

Сексуалната ориентација опишува модел на емоционална и сексуална привлечност кон мажите, жените, кон двата или кон никого. Сексуалната ориентација не е поврзана со родовиот идентитет; на пример, трансродов маж може да биде хетеросексуалец или геј на истиот начин како што секој друг маж би можел да биде хетеросексуалец или геј. Сепак, овие два аспекта на идентитетот често се поврзуваат од страна на луѓето и од нив зависи како се третираат и како се перципираат лезбејките, геј, бисексуалците и трансродовите лица (ЛГБТ).

Пар одгледува „бесполово“ дете 

Во Шведска, еден пар одлучил да го одгледува нивното двегодишно дете „без пол“. Тие никому не кажале дали Поп бил/а момче или девојче, освен на неколку луѓе, кои му/ѝ ја менувале пелената на Поп. Тие сакале детето да може слободно да расте без да биде присилено на специфично родово подесување.2

Прашање: Што мислите за одлуката на парот полот на Поп да го зачуваат во тајност?

Некои од прашањата за човековите права поврзани со родот и сексуалноста

Родовата рамноправност е основно човеково право. Сепак, често, на луѓето им се кршат нивните човекови права врз основа на нивниот родов идентитет или сексуална ориентација. Некои од клучните прашања се поврзани со учество, родово-базирано насилство, воени конфликти и сиромаштија, како и со сексуални и репродуктивни права.

Учество

Дискриминацијата врз основа на пол, родов идентитет и сексуална ориентација е широко распространета во светот. Таа особено го ограничува степенот до кој жените и ЛГБТ лицата можат да учествуваат во општеството. Значајни бариери за целосно и рамноправно учество постојат во образованието, вработувањето и политичкото и јавното донесување на одлуки. 

Ширум светот, девојчињата имаат помал пристап до образованието отколку момчињата; 60% од земјите имаат помалку девојчиња од момчиња во основното и средното образование.3 Иако во повеќето европски земји постои еднаков број на момчиња и девојчиња во образованието – и всушност, често и повеќе жени во терцијарното образование – родовиот баланс е само еден чекор кон родовата рамноправност. Често постојат бариери за целосно учество на девојчињата. Девојчињата би можеле да се поттикнуваат при изучувањето на одредени предмети (на пример, уметност и општествени науки, а не наука и инженерство) за да можат да одговараат на доминантните родови стереотипи. Многу е веројатно дека ова води кон разлики во постигнувањето. На пример, низ Европа девојчињата постигнуваат пониски оценки по наука и технологија, а момчињата имаат пониски постигнувања во читањето.4 Сексуалниот булинг и вознемирување во училиштата е широко-распространето.

Иако е направен голем напредок во текот на последните декади во легислативата која промовира родова рамноправност во вработувањето, особено во Европа, во праксата сé уште имаме долг пат за надминување на дискриминацијата надвор од работните места. Жените често се дискриминирани во смисла до кои работни места имаат пристап, колку се платени и дали ги унапредуваат во водечки улоги. На пример, во Европската Унија, мажите, во просек, заработуваат 17,5% повеќе од жените на исто работно место.5 Жените, исто, можат да искусат и сексуално вознемирување и малтретирање во канцеларијата или мора да се справуваат со сексистички шеги и ставови од колегите. Некои жени се прескокнуваат за унапредување, или пак нема да бидат избрани за некое работно место заради бременост или мајчинство. Семејните обврски рамноправно не се споделуваат помеѓу мажите и жените, а како резултат на тоа, жените прават прекин во кариерата и работат со половина работно време, многу почесто од мажите. Тоа може да влијае врз нивните пензиски права при одење во пензија.

Прашање: На кои начини девојчињата/момчињата или жените/мажите различно се третираат во вашата заедница?

Жените се многу малку присутни во политичкиот процес. Иако опфаќаат отприлика половина од светското население, само 18,4%, од државните парламентарци и 17 претседатели на држави или влади, ширум светот, се жени.6 Во февруари 2011, имало само два жени шефови на држави и два жени шефови на влади во Европската Унија, а родовиот баланс во државните парламенти бил 24% жени и 76% мажи.7 Жените сочинуваат само 3% од претседателите на најголемите европски компании.8

„Само во случај кога жените ќе учествуваат целосно во креирањето политики и кога градењето на институциите, тогаш нивна перспектива ќе биде вистински интегрирана. Концептот на демократијата е вистински реализиран само тогаш кога донесувањето одлуки се споделува меѓу мажите и жените, а целосното учество на жените во повторната изградба на институциите е загарантирано.“
Нави Пилеј, Висок Комесар за човекови права при ОН9

ЛГБТ лицата искусуваат дискриминација и се стигматизирани заради нивната стварна или наводна сексуална ориентација или родов идентитет. Хомофобичните и трансфобичните ставови се заеднички и ЛГБТ лицата често се малтретирани на училиште, дискриминирани на работното место и невидливи во јавното и политичкото донесување на одлуки. ЛГБТ лицата можат да бидат и портретирани како штетни за националниот идентитет, семејството или религијата од страна на националните медиуми или локалните или државни лидери. ЛГБТ групите и организациите понекогаш се забранети или спречувани да се организираат, да ги искажуваат нивните гледишта или да демонстрираат. Трансродовите лица искусуваат значајни пречки во официјалното признавање на нивниот префериран пол.10

„Х“ е сега полова опција во австралиските пасоши 

Австралиските пасоши сега ќе имаат три полови опции – машки, женски и неопределен – според новите насоки за отстранување на дискриминацијата против трансродовите и интерсексуалните лица,... Интерсексуалните лица, кои имаат неопределни биолошки карактеристики, ќе можат да го наведат својот пол во пасошот како „Х“. Трансродовите лица, чија перцепција на нивниот пол е во спротивност со биологијата, ќе имаат можност да одберат дали тие се мажи или жени, ако нивниот избор е поддржан со изјава од доктор. Трансродовите лица не можат да одберат „Х".11

Прашање: Кое е вашето мислење за австралиските пасоши кои дозволуваат да се стави „Х“ како ваш пол?

Европските земји овозможуваат различни степени на рамноправност во бракот. Некои држави престанале со преференцијалниот третман на хетеросексуалните парови, додека други пружаат ограничена или никаква можност за брак – како што се истополови парови или парови каде едниот е трансродово лице, па и тие се сметаат како истополов пар. Посвојувањето на биолошкото дете на партнерот, како втор родител или посвојување како геј родител и понатаму има препреки, иако Европскиот суд за човекови права пресуди во 2008 против Франција, во случајот Е.Б. против Франција, каде Судот констатира дека Франција ги прекршила правата од Европската конвенција за човекови права, пропуштајќи да го процени посвојувањето од страна на една лезбејка, на ист начин како што тоа би го сторило едно неоженето/неомажено хетеросексуално лице12. Вообичаена пракса е не-хетеросексуален посвојувач автоматски да се смета несоодветен.

Прашање: Ако родовата дискриминација, во места како што се училиштата или работните места, е забранета, зошто сé уште постои?

Насилство врз жените“ подразбира каков било акт на родово-базирано насилство, кое резултира, или се очекува да резултира, со физичка, сексуална или психичка повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за вакви акти, присилно или произволно лишување од слобода, без разлика дали се случува во јавниот или приватниот живот.“ Декларација за елиминирање на насилството врз жените на ОН

Родово-базирано насилство 

Родово-базираното насилство вклучува, но не е и ограничено, насилство врз жени и девојчиња. Насилството врз жените е едно од најсериозните форми на родово-базирано насилство во Европа. Жените и девојчињата искусуваат многу различни форми на насилство, вклучувајќи и семејно насилство, силување и сексуално насилство, кастрација на женските гениталии, убиства засновани врз „чест“, трговија со луѓе, убиство на женски новородени деца и абортус според полот на фетусот. Насилството против жените и девојчињата постои во сите општества во светот и ги погодува сите општествени групи. Трансродовите лица се екстремно изложени на родово-базирано насилство заради нивниот изглед, облекување и други карактеристики, кои често не се прифатливи за општествените очекувања на мажите и жените.

Семејното насилство, кое може да има форма на емоционална, физичка или сексуална злоупотреба, е особено вообичаено и ги погодува, не само жените и мажите кои се вклучени, туку и децата во семејството кои се сведоци или тие стануваат примарни жртви по грешка, одмазда на насилникот или бидејќи се обидуваат да ја заштитат нивната мајка.

Отрезнувачки статистички податоци 

Најмалку една од секои три жени во светот е тепана, принудена на секс или некако поинаку малтретирана во нејзиниот живот, од страна на насилник, кој обично е некој кој го познава.14
Зависно од засегнатата европска земја, помеѓу 20% и 50% жени се жртви на семејно насилство .
Проценето е дека 100 до 150 милиони девојчиња и жени ширум светот тековно живеат со последиците од кастрацијата на нивните гениталии, практика која вклучува делумно или целосно отстранување на женските гениталии од немедицински причини. Постојат многу болни последици по здравјето и тоа е меѓународно признато како кршење на човековите права на девојчињата и жените..15

Прашање: Голем дел од родово-базираното насилство сé уште се смета за „приватна работа“. Како овој став влијае врз жртвите, сторителите и сведоците на насилството?

Насилството во тинејџерските врски е сериозен проблем низ Европа; на пример, едно скорешно истражување во Велика Британија покажува дека 25% од девојчињата и 18% од момчињата, помеѓу 13 и 17, имаат искусено некаква форма на физичко насилство во врската.13

Проституцијата продолжува да биде контраверзно прашање дури и во женските движења за правата. Многумина ја сметаат како форма на насилство, додека пак други лобираат проституцијата да биде целосно призната како професија со сите правни последици. Слична поделба постои и на политичко ниво. Некои земји, како Шведска, ја забраниле проституцијата како криминал, проститутката ја сметаат за жртва, а клиентот, како и останатите кои имаат финансиска корист, ги сметаат за сторители. Во некои други земји, проституцијата се смета како услуга и може да се практикува под одредени законски ограничувања.

 

Фокус врз трговијата со луѓе 

Секоја година, милиони луѓе се жртви на трговијата со луѓе ширум светот, која е една модерна форма на продажба на робови. Мнозинството од жртвите се млади жени и деца со кои се тргува заради сексуална експлоатација. Тоа е главниот проблем во Европа. Постои зголемување на бројот на жени и деца со кои се тргува во Европската Унија од централно и источно-европските земји. Во било кое време, повеќе од 140.000 жртви се заглавени во трговија со луѓе во Европа, без никакви знаци дека тој број се смалува.16 Конвенцијата за акција против трговијата со луѓе на Советот на Европа стапи во сила во февруари 2008. До септември 2011, Конвенцијата беше потпишана од 43 држави-членки. Конвенцијата формира Група на експерти за акција против трговија со луѓе (GRETA), која ја мониторира имплементацијата на Конвенцијата преку општи и посебни извештаи.

Со оглед на нејзината скришна природа, истражувањата за проституцијате се релативно ретки. Студиите, сепак, наведуваат дека 90% од проститутките одговориле дека тие веднаш би ја напуштиле проституцијата кога би можеле – јасно воспоставувајќи цврст надворешен притисок да се остане во оваа „работа“. Исто така, во поголемиот број случаи, влегувањето во проституција не е одлука донесена од возрасен: над 90% од жените во проституцијата биле сексуално и/или физички малтретирани како деца и просечната возраст во која се влегува во проституција е 14 години.

„Една цела генерација на млади мажи немаат идеја кои би биле тие без оружје во нивните раце. Неколку генерации на жени беа вдовици, беа силувани, гледаа како се силуваат нивните ќерки и мајки, а нивните деца убиваа и беа убивани.“
Лејма Гбови19

Насилството врз ЛГБТ лицата е, исто така, распространето. Жените можат да бидат силувани за да се „излечат“ од нивното лезбејство; поединци се тепани од полицијата или стануваат жртви на насилни напади на улица, кои властите не ги спречуваат и не ги казнуваат. Насилството е насочено и кон луѓе кои се сметаат за поразлични од хетеросексуалците.

Прашање: Кои се влијанијата од родово-базираното насилство врз жртвите?

Воени конфликти 

Во денешните воени конфликти околу 90% од жртвите се цивили, од кои во најголем број се жени и деца. Покрај тоа, жените се соочуваат со посебни форми на злоупотреба на човековите права за време на воениот конфликт, вклучувајќи специфични и разорувачки форми на сексуално насилство (вклучувајќи воена проституција и присилно забременување), често како дел од политичката или воената стратегија.

Нобелова награда за ненасилство и безбедност на жените 

Лејма Гбови, мировна активистка од Либерија, ја доби Нобеловата награда за мир во 2011 за нејзината улога во мобилизирањето на жените преку етнички и верски поделби за да донесе крај на граѓанската војна во Либерија. Таа ги водеше жените при протести против војната и насилството и организираше сексуален штрајк, кој траеше неколку месеци, во обид да ги освести завојуваните мажи и да стави крај на вооружениот конфликт.
Нобеловата награда беше споделена со Тавакул Карман, новинарка и активистка од Јемен, за нејзината водечка улога во борбата за женските права и за демократија и мир во Јемен, а исто споделена и со либериската претседателка Елен Џонсон Сирлиф, исто за нејзината улога во градењето на мирот и промовирањето на женските права.
Нобеловиот комитет ја спомнува Резолуцијата 1325 од Советот за безбедност на ОН, која наведува дека жените и децата страдаат од големи штети во воена и политичка нестабилност и дека жените мора да имаат поголемо влијание и улога во активностите за креирање мир. 

„Военото сексуално насилство е една од најголемите историски тишини.“
Елизабет Рен и Елен Џонсон Сирлиф, авторки на Извештајот за ОН „Жени, војна, мир“

Родово-базираното насилство во воен конфликт често е насочено кон цели заедници, имајќи за цел да понижува, доминира и да влева страв кај сите припадници на одредената група. Иако жените и девојчињата се мнозинството од жртви на ваквото родово-базирано насилство, мажите се, исто така, таргетирани. На пример, над 8000 босански муслимански мажи и момчиња биле убиени при геноцидот во Сребреница во 1995.18 Воените конфликти содржат родови стереотипи во општествата, сведувајќи ја маженственоста на „бранителот“, „заштитникот“ или „агресорот“, а женственоста на „жртвата“ или „ранливата“.

Прашање: Зошто мислите дека родово-базираното насилство е толку често при воен конфликт?

Сиромаштија

„Жените изведуваат 66% од работата во светот, произведуваат 50% храна, но заработуваат 10% од приходите и поседуваат 1% од сопственоста.“
УНИЦЕФ20

Економската рамноправност е круцијална за постигнување на вистинска реална рамноправност. Иако, според некои проценки, жените ја сочинуваат над 70% од светската сиромаштија. Жените имаат тенденција да работат ниско-платени работи и често работат несигурни работи во сива економија со малку права и низок приход. Недостатокот на рамноправен пристап и квалитетно образование значи дека тие ќе имаат помалку квалификации и вештини, кои влијаат на типот на работата, која тие можат да си ја обезбедат. Економската зависност може да игра и клучна улога во врските и може да биде поврзана со семејното насилство. Во домаќинства на парови или семејствата, повеќето или сите неплатени работи во домаќинството се задолженија на возрасните жени или на повозрасните женски деца. Всушност, оженетите мажи се сметаат за најсигурна работна сила, кои треба да работат до највисок степен, со фактот дека работодавачите оцениле дека оженетите мажи практично немаат домашни или семејни должности, бидејќи нивните сопруги се одговорни за нив. Преку повисоки плати и подобри можности во кариерата, мажите се оние кои се финансиски наградувани за неплатените работи во домаќинството на нивните женски партнери.

Прашање: Кои би можеле да се причините за сиромаштија, имајќи диспропорционален ефект врз жените?

Сексуални и репродуктивни права 

„Раѓањето се користи, свесно или не, како средство за контрола на жените, да се ограничат нивните опции и да станат подредени на мажите.“
д-р Нафис Садик, Фонд за население при ОН

Обезбедувањето на сексуални и репродуктивни права е есенцијално за остварувањето на родова рамноправност. Премногу често, жените имаат малку или немаат контрола над нивните сексуално и репродуктивно здравје. Машката контрола над женските тела се води во сите општества и е клучен начин преку која се постигнува и одржува машката општествена, политичка и културна доминантност.

Недостатокот од контрола врз овие права резултира со тешко кршење на човековите права, на пример, присилен брак, присилување да се одржи бременоста или принуден абортус и стерилизација. Трансродовите лица се принудуваат на стерилизација со цел да имаат нов правно-признат пол, признат од државата, кога ќе го променат полот. На жените често им се негира пристапот до репродуктивните здравствени сервиси, вклучувајќи го абортусот за жени кои забремениле како резултат на силување или инцест или кога бременоста може да предизвика голем ризик за нивното здравје или живот. Пристапот до безбедна, достапна мајчина здравствена грижа и информации за сексуалното и репродуктивното здравје се основа за отворање на патот до вистинска родова рамноправност.

Род и младинска работа  

Родови прашања
Родови прашања е прирачник кој упатува на родово базираното насилство со млади луѓе, издаден од Советот на Европа. Искуството од користењето на прирачникот покажува дека образованието за човекови права е една ефективна алатка во решевање на прашањата за родовата рамноправност, а особено за родово-базираното насилство.

Младинската работа често обезбедува единствен и круцијално – безбеден простор за младите мажи и жени да дискутираат и да ги споделуваат нивните мислења и искуства за родот и сексуалноста. Младите луѓе често не можат да поставуваат искрени прашања и да дебатираат на сензитивни теми со нивните семејства, а нема ни да се охрабрат на тој чекор и во рамките на формалното образование. Отворената и свесна рамка на младинската работа може да овозможи поддржувачка средина за учење за збогатување и предизвикување на ставовите.
Есенцијално е да се биде свесен за родовите прашања кои сигурно постојат во која и да е младинска група. На пример, некој може да има директно или индиректно искуство со семејно насилство, некој може да биде збунет за неговата сексуалност или да биде малтретиран за неговиот стварен или наводен родов идентитет, кој не се вклопува во прифатените општествени норми. Многу е важно да се има во раката листа на организации и извори за совети во врска со овие прашања. Треба да се биде подготвен за оспорување на дискриминаторските ставови кон жените или ЛГБТ лицата, изложени од страна на младите луѓе во сесии. Исто така, важно е да се користи родово-освестена политика како алатка при донесување на одлуки за темите, учесниците и методите кои ќе се користа.21

Многу значаен чекор е преминот од препознавање на правата до зајакнување на правата. Обучувачите за човекови права треба да ги почитуваат разликите помеѓу индивидуалните потреби и одговорности на жените. Без таква сензитивност, образованието за човекови права може да биде уште една форма на манипулација или угнетување на жените. Образованието е клучната цел за родова рамноправност, особено кога ги вклучува начините преку кои општествата ги трансформираат нормите, знаењето и вештините.

Многу меѓународни младински организации во Европа организираат студиски сесии во соработка со Европските младински центри, кои се фокусирани на различни аспекти на родот и родовата рамноправност. Студиските сесии им дозволуваат на младите луѓе подлабоко да ги истражуваат прашањатаи да стекнуваат корисни компетенции со цел ефективно да работат на прашањата во иднина во и надвор од организацијата која ја претставуваат.22

16 Дена активизам против родово-базирано насилство 

Ако сакате да сторите нешто против родово-базирано насилство, можете да започнете со вклучување во меѓународната кампања, 16 дена активизам против родово-базирано насилство, која започна во 1991. Учесниците ги одбрале датумите 25 ноември – Меѓународен ден против насилство врз жените и 10 декември – Меѓународен ден на човековите права, со цел симболично да се поврзат насилството врз жените и човековите права и да се нагласи дека таквото насилство е кршење на човековите права. Над 3700 организации, во отприлика 164 земји учествуваат во кампањата на 16-те дена уште од 1991.23

Прашање: Како би се справиле со дискриминаторските ставови, врз основа на род или сексуалност, во вашата група?

Заштита на човековите права поврзани со родот 

„Хомофобичните злосторства од омраза и инцидентите често покажуваат висок степен на суровост и бруталност.... Тие, исто, завршуваат и со смрт. Трансродовите лица изгледа се поранливи во оваа категорија.“
Извештај на ОБСЕ17

Сите меѓународни спогодби за човекови права се применуваат еднакво и за мажите и за жените. Заради признавањето дека жените и девојчињата се особено ранливи при кршењето на нивните човекови права, беше усвоена Конвенцијата за елиминација на дискриминација врз жените (CEDAW) од страна на Генералното собрание на ОН во 1979. Оваа конвенција ја дефинира дискриминацијата врз жените и прецизира што треба да се направи од страна на националните влади во борбата против неа. 187 земји во светот го потпишале овој документ, вклучувајќи ги сите европски земји.

UN Women е ентитет при Обединетите Нации за родова рамноправност и зајакнување на жените. Ги поддржува меѓувладините тела и владите во развивање на родово-сензитивни политики и стандарди, како и нивно имплементирање во пракса. UN Women дава приоритет на пет прашања врз основа дека тие се фундаментални за родовата рамноправност, а напредокот во овие области може да го доведе до напредокот во целата заедница. Овие области се: насилство врз жените, мир и безбедност, водство и учество, економско зајакнување и национално планирање и буџетирање.

Обединетите Нации стануваат сé погласни во поддршката на човековите права на ЛГБТ. Не постои правно-обврзувачка меѓународна спогодба за правата на ЛГБТ. Сепак, во 2006, група на меѓународни експерти за човекови права креирале сет на принципи за сексуална ориентација и родов идентитет. Принципите од Јогиакарта опфаќаат широк степен на стандарди за меѓународни човекови права и укажуваат како да се применуваат во врска со прашањата за сексуалната ориентација и родовиот идентитет.

Родовата рамноправност и борбата против дискриминацијата врз основа на родов идентитет и сексуалност имаат централно место во Советот на Европа и ЕУ. Советот на Европа презеде значајни чекори во потпишувањето на Конвенцијата за превенција и борба против насилството врз жените и семејно насилство во мај 2011. Оваа конвенција е првиот правно-обврзувачки инструмент во светот кој креира сеопфатна правна рамка за спречување на насилството, заштита на жртвите и укинување на праксата на неказнување на сторителот. Таа ги дефинира и ги криминализира различните форми на насилство врз жените, вклучувајќи ги и присилните бракови, кастрација на женските гениталии, демнење, физичко и психичко насилство и сексуално насилство. Таа, исто, предвидува формирање на меѓународна група на независни експерти за набљудување на нејзината имплементација на национално ниво.

Невладините организации, исто така, играат активна улога во заштитата на женските права и правата на ЛГБТ, и на меѓународно и на национално ниво. Жените против насилство Европа (WAVE) е европска чадор организација со членови од повеќето земји во регионот на Европа. Таа одржува европска онлајн база со податоци од невладини организации, кои можат да се пребаруваат според географска локација, област на експертиза и поле на активности. Европското женско лоби (EWL), уште една чадор организација, е исто добра почетна точка за наоѓање релевантни информации, пребарување резултати или контакти со регионални, национални или локални невладини организации кои работат на различни полиња од женските права или со родови прашања поврзани со жените.

Соработка на граѓанските, државните и приватните партнери за намалување на семејното насилство 
Во рамките на нивната програма за одговорност кон заедницата, Водафон Унгарија, во соработка со NANE Здружение за женски права, локалната политика и две други приватни компании обезбедија техничка поддршка, започнаа програма за спречување на акти на семејно насилство. Пилот програмата, започнувајќи во 2011, ќе користи 30 уреди кои ќе испраќаат сигнал за итни случаи и ќе ја посочуваат позицијата на жената во опасност со притискање на копче преку мрежата на Водафон. Како резултат, жените погодени од некаква форма на насилство во интимна врска, можат да очекуваат побрз одговор од полицијата.

ЛГБТ организациите вклучуваат социјални и групи за поддршка, како и професионални организации и групи за застапување во редовните верски организации и политички партии. Меѓународната студентска организација за лезбејки, геј, бисексуални, трансродови и квир лица (IGLYO) е мрежа заснована и водена од припадниците и има повеќе од 50 организации-членки. Таа работи на промовирање вредности за прифаќање и недискриминација, зголемување на учеството на младите ЛГБТ и квир лица во демократското донесување одлуки, а соработува со други младински организации, како што се национални младински совети, европски студентски организации и европски политички младински организации. IGLYO организира студиски сесии и конференции и е активна и во лобирањето на политичко ниво.

Фусноти

1 Дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во Европа, Совет на Европа, јуни 2011: http://www.coe.int/t/Commissioner/Source/LGBT/LGBTStudy2011_en.pdf
2 Прочитајте повеќе: http://www.thelocal.se/20232/20090623/
3 Глобално образование Digest 2010 http://www.uis.unesco.org/Library/Documents/GED_2010_EN.pdf
4 Родови разлики во образовните резултати: Студија за тековната ситуација и преземени мерки во Европа 2009 http://eacea.ec.europa.eu/education/eurydice/documents/thematic_reports/120EN.pdf
5 Европска Комисија http://ec.europa.eu/social/main.jsp?catId=681&langId=en
6 UN Women http://www.unifem.org/gender_issues/democratic_governance/facts_figures.php (statistics as of 2008). 
7 Европска Комисија http://ec.europa.eu/social/main.jsp?langId=en&catId=681&newsId=1031&furtherNews=yes 
8 Европско женско лоби http://www.womenlobby.org/spip.php?rubrique36&lang=en 
9 Говор за одбележување на Меѓународниот ден на жената 2011;
http://www.ohchr.org/en/NewsEvents/Pages/DisplayNews.aspx?NewsID=10810&LangID=E
10 Исто.
11 „Х“ сега како полова опција во австралиските пасоши, 15 септември 2011
http://www.msnbc.msn.com/id/44532536/ns/travel-news/t/x-now-gender-option-australian-passports/
12 Повеќе информации: http://www.time.com/time/world/article/0,8599,1706514,00.html
13 http://www.empowering-youth.de/downloads/speech_barter.pdf
14 UN Women http://www.unifem.org/gender_issues/violence_against_women/facts_figures.php
15 Светска здравствена организација http://www.who.int/mediacentre/factsheets/fs241/en/index.html
16 Информативен лист за трговија со луѓе, Канцеларија за дроги и криминал при ОН врз основа на бројки од 2010;
http://www.unodc.org/documents/human-trafficking/UNVTF_fs_HT_EN.pdf
17 Информативен лист за трговија со луѓе, Канцеларија за дроги и криминал при ОН врз основа на бројки од 2010; http://www.osce.org/odihr/26759
18 http://www.gendercide.org/case_srebrenica.html
19 Лејма Гбови, Mighty Be Our Powers (Њујорк: Beast Books, 2011), пишувана заедно со Керол Митерс, стp. 168.
20 Родова рамноправност – Големата слика, УНИЦЕФ, 2007.
21 Ресурс за родова интеграција: Родова рамноправност и образование, Улрика Еклунд во „Којот“, изданиебр. 2., мај 2000 
22 Извештаи за овие студиски сесии се достапни овде:: http://www.coe.int/t/dg4/youth/Training/Study_sessions/Study_sessions_reports_en.asp
23 Прочитајте повеќе http://16dayscwgl.rutgers.edu/
24 За целосниот текст од конвенцијата погледнете  http://conventions.coe.int/Treaty/EN/Treaties/HTML/DomesticViolence.htm