Временски рамки
Историјата учи сè, вклучувајќи ја и иднината.
Ламартин
- Преглед
Учесниците прават колективна временска рамка на настани кои го обележуваат развој на концептот на права од 2000 година пр.н.е. до сегашноста и претпоставуваат за во иднината. Методот исто така може да се користи за истражување на историјата на која било група на луѓе.
- Поврзани права
- Право на образование, вклучувајќи образование за човекови права
- Право на живот, слобода и лична безбедност
- Слобода на религија и верување
- Цели
- Да развијат знаења за развојот на човековите права низ историјата
- Да се развијат комуникациски вештини и критичко размислување
- Да се поттикне љубопитност за човековите права и посветеност да се бранат
- Материјали
- Хартиено лепило во широка ролна
- 10-12 метри долг ѕид
- Блокчиња со стикери во 3 различни бои
- Флипчарт и маркери во различни бои
- Подготовка
- Прочитајте ги страните 395-400 во Поглавје 4 за да добиете преглед на историјата на развојот на човековите права.
- Обележете долга линија на ѕидот со хартиена лепило. Треба да биде на висина на очите. На околу 50 см од левата рака, напишете „2000 п.н.е.“ и на 50 см од десната рака напишете „2010“(или тековната година, која и да е). Одбележете ги 1000 пр.н.е. 0 и 1000.н.е.
- Подгответе 4 „стикери“ означени со: „Цивилизациите во Египет и Кина“, „Расцут на Асирските, Вавилонските и Минојските цивилизации“, „Римјаните беа најголема сила“ и „Кралства во Западна Европа и Византиската империја на исток“.
compass-key-date
- 23 AвгустМеѓународен ден за сеќавање на Трговијата со робови и нејзиното укинување
Instructions
1. Запознајте ги учесниците со временската рамка. Објаснете дека пред околу 4000 години (2000 п.н.е.) процветале првите цивилизации во Египет и Кина. Околу 1000 пр.н.е. цветале асирската, вавилонската и минојската цивилизација. Околу 0 година, Римјаните биле најголема сила, а во 1000 г. од н.е. во Западна Европа имало многу царства, а Византиската империја владеела со голем дел од истокот. Означете го денешниот датум.
2. Објаснете ѝ на групата дека нивна задача е да ја пополнат оваа временска рамка со настани кои се однесуваат на човековите права. На пример, датумот на раѓање или на смрт на луѓето кои донеле закони или кои проповедале или се бореле за правда, датуми на настани кои го смениле размислувањето на луѓето за правата и поттикнуваа одговори, како и изработка на закони или конвенции кои ги штитат човековите права.
3. Разделете ги стикерите од секоја боја на секој учесник. Објаснете дека различните бои претставуваат различни категории. На пример, сината за важни настани поврзани со човековите права, жолтите за важни личности или институции и зелените за важни документи и закони. Запишете го ова упатство на флипчартот како понатамошен потсететник.
4. Објаснете дека настаните може да бидат локални, регионални, национални или меѓународни. Учесниците треба да започнат со работа поединечно, обидувајќи се да се сетат на една личност, на еден настан и на еден закон или некоја конвенција. Тие треба да го напишат датумот и името на настанот или лицето на стикерот со соодветна боја и потоа да го стават на временската рамка.
5. Целта е секое лице да стави по 3 стикери, а групата како целина да има колку што е можно повеќе различни настани. Доколку некој види дека одреден настан е веќе поставен тој ќе мора да се обиде да смисли друг. Ако некој навистина заглави, може да се консултира со пријатели или на Интернет.
6. Охрабрете ги учесниците да бидат инспирирани од настани што другите ги постирале. Ако некој сака да постави повеќе од три настани, слободно може да го нарави тоа.
7. Кога работата почнува да се забавува, замолете ги учесниците да се соберат и да ги разгледаат постовите. Побарајте од членовите на групата да ги објаснат или да ги елаборираат нивните избори на настани.
8. Објаснете дека ќе ја завршите активноста за денес и ќе побарате од сите да се вратат на следната сесија и тогаш да додадат други работи. Прегледајте и резимирајте целосно, после наредната сесија.
Резимирање и евалуација
- Дали беше лесно да се најдат информации за временската рамка? Кои беа добри, извори?
- Која од информациите ви беше најинтересна, изненадувачка или шокантна? Зошто?
- Кои беа главните сили во позаднината на развојот на човековите права низ историјата?
- Дали е важно да се знае за историјата на човековите права? Зошто?
- Кои нови права ќе ни бидат потребни во иднина?
Совети за обучувачите
Ако има некој во групата што е специјалист по историја, дајте му/ѝ задача за проверка на календарот.
Бидете свесни дека има повеќе од 40 различни календари кои се користат во светот, вклучувајќи кинески, исламски, хинду, хебрејски, персиски и будистички календари. Затоа, датумите може да бидат збунувачки; на пример, 2010 година во христијанскиот календар, е 1431година во исламскиот календар. Затоа, внимавајте на можната конфузија околу датумите и искористите ја конфузијата за да ја извлечете меѓукултурната димензија.
Варијации
Подгответе етикети со датумите и настаните дадени подолу и искористите ги за квиз. Прочитајте го името на лицето, настанот или законот и прашате ги учесниците дали можат да ги погодат датумите. Потоа ставете ги етикетите на временската линија. Нека овие маркантни датуми бидат инспирација за групата.
Замолете ги учесниците да најдат цитати од познати личности, примери на музика, уметност и литератураи спортски настани кои ги промовираа човековите права; додадете ги на временската рамка.
Оваа вежба, исто така, може да се користи на отворено (за време на семинар, во училница ...), временската рамка може се комплетира во секое време.
Методот е многу добар начин да се започне дискусија за сеќавањето и историјата на еден народ. За да ги соберете потребните информации, пребарајте на Интернет. На пример, ставете „временска рамка на Ромите“, „временска рамка на Ерменија“ или „временска рамка на ,,Саами Лапланд’’ на било кој пребарувач.
Предлози за следни активности
Користете еден од датумите што ги имате на календарот како повод за да се дружите со другите групи и да одржите настан за промовирање на човековите права.
Ако групата би сакала да дознае повеќе за некои современи херои за човекови права, тогаш би можеле да ја направат активноста "Борци за права".
Ако групата е заинтересирана за тоа како идеите се менуваат и се развиваат со тек на времето, можеби ќе сакаат да ја направат активноста "Наскоро ќе бидат застарени".
Идеи за акција
Илустрирајте ја временската рамка со фотографии или цртежи и постирајте ја на настан; или поставете ја временска рамка на настан на отворено и поканете ја јавноста да учествува.
Понатамошни информации
Делумно резиме на некои од настаните кои генерално се поврзани со историјата на човековите права:
1760 пр.н.е. во Вавилон царот Хамураби го подготви „Кодексот на Хамураби“. (Напишан на голем камен, кодот ветува „да владее правото во царството ... и да се промовира доброто на луѓето“.)
1440 пр.н.е. (приближно) Тората од Мојсеј (Божјиот закон кој му беше откриен на Мојсеј) му ги дава на Израелските племиња десетте заповеди, вклучувајќи и детални казни за постапување спротивно од наредбата, „Не убивај“.
528 пр.н.е. - 486 пр.н.е. во Индија, Буда проповедал морал, почит за животот, ненасилство и правилно однесување.
26 – 33 год. од н.е. Исус Христос проповедал морал, толеранција, правда, простување и љубов.
613 – 632 н.е. Пророкот Мухамед учи за принципите на еднаквост, правда и сочувство откриени во Куранот
930 Алтинг е основана во Исланд, најстарата парламентарна институција во светот.
1215 Во Англија е потпишана Магна Карта. (Ова е документ кој ја ограничува моќта на кралот и им дава право на слободните луѓе да бидат судени од луѓе еднакви на себе).
1789 Француска декларација за правата на човекот и на граѓаните. (Националното собрание ја усвојува декларацијата со која се гарантира правото на слобода, еднаквост, сопственост, безбедност и отпор спрема угнетувањето.)
1791 Соединетите Американски Држави: Предлог за правата (првите десет амандмани од Уставот на САД) (Конгресот на САД го одобри Закон за правата,(Bill of rights) изменувајќи го Уставот на САД со вклучување на правата на судење со порота, слобода на изразување, говор, верување и собирање.)
1807 година донесени се британскиот и американскиот Закон против ропството.
1859 Битката на Солферино, која го инспирираше Анри Динан да го основа Меѓународниот комитет на Црвениот крст и доведе до првите Женевски конвенции (за Меѓународно хуманитарно право)
1863 Создавање на Меѓународниот комитет на Црвениот крст
1864 Усвоена е Женевската конвенција.
1899 Потпишана е Првата Хашка конвенција. Заедно со Женевските конвенции се создаде основа за Меѓународно хуманитарно право.
1893 Нов Зеланд им дава право на жените да гласаат. (Прва земја во светот која го прави тоа)
1945 Крај на Втората светска војна
1945 Создадени се Обединетите нации (ООН). („Да ја реафирмира вербата во човековите права, во достоинство и во вредноста на човековата личност ... “)
1948 Универзалната декларација за човекови права е усвоена од страна на ООН.
1950 Европската конвенција за човекови права е усвоена од Советот на Европа.
1961 Создадена е Амнести Интернејшнел како резултат на кампањата за ослободување на двајца португалски студенти затворени на седум години заради здравица за слобода.
1965 Меѓународна конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација. (Стапи во сила во 1969 година).
1966 Меѓународен пакт за граѓански и политички права и Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права. (Стапи на сила во 1976 година)
1969 Американска конвенција за човекови права за Америка, во сила од 1978 година
1976 Востание во Соуето, пресвртна точка во ослободителната борба во Ј. Африка
1979 Конвенција за елиминација на дискриминацијата врз жените (CEDAW) (Стапи во сила во 1981 година)
1981 Африканската повелба за човекови и народни права. (Усвоена од Организацијата за Африканско единство, сега Африканската унија)
1984 Конвенцијата против тортура (стапила во сила во 1987 година)
1989 Конвенцијата за правата на детето (стапи на сила во 1990 година. Ова е најшироко ратификуван договор за човекови права; само САД и Сомалија не ја ратификуваа.)
1990 Каирската декларацијата за човекови права во исламот (CDHRI)
1992 Конференција на Обединетите нации за животна средина и развој; Декларација од Рио
1990 Меѓународна конвенција за заштита на правата на сите работници- мигранти и членови на нивните семејства (ICRMW) (стапи на сила во 2003 година)
2007 Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (Конвенцијата доби најголем број на потписници во историјата на Конвенцијата на ОН на денот на нејзиното усвојување, и влезе во сила во мај 2008 година).
http://www.gwu.edu/~erpapers/humanrights/timeline/
http://www.hreoc.gov.au/info_for_students/essentials/timeline/index.html