Зборови и мисли за грижлива активност кои не се практикуваат се како убави разнобојни цвеќиња, но без мирис.
Тич Нат Хан (Thich Nhat Hanh) 

Забележавте дека секоја активност во Поглавје 2 има дел наречен „Идеи за акција“. Зошто? Затоа што мислиме дека ОЧП (образованието за човекови права) што останува во училницата или младинските центари е нецелосно. Преземањето акција е суштински дел од ОЧП - делумно поради тоа што е начин на кој темата на човековите права станува „реална“ за младите и делумно затоа што образованието за човекови права треба да биде образование за промени. ОЧП е наменето да доведе до акција.

Потсетете се од Поглавје 1 дека ОЧП треба да биде образование за човековите права, низ човековите права и поради човековите права. Затоа преземањето акција за човекови права не е додаток, туку тој е суштински дел од образовниот процес: преземање акција значи дејствување надвор од традиционалната образовна арена, правење нешто за да ги направат човековите права реалност - за подобар свет за човекови права.

Ова поглавје ве запознава со практичниот аспект на ОЧП. Тоа може да се види како точка на транзиција помеѓу активностите во клубот или училницата од Поглавје 2 и „попрофесионалниот“ активизам кој е опишан во Поглавје 4. Тоа е начин да им се олесни на младите луѓе да играат поактивна улога во заштитата и промовирањето на човековите права, додека сеуште првенствено се фокусирани на образовните цели.

  • Во Делот 1, гледаме што се подразбира под активизам, што подразбираме со преземање акција и врската со ОЧП.
  • Во Делот 2, предлагаме серија на едноставни методи и идеи за акција, кои можете да ги користите со група на млади луѓе. Повеќето од предлозите за акција во Поглавје 2 ги користат овие методи.
  • Во Дел 3, нудиме алатки за планирање за групата да може подлабоко да се ангажира во проблемот преку развивање на подолгорочна стратегија и за градење на нивните посебни интереси и вештини.

Секој од деловите е самостоен, иако разбирањето на Делот 3 може да биде помогнато ако се разгледани Деловите 1 и 2.

Бесплатниот универзитет 

Во пролетта 2008 година, учениците од Литванија и други активни младински групи организираа серија протести против предложените реформи со кои би се ставило крај на бесплатното високо образование. Незадоволните студенти учествуваа во различни активности и го окупираа централниот плоштад на Универзитетот во Вилнус. Иако тие не успеаја да ги сопрат реформите, акциите ги обединија и ги убедија за потребата дека треба да се осигура дека оние што сакаат да се образоваат не треба да бидат исклучени поради недостаток на средства. Затоа одлучија да создадат алтернативен простор, ослободен од традиционалните универзитетски дисциплини и отворен за сите. Слободниот универзитет (ЛУНИ) стана центар за учење за секој што сака да учи или да подучува, место ослободено од расизам, сексизам, дискриминација и место каде знаењето не се смета за сопственост на „експерти“, туку нешто што треба да биде споделено со сите.

За повеќе информации, во вашиот пребарувач внесете “Free University Luni”