Еднаква плата за еднаква работа!

Преглед

Ова е симулација која ги соочува луѓето со реалноста во пазарот на трудот. Ги истакнува прашањата за:
• Различните плати за исто работно место
• Дискриминација на работно место
• Политика на мали плати за млади работници

Поврзани права

• Право на посакувана работа и вклучување во синдикати
• Право на праведни плати и еднаква плата за еднаква работа
• Право да не се биде дискриминиран/а врз основа на возраст и пол

Цели

• Да се соочат учесниците со реалноста при дискриминација на работно место
• Да се развијат вештини за одговор кон неправдата и бранење на правата
• Да се промовира солидарност, рамноправност и правда

Материјали

• 1 копија од „Висина на работничките плати“
• Етикети, по една за секој учесник/работник
• Пари. Можете да ги искористите парите од Компас.

Подготовка

• Подгответе ги етикетите. Тие треба да го наведуваат само полот и возраста на работниците. Искористете ја листата со висина на работничките плати како референца.
• Размислете за конкретна задача која учесниците можат да ја изработат. Заедно соберете некаква опрема или материјали кои ќе им бидат потребни при изведувањето на работата.

compass-key-date
  • Вториот вторник во априлЕвропски ден за еднакви плати

Инструкции

1. Објаснете им на учесниците дека тие се работници и дека тие треба да изработат некаква работа за нивниот работодавач (за вас!). Тие не треба да се грижат; на сите ќе им биде платено. Вие не го поддржувате ропството!
2. Поделете ги етикетите по случаен избор, по една за секој учесник.
3. Објаснете ја задачата и бидете сигурни дека секој знае што треба да прави.
4. Дозволете им на луѓето да започнат со работа!
5. Кога задачите ќе бидат готови, замолете ги луѓето да се наредат во редица за да им платите. Платете секому согласно со неговата возраст и пол, како што е наведено во листата со висина на работничките плати. Вие треба да ги броите парите гласно така што сите ќе слушаат и сите ќе бидат свесни колку пари заработиле другите.
6. Ако учесниците започнат да прашуваат или да се жалат, накратко кажете им „причини“, но избегнете да бидете вовлечени во дискусија.
7. Просудете сами колку далеку ќе одите, но запрете кога ќе сметате дека започнува да се вжештува атмосферата. Дајте им време на сите да се смират и да излезат од улогата, а потоа седнете во круг за резимирање.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Водете ја дискусијата во фази. Започнете со преглед на самата симулација:

  • Како се почувствувавте кога добивте повеќе (или помалку) од другите работници иако сите ја работевте истата задача?
  • Зошто некои луѓе добија повеќе (или помалку) од другите? Кои беа критериумите?
  • Какво е чувството да се добие повеќе од другите? Како се почувствувавте кога добивте помалку од другите?
  • Дали овој вид на дискриминација се случува на работни места во твојата земја или заедница?

Следно, зборувајте за паричниот надоместок врз основа на пол:

  • Може ли различен надомест за иста работа, изработена од маж или жена, да биде оправдана? Зошто? Зошто не? Кога?
  • Што ако мажот ја изведува работата подобро од жената? Дали е тоа доволна причина да ѝ се плати на жената помалку?
  • Ако мажот е поквалификуван од жената, дали тогаш нему треба да му се плати повеќе?
  • Дали мислите дека постојат работи кои треба единствено да ги работат мажите? Зошто? Зошто не? Ако е да, кои се тие работи?
  • Дали мислите дека постојат работи кои треба единствено да ги работат жените? Зошто? Зошто не? Ако е да, кои се тие работи?
  • Дали мислите дека практикувањето на афирмативната акција (или позитивна дискриминација) може да биде оправдано ако има за цел промена на општествените ставови?

На крај, продолжете со разговот за паричниот надоместок врз основа на возраст:

  • Дали постои политика за различен надомест врз онова на возраст во вашата земја? Ако нема, дали мислите дека треба да има?
  • Кои се аргументите за примената на оваа политика, особено во случајот на младите луѓе?
  • Што мислите за овој тип на политика? Дали е добра? Лоша? Потребна? Непотребна? Наведете причини!
  • Кои човекови права се кршат или се доведени во прашање, за време на оваа активност?
  • Како можат луѓето да си ги бараат овие права?

Совети за обучувачитеGoto top

Ако треба да додадете или да избришете некои работници од листата, бидете сигурни дека сé уште имате баланс во полот и луѓе на различна возраст. Ако групата е голема или ако сакате да влезете во подлабока дискусија за двата различни вида на дискриминација, добра идеја е да се подели целата групата на две групи. Потоа, едната група ќе има задача да дискутира за дискриминацијата врз основа на пол, а другата за дискриминацијата врз основа на возраст.

Кои видови на задачи одговараат за оваа активност? Тоа треба да биде истата задача за секој работник. Исто така, обидете се да одберете нешто што ќе може да биде направено од неколку луѓе во исто време, па така нема да биде заморно за луѓето да гледаат и чекаат. Размислете за следново:

  • Ако сакате да одите надвор, може ли тоа да се направи во конкретното годишно време?
  • Дали имате простор?
  • Може ли тоа да подеднакво лесно и добро да се направи од луѓето на различна вораст и од страна на мажите и жените?
  • Дали е тоа безбедно?
  • Дали луѓето ќе се чувствуваат непријатно или пак ќе одбијат врз етичка основа?
  • Колку долго ќе трае?
  • Дали се потребни многу вештини?
  • Како може да се повтори неколку пати?  

Примери за задачи:

  • Избришете ја таблата и на неа уредно напишете ја дадената фраза.
  • Земете ги книгите од полиците и ставете ги во кутија. Однесете ја кутијата на другата страна од просторијата и отпакувајте ги книгите на втората полица за книги.
  • Направете оригами (авион или едноставна капа).
  • Исчистете ја работната соба или одредено место во градината.
  • Соберете го ѓубрето од одредена област во соседството.
  • Избришете ги прозорците во училиштето/зградата каде се среќавате или измијте ги автомобилите на наставниците/обучувачите.
  • Соберете три различни типови на лисја и залепете ги на лист хартија.
  • Побарајте дефиниција за некој збор и запишете ја на парче хартија. (Ако одберете различни зборови, секој во врска со човековите права, тогаш, на крајот, може да имате краток речник на термини!)

Кога ќе исплаќате, треба да дадете објаснувања за различниот надомест и ќе треба да смислите „причини“. Тие можат да бидат врз основа на она што навистина се случило или, пак, можат да бидат смешни. На пример:

  • Некој кој се сопна, добива помалку!
  • Некој кој се смееше и изгледаше среќно, добива повеќе!
  • Петок е!

ВаријацииGoto top

Наместо обучувачот да ги исплаќа парите, двајца учесници можат да бидат благајници.

Во зависнот од одбраната задача, можете да поставите ограничено време за нејзино исполнување, како во фабрика. Ако задачата е многу едноставна или ако имате помалку од шест играчи, вие можете да имате три или четири рунди, секоја рунда претставува еден работен ден. После секоја рунда, работниците одат на банка, потпишуваат документ и ја подигнуваат дневницата. Очекувајте дека некои учесници брзо ќе сфатат колку е неправедно плаќањето и ќе се пожалат. Во овој случај би можеле да ги отпуштите и да им кажете на останатите работници дека тие ќе работат понапорно. Во овој миг, бидете подготвени работниците да повикаат на штрајк. Внимавајте учесниците да не се занесат премногу и бидете сигурни дека ќе се задржите на оригиналните цели на учење.

Ако мислите дека не е соодветно оваа активност да се изведе како симулација, можете да ги прилагодите информациите и да ги искористите како основа за дискусија. Направете „лист со факти“ за секој работник, со информации за работата која ја работат, нивната возраст, пол и плата. Исто така, можете да вклучите детали како што се образование и професионално искуство. По желба, можете да развиете неколку подлабоки студии на случај за различни работници. Според тоа, треба да сте свесни дека дискусијата сама по себе нема да стимулира цврст емоционален одговор, кој би го добиле преку искусување на симулација.

Предлози за идни активностиGoto top

Ако групата ужива во играњето улоги и ако сакаат да ја истражуваат улогата на синдикатите во бранењето на работничките права за праведен надомест и услови, вие можете да ја изведете активноста "Состанокот на синдикатот". Активноста со играње улоги "Работа и бебиња" ги разгледува прашањата за рамноправноста на работното место и правата на жените.

Идеи за акцијаGoto top

Информирајте се за работничките права и законите во вашата земја. Ако работите за џепарлак (навечер, за викенд или за време на летни одмори), бидете сигурни дека ги знаете вашите права како работник; на пример, дали добивате повисока стапка на плата навечер или за викенд? Дали сте осигурани? Дали опремата која ја користите е во најдобар ред и дали се следат регулативите за здравјето и сигурноста? Откријте ги последиците од работа на „црно“, а тоа е кога ниту вие ниту вашиот работодавач не ја пријавувате работтата пред даночните служби.

Понатамошни информацииGoto top

Бидејќи жените помалку заработуваат, во просек, за разлика од мажите, тие мораат подолго да работат за иста сума на пари. За да се илустрира ова, Европскиот ден за еднакви плати се забележува во вторник, бидејќи вторникот претставува колку во неделата жените треба да работат за да заработат онолку колку што мажите заработиле во претходната недела.

Прашањата за нееднаквоста на платите на работниците се различни во различни земји и исто така се различни во зависност од тоа дали се работи за дискриминација врз основа на возраст или пол. Дискриминацијата врз основа на род, не е ништо друго, освен дискриминација врз жените. Историски, жените биле обесправени во општествените, политичките и економските сфери. Примери на дискриминација врз жените на работно место вклучува дискриминација за време на селекција и интервју за работа, дискриминација во однос на можноста за напредување и фактот дека, во просек, тие добиваат пониски плати од мажите. Кршење на правото на праведен надомест е кога жените добиваат помалку пари од мажите за извршување на иста работа.
Како работници, младите луѓе, исто така, треба да добиваат праведен надомест. Според тоа, ситуацијата е комплексна и се разликува од земја до земја. Генерално, стапката на невработеност за младите луѓе е повисока отколку за возрасните

Иако, општо прифатен е принципот еднаква работа за еднаква плата, надоместот за младите е специјален случај и многу земји имаат политики кои дозволуваат младите луѓе да се помалку платени отколку возрасните за иста работа. Овие политики се оправдани врз две основи. Од една страна, постои цел да се обесхрабрат младите луѓе при влегувањето на пазарот на трудот и да се охрабрат да останат на училиште и да стекнат добро образование. Од друга страна, треба да биде привлечно за работодавачите да најмуваат неискусни и неквалификувани млади работници, особено оние кои го напуштаат училиштето, а нивниот број расте, и кои би биле „изгубени по улиците“, влегувајќи во неволји и кои би биле товар на државата. Примената на ваков вид политика и нејзиниот успех во намалувањето на невработеноста на младите се разликува од една земја до друга.
Европскиот комитет за социјални права (имплементирачко тело на Европската социјална повелба) не го гледа понискиот надомест за младите луѓе како некомпатибилен со гаранцијата за праведна плата сé додека разликата е разумна и јазот брзо се затвора. На пример, една плата, 30% пониска од почетната плата на возрасен, се смета како прифатлива за петнаесет или шеснаесет-годишни. Според тоа, за шеснаесет до осумнаесет-годишни, разликата не смее да надмине 20%.

Платите на младите луѓе не се секогаш ниски. Всушност, има многу добро едуцирани млади луѓе кои заработуваат многу пари – дури и премногу за некои луѓе! На пример, младите луѓе напредуваат во секторите со нови технологии и добиваат далеку повисок надомест отколку постарите работници кои се блиску до пензионирање.

Право на праведен надомест

Меѓународен пакт за економски, социјални и културни права, член 7
Државите-членки на овој пакт го признаваат правото што го има секое лице да се користи со праведните и поволни услови за работа, кои особено обезбедуваат:
(a) Надомест што им обезбедува минимум на сите работници:
(i) Праведни плати и рамноправен надомест за работа со еднаква вредност, без каква и да е разлика; особено жените мораат да имаат гаранција дека условите на нивната работа не се полоши од условите што ги уживаат мажите, со еднаква плата за еднаква работа. 

Европска социјална повелба
Член 7 (5) Заштита на правото на децата и младите луѓе за праведен надомест на младите работници и ученици.
Член 8 (3) Заштита на правото на вработените жени за недискриминација помеѓу мажите и жените работници, особено при надоместот.

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Висина на работничките плати според полот и возраста

  Пол Возраст Плата според EMS
1. Машки 35 години 100
2. Женски 16 години 30
3. Машки 22 години 70
4. Женски 32 години 90
5. Машки 16 години 50
6. Женски 19 години 60
7. Машки 26 години 100
8. Машки 20 години 70
9. Женски 24 години 80
10. Машки 37 години 100
11. Женски 17 години 30
12. Женски 23 години 80