Сé додека лавовите немаат свои историчари, приказните за ловот секогаш ќе ги глорифицираат ловците.

Африканска поговорка 

Преглед

Учесниците колективно креираат „облак со зборови“ за да ги претстават нивните мисли и чувства, предизвикани од воените споменици.

Поврзани права
  • Право на живот, слобода и сигурност на поединецот;
  • Право да се учествува во културниот живот;
  • Слобода на мислата и совест.
Цели
  • Да се размислува за националните факти за војните од минатото и за улогата на воените споменици
  • Да се развијат креативност и вештини за независно размислување
  • Да се негува имагинацијата и сочувството
Материјали
  • Листови од флип-чарт хартија
  • Селотејп
  • Многу фломастери во боја
  • Фотографии од воени споменици (по избор)
  • Примери за облак со зборови (по избор)
Подготовка

Направете големо парче хартија (измерете приближно
1,5м х 1,5м) со лепење на неколку листови од флип-чарт хартија.
Треба да е доволно големо за сите членови на групата да најдат место околу него.  Нацртајте тенка линија на средината.

compass-key-date
  • 8-9 МајСеќавање и помирување за оние кои ги изгубија своите животи за време на Втората Светска војна

Инструкции

1. Бидете сигурни дека сите знаат што е „облак со зборови“ и објаснете дека групата ќе креира облак со зборови, кој не е електронски, за да ги илустрира асоцијациите и спомените евоцирани од јавните воени споменици.
2. Замолете ги луѓето индивидуално да размислуваат за некој национален споменик во близина, кој бил подигнат во сеќавање на војната, на пример, Втората Светска војна. Тие треба да се обидат да се потсетат како тоа изгледало и да ги идентификуваат чувствата, идеите и асоцијациите – и позитивни и негативни – кои им ги буди споменикот.
3. Повикајте ги сите да земат фломастер во боја и да најдат место околу хартијата. Работејќи, сé уште, индивидуално, тие треба да ги напишат нивните индивидуални „зборови“ на заедничкиот лист хартија, согласно со следните општи принципи:
a. Зборовите се целосно индивидуални: како вие го перцепирате одредениот објект.
б. Негативните асоцијации треба да се запишат на левата страна од централната линија; колку се понегативни, толку се повеќе кон левиот раб на хартијата.
в. Позитивните чувства треба да се запишат на десната страна од листот; колку се попозитивни, толку се повеќе кон десниот раб на хартијата.
г. Чувствата кои се силно предизвикани од споменикот треба да се запишат со поголем (посилен) текст, за разлика од чувствата кои се слабо предизвикани.
4. Кога учесниците ќе ги запишат нивните зборови, замолете ги да седнат и да го погледнат колективниот резултат. Прашајте:
a. Дали има некакви силни пораки или обрасци во „облакот“?
б. Дали тие беа изненадени од некои зборови?
в. Какви беа предизвиканите чувства: повеќе позитивни, отколку негативни или обратно?
г. Кои чувства имаат тенденција да бидат најсилно предизвикани?
д. Дали е овој начинот преку кој војната ќе биде запомнета од идните генерации? Што недостига или каде балансот треба да биде поправен?
5. Сега, повикајте ги учесниците повторно да земат фломастери. Овој пат тие не треба да мислат на актуелните, постоечките споменици, туку за еден имагинарен споменик, кој ќе испраќа, за секого од нив, најважни пораки за војната. Тие треба да го повторат процесот на пишување зборови, низ кој поминаа претходно, повторно индвидуално запишувајќи ги нивните зборови на истиот лист, каде што ги напишаа и нивните први пораки. Објаснете дека првиот облак со зборови сега е јавен простор и не може да биде избришан, така што новите зборови ќе се пишуваат одозгора врз првите.
6. Кога „облакот“ ќе биде готов, поканете ги учесниците да ја погледнат уште еднаш целосната слика, а потоа преминете на резимирање и евалуација.

Резимирање и евалуација Goto top

Започнете, дискутирајќи за процесот на изработка на облак со зборови, а потоа преминете на прашањата поврзани со сеќавањето и човековите права:

  • Колку контрола чувствувавте за време на изработката на формата на финалниот облак? Дали бевте фрустрирани дека пораките, кои вие ги промовиравте, не беа толку силни колку пораките на другите?
  • Дали индивидуално работевте во случајот со вториот облак? Бевте ли во искушение да ги дискутирате идеите со другите луѓе или ги здруживте силите при пишувањето на зборовите?
  • До кој степен имавте влијание од зборовите на другите или од оние кои веќе беа напишани на хартијата?
  • Колку е различен првиот комплетиран облак и кои се главните пораки? 
  • Дали финалниот облак подобро ги презентира пораките кон идните генерации за Втората Светска војна отколку првиот? Зошто? Зошто не?
  • Зошто воените споменици имаат тенденција да ја „слават“ војната? Дали мислите дека војната треба да се слави?
  • Дали знаете дека дури и за време на војна, постојат одредени минимални стандарди утврдени во Женевската конвенција кои би требало да ги регулираат активностите на завојуваните страни? Дали можете да наведете некои од овие?
  • Дали мислите дека е во ред војниците да го губат нивното право на живот за време на војна?
  • Каква порака испраќаат официјалните споменици за другата страна, за „непријателот“? Како треба да ја разбереме таа порака денес?
  • Колку ви беше лесно да замислите различен тип на споменик? Какви би биле овие споменици? Што мислите дека беше значајно, а што ви беше најтешко?
  • Дали еден споменик навистина може да нé потсети за хоророт на војната? Дали мислите дека тие се обидуваат да го направат тоа?
  • Што мислите? Како оние, кои живееле за време на војната или оние кои загинале, борејќи се, би сакале да се запомни тој период од историјата? Дали нивниот облак со зборови се разликува од вашите?
  • Ако сте загубиле некој близок во војната, како би сакале таа личност да биде запаметена и што би сакале да им кажете на идните генерации за војната?
  • Дали оваа активност го прошири вашето сфаќање за човековите права? Како? 

Совети за обучувачите Goto top

Можеби сакате да си играте со бои. На пример, можете да предложите сите негативни асоцијации да се запишуваат со црна боја, а сите позитивни во друга боја; или можете да користите потемни и посветли нијанси движејќи се кон централната линија; или ако сакате вториот облак да биде одделен од првиот, можете да побарате сите зборови од првиот облак да бидат напишани во една боја, а сите додадени зборови, во петтиот чекор, во друга, различна боја.

Можете да користите фотографии од споменици, ако мислите дека тоа ќе помогне, но поефективно би било да ги замолите учесниците да ја завршат првата фаза на пишување, користејќи го нивното помнење; тоа навистина ќе тестира кои пораки се најтрајни!

Првото резимирање (на четвртата точка) нека биде кратко. Искористете го за да ги извлечете различните идеи, поврзани со начинот на кој е запомнато минатото и да го стимулирате креативното мислење за алтернативните типови на споменици. Ако луѓето чувствуваат дека првиот облак го претставува начинот на кој тие сакаат настаните да бидат запомнати, обидете се да искористите некои од идеите, дадени во информациите од темата Сеќавање во Поглавје 5.

За време на фазата на второто пишување на зборови дозволете им на луѓето слобода да го прилагодат или сменат постоечкиот облак како што сакаат и да ги дискутираат идеите едни со други – иако нивната работа треба да биде крајно индивидуална. 

Треба да постои голем простор за додавање нови зборови во вториот круг. Можеби ќе имате чувство дека облакот ќе биде измешан, но тоа рефлектира што се случува кога ви се јавуваат асоцијации во реалниот живот – вие сте заглавени со она што другите луѓе претходно го кажале. Ставајќи нови зборови, над старите, може да помогне за пренесување на пораката дека перцепциите се многу културни и бидејќи секој размислува на различен начин, тешко е да се слушне сопствениот глас. Сепак, ако мислите дека е полесно за вашата група да ги анализирате нивните идеи и чувства, тогаш слободно направете два одделни облаци со зборови. 

ВаријацииGoto top

Место да пишуваат директно на хартијата, луѓето би можеле да ги пишуваат нивните зборови на етикети, кои лесно можат да бидат преместувани. Ова ќе овозможи да се прават промени за време на втората фаза. На пример, ставање слични етикети, една до друга, за поголема воочливост. 

Можете да користите и други настани од историјата, ако тие се посоодветни од Втората Светска војна. На пример, Холокаустот, Првата Светска војна, граѓанска војна или регионална војна. Единственото важно нешто е дека овие настани треба да бидат одбележувани на некаков јавен начин. 

Би било интересно за младите луѓе да ги споредат нивните перцепции за Војната со оние кои имаат преживеано војна. Можете да ја прекинете активноста после првиот облак со зборови и да им дозволите на учесниците да ги интервјуираат припадниците на постарата генерација за тоа како тие би сакале Војната да се запамети од страна на идните генерации и дали, според нивното мислење, постоечките воени споменици се доволни.

Можете да ја искористите идејата за правење облак со зборови (рачно или електронски) како наредна активност после која било активност од Компас, особено кога сакате да креирате некаков визуелен материјал за изложба.

Алтернативни клучни датуми се, на пример, 27 јануари, Меморијален ден на Холокаустот или 23 август, Меѓународен ден за сеќавање на трговијата со робови и нејзиното укинување. 

Предлози за идни активности Goto top

Направете истражување во вашата локална средина и пребројте колку улици се именувани според армиски команданти или познати битки и бројот на улици, кои името го добиле според луѓето кои се залагале за мир. Дознајте кој во општината одлучува како ќе се именуваат улиците и предложете некои луѓе, за кои сметате дека треба да бидат запаметени.

Ако младите луѓе се заинтересирани да видат како навистина изгледа нивниот облак со зборови, можете да замолите двајца доброволци да ги внесат зборовите во документ и да ги стават на екран, на линкот http://www.wordle.net/create. Потоа, можат и да го испечатат или да го зачуваат во јавната галерија, како запис на нивните мисли во врска со спомениците. 

Можеби ќе сакате да ја погледнете активноста "Само една минута" каде што ќе најдете предлог како да размислите за прашањата околу сеќавањето и Олимпискиот стадион на Хитлер во Берлин и што треба да се направи со таа градба.

Ако групата сака да размислува за нашите херои и хероини и за што се сеќаваме на нив и зошто ги почитуваме, можете да ја водите активноста "Хероини и херои".

Идеи за акција Goto top

Дури и ако ја водите активноста како една сесија, младите луѓе, сепак, ќе бидат охрабрени да зборуваат со луѓето од постарата генерација и ќе бидат подобро информирани.

Одржете некаков меморијален настан за да се присетите на некој херој, кој се залагал за мир. Тоа би можело да биде фестивал со музика и танц, изложба или „хепенинг“ каде што би граделе колективен споменик за сеќавање. Рекламирајте го настанот и замолете ги учесниците да дадат придонес со некој предмет кој за нив има симбол на сеќавање. Тоа може да биде било што, на пример бела булка (симбол на пацифизмот), фотографија од роднина, кој загинал во војна или нечии носени чевли, кога за прв пат пристигнале во вашата земја и побарале азил. 

Понатамошни информации Goto top

„Облакот со зборови“ или tag cloud or “word cloud” (или “weighted list” визуелниот дизајн) е визуелен опис на „тагови“ или клучни зборови. Вообичаено, зборовите се листаат по азбучен ред и значењето на тагот или зборот е покажано со големината на фонтот или бојата; според тоа облакот со зборови/tag cloud може да се смета за креативен графикон. На Интернет, каде што идејата беше развиена, таговите или зборовите обично се хипер-линкови кои водат до збирка на наслови кои се поврзани со тагот/зборот. 

Во прилогот има пример за тоа како таговите или зборовите би можеле да изгледаат.

ПрилозиGoto top

Преземи во PDF

Инструкции

• Нацртајте тенка линија по средината од хартијата. 
• Негативните асоцијации треба да се запишат на левата страна од централната линија; колку се понегативни, толку се повеќе кон левиот раб на хартијата.
• Позитивните чувства треба да се запишат на десната страна од листот; колку се попозитивни, толку се повеќе кон десниот раб на хартијата.• Чувствата кои се силно предизвикани од споменикот треба да се запишат со поголем (посилен) текст, за разлика од чувствата кои се слабо предизвикани.

Пример за лист со тагови/зборови 

Image: Example of a tag sheet