Можеш ли да зборуваш само една минута – без двоумење- без повторување?

Преглед

Во оваа активност, луѓето мора да се брзи и инвентивни и да зборуваат една минута за односот помеѓу спортовите и човековите права.

Поврзани права

Сите

Цели

• Да се сфати дека човековите права се меѓусебноповрзани и неделиви
• Да се развие критичкото мислење
• Да се култивира самоодовербата за да се изразуваат лични мислења.

Материјали

• Изјави, по една за секој учесник
• Шешир
• Часовник со секундарник или тајмер.

Подготовка

• Направете копија од листот подолу и исечете ги изјавите.
• Свиткајте ги хартиените ленти и ставете ги во шеширот.

compass-key-date
  • 7 АприлСветски ден на здравјето

Инструкции

1. Замолете ги луѓето да седнат во круг.
2. Подавајте го шеширот наоколу. Замолете го, секој кој е на ред, без да гледа, да извлече по едно ливче од шеширот.
3. Потоа, учесниците имаат 5 минути да подготват нон-стоп зборување во времетраење од една минута за изјавата напишана на ливчето. Правила се да нема двоумење и повторување.
4. Одете во круг и замолете го оној кој е на ред да го каже својот „говор“.
5. После секој „говор“, дозволете две-три минути за кратки коментари. Ако луѓето имаат многу за дискутирање, забележете го тоа и повторно вратете се на темата на крајот.
6. Откако на сите ќе им мине редот, повторно вратете се и завршете ги дискусиите и тоа треба да биде кратко.
7. Потоа преминете на резимирање и евалуација.

Резимирање и евалуацијаGoto top

Започнете со резимирање како помина активноста и потоа продолжете да зборувате за прашањата кои произлегоа од активноста и конечно за поврзаноста со човековите права.

  • Дали беше тешко нон-стоп да се зборува за темата во времетраење од една минута?
  • Која тема беше најтешка за зборување и зошто?
  • Која од изјавите беше најконтроверзна и зошто?
  • За кој дел од информациите луѓето најмногу се изненадија?
  • Кои човекови права беа опфатени во секоја од изјавите?
  • Дали правото на спорт е човеково право? Ако е, како е тоа опфатено во различните документи за човекови права?
  • Дали секој во вашата заедница има пристап до спортски активности по сопствен избор? Ако нема, зошто нема? Што може да се направи за да се поправи ова? 

Совети за обучувачитеGoto top

Оваа активност делува на неколку различни нивоа и прашањата можат да се толкуваат на различни начини. Важно е да се работи на нивото на младите луѓе. Можеби ќе сакате да кажете нешто за да испровоцирате подлабоко размислување, но бидете свесни за опасноста од давање впечаток дека очекувате „одреден одговор“.

Ако мислите дека дадените изјави не се интересни за групата, составете други. Ако имате многу голема група, водете ја активноста во подгрупи.

Охрабрете ги учесниците кои имаат отпор да се обидат. Предложете им да се обидат да зборуваат половина минута или само дваесет секунди или кажете им, прво, кратко да се посоветуваат со некој пријател пред да почнат да зборуваат или понудете им подоцна да дојдат на ред. Како и да е, бидете подготвени дека некои луѓе нема да можете да ги убедите.

Добар начин за поттикнување е играњето на играта со асоцијации. Подгответе картички со зборови, со зборовите од типот: „спорт“, „попреченост“ или „Олимписки игри“.

ВаријацииGoto top

Во мала група, можете да направите уште две или повеќе кругови. Луѓето земаат по едно ливче во секој круг.
Друг начин да се игра е да се стават картичките во шеширот, како што е опишано во инструкциите. Замолете некого да извлече една изјава и да ја прочита. Тој/таа започнува да зборува за темата, но место да зборува една минута, тој/таа може да запре кога сака, а личноста која е до него/нејзе мора да продолжи, почнувајќи од последниот кажан збор, кој го употребил претходниот играч.

Оваа техника со влечење на изјави од шешир може да биде прилагодена и да се користи со која било тема која сакате да ја дискутирате.

Предлози за идни активностиGoto top

Ако луѓето сакаат да продолжат со темата за спортот и ако се чувствуваат енергизирано, обидете се со активноста „Спортови за сите“.

Ако некоја од другите теми предизвика одреден интерес, проверете во Листата на активности и најдете активност на таа тема.
Групата може да сака хумористичен пристап до човековите права и да игра со цртежите на Панчо во Поглавје 5. Погледнете ја активноста „Играње со слики“; или тие можат да кажуваат шеги, „Натпревар во евро-шеги“ од „Сите различни – сите еднакви“.

Идеи за акцијаGoto top

Одлучете се за една тема и договорете ја наредната фаза во преземањето акција. Развивајте проект за да продолжите со работа на избраната тема. Поврзете со некоја локална организација која работи на ова поле. Искористете го проектот како можност за учење и помогнете им на луѓето да размислат за она што го стекнале во групните работни вештини и способности за дејствување.

Забелешка

Изјавите го поврзуваат спортот со секоја од 20-те теми во Компас. Ова покажува како човековите права се меѓусебно поврзани и неделиви.

Понатамошни информацииGoto top

http://www.athletesunitedforpeace.org

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Лист со изјави

Спорт и општи човекови права
Дали мислиш дека Емануел Адебајор е добар Амбасадор на добрата волја на UNAIDS?

Спорт и општи човекови права
Спортистите, на меѓународно ниво, мораат да договорат код на однесување. Оние, кои ќе го прекршат кодот, на пример, користејќи спортски настан за да креираат политичка изјава, се казнети. Дали е ова прекршување на правото на слободно изразување?

Спорт и општи човекови права
Полицијата има моќ да ги спречи фудбалските навивачи, во кои се сомнева дека прават проблеми, да не патуваат во други земји за натпреварите. Дали е ова легитимно прекршување на правото на слобода на движење и здружување?

Спорт и општи човекови права
Дали мислиш дека земјите треба да ја изберат земјата-домаќин на Олимписките игри согласно нејзината состојба со човековите права?

Спорт и граѓанство и учество
Многу луѓе се родени во една земја, но потоа имаат дом и стануваат граѓани на друга земја. Според тоа, тие продолжуваат да го поддржуваат националниот тим од нивната родна земја, наместо од другата земја која им понудила нов дом. Дали добриот граѓанин треба да го поддржува неговиот домашен национален тим?

Спорт и култура
Културата може да биде опишана како збир на споделени ставови, вредности, цели и практики кои ја карактеризираат една институција, организација или група. Дали „фудбалската култура“ е култура?

Спорт и демократија
Дали мислиш дека политичарите во твојата земја го користат спортот или спортските настани за да ги одвлечат и пренасочат луѓето и нивниот интерес во политичките и економските прашања?

Спорт и дискриминација на луѓето со попреченост
До кој степен Параолимписките игри ги кршат предрасудите против луѓето со попреченост?

Спорт и дискриминација и нетолеранција
Дали тестирањето на полот на спортистите е неопходно за да се овозможи праведно натпреварување или е голема повреда на човековото достоинство и право на приватност?

Спорт и животна средина
Терените за голф често се критикувани затоа што се штетни и за луѓето и за околината, бидејќи често се градат на земја која се користела за фарми и за шумарство од страна на локалното население. Исто, на тие терени им е потребно големо количество на вода, хербициди и пестициди за нивно одржување. Дали ова го прави голфот прашање на човековите права?

Спорт и род
Некои луѓе велат дека има само неколку жени меѓу врвните судии и спортски администратори заради дискриминацијата врз жените. Дали се согласуваш? Ако се согласуваш, што може да се направи во врска со тоа?

Спорт и глобализација
Патиките и другата спортска опрема се прават евтино и со експлоатиран труд во Источна Европа и на Далечниот Исток. Работниците сакаат да продолжат со работа и не повикуваат на бојкот. Што можеме ние, како потрошувачи, да направиме за да го избегнеме нашето учество во нивната експлоатација?

Спортови и медиуми
Дали мислиш дека некоја одредена телевизиска компанија има право да откупи ексклузивна покриеност на еден спортски настан?

Спорт и миграции
Се вели дека еден од најлесните и најважните начини за интегрирање на доселениците е преку спорт и спортски активности. Дали се согласувате? Зошто? Зошто не?

Спорт и сиромаштија
Во многу земји, спортот, особено фудбалот, им нуди на поединци можност за „пасош надвор од сиромаштијата“. Според тоа, дали сиромашните земји треба да го насочат фокусот кон фудбалот?

Спорт и вероисповед и убедување
Многу спортски клубови играат за викенд. Дали е ова неправедна дискриминација против луѓето кои сакаат да ја практикуваат нивната религија во сабота или недела?

Спорт и сеќавање
Олимпискиот стадион во Берлин беше место за претставите на Хитлер, за време на Олимписките Игри во 1936, искористен за пропагандни цели од страна на нацистите. Според тоа, за многу луѓе овој објект е симбол на фашизмот. Сега е реновиран, но сепак, некои луѓе сакаат да го демолираат, а други предлагаат да се дозволи бавно да се распадне како „Колосеумот во Рим“. Што мислиш, што би требало да му се случи на таква градба?

Спорт и војна и тероризам
„Сериозниот спорт нема никаква врска со праведната игра. Опкружен е со омраза, љубомора, фалење, непочитување на сите правила и садистичко задоволство во сведочењето на насилството. Со други зборови, тоа е војна минус пукање.“ - 1945, Џорџ Орвел. Дали се согласуваш?

Спорт и работа
Дали се согласуваш дека професионалните спортисти треба да ги имаат истите права и обврски како и сите други работници, вклучувајќи, на пример, работни часови, плаќање даноци и право да формираат синдикати?

Спорт и здравје
Што може да се направи на локално ниво во борбата против користењето дрога во спортовите?

Спорт и мир и насилство
До кој степен натпреварувачките спортови промовираат соработка и разбирање помеѓу луѓето, а до кој степен поттикнуваат национализам и ксенофобија?

Спорт и сиромаштија
Повеќето фудбалери од Европа добиваат високи плати за нивната работа. Може ли ова да биде оправдано и дали е праведно?