Единствено што учиме од историјата е што ништо не учиме од историјата. 

Хегел

Преглед

Во оваа активност учесниците планираат и спроведуваат еден акционен проект за подигање на свесноста за Ромите – жртви на Холокаустот.

Поврзани права

•Право на недискриминација
• Право на живот
•Културни права

Цели

• Да се подигне свесноста за сите жртви на нацистичкиот Холокауст – особено ромската популација
• Да се вежбаат вештини за избирање, планирање и спроведување на јавна акција
• Да се развива чувство за човеково достоинство и чувство за правда

Материјали

• Флип-чарт хартија и фломастери
• Копии од прилогот „Кратка историја од прогонот на Х“ (по избор)
• За вториот дел: Избирање и планирање на акција – можеби е корисно да имате пристап до Интернет или до печатени референтни материјали;
• Копии од  примерот за дијаграм за акционен план во Поглавје 3  (по избор).

Подготовка

• Кажете ѝ на групата пред сесијата дека планирате да дискутирате за Холокаустот. Одделно зборувајте со сите оние кои сметаат дека тоа ќе им биде тешко.
• Направете копии од прилогот, по една копија за секоја мала група.
• Консултирајте го Поглавје 3 „Преземање акција“ од Компас

compass-key-date
  • 8 априлСветски ден на Ромите
  • 2 августДен за сеќавање на жрвите од геноцидот врз Ромите и Синтите

Инструкции

Прв дел: Подготовка на групата (90 минути)
1. Замолете ги учесниците да формираат мали групи од 2 до 3 луѓе кои делат исто чувство на идентитет. Ова може да се однесува на нивната етничка припадност или националност, но, исто, може да биде поврзано со различни општествени или религиозни групи. Дајте им неколку минути да ги споделат нивните чувства за овој идентитет во нивните мали групи.
2. Или дајте им го прилогот „Кратка историја од прогонот на Х“ или одберете некои информации така што на учесниците ќе им дадете чувство за суксецивен брутален третман, кој бил претрпен од страна на населението Х, но сé уште не им го откривајте името на целната група (Роми).  3. Накратко разговарајте за нивните реакции, а потоа, во нивните мали групи, дајте им 15 минути да размислат за следниве прашања:

  • Што би почувствувале ако „вашите“ луѓе би биле мета на ваков вид третман во поновата историја? (Замолете ги учесниците да се концентрираат на групата која ја одбраа под точка 1)
  • Кои би биле најтешките аспекти за заедницата која поминува низ ова, што би било од помош или неопходно – на пример, поддршка од членовите на други заедници – локални, национални, меѓународни?

4. Сега замолете ги мали малите групи да се поделат во парови за да ги споделат нивните одговори. Дајте им на овие групи уште 15 минути, поттикнувајќи ги да креираат листа со специфични предлози кои би им помогнале на членовите на заедницата, која искусила ваков тип на третман.
5. Соберете ја целата група заедно и соберете ги сите предлози на еден флип-чарт. Објаснете дека вториот дел од активноста ќе вклучи избирање на еден од предлозите за да може групата да работи како целина. Пред да продолжите понатаму, прашајте:

  • Можете ли да погодите за кои луѓе се работи во прилогот?
  • Кои други групи биле мета за истребување од страна на нацистите?
  • Што им се случило на овие групи за време на Втората светска војна?

6. Прашајте ги учесниците што знаат за ситуацијата на Ромите денес. Кои човекови права им се нарушени?
7. Кажете ѝ на групата за кампањата „Доста!“ и предложете им, доколку и тие сакаат, да спроведат еден акционен проект за поддршка на кампањата.

Втор дел: Избирање и планирање на акционен проект
Овој дел од активноста се базира на Поглавје 3 од Компас - „Преземање акција“, кое можете да го консултирате за подетални идеи.
1. Објаснете дека акциониот проект, кој тие ќе го организираат, нема за цел целосно да ги разреши прашањата идентификувани во претходната сесија, но ќе се обиде да оствари конкретен и мерлив резултат, кој ќе им биде од корист на ромската заедница.
2. Замолете ги учесниците да идентификуваат некои предлози од флип-чартот кои им се чинат остварливи од страна на групата. Тие можеби ќе сакаат да отфрлат некои од предлозите или да додадат други.
3. Дискутирајте за предлозите и дојдете до консезуална одлука за акција на групата како целина. Искористете го дијаграмот за акционен план во Поглавје 3. Проверете дали:

  • акцијата која ја идентификувале ќе придонесе за разрешување на проблемот
  • акцијата е реалистична, со оглед на ресурсите и можните пречки, кои можат да се појават
  • „решението“ е доволно конкретно така што тие ќе знаат дали ќе го постигнат или не.

4. Нацртајте лист со одлуки, така што сите ќе знаат што треба да прават и кога.
5. Почнете со работа!

Трет дел: Спроведување на акциониот проект

Резимирање и евалуацијаGoto top

Прашања за акцијата:

  • Дали се чувствувате задоволно со акцијата во целост? Зошто? Зошто не?
  • Што чувствувате за вашиот придонес и за работата на групата?
  • Што мислите, кои беа главните достигнувања на акцијата? Дали тие одговараа на целите кои претходно ги поставивте?
  • Дали мислите дека нешто можеше поразлично да се направи, така што акцијата би била поефективна? Ве молиме, објаснете го вашето мислење.
  • Дали направивте некакви грешки?
  • Што би наброиле како главни „точки во учењето“ доколку би организирале друга акција (на некоја друга тема)?

Прашања за процесот на учење:

  • 1. Кои беа најважните резултати за тебе лично? Дали чувствуваш дека твоите погледи или ставови се променија на некој начин? Те молам објасни го твоето мислење.
  • 2. Што беше најтешко во целата активност, од првата сесија до самата акција?
  • 3. Што беше најзадоволително?
  • 4. Дали мислите дека е можно да се надградува направеното? Дали се чувствувате мотивирани да го сторите тоа?
  • 5. Што научивте за човековите права од оваа активност?
  • 6. Дали е тешко да се прави кампања за човекови права? После оваа вежба, дали би се вклучиле во кампања за човекови права?
  • 7. Дали правата кои им припаѓаат на Ромите се „исклучок“ или тие важат и за други групи на маргинализирани и прогонети луѓе? Објасни го твоето мислење.
  • 8. Зошто работата со сеќавање е важна за образованието за човекови права?
  • 9. Каков пристап има едукацијата за Холокаустот или какво е справувањето со него во вашата земја?

Совети за обучувачитеGoto top

Треба да им дозволите 90 минути за првиот дел „подготовка на групата“, 90 минути за вториот дел „подготовка за преземање акција“ и 60 минути за четвртиот дел – резимирање и евалуација. Колку време ќе трае третиот дел – акциониот проект ќе зависи од преземената акција! Различните делови можат последователно да се спроведуваат или пак, во различни денови.

Постојат бројни елементи кои ја прават оваа активност сложена, не само во поглед на организација, туку и во поглед на содржина. Претходно треба да сте свесни за составот на групата и за нивната реакција на активноста. Ако некоја од групите има роднини кои биле жртви на Холокаустот или кои биле жртви на други слични настани, можете да дискутирате за активноста претходно, така што тие ќе имаат можност да се подгтоват или пак да отсуствуваат, ако не се чувствуваат подготвено. Исто така, секој дел од активноста треба да го поминете со чувствителност и флексибиност и никако не смеете да брзате при дискусиите, ако почувствувате дека на луѓето им е потребно повеќе време да ги изразат нивните чувства. Ако за прв пат групата се соочува со вакви прашања, тогаш поефективно би било да го водите првиот дел како целосна сесија од 90- 120 минути, а потоа да оставите малку време пред да преминете на вториот до четвртиот дел.

Во делот 1.1, претходно размислете дали ќе има можни тешкотии. Во такви случаи, можете да обезбедите листа со категории и да ги замолите учесниците да се идентификуваат себеси во една категорија, на пример, како поддржувач на некој фудбалски тим, како некој кој зборува француски, како некој кој студира шпански јазик или како некој кој има пасија за хипхоп, тенис или пливање. Исто, замолете ги учесниците да формираат парови како „машки“ и „женски“. Доколку е можно, обидете се да ги водите деловите 1.2 и 1.3 без дискусија за тоа која е групата Х. Поентата е учесниците да се разлутат заради неправдите, а ова влијание може да се намали ако тие знаат дека Х се Роми. Тоа е така бидејќи предрасудите кон Ромите се силни, така што некои од учесниците, свесно или несвесно, можат да го оправдаат третманот кој го добиле. Во „Кратка хронологија од Холокаустот на Ромите“ (подолу) секоја референца со Роми или „циганско“ насекаде беше заменето со Х. Кога ќе ја користите оваа информација, вие можете да ја спомнувате „групата“ или дури да ги замолите учесниците да замислат дека тоа е нивната група.

Целта, поради која ги замоливте учесниците да одберат идентитет, кој е значаен за нив, е да се обидат да „почувствуваат“ како би било тие да бидат целна група. Сепак, за нив сé уште може да биде тешко да се идентификуваат со проблемите на Ромите заради големите предрасуди кон нив. Вие треба да укажете на тоа, и ако е ова случај, оставете многу во делот 1.3 за учесниците да можат да ги дискутираат нивните проблеми. Кажете им дека е проценето – помеѓу 75% и 80% од ромското население било убиено за време на Холокаустот, а во некои земји оваа бројка досигнува и до 90%. Можете да ги замолите да замислат како би им било доколку би загубиле 90% од нивните луѓе или 90% од луѓето во оваа група: во група од 20, само двајца би останале.

Строго се препорачува, доколку е можно, во фазата на планирање и пред акцијата, да се обидете да вклучите членови од ромската заедница. На крајот, треба да проверите, заедно со членовите од заедницата, дека акцијата која групата ја планира, ќе биде добро примена. Како алтернатива, контактирајте група која работи или ги поддржува Ромите.

Ако немате многу време или ако на учесниците им е тешко да размислуваат низ процесот на планирање, можете да го искористите примерот за дијаграм од Поглавје 3.

ВаријацииGoto top

Една очигледна можност е да се променат Ромите со друга група, која исто била жртва на Холокаустот. Ќе дознаете дека веб-страницата на Меморијалниот ден на Холокаустот www.hmd.org.uk , е непроценлива. Таму има информации, вклучувајќи и материјали за училиштата, за сите групи кои биле прогонети од нацистите, како што се Евреи, хомосексуалци, луѓе со попреченост, Роми и Синти, Европејци, црни и од мешани раси, Јеховини сведоци, Полјаци кои немаат еврејско потекло и други словенски народи, комунисти, социјалисти и припадници на синдикати. Веб-страницата има и информации за поновите геноциди во Камбоџа, Босна и Херцеговина, Руанда и Дарфур/Судан. Друга алтернатива е да се погледнат луѓето, групите или заедницата чие страдање систематски се игнорира.

Предлози за идни активностиGoto top

Ако учесниците сакаат да го истражуваат нивното соседство преку очите на една личност која е во неповолна ситуација или живее на маргините од општеството, употребете ја активноста "Промени ги твоите очила".
Како алтернатива, ако групата ужива во играње на улоги и ако се заинтересирани за истражување на причините зошто луѓето учествуваат во насилни дејствија, погледнете ја активноста "Фрлање камења".

Понатамошни информацииGoto top

„Доста“, ромски збор кој значи „доста, доволно“, е име на кампања за подигнување на свеста која има за цел не-ромските граѓани да ги приближи до ромските граѓани. Можете да најдете информации за кампањата „Доста“ на http://dosta.org. Можеби е корисно да имате пристап до Интернет, така што учесниците ќе можат да ја погледнуваат веб-страницата. Постојат и други веб-страници кои содржат информации за Холокаустот и кои, исто така, можат да се искористат за истражување: http://isurvived.org; http://www.preventgenocide.org

Европската информативна канцеларија на Ромите дава редовни информации за прашањата кои ги засегаат Ромите во Европа.
http://www.erionet.org

Европскиот центар за права на Ромите  е јавна правна организација која се бори со расизмот врз Ромите и злоупотребата на човековите права на Ромите. http://www.errc.org

Друга организација која работи со едукација и справување со Холокаустот е Фондацијата „Сеќавање, одговорност и иднина“ (германски акроним EVZ), www.stiftung-evz.de. Нејзините области и цели се однесуваат на критичко истражување на историјата, работа со човекови права и посветеност на жртвите од национал-социјализмот. На нивната веб-страница можете да ја прочитате публикацијата „Човекови права и историја – предизвик за образование“. Друга организација, која работи на едукација за Холокаустот, е Фондацијата „Ана Франк“ (AFF) www.annefrank.ch.  Целта на оваа фондација е да се промовира добротворната работа, да се одигра општествена и културна улога во духот на Ана Франк, да се продлабочи подобро разбирање помеѓу различните религии, да се работи на каузата за мир помеѓу народите и да се поттикнуваат меѓународни контакти помеѓу младите. Тие имаат проекти насекаде низ светот, на пример со Далите во Индија, како и за деца и семејства во запоставени урбани преградија и рурални заедници во Перу.

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Кратка историја од прогонот на Х

1890 Организирана конференција во Германија за „ѓубрињата Х“. Војската е овластена да го регулираат движењето на Х.
1909 Одржана политичка конференција за „Прашањето Х“. Препорака е дека сите Х-овци треба да се обележани за да бидат лесно препознатливи.
1920 Двајца академици ја претставуваат идејата „да се живее недостоен живот“, предлагајќи дека Х-овците треба да се стерилизирани и елиминирани како народ.
1922 (За време на 1920-те години) Сите Х-овци на германски територии се фотографирани и земени им се отпечатоци.
1926 Во Германија е донесен закон за контрола на „Х чумата“. (Овој третман е директно нарушување на условите на Вајмарскиот устав на Германија).
1927 Во Баварија, Германија, изградени се специјални логори за да се затворат Х-овците. Осум илјади Х-овци се одведени во овие логори.
1928 Сите Х-овци се ставени под постојан надзор на полицијата. Изградени се уште логори за Х-овците..
1934 Х-овците се одведени на стерилизација со инјекции и кастрација и испратени во логорите Дахау, Франкфурт, Захсенхаузен и на други места. Таа година, се донесуваат два закона кои им забрануваат на Германците да стапуваат во брак со луѓе од други раси.
1938 Помеѓу 12 и 18 јуни, стотици Х-овци, низ цела Германија и Австрија, се уапсени, тепани и затворани.
Х-овците се прва целна популација, на која ѝ беше забрането да посетува училиште.
1939 Канцеларијата за расна чистота даде изјава во која се вели: „Сите Х-овци треба да се третираат како наследно болни; единственото решение е елиминација. (Според тоа, целта треба да биде елиминација без двоумење на овој неисправен елемент во населението.)“ 
1940 Првата масовна геноцидна акција на Холокаустот: 250 Х деца се искористени како заморчиња за тестирање на цијанид во концентрациониот логор во Бухенвалд. Вработување, од кој било вид, е забрането за Х-овците во истата година.
1941 Во јули, нацистичкото конечно решение „да се убијат сите Евреи, Х-овци и душевно болни стапи на сила.“ Холокаустот започна.
800 Х-овци се убиени во една акција, ноќта, на 24 декември, во Крим
1944 1 август, 4000 Х-овци се угушени и запалени во Аушвиц-Биркенау во една масовна акција.
1945 До крајот на војната, 70-80% од Х популацијата е уништена од страна на нацистите. Ниту еден Х-овец не е повикан да сведочи на судењата во Нирнберг, никој не сведочеше во нивно име. Никаква оштета од воени злосторства не им беше платена на Х како луѓе.
1950 Првата, од многуте изјави, кои понатаму ќе следат, од страна на германската влада, е нивното декларирање дека тие не им должат ништо на Х луѓето во смисла на оштета од воени злосторства
1992 Германија „ги продава“ Х барателите на азил, назад во Романија, за 21 милион долари и започнува да ги праќа со лисици на рацете, на 1 ноември. Некои Х-овци побрзо би се самоубиле отколку да одат. Германската прес агенција ги замоли западните новинари да не го употребуваат зборот „депортација“, бидејќи светот ќе добие „непријатни историски асоцијации“.
2010 Францускиот претседател ги поврзува Х-овците со криминал, нарекувајќи ги нивните кампови извори на проституција и детска експлоатација. Француските власти уништија над 100 кампови и депортираа повеќе од 1000 Х-овци, главно во Романија.