Јас знам дека не ги гледам работите такви какви што се. Јас ги гледам работите таква каква што сум.

Лорел Ли1

Преглед

Оваа е многу едноставна вежба на отворено која може да се користи како информална образовна активност. Учесниците одат надвор и истражуваат наоколу преку очите на некој друг.

Поврзани права

Сите

Цели

• Да се развие свест за нееднаквоста во општеството
• Да се развиваат вештини за набљудување и имагинација
• Поттикнување солидарност и мотивација да се работи за правда.

Материјали

• Очила. Стари очила од продавница за стари работи или од пазар, или пак само рамки.
• Големи листови хартија и пенкала.
• Стари списанија, разгледници, материјали, парчиња за колаж, лепило.
• Лента за закачување на сликите.
• Дигитална камера или мобилен телефон за сликање; идеално – по еден за секого или еден/неколку за целата група.
• Компјутер и печатач

compass-key-date
  • Втор четврток во ОктомвриСветски ден на видот

Инструкции

1. Со групата, направете бура на идеи за оние луѓе кои се во неповолна ситуација или живеат на маргините од општеството, на пример, лице со попреченост или бездомник.
2. Замолете ги сите учесници да одберат по една личност, за која сe љубопитни, и објаснете им дека ќе одат надвор и ќе истражуваат локално низ очите на таа личност.
3. Нагласете дека поентата не е да се одигра улогата, туку да се излезе надвор и да се замисли како би изгледало да се биде друга личност. Како би изгледало да се биде во туѓа кожа? На пример, дали тие би можеле да уживаат во сите погодности? Каде би купиле леб (доколку би можеле да си го дозволат тоа)? Каде би живееле?
4. Поделете ги очилата, доколку имате! Кажете им на учесниците да се движат низ средината и да фотографираат, или со дигитални камери или со нивните мобилни телефони за документација. Договорете време кога да се вратат сите.
5. На враќање, замолете го секој учесник да ги префрли сликите во компјутер, потоа да избере две, три или четири и да ги испечати, да ги постави на голем лист хартија и да ги залепи на ѕидот. Сликите треба да бидат без наслов.
6. Откако сите слики ќе бидат прикажани, замолете ги учесниците да се обидат да погодат кои групи се претставени; потоа поканете го секој учесник да ги претстави неговите слики и да објасни зошто токму тие слики се интересни за конкретната група која одлучија да ја „гледаат“.

1Лорел Ли, која рекла: „Јас знам дека не ги гледам работите такви какви што се. Јас ги гледам работите така каква што сум“, добила дијагноза канцер кога имала дваесет и девет години. Спротивно на претпоставките на лекарите, таа живеела уште наредни дваесет години, раѓајќи три деца, патувајќи и пишувајќи. Во нејзиниот случај одбивањето да се видат работите такви какви што се, било инспирација. Во други околности, тоа е лудост.

Резимирање и оценувањеGoto top

Започнете со разгледување на изложбата и потоа продолжете со прашување на учесниците за тоа што искусиле и што виделе.

  • Што се случи? Дали уживавте во активноста? Зошто? Зошто не?
  • Од нештата кои ги откривте, што најмногу ве изненади?
  • Зошто го одбравте токму тој пример?
  • Кои, претходно создадени, идеи или и стереотипи ги имавте за личноста која ја избравте? Какво влијание имаше врз активноста и врз она што го „избравте да го гледате“?
  • Дали вежбата ви овозможи да имате емпатија кон некоја личност која е на маргините? Зошто? Зошто не?
  • Што научивте за себеси?

Потоа, преминете на дискусија за некои пошироки прашања:

  • „Јас знам дека не ги гледам работите такви какви што се. Јас ги гледам работите така каква што сум.“ Каков ефект имаат нашите стереотипи и верувања врз начинот на кој го гледаме светот околу нас?
  • Од каде ги добиваме нашите информации за групите кои се во неповолна ситуација или маргинализираните групи?
  • Колку е ризично да се прават претпоставки за некого, а ќе бидат засновани како генерализација на групата во целина?
  • Колку е ризично да се прават генерализации за група луѓе, засновани на еден или два примери?
  • Кои човекови права, особено, ги штитат различните примери на луѓето во неповолна ситуација или оние кои живеат на маргините, а кои се идентификувани од страна на учесниците? • Како најчесто се кршат правата на овие луѓе?
  • Колку ним им е лесно да си ги бараат нивните права?
  • Кој би требало да е одговорен за нивните права да не се повредени – или дали тие би можеле ги остварат?

Совети за обучувачотGoto top

Оваа активност можете да ја водите како воведна вежба или главна активност. За време на тренингот, можете да им дадете пауза и свеж воздух на луѓето, или како нешто дополнително што треба да се изработи во текот на нивното слободно време.
Инструкциите сугерираат луѓето да работат индивидуално, но активноста може да се направи и во мали групи. Практичните причини, како што се големина на групата, достапноста на камери, најверојатно ќе одредат како ќе ја организирате активноста. Имајте во предвид дека на луѓето им е потребно време за да ги претстават нивните слики, па во зависност од големината на групата, ограничете го бројот на слики, кои ќе бидат претставени по избор на секој учесник.
Примери за луѓе, кои се во неповолна состојба во општеството: самохрана мајка со мали деца, пензионер, доселеник, лице во инвалидска количка или некој со ХИВ/СИДА.

Примери за луѓе кои се на маргините од општеството: бездомник, илегален мигрант, неписмен човек, ментално-болна личност или припадник на ромската заедница. Овие се примери на групи луѓе кои немаат можности кои им се достапни за мнозинството. Сите луѓе кои се во неповолна ситуација и сите маргинализирани луѓе се сиромашни и страдаат од предрасуди и стереотипи. Тие се и често дискриминирани на некој начин, на пример, во пристапот до достоен дом и работа, заради ситуацијата во која се наоѓаат.

Многу е важно учесниците да сфатат дека не можат да избегаат од фактот дека тие погледнале низ нивните очи и замислувале како е да се биде некој кој живее на маргините од општеството. Тие би требало да се свесни дека со внесувањето на нивните стереотипи и чувства на емпатија за време на активноста, тие ризикуваат да ги зајакнат верувањата, кои можат да станат искривени или погрешни.

Тие, исто, треба да знаат дека стереотипите се (корисни) генерализации за група луѓе, но тие треба внимателно да се користат, бидејќи ќе има широка разновидност во групата и генерализацијата нема да може да се примени врз секој поединец. За повеќе информации за стереотипите, погледнете ги информациите во делот „Дискриминација и нетолеранција“.

ВаријацииGoto top

Инструкциите им предлагаат на луѓето да работат самостојно, но активноста може да се направи и во мали групи или со целата група согласно со бројот на достапни камери за фотографирање

Наместо да се прават индивидуални постери, сите слики можат да се наредат и да се направи една изложба или слајд-шоу со наслов „Живот на маргините“.

Наместо да фотографираат, замолете ги учесниците, на враќање, да си замислат една измислена приказна за личноста или да изведат пантомима.

Ако сакате учесниците да се стават себеси во туѓи чевли, тогаш дајте им на учесниците нови чевли, како што им дадовте и нови очила. Различните јазици можеби ќе имаат различни изрази кои ќе им сугерираат на луѓето да се обидат да се замислат себеси како некој друг/а и да сочувствуваат со него/неа.

Како што е опишана активноста, учесниците треба да замислат како живее некој/а, кој/а се наоѓа во неповолна ситуација или е маргинализиран/а, а потоа да одат надвор и да се обидат да го видат светот преку нивните очи. Една алтернатива е да одат надвор и да набљудуваат, а потоа да ја искористат имагинацијата и да изградат слика за нив. Објаснете им дека вообичаено, во секојдневниот живот, ние сме многу зафатени и не ги забележуваме другите луѓе. Сега тие ќе гледаат многу внимателно! Кажете им на учесниците да одат во градот и за 5 минути тие мора да одберат некого и да го следат. Нагласете дека тие треба дискретно да се однесуваат и да не ја посрамотат нивната „цел“. Тоа може да биде секој кој изгледа „интересно“, пожелно би било некој, чиј живот, е многу поразличен од нашиот. Кажете им на учесниците дека тие мора да го запомнат нивниот прв впечаток и причината зошто ја одбраа конкретната личност. Потоа, тие треба да ги следат избраните личности, внимателно да набљудуваат и да се обидат да замислат кои се тие и да изградат слика за нивниот живот, на пример: 

  • Како би можеле да се викаат?
  • Колку години имаат?
  • Што работат?
  • Каде одат?
  • Каде живеат?
  • Дали имаат партнер/ка или семејство, или пак се сами?
  • Дали се вработени? Која е нивната работа? Или, дали се тие невработени?
  • Што би можело да ги прави среќни?
  • Дали имаат хоби? Што би можело тоа да биде?
  • Што сакаат да јадат и да пијат?

Договорете се, на пример, после 30 минути сите да се вратат и да ги споделат нивните искуства. Тие можат да зборуваат или да го илустрираат животот на избраната личност со зборови и слики.

Можеби ќе сакате да ги искористите улогите од активноста „Направи еден чекор напред“. Тоа може да биде и добар вовед во активноста или соодветна идна активност.

Предлози за идни активностиGoto top

Во „Направи еден чекор напред“, можете да почувствувате како нееднаквоста во можностите влијае врз животот на луѓето.
Во активноста „Приказна за два града“, можете да истражите како изборите, кои ги правиме за нашата финансиска и социјална благосостојба, влијаат врз животот на заедницата

За да се спасат од нивната ситуација на маргините на општеството, на луѓето им е потребна работа со пристојна плата. Ова може да биде тешко, на пример, доколку сте лице со попреченост или доселеник. Можете да истражувате некои прашања во активноста „Јас сакам да работам!“.

Идеи за акцијаGoto top

Направете ја активноста со семејството, пријателите или колегите и започнете дискусија за човековите права.
Вие можете да ги проверите вашите претпоставки за маргинализираните луѓе, договарајќи средби со некои од нив, на пример, преку проектот „Жива библиотека“, или доколку сте заинтересирани за бездомници или бегалци, преку посета на засолниште или центар за азил. Друга опција е да стапите во контакт со младински работник или социјален работник кои работат со маргинализирани луѓе и да ги замолите да ви раскажат за реалноста на луѓето со кои работат

Понатамошни информацииGoto top

Во контекстот на оваа активност, го употребуваме терминот „во неповолна ситуација“, што значи, поединци или група на луѓе кои не се способни да се издржуваат себеси, кои немаат доволно за себе и мораат да се потпираат на финансиска поддршка. Според тоа, тие се сиромашни. Примерите можат да вклучат самохрана мајка, доселеник или лице со попреченост. Луѓето се, често, во „неповолна ситуација“ бидејќи современото општество делува на начини кои ги „онеспособуваат“. Овие луѓе и групи се гледаат себеси во неповолна ситуација до степен кога им се одбива пристапот до здравствената заштита, образованието, информациите и вработувањето, доколку се споредат со оние од современото општество. Луѓето во неповолна ситуација, исто, може да чувствуваат и недостаток на автономија, поттик, одговорност и самопочит. Бариерите до нивната самостојност можат да вклучат и недостапност до ресурси, на пример, недостаток од вработување, капитал или пристапност до јавен транспорт за лица со физичка попреченост. Непристапноста е друга бариера: трошоците, лош дизајн, оддалеченоста, недостаток на публицитет и безобзирност на општеството кон групата. Исто така, ресурсот може да биде недостапен, доколку не ѝ се допаѓа или е непријатен за групата, или, пак, е во спротивност со сопствените вредности. Оние луѓе кои се „во неповолна ситуација“ можат, но не мора да се на „маргините на општеството“. 

Кога го користиме терминот „маргини на општеството“ ние мислиме на концептуална, а не на физичка локација. Во суштина, луѓето кои живеат на маргините на општеството се исклучени од учеството во општествениот живот. Примери на луѓе кои живеат на маргините можат да бидат затвореници, бездомници, лица со неизлечиви ментални болести или одредени групи, како што се Ромите. На пример, едно бездомно лице не може да се регистрира за гласање, бидејќи не може да достави адреса. Тоа може да значи дека губењето на правото на глас за клучни прашања може да има влијание врз нив; тие остануваат надвор од општеството, бидејќи немаат право да кажат за начинот на управување или за услугите кои им се нудат. Друг пример, за некого кој е неписмен и кој ќе биде отфрлен, бидејќи е неспособен да пополни образец за барање или апликации за работа.

Живата библиотека е идеја која започна во Данска, во 2000 година, а сега се промовира од страна на Советот на Европа, преку нејзината книга „Не ѝ суди на книгата по нејзината корица“. Живата библиотека функционира исто како нормална библиотека – читателите доаѓаат и позајмуваат „книга“ за одреден период. После читањето, тие ја враќаат книгата во библиотеката и – ако сакаат – можат да позајмат друга книга. Но, постои само една разлика: книгата во Живата библиотека е човечко суштество, а книгите и читателите влегуваат во личен дијалог. Книгите во Живата библиотека се луѓе, кои се претставници на групи, кои често се конфронтираат со предрасуди и стереотипи и кои се често жртви на дискриминација или социјална исклученост.

За понатамошно читање во врска со рамката за описот на неповолната ситуација и прашањата за социјалното дејствување, можете да погледнете: „Што е „група во неповолна ситуација“?“ од д-р Стивен Мејер. www.effectivecommunities.com/articles

Забелешка

Оваа активност беше развиена од една активност, креирана и тестирана од страна на учесниците на Тренинг курсот за образование за човекови права и Информалност: Како делувате во информално време и моменти на една перспектива при образование за човекови права? – Здружение „Интеркултура“, Динан, Франција, мај 2009. Варијацијата беше развиена од искуството со Blast Theory / Rider Spoke. http://www.blasttheory.co.uk

Goto top