(Неофицијално резиме)

Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе (беше отворена за потпишување во Варшава на 16 мај 2005 година по повод Третиот самит на шефови на држави и влади на Советот на Европа. На 24 октомври 2007 година, Конвенцијата ја доби десеттата ратификација со што го активира процесот со кој стапи на сила на 1 февруари 2008 година.
Конвенцијата е сеопфатен договор фокусиран главно на заштитата на жртвите на трговија со луѓе и заштитата на нивните права. Исто така, таа има за цел да ја спречи трговијата со луѓе и да ги гони трговците со луѓе. Покрај тоа, Конвенцијата предвидува воспоставување на ефективен и независен механизам за следење со кој ќе може да се контролира спроведувањето на обврските содржани во Конвенцијата.

Конвенцијата не е ограничена само на државите членки на Советот на Европа; државите кои не се членки и Европската унија, исто така, имаат можност да станат членки на Конвенцијата.

Цел и делокруг на конвенцијата

Конвенцијата се заснова на признавање на принципот дека трговијата со луѓе претставува кршење на човековите права и навреда за достоинството и интегритетот на човекот. Конвенцијата на Советот на Европа е сеопфатен договор кој има за цел:

• Спречување на трговијата со луѓе
• Заштита на човековите права на жртвите на трговија со луѓе
• Гонење на трговците со луѓе

Конвенцијата се однесува на:

• сите форми на трговија со луѓе: било да се национални или транснационални, без оглед дали се поврзани со организиран криминал или не
• без оглед кој е жртва: жени, мажи или деца
• без оглед на формата на експлоатација: сексуална експлоатација, принудна работа или услуги итн.

Мерки обезбедени од Конвенцијата

• Подигнување на свеста за лицата кои се ранливи на трговијата со луѓе и активности насочени кон обесхрабрување на „потрошувачите“ се меѓу главните мерки за спречување на трговијата со луѓе.
• Жртвите на трговија со луѓе мора да се препознаат како такви со цел да се избегне полицијата и јавните власти да ги третираат како илегални мигранти или криминалци.
• Жртвите на трговија со луѓе ќе добијат физичка и психолошка помош и поддршка за нивна реинтеграција во општеството. Медицински третман, советување и информации, како и соодветно сместување се дел од обезбедените мерки. Жртви исто така имаат право да добијат компензација.
• Жртвите имаат право на минимум 30 дена да се опорават и да избегаат од влијанието на трговците со луѓе и да донесат одлука во врска со нивната можна соработка со властите. Може да им се одобри обновлива дозвола за престој, ако тоа го бара нивната лична ситуација, или ако треба да останат со цел да соработуваат во кривичната истрага.
• Трговијата со луѓе ќе се смета за кривично дело: затоа трговците со луѓе и нивните соучесници ќе бидат кривично гонети.
• Приватниот живот и безбедноста на жртвите на трговија ќе бидат заштитени во текот на судските постапки.
• Можност за криминализирање на оние кои ги користат услугите на жртвата доколку се свесни дека лицето е жртва на трговија со луѓе.
• Конвенцијата дава можност да не се наметнуваат казни за жртвите за нивно учество во незаконски активности, доколку тие биле принудени да го сторат тоа поради нивната ситуација.
• Граѓанското општество има важна улога во спречувањето на трговијата со луѓе и заштитата на жртвите. Следствено на тоа, Конвенцијата ја поттикнува соработката меѓу јавните власти, невладините организации и членовите на граѓанското општество.

Мониторинг

Механизмот за следење се состои од два столба: ГРЕТА, група независни експерти за акција против трговијата со луѓе, и Комитетот на страните, составен од претставници во Комитетот на министри на земјите потписнички на Конвенцијата и претставници на страните кои не се членки на Советот на Европа. ГРЕТА го следи спроведувањето на Конвенцијата; изготвува извештаи, оценувајќи ги мерките преземени од страна на страните. Оние страни кои не ги почитуваат целосно мерките содржани во Конвенцијата ќе бидат обврзани да ги интензивираат своите активности. Дополнително, Комитетот на страните може, исто така, врз основа на извештајот на ГРЕТА да им дава препораки.