Човековите права се универзален стандард. Тие се компонента на секоја религија и секоја цивилизација

Ширин Ебади

Преглед

Учесниците ги споредуваат и ги спротивставуваат нивните различни мислења

Поврзани права

• Слобода на убедување и религија
• Слобода на мислење и информирање
• Слобода од дискриминација

Упатени прашања

• Верска разновидност
• Перцепции за религијата и нејзиното влијание врз животот на младите луѓе
• Знаење за различните религии и нивните начела во врска со спиритуалните и секуларните прашања.

Цели

• Да се научи за различните верски системи и религии
• Да се развие критичко мислење
• Да се култивира прифаќањето на разновидните убедувања и религии.

Материјали

• Копии од картички со изјави (еден комплет за секоја мала група)
• Удобно место за малите групи за седење и дискусија
• Обучувач за секоја мала група.

Подготовка

• Исечете ги картичките
• Прочитајте ги основните информации за „Религија и убедување“, во Поглавје 5.

compass-key-date
  • 16 НоемвриСветски ден на на толеранцијата

Инструкции

1. Објаснете дека во оваа активност тие ќе дискутираат за нивните убедувања; некои луѓе се длабоко религиозни, некои помалку, а некои и немаат вероисповед. Целта е да се дојде до подлабоко разбирање на членот 18 од Универзалната декларација за човекови права (УДЧП) преку споделување на лични погледи и критички размислувајќи за различните начини, со кои ние му даваме смисла на животот.
2. Разјаснете им на учесниците дека треба да се свесни за она што ќе го кажат и како ќе се изразат. Заштитата на религиозните убедувања и верските симболи, од навреда и клевети, спаѓа во опсегот на слободата на верата. Сепак, заштитата мора да биде балансирана против слобода на мислата и изразувањето и не значи потполн имунитет од критиката на верувањето. Според тоа, прифатливи се отворени прашања, а не е прифатлив говор мотивиран од предрасуди и дискриминација.
3. Поделете ги учесниците во мали групи, од 4-6 луѓе, и замолете ги поединечно да размислуваат за нивните лични верувања околу 3-4 минути. На пример, ако имаат вероисповед, колку блиску ги набљудуваат симболите и ритуалите?
4. Потоа, на начин со „кршење на мразот“, замолете ги учесниците да зборуваат кога тие, за прв пат, учествувале во верски обред.
5. Сега, поставете ги картичките, свртени наопаку, во средината на групата. Кажете им на учесниците дека имаат еден час и дека нивните дискусии треба да се кратки. Тие ќе треба да поминат што е можно повеќе картички. На тој начин, тие ќе стекнат широка перспектива за прашањата; подоцна, тие ќе можат да ги следат темите кои им се од особен интерес.
6. Објаснете дека во секој круг, учесникот зема картичка, гласно ја чита и потоа коментира за изјавата. Потоа, другите имаат можност да придонесат со пример од нивната сопствена вера или искуство.
7. Потоа следи нареден круг и друг учесник зема картичка.
8. Откако сите картички ќе се продискутираат или ако времето за работа помине, преминете на резимирање (во истите групи).

Резимирање и евалуацијаGoto top

  • Дали учесниците потешко се справија со некоја од изјавите во картичките? Зошто?
  • Дали имаше некои факти, верувања или ставови кон вашите животни размислувања, а кои ве изненадија?
  • Што им е заедничко на луѓето, без оглед на нивните различни животни ставови?
  • Кои основни разлики постоеја помеѓу животните ставови на луѓето? Дали тие разлики се помирливи?
  • Зошто е значајно да се знаат животните ставови на другите луѓе? Колку вие ги игнорирате? Треба ли повеќе да знаете за нив?
  • Имајќи во предвид дека слободата на религија и убедување е човеково право, колку е лесно да ги почитувате луѓето, кога не се согласувате со нивните животни ставови?
  • До кој степен игнорирањето и предрасудите за различните животни ставови играат улога во перцепциите на луѓето за другите луѓе?
  • Дали сите имаат слобода на убедување и вероисповед во вашата земја? Зошто да, зошто не?
  • Која форма на нарушување на слободата на убедување и вероисповед постојат во вашата земја?
  • До кој степен слободата на мисла, совест и вероисповед треба да биде дозволена за посебни практики во заедницата на верниците, која може да се разликува од поширокото општество? Примери за ова можат да ги вклучат позициите на жените во верски лидерски позиции, традиционални обреди кои вклучуваат деца, закони кои го регулираат крштевањето, развод или погреб, забрани за прикажување на основачот итн.
  • Што треба да имате на ум кога планирате настан за целата група, на пример, пикник, спортски настан или викенд, така што сите ќе бидат вклучени, без разлика на нивната вероисповед и убедување?
  • Понекогаш, кога договарате настан, тешко е да ги задоволите потребите на сите, согласно со нивната вероисповед или убедување. Како се обидувате да најдете решенија? Ако треба да направите компромиси, како давате приоритет на различните потреби на луѓето?
  • Која беше најинтересната работа која ја научивте од оваа активност?

Совети за обучувачитеGoto top

Оваа активност се справува со чувствителна тема, па важно е секој да се чувствува удобно. Водете ја активноста на еден непосреден начин; релаксираната околина помага. Бидете сигурни дека секој знае дека не е под притисок да каже или објаснува повеќе отколку што сака, чувствува или може.
Почитувајте го придонесот и ограничувањата на учесниците; не може секој да објасни зошто ова или она се практикува во нивната религија, особено ако тие се израснати и едуцирани со одредена религија, уште од рана возраст. Во таа смисла, религијата е многу повеќе од култура: вие имате тенденција да ги прифатите вашите вредности и културни обрасци како „природни“.
Бидете свесни од притисокот на околината. Не им дозволувајте на учесниците да влезат во дефанзивна позиција за нивната вероисповед или убедување, на пример, ако каже некој: „Како можеш да бидеш дел од таа религија и да прифаќаш...?“
Избегнувајте го заглавувањето во премногу детали. Внимавајте на купчето картички и бидете сигурни дека имате време за повеќето од нив. Дозволете дискусијата да тече природно и интервенирајте само тогаш кога чувствувате дека прашањето е исцрпено, или ако има ризик од одење премногу далеку, или кога „доминантниот“ став ќе излезе на површина. Бидете подготвени да дадете придонес со дополнителни информации, особено за религиите кои не се презентирани во групата или преку играње на „адвокат на ѓаволот“.

Ако можете, водете ја активноста со уште еден обучувач за секоја група, при водењето на дискусијата и резимирањето во мали групи; ако немате уште еден обучувач, проверете дали можете да подготвите неколку волонтери од учесниците, кои ќе ви помогнат. Ова е важно и има за цел, во зависност од групата, да се почитува залагањето и искуството на сите, а резимирањето да биде конструктивно. Ако не можете да се потпрете на други обучувачи, тогаш пленарно водете ја евалуацијата, заедно со сите учесници

Верата, по дефиниција, не може да се објасни со рационални аргументи и вие треба да ги ограничите обидите за оспорување на верските убедувања со рационални аргументи. Вие можете да нагласите дека е важно да се почитува тоа што сите имаат право на слобода на мисла, совест и вероисповед; тоа не значи дека и вие треба да го почитувате она во кое веруваат другите, туку да го почитувате нивното право да веруваат во што сакаат. Запомнете дека развивањето на критичко мислење е важна цел на ОЧП и дека споредувањето на различни животни ставови ќе им помогне на луѓето да бидат свесни дека нивниот избор на мисла не ги обезвреднува изборите на другите. Преку дискусијата во оваа активност, учесниците ќе дојдат до разбирање дека нивниот избор не е апсолутен, туку релативен. Исто така, ќе ги направи свесни за предностите и слабите страни на секое училиште или традиција. Верскиот фанатизам и нетрпеливост заедно произлегуваат од строгата селективност на мислата и одбивањето на плурализмот. Ниту една религија не е монолитна, па според тоа ниту една приказна во религијата не е авторитетна, репрезентативна и супериорна врз приказните и интерпретациите на другите религиски традиции.

ВаријацииGoto top

Ако ја водите активноста со неколку мали групи, добра идеја е да се заокружи со сите заедно. Според тоа, пред учесниците да завршат со активностите во групите и да се вратат пленарно, замолете ги да ги земат во предвид следните прашања и да се подготвени да одговорат:

  • Дајте примери на игнорирање и предрасуди за религиските и нерелигиските традиции во вашата земја.
  • Што можеме ние да направиме за да го намалиме игнорирањето и предрасудите?

Предлози за идни активностиGoto top

Ако ја правите оваа активност со монорелигиска група, постои голем простор за понатамошна дискусија. Одете на http://www.religioustolerance.org и копирајте ја нивната листа на религии и нетеистички религии и етички системи. Замолете ја групата да каже за колку од нив слушнала и што знае за нив.

Можеби ќе сакате да ја истражувате историјата на развојот на различни убедувања правејќи временски распоред. Погледнете го делот на „Варијации“, во активноста „Временска рамка“.

Пауло Фреиревели: „Да едуцираш значи да веруваш во промена.“ Ако групата сака да дискутира што е образование и како тоа ги исполнува или не ги исполнува потребите на луѓето, тогаш можеби групата ќе биде заинтересирана за активноста „Нека се чуе сечиј глас“.

Идеи за акцијаGoto top

Во зависнот од контекстот каде што вие и учесниците живеете и работите, можеби е интересно да посетите верски центар или центар во заедницата за различни религии и да стапите во контакт со нивните младински групи со цел да се дискутираат можни заеднички акции. Тоа вклучува: 

  • Настан за Денот на човековите права (10 декември)
  • Заеднички покани по повод значајни верски празници/прослави
  • Заеднички акции за сиромашните и оние кои имаат потреба.

Понатамошни информацииGoto top

Членот 18 од Универзалната декларација за човекови права наведува: „Секој има право на слобода на мисла, совест и вероисповед; ова право вклучува слобода за промена на неговата вероисповед или убедување, како и слобода, или самостојно или во заедницата со другите, јавно или приватно, да ја манифестира неговата вероисповед или убедување преку поука, проповеди, верски обреди и ритуали.“

Поради целта на оваа активност, со намера да се вклучат поголем број на системи на убедување, ние ја користиме дефиницијата за религија од www.religioustolerance.org : „Религија е секој специфичен систем на верување за божество, кое често вклучува обреди, кодекс на етика и филозофија на животот.“ Терминот „религија“ се однесува и на личното практикување поврзано со верската заедница и групните обреди, како и комуникацијата која произлегува од заедничките уверувања. Алтернативите на религијата вклучуваат атеизам, скептицизам, слободна мисла и хуманизам.
Во оваа активност ние се фокусираме на „слобода на мислата, совест и вероисповед“, тоа е право да се следи една религија или не, согласно со личниот избор. Затоа и го користиме терминот „животни ставови“ како заедничка ознака која ги опфаќа и религиите и алтернативите на религиите, без дискриминација во корист на било која. Под „животни ставови“ подразбираме рамка на идеи кои ни помагаат да го разбереме светот и да најдеме значење и вредност во животот. Многу животни ставови се јасно религиозни, на пример, христијанството, хиндуизмот и исламот. Некои животни ставови не се религиозни, како што се дијалектичкиот материјализам на Карл Маркс и неговите следбеници, објективизмот на Ајн Ранд и хуманизмот. Други животни ставови, како што се будизмот и конфучизмот, традиционално се класифицирани како религии, но многу следбеници не се согласуваат со оваа категоризација и се расправаат, бидејќи нивните верувања не вклучуваат бог; будизмот и конфучизмот се филозофии. Концептот на животните ставови ги опфаќа сите.

Основни, лесни за користење, информации за практикувањето на главните религии можат да се најдат на Интернет страниците на Иницијатива за обединети религии (www.uri.org), како и Консултанти за верска толеранција од Онтарио (www.religioustolerance.org).

Оваа активност е развиена од активноста „Верници“ во „Мозаик’, образовен пакет од Евро-Медитеранската младинска работа, издаден во рамките на партнерството помеѓу Европската комисија и Советот на Европа во полето на младите

ПрилозиGoto top

PDFПреземи во PDF

Картички

Ние имаме специјална церемонија за да ги внесеме децата во нашиот животен стил.

Ние имаме специфични церемонии и норми за закопи и погреби

Мажите и жените имаат различни функции и улоги во нашиот животен став, на пример, во водечките обреди. 

Ние имаме специфично време во календарот за постот.

Злоделата и дискриминацијата биле направени или се прават во името на животниот став.

Нé учеле да им помагаме на сиромашните и на оние кои имаат потреба

Ние имаме специфичен поглед на хомосексуалноста

Ние носиме симболи или посебна облека.

Нашиот животен став има специфични морални норми и заповеди во однос на бракот и сексуалноста.

Ние имаме специфичен поглед на абортусот. 

Нашиот животен став е заснован на свети книги и списи.

Ние веруваме во вредноста на животот како најважното нешто кое треба да се зачува.

Нашиот животен став поучува за толеранција на други религии и верувања.

Нашиот животен став e длабоко обликуван од страна на пророците, кои се признати како носители на боженствени пораки.

Ние веруваме во живот после смртта и во судниот ден. 

Ние имаме значајни прослави кои се сметаат како празници и во нашите земји.

Им оддаваме почит на мртвите барем еднаш годишно и ги посетуваме гробиштата.

Ние имаме сопствен календар, често поразличен од граѓанскиот. Нашата Нова година не е на 1 јануари.

Ние организираме училишта и часови каде децата учат за нашиот животен став.

Ние веруваме дека животот не е само за материјалните работи, туку има суштинска, духовна димензија.

Ние имаме свои приказни за тоа како настанал светот.

Ние имаме одредени погледи за кого треба или не треба да се омажиме/ожениме.

Нашиот животен став не нé поучува само за духовните прашања, туку и за тоа како би требало да функционира опшеството.

Ние често сме погрешно разбрани, а понекогаш и дискриминирани.

Од нас се очекува да се молиме неколку пати дневно.

Ние имаме еден ден во неделата кога не работиме, туку посетуваме специјални церемонии и ги славиме нашите верувања.

Ние веруваме дека имаме специјален однос со Создателот.

Ние ги контролираме нашите животи.

Ние веруваме дека значењето и целта на животот е една непрекината и креативна потрага.

Љубовта е есенцијална поука во нашиот животен став.

Нашиот животен став овозможува етичка рамка, во која моралните вредности се јасно утврдени. 

Духовноста, чувството на восхит да се биде дел од нешто поголемо од самите себе, ја наоѓаме во ритуалите на нашиот животен став.