Компас стана референтен прирачник за многу луѓе вклучени во младинска работа, заснована на вредности и неформално образование. Денес тој е достапен на повеќе од 30 јазици, почнувајќи од арапски и јапонски, до исландски и баскиски. Во некои земји стана дел од ресурсите при образованието за правата во училиштата, а во некои други не е возможно да се користи во училиштата. Авантурите на Компас низ Европа често ја одразуваат спротивставената реалност на образованието за човекови права: промовиран овде, а оспоруван таму, пофалуван од некои, а презиран од други.

Успехот на Компас беше следен со успехот на неговиот помлад брат Компасито - прирачник за образование за човекови права со деца. И двете публикации го поддржуваат спроведувањето на Повелбата за образование за демократско граѓанство и образование за човекови права од Советот на Европа.

Компас и публикувањето негови верзии на различни јазици е посредник преку кој образованието за човекови права беше ставено на агендата на младинската работа и во наставните програми на многу училишта. Национални мрежи за образование за човекови права се креирани во неколку земји каде тие ја зајакнуваат работата на организациите за човекови права и професионалците од образованието, правејќи го реалност правото на образование за човекови права за многу деца и млади луѓе низ Европа. Форумот за образование за човекови права со млади луѓе „Живеење, учење, делување за човековите права“, одржан во Будимпешта во 2009, го нагласува значењето на образованието за човекови права денес.[i]:

Човековите права не можат да се бранат и да се промовираат само преку правни инструменти. Образованието за човекови права – да се учи заради, да се учи низ и да се учи за човековите права – е суштинско за да бидеме сигурни дека тие се сфатени, поддржани и промовирани од сите.

Работата која се презема од и за младите луѓе преку Компас – прирачник за образование за човекови права со млади луѓе, јасно покажува дека Советот на Европа може да се потпре на великодушноста, страста и компетенциите на младите луѓе, кои ќе го направат образованието за човекови права реалност за многу други млади луѓе. […] Искуствата од младинската работа и неформалното учење успешно се ставени во служба на проектите за образование за човекови права  за сите, вклучувајќи го надополнувањето на формалното и неформалното учење.

Образованието за човекови права не смее да биде одговорност само на невладините и младинските организации. Ниту пак може да биде спроведено само од волонтери. Земјите имаат главна одговорност да го спроведат образованието за човекови права. Потребно е тоа да биде опфатено, поддржано и одржливо од нивна страна на начини со кои ќе се предвиди улогата на формалните и неформалните образовни сектори.

За многу повремени практикувачи на образованието за човекови права, Компас стана синоним за образованието за човекови права. Сепак, образованието за човекови права е многу повеќе од Компас. Компас ги покажува патиштата и предлага начини за искусување на образованието за човекови права, но му остава избор за патиштата и методите на фасилитаторот и крајно, на оние кои учат.

Компас не е човеково право; образованието за човекови права – е.

Да се осигураме дека Компас е значаен и за втората декада на 21 век 

Во првите десет години од неговиот живот, Компас се соочуваше со брз развој на теми и предизвици за човековите права и образованието за човекови права. Меѓу нив се случуваше и забрзување на процесите на глобализација, пораст на тероризмот и одговор против тероризмот преку глобална војна, глобална финансиска криза, ефектите од климатските промени предизвикани од човекот, најразлични побуни во Грузија, Украина и некои арапски земји, ширењето на мрежата на Интернет, војните во Ирак и Авганистан, цунамито и нуклеарната катастрофа во Фукушима и многу други. Компас очајно запаѓаше од една во друга криза, а, исто така, беше застарен во некои делови. Како резултат на ова се издаде преработена и ажурирана верзија, изданието од 2012.

Наша првенствена грижа беше да го направиме Компас 2012 значаен за втората декада на 21 век. Ги зедовме предвид оценките од корисниците – он-лајн и офлајн – и „забрзувањето на историјата“; не сé што беше значајно во 2002 е подеднакво важно и денес, десет години подоцна, многу други теми се здобија со важност. Резултатот од изданието на Компас 2012 беше развојот на она што исчезна порано, една мешавина на старото и новото. Читателите и обучувачите за човекови права открија информации и активности кои ги опфатија моменталните случувања и дека сé уште се предвидува дискусија на контроверзни прашања дека – поставувањето на ученикот во центарот е сé уште тука и дека сé уште е потребно да се преземе акција.

Што е поразлично во ова препечатено издание? 

Во ова препечатено издание од 2015 ќе ги најдете поглавјата од 1-4, исто како и во изданието од 2012. Она што е различно е дека недостигаат опширните информации од Поглавје 5. Ова не подразбира дека основните информации не се важни. Тие се, всушност, многу значајни! Деталните информации за деветнаесетте теми се достапни на Интернет на www.coe.int/compass каде лесно би продолжило нивното дополнување. Во ова препечатено издание од 2015 ќе откриете пократко - Поглавје 5, кое содржи резиме на темите, како и покана за повратна информација, која ќе помогне во одржување на релевантноста и навремено ажурирање на материјалот.

Нашата намера е ова препечатено издание од 2015 да ги задоволи потребите на практичарите за прирачник за образование за човекови права кој ќе биде доволен и практичен. Поставувањето на основните податоци на веб-страницата на Советот на Европа, овозможува истите да се постојано и навремено ажурирани. Освен тоа, 160 страници со информации кои не се печатени, ни овозможија еден прирачник кој е полесен во тежина, поевтин и помага при заштитата на животната средина преку штедењето на хартија. 

Суштинските вредности и пристапи, кои се својствени за Компас, остануваат целосно валидни. Компас би требало да биде:

Доволен: Корисниците ќе најдат сé што им треба за да се запознаат со и да го истражат образованието за човекови права.

Подготвен за употреба: Предложените активности не бараат дополнителни ресурси или долга подготовка.

Во тек со младите луѓе: Активностите и прашањата за човековите права лесно се поврзуваат со грижите и гледиштата на адолесцентите и младите луѓе.

Практичен и искуствен: Сите активности вклучуваат предлози како да се примени наученото, а тоа ги вклучува учесниците во нешто повеќе отколку само когнитивен процес.

Соодветен и за формално и за неформално образование: Иако активностите се развивани за неформално образование, речиси сите можат да се реализираат и во училишта со мало прилагодување, на пример, во врска со времетраењето.

Прилагодлив: Сите активности можат да бидат прилагодувани на контекстот, групата и општеството во кое тие се „играат“. Предлозите за варијации им помагаат на фасилитаторот да креира сопствени адаптации.

Појдовна точка: Заинтересираните обучувачи и едукатори ќе најдат мноштво предлози и ресурси за да ги продлабочат специфичните прашања или да научат повеќе за човековите права.

Општ и холистички: Компас може да се користи за кое било прашање за човековите права и за секое ниво на знаење на оној кој учи. Тој е заснован на инклузивен и холистички пристап на учење кое вклучува вредности, ставови, способности и знаење.

Да започнеме! 

Компас е напишан за сите оние кои се интересираат за човековите права и кои имаат желба да се вклучат во образованието за човекови права. Оние кои прв пат го користат Компас би требало да знаат дека ние не направивме претпоставки за нивното предзнаење за човековите права и образованието за човекови права, ниту пак за темите за работа кои ги одбравме. Не направивме ни претпоставки за претходното искуство на луѓето за поучување или водење на активностите. Дадена е обемна поддршка за тоа како да се водат активностите, како да се прилагодуваат и како да се развиваат согласно со потребите на оние кои учат и согласно со практичните околности. Постои посебен дел со совети за наставниците. За некои, „преземањето акција“, на прв поглед може да биде проблематично и заради тоа ние опширно се справуваме со концептот и ја објаснуваме неговата улога во образовниот процес во третото поглавје.

Компас е извор на информации, алатки и совети за образование за човекови права. Како резултат на тоа, тој може да се користи на многу различни начини и не постои одредена почетна точка. Сепак, ние предлагаме да започнете со прегледување на содржината на секое поглавје, да се задлабочите во прирачникот и да се запознаете со неговата целосна структура и содржина. Многу луѓе, на почеток, најмногу се заинтересирани за активностите. Ова е добро, но ние препорачуваме барем да го прочитате поглавјето 1.3 „Употреба на Компас во образованието за човекови права“, пред да водите било каква активност.

Се надеваме дека ќе уживате користејќи го изданието на Компас од 2015. Известете нé доколку успеавме во давањето на информации и алатки кои ви беа потребни и помогнете ни да се подобриме преку објавување на вашата повратна информација на линкот www.coe.int/compass.


[i] Порака од учесниците на Форумот „Живеење, учење, делување за човековите права“, извештај од Gavan Titley, Совет на Европа, 2010.