Back Љубов зад заклучени врати: Поддршка на децата и семејствата во затворите во Северна Македонија

Љубов зад заклучени врати: Поддршка на децата и семејствата во затворите во Северна Македонија

Вревата во големата видувална на затворот Идризово одеднаш се прекинува од звукот на отворената брава, проследена со тажниот удар на тешката железна врата што води кон просторот за семејни посети. Штотуку започна посетата за овој викенд. Припадниците на затворската полиција изгледаат како да брзаат во придржување на осудените лица до нивните најблиски, кои со нетрпение го очекуваат нивното пристигнување. Дамјан*, нетрпелив и емотивен, цврсто ја прегрнува својата четиригодишна ќерка, а потоа споделува долга прегратка со својата сопруга. Без да губи многу време, неговата ќерка цврсто го фаќа за рака, влечејќи го кон новоотвореното детско катче, поддржано од Европската Унија и Советот на Европа. Со блескави очи, девојчето трча кон игралиштето. Лизгајќи се гордо под вљубениот поглед на Дамјан и неговата сопруга, таа вика: „Тато, тато! Види, можам да се лизгам дури и без раце“.

„За нас, ова е повеќе од обичен простор, тука се чувствувам како нормален родител и го гледам моето дете како се смее и си игра, наместо како затвореник лишен од слобода. Сега можам да поминам убаво со моето семејство во средина полна со љубов“, сподели Дамјан со пресипнат глас, додека неговите очи постојано го следат детето кое радосно трча во пренаменетото детско катче во рамки на затворската видувална.

Ова е едно од четирите детски катчиња отворени во казнено-поправните установи низ Северна Македонија, како дел од помошта преку заедничкиот проект  на Европската Унија и Советот на Европа за јакнење на правата на осудените лица и подобрување на нивните животни услови. Идризово, најголемиот затвор лоциран близу главниот град Скопје, сместува над 1.100 затвореници, околу 50% од вкупната затворска популација и веќе го надминува неговиот капацитет. „Имаме околу 8-10 деца кои го посетуваат затворот секој ден, а за време на викендите доаѓаат и до 30 деца, со што вкупната бројка достигнува околу 100 деца неделно кои го посетуваат детското катче“, објасни вработен во затворот Идризово, нагласувајќи ја корисноста и значењето на овој дел во просторијата за посетители. „Семејствата реагираат позитивно, а ние сме воодушевени од придобивките“, подвлече тој.

Има четири детски катчиња во дванаесетте казнено-поправни установи, кои покриваат над две третини од затворската популација. Се проценува дека има неколку стотици деца чии родители во моментов ја отслужуваат својата казна. „Би било идеално кога би постоело вакво катче во секоја установа, но покриеноста е веќе добра и реакциите се одлични“, рече Ѓакуш Кабаши, виш проектен раководител на Советот на Европа, кој го надгледува спроведувањето на оваа иницијатива. Според него, детските катчиња во затворот во Штип (отворено во 2018 година), затворот во Прилеп (пуштено во употреба во ноември 2021 година), затворот во Куманово (функционално од декември 2023 година) и она неодамна отворено во затворот Идризово, беа поддржани од ЕУ и Советот на Европа како дел од тековните напори за подобрување на затворските услови, обука на персоналот и усогласување на затворската регулатива на Северна Македонија со стандардите на Советот на Европа. „Поконкретно, овие иницијативи ја одразуваат посветеноста на институциите за спроведување на Препораката на Комитетот на министри на Советот на Европа (CM/REC-2018-5), која се однесува на потребите на децата со родители во затвор“, нагласи Кабаши.


 

Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции, неодамна ја нагласи важноста на детските катчиња во процесот на ресоцијализација. „Вистинските придобивки од ваквите донации се далеку поголеми од нивната финансиска вредност, особено во Идризово, бидејќи тоа е единствениот затвор каде што жените ја отслужуваат својата казна“, рече Пандов на церемонијата на отворањето кон крајот на 2025 година, истакнувајќи ја континуираната и успешна соработка со Советот на Европа во унапредувањето на заштитата на човековите права на осудените лица. Затворските власти во голема мера придонесоа за оваа иницијатива – цртежите во детското катче во Прилеп се дело на припадничка на затворската полиција, додека во она во Куманово беа ангажирани ученици по ликовна уметност. Раководството во затворот во Штип неодамна ги замени играчките, покажувајќи ја својата посветеност за многу потребната одржливост. Останатите дополнителни иницијативи за ресоцијализација вклучуваат обезбедување на една печка во затворот во Куманово (во 2023 година), која се користи и за стручна обука и поддржување на идните можности за вработување, како и во затворот во Штип со цел задоволување на потребите на установата.

Детските катчиња и дополнителните програми за ресоцијализација спроведени во различни затвори се повеќе од обични погодности. Тие претставуваат исполнета заложба за третирање на затворениците и нивните семејства со достоинство и со надеж за поперспективна иднина. Имајќи предвид дека Северна Македонија има за цел да го подобри и модернизира својот затворски систем и да даде приоритет на благосостојбата на децата со родители во затвор, поддршката и насоките од Европската Унија и Советот на Европа имаат клучно значење за трајни и позитивни промени.

Оваа активност беше спроведена во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција, односно проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”.


 

_____________________________________________________________________________

* Имоњата и другите лични детлаи се променети поради заштита на говорникот. 

Северна Македонија 21 април 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија” им помага на властите на Северна Македонија во јакнење на реформата на затворскиот систем, како и во заштита на човековите права на осудените лица.

Во согласност со стандардите и најдобрите практики на Советот на Европа, проектот придонесува во процесот на подобрување на заштитата на човековите права на лицата кои се лишени од слобода. Проектот се спроведува во соработка со Управата за извршување на санкции (Министерство за правда), како и со Министерството за здравство.

Овој проект е дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција”, кој се спроведува од 2023 до декември 2026 година.  

Кои се целите и намерите на овој проект?

  • Поддржување на корисниците во јакнење на обезбедената здравствена заштита за осудените лица, како и сеопштата координација на надлежните институции

  • Подобрување на капацитетите за обука на затворскиот персонал, со што ќе се обезбеди постојана и одржлива програма, која се основа на идентификуваните потреби

  • Јакнење на процесот на подготовка за отпуст на осудените лица, како и пост-пенална помош

  • Јакнење на надзорот и мониторингот врз полицијата и затворскиот систем

  • Претставување на ефективна структура за комуницирање во затворскиот систем

Кој придобива од проектот?

Проектот има тесна соработка со јавните институции кои работат на ова поле, како што е Управата за извршување на санкции, нивниот Центар за обука, како и Министерството за здравство.

Затворскиот кадар (припадниците на Затворската полиција, како и одделенијата за ресоцијализација), здравствените работници кои работат во затворските установи, раководните структури на сите пенитенцијарни установи се меѓу корисниците кои придобиваат од овој проект.

Конечно, од проектот придобиваат осудените и лицата лишени од слобода, како и целото општество.

Како функционира проектот?

Проектот ќе обезбеди поддршка за градење на капацитетите, како и техничка поддршка за корисниците, во нивните напори за јакнење на затворската реформа, како и унапредување на правата на затворените лица, во согласност со европските стандарди.

Сите цели и активности на проектот се идентификувани врз инклузивен пристап – сите корисници членуваат во управниот одбор на проектот, кој редовно го разгледува неговото спроведување.

Проектот се спроведува преку вршење анализи и давање експертски (домашни и меѓународни) совети, работни сесии и обуки, како и пилотирање на изработените програми. Предвидени се и годишни тркалезни маси со вклучените институции, кои ќе се фокусираат на различни релевантни теми. Проектот е флексибилен и сите дополнителни барања на корисниците можат да бидат интегрирани во работниот план.

Што очекуваме да се исполни?

Овој проект се гради врз резултатите кои беа исполнети во претходната фаза на програмата Horizontal Facility, за да се постигне подобра заштита на осудените лица, во согласност во европските стандарди. Се очекува дека преку овој проект, ќе се постигне:

  • Сеопшто подобрување во обезбедувањето здравствена заштита во затворите

  • Зајакнати капацитети за координација во Министерството за здравство, во поглед на обезбедување здравствена заштита во затворите

  • Подобрување на процесот на реинтеграција на осудените лица, како и поддршка од надлежните институции

  • Изготвување на стратегија за обука, како и програми за затворскиот персонал, кои би биле оперативни според потребите на Центарот за обука

  • Зајакнат надзор и мониторинг врз полицијата и затворите, за да се обезбеди заштита на човековите права на лицата кои се лишени од слобода.

Колкав е вкупниот буџет на овој проект?

Вкупниот буџет на проектот е 950,000 ЕУР.

Овој буџет е финансиран преку програмата Horizontal Facility, со вкупна сума од околу 41 милион ЕУР (85% финансирани од страна на ЕУ и 15% од Советот на Европа).

Како да добиете дополнителни информации?

https://www.coe.int/en/web/cooperation-in-police-and-deprivation-of-liberty

Хоризонтален инструмент веб-страна како и e-mail адреса

Повеќе информации за Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција

 

„Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ е заедничка иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа, со која им се овозможува на страните кои придобиваат во Западен Балкан и Турција, исполнување на нивните реформски агенди во полето на човековите права, владеењето на правото, демократијата, како и исполнувањето на европските стандарди, што е исто така приоритет на процесот на проширување на ЕУ. 


 

Контакти на проектот

Ѓакуш Кабаши              Раководител на проект           +389 2 3100 330                  контакт

Ирена Бојаџиева               Проектна Асистентка                  +389 2 3100 324                   контакт