Back Денес се отвори новото детско катче и библиотека во затвор Прилеп

Денес се отвори новото детско катче и библиотека во затвор Прилеп

Осудените лица во казнено-поправната установа (КПУ) Прилеп добија нова просторија за посети, наменета за нивните семејства и деца кои ја посетуваат установата, како и нова библиотека. Од оваа новина ќе придобијат околу 40 деца и нивните семејства, благодарение на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа.

На денешниот настан беа пуштени во употреба детското катче и новата библиотека во прилепскиот затвор, каде директорот на Управата за извршување на санкциите (УИС) Марјан Спасовски изјави дека ова е една од активностите со кои УИС цели кон подобрување на условите во затворите низ земјата.

Фрек Јанмаат, раководител на оперативно работење I, Делегација на Европската Унија во Република Северна Македонија ја истакна важноста која ЕУ ја придава на подобрувањето на затворските услови, како и настојувањата за унапредување на заштитата на основните човекови права на осудените лица и нивната целосна интеграција во општеството. „Професионализмот и почитувањето на човековите права на притворените и осудени лица има највисоко значење во управувањето со затворите. Подобрувањето на затворските управи и надзорот, како и професионализацијата на затворскиот персонал треба да бидат приоритет, заедно со обезбедувањето здравствена заштита и борбата против секој вид на несоодветно постапување. За да се спречи рецидивизмот и зачува безбедноста во општеството, важно е образованието, ресоцијализацијата и рехабилитацијата,” истакна тој.

Раководителката на оперативно работење на Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагиќ изјави дека целта на детското катче и библиотека е да им се помогне на осудените лица во задржување на нивните семејни врски, како и да се олесни процесот на ресоцијализација по издржување на казната. Таа ја истакна важната соработка со затворските власти во Северна Македонија, кон градење на побезбедно и похумано општество кое ги почитува и штити правата на притворените и осудени лица, во согласност со европските вредности и стандарди.

Новото катче за посетители и библиотека беа опремени преку грант од 4,000 ЕУР обезбедени во рамките на заедничкиот проект на Европската Унија и Советот на Европа „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија” и во блиска соработка со КПУ Прилеп, кој придонесе преку уредување на просторот и креативно боење на ѕидовите од страна на осудените лица и припадниците на затворската полиција.

Околу 40 деца и нивните семејства ќе придобијат од детското катче во КПУ Прилеп, кое е второ од таков вид во земјата. Првото детско катче беше отворено во КПУ Штип пред три години, со поддршка од ЕУ и Совет на Европа. Овие иницијативи ги одразуваат заложбите на властите за спроведување на препораката на Комитетот на министрите на Советот на Европа (CM/REC-2018-5), во врска со потребите на децата на родителите кои издржуваат затворска казна.

 

NORTH MACEDONIA: New children’s corner and library opened in the Prison of Prilep

 

Се проценува дека над две милиони деца во Европа имаат родител во затвор и најголем дел од нив се соочуваат со емоционални и материјални проблеми, како и психолошки стрес и стигматизација. Сепак, тие и нивните трауми во најголема мера остануваат надвор од јавноста. Зачувувањето на врските родители-деца и на семејствата се од клучна важност за успешна социјална реинтеграција на поранешните осудени лица, како и за нивно невклучување во идни кривични дејствија.

За да се обезбеди заштита на човековите права на осудените лица и нивните семејства, Европската Унија и Советот на Европа работат заедно со властите на Северна Македонија кон подобрување на третманот и рехабилитацијата на осудените лица, како и зајакнување на здравствените услуги во затворите.

Заедничката програма Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019 - 2022 и проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизам за контрола на полицијата во Северна Македонија” се спроведуваат во соработка со Министерството за правда на Република Северна Македонија, односно Управата за извршување на санкциите, со цел да им се помогне на клучните чинители во надминување на слабостите при заштита на човековите права во затворите, преку зајакнување на капацитетите на пенитенцијарниот систем и надворешниот механизам за контрола на затворската полиција.

Прилеп 29 ноември 2021
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page