Во рамките на проектот „Човекови права и одржлива животна средина во Југоисточна Европа“,”[1] објавена е публикација со наслов „ Водич за случаи за заштита на животната средина низ призмата на човековите права: Патот кон Европскиот суд за човекови права“.
Целта на документот е да објасни како проблемите поврзани со животната средина и климата можат да се третираат како прашања на човекови права. Овој пристап е од суштинско значење кога се бара заштита пред Европскиот суд за човекови права, кој разгледува повреди на правата гарантирани со Европската конвенција за човекови права. Самата штета врз животната средина не е доволен основ за поднесување апликација; таа мора да биде претставена како мешање во заштитени права, како што се правото на живот, почитувањето на приватниот и семејниот живот, правото на сопственост или пристапот до правда.
Првенствено наменет за адвокати, Водичот дава поддршка на оние што застапуваат поединци, заедници или граѓански организации кои работат на прашања поврзани со животната средина. Тој нуди практични упатства за проценка дали случај што е завршен на национално ниво може да има изгледи за успех пред Судот. Публикацијата исто така го премостува јазот меѓу регулативата за животната средина и судските постапки за човекови права, покажувајќи како еколошката штета може да се вклопи во постојната правна рамка на Конвенцијата.
Иако Конвенцијата експлицитно не признава право на здрава животна средина, судската пракса на Судот покажува дека сериозното загадување, деградацијата на животната средина, климатските ризици и пропустите на јавните власти можат да доведат до активирање на веќе воспоставените механизми за заштита на човековите права. Со текот на времето, Судот ги појаснил условите под кои државите можат да сносат одговорност за таква штета.
Разгледувањето на еколошките прашања низ призма на човековите права не ги заменува механизмите на правото за животна средина; напротив, ги надополнува во ситуации кога домашните системи не обезбедуваат соодветна заштита или правни средства. Како што бројот и сложеноста на случаите поврзани со животната средина и климататските промени продолжуваат да растат, сè поважно станува разбирањето на пристапот на Судот, како и на ограничувањата на системот на Конвенцијата.
Целиот документ е достапен во PDF формат.
[1] Проектот е финансиран од Фондот за човекови права (Human Rights Trust Fund - HRTF). Држави членки на HRTF се Финска, Германија, Ирска, Луксембург, Холандија, Норвешка, Швајцарија и Обединетото Кралство.

