Back Зајакнување на ефикасните финансиски истраги поврзани со трговијата со луѓе во Северна Македонија

Зајакнување на ефикасните финансиски истраги поврзани со трговијата со луѓе во Северна Македонија

Судиите, обвинителите, истражителите, адвокатите и другите клучни чинители во Северна Македонија сега се подобро подготвени за гонење на трговците со луѓе и за одземање на незаконски стекнатиот имот, како резултат на специјализираната обука поддржана од Европската Унија и Советот на Европа, а спроведена во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители во Скопје. Програмата беше насочена кон зајакнување на вештините на учесниците во областа на финансиските истраги, замрзнувањето и конфискацијата на имот стекнат преку трговијата со луѓе. Сесијата ја истакна клучната улога на темелните финансиски истраги во нарушувањето на дејствувањето на криминалните мрежи, спречувањето на повторното инвестирање во незаконски активности, заштитата на интегритетот на правниот систем и поддршката на прибирањето докази.

Беа разгледани релевантните препораки на Групата експерти за борба против трговијата со луѓе (GRETA), со кои властите се повикуваат да прибираат сеопфатни докази за претрпената штета од страна на жртвите и за финансиските добивки, како и целосно да ја применуваат законската регулатива за заплена на имот со цел да се одврати трговијата со луѓе и да се поддржи обесштетувањето на жртвите.

Експерти од Словенечката развојна академија и локални специјалисти за борба против трговијата со луѓе ја реализираа обуката, споделувајќи најдобри практики и практични знаења.

„Во случаите на трговија со луѓе, осудата е само дел од одговорот: на сторителите не смее да им се дозволи да ги задржат приходите стекнати преку експлоатација. Оваа обука се фокусира на практичните одлуки потребни за истовремено истражување на финансиите и на кривичното дело, обезбедување на имотот пред тој да исчезне и подобрување на можностите жртвите да добијат обесштетување“, изјави Андреја ДОЛНИЧАР ЈЕРАЈ, извршна директорка на Словенечката развојна академија.

Учесниците беа поттикнати активно да се вклучат, да разменуваат идеи и да ја унапредуваат меѓуинституционалната соработка, со што ја потврдија својата заедничка заложба за борба против трговијата со луѓе. Настанот претставува уште една важна пресвртница во тековното партнерство меѓу Советот на Европа и јавните институции во Северна Македонија, насочено кон зајакнување на борбата против трговијата со луѓе.

Акцијата „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“ е дел од заедничката иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Скопје, Северна Македонија 17 септември 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија” се имплементира во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција“ со времетраење од јануари 2023 до декември 2026 година. Проектот придонесува за:

  • оддржливо градење на капацитетите за клучните чинители (правни професионалци, трудови инспектори, здравствени работници, медиуми, полиција, социјални работници);

  • соодветен кривично-правен одговор по однос на трговијата со луѓе; и

  • оддржливи услуги и пристап до надоместок за жртвите на трговија со луѓе.

Кои се општите и конкретните цели на проектот?

Проектот ќе цели кон:

  • зајакнување на законската регулатива и практиките за ефективна борба против трговијата со луѓе, заштита на правата на жртвите и изнаоѓање соодветен одговор за новите предизвици и трендови.

  • зајакнување на кривично-правниот одговор по однос на трговијата со луѓе преку градење на капацитети и истражувања.

  • зајакнување на механизмите и процедурите со цел жртвите на трговија со луѓе да може да пристапат до правни лекови и надоместок.

Кој има придобивка од проектот?

  • Институциите кои се борат против трговијата со луѓе (Националната единица за борба против трговија со луѓе, Националниот механизам за упатување)

  • Таргетирани групи на професионалци (трудови инспектори, судии, јавни обвинители, адвокати, полиција, здравствени работници, социјални работници)

  • Организации од граѓанското општество чија мисија е спречувањето и борбата против трговија со луѓе

  • Жртви на трговија со луѓе и пошироката јавност во Северна Македонија

Како се спроведува проектот?

Проектот се надоградува врз резултатите од проектите од претходните Хоризонтални инструменти, спроведувани во фазите I и II од програмата. Го олеснува пренесувањето на знаења  од страна на меѓународни и локални експерти до професионалците кои се надлежни да постапуваат против трговија со луѓе, преку спроведување на основни и специјализирани обуки и овозможување на дијалог меѓу чинителите од разни институции и организации од граѓанското општество.

Проектот обезбедува експертиза за подготовка на политики и легислатива за борба против трговија со луѓе и поддржува сеопфатни истражувања за трговија со деца и проактивни истраги и кривично гонење на случаите со трговија со луѓе.

Што очекуваме да биде постигнато?

Проектот ќе постигне:

  • пооддржлив пристап за спречување и борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација и трговија со деца,

  • подобрено користење и почитување на правата на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и правото на бесплатна правна помош, приватност и надоместок,

  • подобрено водење судски постапки и изрекување на казни за трговците со луѓе, од страна на правосудните институции и правните професионалци,

  • свесни и информирани заедници и општа јавност во Северна Македонија за ризиците по жртвите на трговија со луѓе и последиците од користење на услуги од жртви на трговија со луѓе.

Колку изнесува буџетот на проектот?

Вкупниот буџет на проектот изнесува 950 000 евра.

Буџетот распределен за целокупната програма Хоризонтален Инструмент изнесува 41 милион евра (85% финансирани од Европската Унија, 15% од Советот на Европа).

Како да се добијат повеќе информации?

Home - Council of Europe Programme Office in Skopje (coe.int)

Соравиа деловен центар, Филип Втори Македонски бр. 3, Скопје, 1000

 + 389 (2) 3100 321, e-mail: [email protected]
Вебсајт на Хоризонталниот Инструмент и e-mail адреса

 

За програмата Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција

„Хоризонталниот Инструмент за Западен Балкан и Турција“ е заедничка иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа со кој им се обезбедува на корисниците од Западен Балкан и Турција да ги исполнат своите реформски агенди на полето на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди, што исто така е приоритет за процесот на проширување на ЕУ.

 

 


 

Контакти на проектот

Јасмина Димитриева    Раководителка на проект         +389 2 3100 327                 контакт

Александар Ефремов       Проектен асистент                   +389 2 3100 328                 контакт