Back Спречување и борба против трговијата со деца во Северна Македонија: приказни за издржливост и соработка

Спречување и борба против трговијата со деца во Северна Македонија: приказни за издржливост и соработка

Кога Јана пристигнала во домот за згрижување на СОС Детското село, таа носела  само мала торба и невидлива тежина на страв, трауми и недоверба. На само 15 години, таа издржала повеќемесечна експлоатација од страна на трговците со луѓе кои ѝ ветиле "подобра иднина". Наместо тоа, таа се нашла заробена во круг на злоупотреба и контрола. Таа била исчезната со месеци, со прашање што прогонува: Каде е Јана? 

Благодарение на упорната работа и посветеноста на локалните актери против трговијата со луѓе, Јана била лоцирана и згрижена со поддршка на Центарот за социјална работа. 

Случајот на Јана не потсетува дека зад секоја статистика стои човечка приказна. Александра Ивановски, раководител на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства во СОС Детското село, сподели со нас дека децата, жртви на трговијата со луѓе, како Јана, имаат потреба од траума-информиран и холистички пристап кој го менува прашањето од "Што не е во ред со тебе?" во "Што ти се случи?". На ваков начин се намалува ре-трауматизација и се поддржува нивното ментално здравје.

"Во изминатите неколку години, ние згриживме повеќе од десетина деца, потенцијални или формално идентификувани жртви на трговијата со луѓе, вклучувајќи мигранти, жртви на просјачење и на присилни бракови" - нагласи Ивановски.

Во Северна Македонија, помеѓу 2019 и 2024 година имало 30 идентификувани деца жртви од 115 идентификувани жртви на трговија со луѓе (околу 20%). Со нив најчесто се тргувало за сексуална експлоатација, присилни бракови, просјачење, но исто така има и случаи на трудова експлоатација и дупла експлоатација (сексуална и трудова). Децата без родителска грижа се особено изложени на ризик од трговија со деца. Во некои случаи, децата се згрижуваат, бидејќи родителите, односно семејството, не се во можност да се грижат за нив или ги експлоатираат.

Речиси 25 години, СОС Детското село во Северна Македонија обезбедува грижа за деца без родителска поддршка и за оние кои се во ризик да ја изгубат. Жртвите на трговијата со луѓе добиваат итно сместување, индивидуализирана поддршка, континуирана психолошка помош и квалификувани згрижувачи обучени за траума-информирана грижа.

"Децата во алтернативна грижа често доаѓаат со комплексни трауми"- објаснува Илчо Бадаров, раководител на Службата за живеење со поддршка, нагласувајќи ја важноста на примената на терапија информирана за траума. "Грижата информирана за траума ги подобрува исходите, ја намалува анксиозноста и им помага на децата и негувателите да се справат со предизвиците" – укажува тој. Специјализирани обуки за професионалците од областа беа обезбедена во текот на последните години преку разни иницијативи за градење на капацитети, поддржани и фасилитирани од страна на ЕУ и Советот на Европа. Тие имаат за цел да обезбедат дека локалните професионалци во областа се опремени со вештини и алатки за да одговорат на специфичните потреби на децата жртви на трговијата со луѓе.

Има докази кои покажуваат дека многу од жртвите се наоѓаат на јавни места и прво се забележани, не од соодветните институции, туку од посветени поединци. Невладината организација "За среќно детство", која е активна од 2000 година, интензивно работи со децата на улица - група која е многу ранлива на трудова експлоатација и трговија со луѓе. Обучени волонтери, често универзитетски студенти, одат на терен по семафорите, пазарите и автобуските станици за да разговараат со децата на улица, да ги слушнат нивните приказни и да откријат знаци за рано предупредување. Во овој контекст, заедничките активности за градење на капацитети организирани со поддршка на заедничкиот проект против трговијата со луѓе во Северна Македонија на ЕУ и Советот на Европа, овозможија специјализирани обуки за професионалци, спроведувачи на законот и социјални работници и подготовка на прирачници и упатства согласно потребите на децата жртви. Иницијативите за градење на капацитети и подигање на свеста кај ризичните заедници се покажаа ефикасни во борбата против трговијата со деца.

"Поддршката од ЕУ и Советот на Европа ни овозможува да го зголемиме  нашето влијание во голема мера. Тоа значи повеќе обучени професионалци, подобро опремени згрижувачки семејства и посилни системи за превенција низ целата земја."- потврди Ивановски.

 

Во изминативе години, СОС детското село згрижи повеќе од десетина деца кај кои се утврдени индикатори за трговија со луѓе - случаи кои вклучуваат сексуална експлоатација, присилно просјачење, присилни бракови и непридружени деца мигранти. Соработката со невладината организација "За среќно детство" трае со години, од обука на згрижувачки мајки и асистенти до подготовка на специјализирани прирачници за работа со деца жртви на трговија со луѓе. Од 2018 година, се обезбедува поддршка за изработка на практични прирачници за идентификување на претпоставени жртви на трговија со деца и за обезбедување на целни обуки за згрижувачите, социјалните работници, полицајците и граничниот персонал.

"Трговијата со луѓе е проблем кој заслужува сериозно внимание и акција. Ги погодува најранливите: жените и децата. Затоа вештините за самозаштита и издржливост кај децата треба да се развиваат уште од рана возраст" - изјави Светлана Цветковска, координаторка на Националниот механизам за упатување, објаснувајќи го значењето на добро развиениот национален и транснационален механизам за упатување на жртвите на трговијата со луѓе, со цел да се реши овој сложен проблем и да се преземат соодветни мерки.

Спречувањето и борбата против трговијата со деца бара храброст и колективна акција за да се осигураат силни системи за заштита од страна на јавните институции, специјализирани услуги насочени кон децата од страна на граѓанското општество и должно внимание на заедниците. Со оглед на комплексноста на овој проблем, Европската унија и Советот на Европа со здружени сили и понатаму ќе продолжат да им помагаат на локалните актери во Северна Македонија да ја унапредат борбата против трговијата со деца преку примена на клучни алатки и знаења, за ниту едно дете да не биде заборавено.

Додека бројките го покажуваат опсегот на проблемот, вистинската мерка за успех се трансформираните животи. Денес, Јана редовно посетува училиште, учествува во општествени активности и прави планови за нејзината иднина. "Сега се чувствувам безбедна" -  кажува таа со љубезна насмевка. "Можам да размислувам за утрешниот ден без да се плашам."

Секое спасено дете е победа. Приказната за Јана покажува дека, со вистинска поддршка, на детето може да му се овозможи посветла иднина.

 

 

 

Проектот "Зајакнување на акцијата против трговијата со луѓе во Северна Македонија" е дел од заедничката иницијатива на Европската унија и Советот на Европа "Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција".

North Macedonia 22 Август 2025
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија” се имплементира во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција“ со времетраење од јануари 2023 до декември 2026 година. Проектот придонесува за:

  • оддржливо градење на капацитетите за клучните чинители (правни професионалци, трудови инспектори, здравствени работници, медиуми, полиција, социјални работници);

  • соодветен кривично-правен одговор по однос на трговијата со луѓе; и

  • оддржливи услуги и пристап до надоместок за жртвите на трговија со луѓе.

Кои се општите и конкретните цели на проектот?

Проектот ќе цели кон:

  • зајакнување на законската регулатива и практиките за ефективна борба против трговијата со луѓе, заштита на правата на жртвите и изнаоѓање соодветен одговор за новите предизвици и трендови.

  • зајакнување на кривично-правниот одговор по однос на трговијата со луѓе преку градење на капацитети и истражувања.

  • зајакнување на механизмите и процедурите со цел жртвите на трговија со луѓе да може да пристапат до правни лекови и надоместок.

Кој има придобивка од проектот?

  • Институциите кои се борат против трговијата со луѓе (Националната единица за борба против трговија со луѓе, Националниот механизам за упатување)

  • Таргетирани групи на професионалци (трудови инспектори, судии, јавни обвинители, адвокати, полиција, здравствени работници, социјални работници)

  • Организации од граѓанското општество чија мисија е спречувањето и борбата против трговија со луѓе

  • Жртви на трговија со луѓе и пошироката јавност во Северна Македонија

Како се спроведува проектот?

Проектот се надоградува врз резултатите од проектите од претходните Хоризонтални инструменти, спроведувани во фазите I и II од програмата. Го олеснува пренесувањето на знаења  од страна на меѓународни и локални експерти до професионалците кои се надлежни да постапуваат против трговија со луѓе, преку спроведување на основни и специјализирани обуки и овозможување на дијалог меѓу чинителите од разни институции и организации од граѓанското општество.

Проектот обезбедува експертиза за подготовка на политики и легислатива за борба против трговија со луѓе и поддржува сеопфатни истражувања за трговија со деца и проактивни истраги и кривично гонење на случаите со трговија со луѓе.

Што очекуваме да биде постигнато?

Проектот ќе постигне:

  • пооддржлив пристап за спречување и борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација и трговија со деца,

  • подобрено користење и почитување на правата на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и правото на бесплатна правна помош, приватност и надоместок,

  • подобрено водење судски постапки и изрекување на казни за трговците со луѓе, од страна на правосудните институции и правните професионалци,

  • свесни и информирани заедници и општа јавност во Северна Македонија за ризиците по жртвите на трговија со луѓе и последиците од користење на услуги од жртви на трговија со луѓе.

Колку изнесува буџетот на проектот?

Вкупниот буџет на проектот изнесува 950 000 евра.

Буџетот распределен за целокупната програма Хоризонтален Инструмент изнесува 41 милион евра (85% финансирани од Европската Унија, 15% од Советот на Европа).

Како да се добијат повеќе информации?

Home - Council of Europe Programme Office in Skopje (coe.int)

Соравиа деловен центар, Филип Втори Македонски бр. 3, Скопје, 1000

 + 389 (2) 3100 321, e-mail: [email protected]
Вебсајт на Хоризонталниот Инструмент и e-mail адреса

 

За програмата Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција

„Хоризонталниот Инструмент за Западен Балкан и Турција“ е заедничка иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа со кој им се обезбедува на корисниците од Западен Балкан и Турција да ги исполнат своите реформски агенди на полето на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди, што исто така е приоритет за процесот на проширување на ЕУ.

 

 


 

Контакти на проектот

Јасмина Димитриева    Раководителка на проект         +389 2 3100 327                 контакт

Александар Ефремов       Проектен асистент                   +389 2 3100 328                 контакт