Back Северна Македонија ги зајакнува напорите за заштита на децата од трговија за сексуална експлоатација

Северна Македонија ги зајакнува напорите за заштита на децата од трговија за сексуална експлоатација

Во чест на Светскиот ден за борба против трговијата со луѓе, клучните актери во борбата против трговија со луѓе во Северна Македонија ги здружија напорите за зајакнување на идентификацијата, упатувањето и заштитата на жртвите деца на трговијата за сексуална експлоатација. Организирана од заедничката акција на Европската Унија и Советот на Европа „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“, заедно со граѓанската организација за борба против трговијата со луѓе „Отворена порта/Ла Страда“, дискусијата ги собра претставниците на релевантните институции, корисници и партнери, вклучувајќи ја Националната комисија за борба против трговија со луѓе, Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, Министерството за надворешни работи, меѓународни партнери како и граѓански организации за размена на искуства и унапредување на практични решенија.

Трговијата со деца со цел сексуална експлоатација е една од најтешките кривични дела, со долгорочни последици по психофизичкиот развој на детето и нарушување на достоинството на децата-жртви. Додека социо-економските и семејни услови негативно влијаат врз ранливоста на децата, во современиот свет, децата се изложени и на ризици од социјалните мрежи и видео игрите.

Со цел да се одговори на овие ризици и да се обезбеди соодветна заштита на децата од трговијата за сексуална експлоатација, граѓанската организација Отворена порта/Ла Страда поттикна експертска дискусија за финализирање на Водичот за постапување со жртви на трговија со деца за сексуална експлоатација. Мултисекторскиот Водич подробно ги објаснува чекор по чекор сите важни фази на откривање, идентификација, упатување, заштита, како и ресоцијализација на децата-жртви на трговијата со луѓе.

Националните статистики постојано покажуваат дека повеќето од идентификуваните жртви на трговија со луѓе се деца, а сексуалната експлоатација останува најчеста форма на експлоатација. Меѓутоа, мора да запомниме дека зад статистиката постои вистинско дете, чии што права се прекршени и на кое му треба заштита, поддршка и можност да го обнови својот живот“, рече Марија ТОДОРОВСКА, Програмска директорка на здружението на граѓани Отворена порта/Ла Страда.

Настанот создаде форум за дискусија на експерти кои ги споделија своите различни професионални гледишта за превенција и борба против детска трговија за сексуална експлоатација. Со нивните заеднички напори, тие имаат за цел да придонесат за намалување на бројот на жртви на трговијата со деца и да ги истражат можностите за унапредување на правната и психосоцијалната заштита на децата во ризик.

Акцијата „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија “ е дел од заедничката иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Скопје, Северна Македонија 30 јули 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page

Проектот „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија” се имплементира во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција“ со времетраење од јануари 2023 до декември 2026 година. Проектот придонесува за:

  • оддржливо градење на капацитетите за клучните чинители (правни професионалци, трудови инспектори, здравствени работници, медиуми, полиција, социјални работници);

  • соодветен кривично-правен одговор по однос на трговијата со луѓе; и

  • оддржливи услуги и пристап до надоместок за жртвите на трговија со луѓе.

Кои се општите и конкретните цели на проектот?

Проектот ќе цели кон:

  • зајакнување на законската регулатива и практиките за ефективна борба против трговијата со луѓе, заштита на правата на жртвите и изнаоѓање соодветен одговор за новите предизвици и трендови.

  • зајакнување на кривично-правниот одговор по однос на трговијата со луѓе преку градење на капацитети и истражувања.

  • зајакнување на механизмите и процедурите со цел жртвите на трговија со луѓе да може да пристапат до правни лекови и надоместок.

Кој има придобивка од проектот?

  • Институциите кои се борат против трговијата со луѓе (Националната единица за борба против трговија со луѓе, Националниот механизам за упатување)

  • Таргетирани групи на професионалци (трудови инспектори, судии, јавни обвинители, адвокати, полиција, здравствени работници, социјални работници)

  • Организации од граѓанското општество чија мисија е спречувањето и борбата против трговија со луѓе

  • Жртви на трговија со луѓе и пошироката јавност во Северна Македонија

Како се спроведува проектот?

Проектот се надоградува врз резултатите од проектите од претходните Хоризонтални инструменти, спроведувани во фазите I и II од програмата. Го олеснува пренесувањето на знаења  од страна на меѓународни и локални експерти до професионалците кои се надлежни да постапуваат против трговија со луѓе, преку спроведување на основни и специјализирани обуки и овозможување на дијалог меѓу чинителите од разни институции и организации од граѓанското општество.

Проектот обезбедува експертиза за подготовка на политики и легислатива за борба против трговија со луѓе и поддржува сеопфатни истражувања за трговија со деца и проактивни истраги и кривично гонење на случаите со трговија со луѓе.

Што очекуваме да биде постигнато?

Проектот ќе постигне:

  • пооддржлив пристап за спречување и борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација и трговија со деца,

  • подобрено користење и почитување на правата на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и правото на бесплатна правна помош, приватност и надоместок,

  • подобрено водење судски постапки и изрекување на казни за трговците со луѓе, од страна на правосудните институции и правните професионалци,

  • свесни и информирани заедници и општа јавност во Северна Македонија за ризиците по жртвите на трговија со луѓе и последиците од користење на услуги од жртви на трговија со луѓе.

Колку изнесува буџетот на проектот?

Вкупниот буџет на проектот изнесува 950 000 евра.

Буџетот распределен за целокупната програма Хоризонтален Инструмент изнесува 41 милион евра (85% финансирани од Европската Унија, 15% од Советот на Европа).

Како да се добијат повеќе информации?

Home - Council of Europe Programme Office in Skopje (coe.int)

Соравиа деловен центар, Филип Втори Македонски бр. 3, Скопје, 1000

 + 389 (2) 3100 321, e-mail: [email protected]
Вебсајт на Хоризонталниот Инструмент и e-mail адреса

 

За програмата Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција

„Хоризонталниот Инструмент за Западен Балкан и Турција“ е заедничка иницијатива на Европската Унија и Советот на Европа со кој им се обезбедува на корисниците од Западен Балкан и Турција да ги исполнат своите реформски агенди на полето на човековите права, владеењето на правото и демократијата и да се усогласат со европските стандарди, што исто така е приоритет за процесот на проширување на ЕУ.

 

 


 

Контакти на проектот

Јасмина Димитриева    Раководителка на проект         +389 2 3100 327                 контакт

Александар Ефремов       Проектен асистент                   +389 2 3100 328                 контакт