Во Северна Македонија е формиран Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, што претставува значаен чекор кон создавање побезбедна и поповолна средина за новинарите и медиумските работници во земјата.
Комитетот ќе дејствува како национален механизам за зајакнување на институционалната соработка, справување со заканите и предизвиците со кои се соочуваат новинарите и координирање на мерките за подобрување на нивната безбедност. Во неговиот состав ќе бидат вклучени претставници на релевантните јавни институции, вклучително и Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација и Јавното обвинителство, како и претставници на медиумската заедница, со цел да се промовира сеопфатен и одржлив пристап кон заштитата и безбедноста на новинарите.
Формирањето на Комитетот се надоврзува на континуираниот дијалог и соработка меѓу јавните институции, новинарските здруженија, претставниците на медиумите и другите релевантни чинители, со поддршка од Советот на Европа преку неговиот континуиран ангажман за зајакнување на безбедноста на новинарите во Северна Македонија.
Преку заедничката акција на Европската Унија и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и на медиумите во Северна Македонија“ (PRO-FREX) и кампањата на Советот на Европа „Новинарите се важни“ (Journalists Matter), обезбедени се стручна експертиза, насоки за креирање политики и поддршка за институционален дијалог и консултации со релевантните чинители. Овие напори придонесоа за зајакнување на соработката меѓу надлежните институции и претставниците на медиумската заедница, олеснување на процесот на формирање на Комитетот и поддршка на тековната подготовка на Националниот акциски план за заштита и безбедност на новинарите (2027–2030).
Комитетот ќе има важна улога во унапредувањето на Националниот акциски план преку утврдување на приоритетите и поддршка на неговото координирано спроведување, следење и преземање последователни мерки, во согласност со стандардите на Советот на Европа, особено со Препораката CM/Rec(2016)4 за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите и другите медиумски чинители.
Формирањето на Комитетот претставува можност европските стандарди и стандардите на Советот на Европа да се преточат во конкретни мерки, да се зајакне институционалниот одговор на заканите кон новинарите и да се придонесе кон создавање побезбедна медиумска средина, истовремено обезбедувајќи заштита на правото на јавноста на информирање.
Оваа иницијатива се спроведува од страна на Одделот за соработка во областа на слободата на изразување, во рамките на акцијата „Заштита на слободата на изразување и на медиумите во Северна Македонија“, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. Активноста придонесува и кон остварувањето на целите на кампањата на Советот на Европа „Новинарите се важни“ (Journalists Matter), посветена на безбедноста на новинарите.

