Главните достигнувања и идните приоритети во напорите за унапредување на бесплатната правна помош во Северна Македонија беа во фокусот на дискусијата со клучните корисници и актери во областа, за време на 7-миот состанок на Управниот одбор на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ којшто е дел од заедничката програма на Европската Унија и на Совет на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“.
На состанокот присуствуваа претставници/чки на Министерството за правда (МП), Адвокатската комора, овластени организации на граѓанското општество, правни клиники, Министерството за надворешни работи, Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Советот на Европа, кои имаа можност да разменат мислења за конкретни чекори за справување со предизвиците поврзани со системот за бесплатна правна помош.
Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Северна Македонија, ја нагласи посветеноста на Советот на Европа да ја поддржи Северна Македонија во нејзините напори да ја приближи правдата до нејзините граѓан(к)и. Тој ја нагласи важноста на проширената соработка на ЕУ и Советот на Европа со релевантните јавни актери, како и ОБСЕ и УНДП, за да се спроведат вакви реформи во областа на бесплатната правна помош.
Учесниците/чките направија преглед на плодната соработка меѓу корисниците и партнерите, нагласувајќи го значајното влијание врз подобрувањето на пристапот до правда за граѓаните/ките, особено за оние на кои им е потребна правна помош. Тие ја истакнаа работата на трите мобилни тимови за бесплатна правна помош кои продолжија да им помагаат на локалните заедници. Во текот на минатата година, тие обезбедија примарна бесплатна правна помош на 1394 лица во канцелариите за Управата на водење на матичните книги во Скопјe, Битoла и Штип, со што се обезбеди континуиран пристап до правна помош за ранливите групи во овие региони. Покрај тоа, беше воспоставено силно партнерство со Врховниот суд на Северна Македонија за подобрување на пристапот до правна помош во кривичните постапки.
Корисниците ја нагласија важноста од зајакнување на капацитетите на вработените во подрачните канцеларии/одделенија на Министерството за правда, Центрите за социјална работа и полициските инспектори преку континуирани обуки за бесплатна правна помош обезбедени од проектот на ЕУ/Советот на Европа, со посебен фокус на родово базирано и семејно насилство и пристапот на децата до правда. Покрај тоа, ХЕЛП курсот за правда за децата ги зајакна капацитетите на домашните адвокати, додека други сесии за градење капацитети беа насочени кон зајакнување на капацитетите на студентите во правните клиники.
Дигитализацијата на системот за бесплатна правна помош, зајакнувањето на законската рамка за бесплатна правна помош во граѓански, управни и кривични постапки, како и иницијативите за градење капацитети и подигање на свеста се некои од главните приоритети за во иднина. Проектот ќе продолжи да ја зајакнува координацијата и комуникацијата меѓу клучните засегнати страни на Националното координативно тело одговорно за спроведување на Законот за бесплатна правна помош.
Проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“, е дел од заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, имплементирана од Советот на Европа.

