Родова еднаквост е предуслов за остварување на човековите права, демократијата и социјалната правда, со што ѝ користи на целата заедница. Од друга страна, медиумската слобода и родовата еднаквост можат меѓусебно да се зајакнуваат. Имајќи го ова предвид, една од важните цели на заедничкиот проект на ЕУ и Советот на Европа „Заштита на слободата на изразување и на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“ е зајакнување на капацитетите на медиумите за борба против родово базираното насилство и унапредување на родовата еднаквост. Во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, сакаме да го истакнеме клучното поврзување помеѓу медиумската слобода, Истанбулската конвенција и заштитата на новинарките.
Зајакнување на капацитетите за родово сензитивни медиуми
Бидејќи медиумите имаат важна улога во обликувањето на јавното мислење, како и во оспорувањето или зајакнувањето на штетните стереотипи, ПРО-ФРЕКС, во соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, спроведе низа работилници за подобрување на родово сензитивното известување за локални и регионални новинар(к)и. Тие стекнаа знаење за одговорно известување за родово базирано насилство, истовремено поттикнувајќи емпатија и избегнувајќи сензационализам во нивната работа. Дискусијата се фокусираше на принципите на Европската конвенција за човекови права, која ги забранува сите форми на дискриминација, потенцирајќи ја улогата на медиумите во во обезбедување отчетност институциите одговорни и во поддршка на жртвите. Ризиците со кои се соочуваат новинарките при известување за чувствителни теми исто така беа важна тема на овие работилници со новинар(к)и.
Овие напори ги одразуваат пошироките иницијативи на Советот на Европа, вклучително и Препораката CM/Rec(2013)1 за родова еднаквост и медиуми и насоките за борба против сексистички стереотипи и промовирање на родово сензитивни индикатори во медиумското известување.
Повеќе детали за известувањето и мониторингот на примената на соодветните стандарди може да се најдат во „Водич на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за мониторинг на примената на стандардите за известување за случаи на родово засновано насилство во медиумите “, достапни на македонски и англиски јазик.
Интегрирање на родовата перспектива во судските и правните обуки
ПРО-ФРЕКС, исто така, работеше со корисниците и партнерите на процесот за интегрирање на родови перспективи во обуките за суди(јк)и, обвинител(к)и и адвокат(к)и. Прирачникот за обучувачи за слободата на изразување сега вклучува модули за родово сензитивни пристапи, со што се обезбедува подобро разбирање од страна на правните професионалци/ки на поврзаноста помеѓу медиумското известување и заштитата на жените-жртви. Во соработка со Тренинг-центарот на Министерството за внатрешни работи, специјализираните обуки ги подобрија вештините на полицијата за истраги водени со пристап насочен кон жртвата и родово сензитивни истраги на закани против новинари, при што беа истакнати и постигнувањата на кампањата „Новинар(к)ите се важни“ на Советот на Европа, која прикажува тековни напори за подигнување на свеста и примена на практични мерки за подобрување на безбедноста на новинар(к)ите.
Поддршка на новинарската етика и заштита
ПРО-ФРЕКС, во соработка со ХЕРА, организираше специјализирана работилница за новинарска етика и заштита, фокусирана на предизвиците со кои се соочуваат новинарите — особено жените — кои известуваат за родово базирано насилство, човекови права и корупција. Работилницата ги истакна растечките ризици од онлајн вознемирување, говор на омраза и СЛАП тужбите, што ја одразува и загриженоста нотирана во извештаите на Советот на Европа за онлајн насилство врз новинарки.
Подигнување на свеста и идните чекори: 16 дена активизам
Како што почнува кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, ПРО-ФРЕКС продолжува да ги поддржува иницијативите што ја зголемуваат свеста и поттикнуваат акција против родово базирано насилство. Проектот ПРО-ФРЕКС е усогласен со долгогодишната работа на Советот на Европа за:
- Обезбедување еднаков пристап до работни места и лидерски позиции во медиумите за сите родови;
- Борба против родови стереотипи во медиумите и рекламирањето;
- Поттикнување медиумски плурализам, саморегулација и најдобри практики во известувањето за родови прашања;
- Заштита на новинарки од вознемирување и закани.
Преку овие иницијативи, проектот ПРО-ФРЕКС во Северна Македонија придонесува за побезбеден и поправичен медиумски пејзаж, одразувајќи ја визијата на Советот на Европа дека медиумската слобода и родовата еднаквост се меѓусебно зајакнувачки столбови на демократијата.
Влијанието на проектот е засилено преку блиската соработка со Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумиски услуги и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Проектот „Заштита на слободата на изразување и на медиумите во Северна Македонија (ПРО-ФРЕКС)“ се спроведува во рамките на заедничката програма на Советот на Европа и Европската унија „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција“ од страна на Одделението за соработка за слобода на изразување во рамките на Советот на Европа.

