Back Унапредување на демократското и инклузивното образование: финалниот состанок на Советодавниот одбор ги разгледа резултатите од проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“

Беа разгледани постигнатите резултати, влијанието врз образовните политики и идните приоритети, додека наставниот ресурс за демократски училишни практики доби формална поддршка
Унапредување на демократското и инклузивното образование: финалниот состанок на Советодавниот одбор ги разгледа резултатите од проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“

Финалниот состанок на Советодавниот одбор на проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“ се одржа на 11 март 2026 година во Канцеларијата на Советот на Европа во Скопје, со учество на претставници на националните институции, образовни чинители, Советот на Европа и донаторот, со цел да се разгледаат постигнатите резултати и да се дискутира за идните приоритети.

Проектот, кој се имплементираше во периодот декември 2022 – април 2026, придонесе за зајакнување на демократската култура, инклузивното образование и партиципативното управување со училиштата во Северна Македонија. Состанокот претставуваше можност за осврт на постигнатиот напредок и за истакнување на важноста од континуирана соработка помеѓу националните институции, училиштата и меѓународните партнери во промовирањето на демократските вредности преку образованието.

На ниво на политики, проектот придонесе за развивање на аргументиран реформски дијалог преку подготовка на Мапинг извештај и сет од 21 препорака за политики, кои се однесуваат на демократското граѓанско образование, инклузивното и мултикултурното образование и партиципативното управување со училиштата. Препораките вклучуваат и мерки поврзани со спроведувањето на пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Елмазова и други против Северна Македонија, со фокус на спречување на сегрегацијата и унапредување на инклузивното образование на локално ниво. Овие наоди придонесоа кон дискусиите поврзани со Националната стратегија за образование 2026–2032, зајакнувајќи ја усогласеноста помеѓу националните реформи и европските стандарди за човекови права.

На ниво на училишта, проектот поддржа 25 пилот училишта од сите региони во земјата преку структурирани обуки, менторски циклуси и активности за размена на искуства засновани на Референтната рамка на компетенции за демократска култура (RFCDC). Овие активности придонесоа за зајакнување на капацитетите на наставниците за промовирање демократски вредности, инклузивна средина за учење и партиципативни пристапи во наставата и управувањето со училиштата.

За време на состанокот, Советодавниот одбор го поддржа наставниот ресурс „Демократски училишни практики за демократски вредности“, развиен во соработка со наставници, училишни тимови и национални образовни институции. Ресурсот, кој беше валидиран и од училиштата учесници во проектот, претставува практична алатка за промовирање на демократската култура, човековите права и инклузивните практики во училиштата.

Учесниците ја нагласија и важноста од понатамошна соработка во рамките на Мрежата на демократски и инклузивни училишта, која претставува платформа за размена на искуства и добри практики меѓу училиштата.

На состанокот беше претставена и следната фаза на проектот (2026–2028), која ќе се надоврзе на постигнатите резултати и ќе се фокусира на поддршка на имплементацијата на Националната стратегија за образование, понатамошна интеграција на Референтната рамка на компетенции за демократска култура во образовните политики и практики, како и продлабочување на соработката со училиштата и институциите.

Постигнатите резултати ја потврдуваат важноста на континуираната соработка помеѓу националните институции, училиштата и меѓународните партнери во унапредувањето на демократската култура и инклузивното образование, придонесувајќи кон долгорочно подобрување на квалитетот и инклузивноста на образовниот систем во Северна Македонија.

Проектот „Квалитетно образование за сите – Северна Македонија“ се имплементира од Советот на Европа со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија.

Скопје, Северна Македонија 11 март 2026
  • Diminuer la taille du texte
  • Augmenter la taille du texte
  • Imprimer la page