„Од траума до сведочење: Улогата на психолошката поддршка во случаи на трговија со луѓе“ беше главната тема на регионалниот дијалог организиран со поддршка на ЕУ и Советот на Европа. Онлајн настанот ги обедини повеќе од 60 експерти и практичари од областа на трговијата со луѓе од Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија. Учесниците вклучија претставници од судството, институциите за социјална заштита, полицијата, релевантните министерства и организации од невладиниот сектор. Целта беше размена на искуства и унапредување на пристапите за заштита на жртвите на трговија со луѓе во кривичните постапки, согласно европските стандарди.
Средбата беше фокусирана на улогата на психолошката поддршка базирана на информираност за траумата како клучен предуслов за овозможување на жртвите, безбедно и со доверба да учествуваат во постапките и да имаат пристап до правда. За време на настанот беше претставена публикацијата „Од траума до сведочење: Насоки за психолошка поддршка за жртвите на трговија со луѓе во истражни и судски постапки“, изработена од здружението Атина, со поддршка на ЕУ и Советот на Европа.
Воведни обраќања дадоа Мирјана Мајсторовиќ од Канцеларијата на Советот на Европа во Белград и Јелена Хрњак, раководителка на програми во здружението Атина. Понатаму следеа презентации од психологот Мирела Мујагиќ (Кантонален суд Бихаќ, Босна и Херцеговина), која ја истакна важноста на пристапот чувствителен на траума и ризиците од повторна ретрауматизација за време на постапките. Адвокатката Наташа Бошкова (Северна Македонија) ги издвои клучните предизвици во обезбедување на правото на правна заштита за жртвите, приватноста, безбедноста и компензацијата.
Посебна сесија беше посветена на практични пристапи кон психолошка поддршка, презентирани од Драгана Ќук Миланков од НВО Атина и проф. д-р Јелена Радосављев Кирќански од Институтот за ментално здравје на Србија. Нивните презентации ги опфатија конкретните предизвици со кои се соочуваат жртвите за време на истрагите и судењата, како и важноста на континуираната, структурирана и траума-информирана поддршка како предуслов за нивно стабилно учество во постапките.
Отворената дискусија со учесниците беше насочена на две клучни прашања: какви форми на психолошка поддршка во моментов им се достапни на жртвите кои учествуваат во кривични постапки и со какви предизвици се соочуваат практичарите во обезбедувањето сведочење засновано на пристап информиран за траумата. Дискусијата овозможи размена на искуства и го истакна јазот помеѓу формално достапните механизми за поддршка и нивната примена во пракса.
Средбата повторно потврди дека регионалната соработка и размената на искуства се клучни за унапредување на системите за заштита на жртвите и за развој на пристапи што ќе одговорат на вистинските потреби на жртвите во пракса.
Оваа активност е организирана во рамки на акцијата за „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Србија“, во соработка со акцијата за „Зајакнување на активностите против трговија со луѓе во Северна Македонија“, како дел од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ и проектот на Советот на Европа
„Зајакнување на одговорите за борба против трговијата со луѓе во Босна и Херцеговина преку системски реформи, развој на политики и сеопфатна поддршка за жртвите".

