Десет лица вработени во затворскиот систем во областа на обезбедување и ресоцијализација на осудените лица од различни казнено-поправни установи низ целата држава и претставници од Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда го зголемија своето знаење за спречување насилство меѓу осудените лица преку учество на тридневна сесија за обука на обучувачи, организирана на 29-31 октомври 2018 г. во Охрид. Учесниците на сесијата за обука на обучувачи беа претходно вклучени во изготвување на Стратегија за намалување на насилството и спречување на насилништвото, Прирачник за обучувачи за справување со насилство меѓу осудените лица, како и Стандардна оперативна процедура за насилство меѓу осудени лица со поддршка од двајца меѓународни консултанти на Советот на Европа.
Учесниците научија кои се начините за спречување на насилство меѓу осудените лица и процедурите за известување и постапување по случаи на насилство меѓу осудените лица со цел да се промовира безбедна и здрава затворска средина и да се негува култура на ненасилство помеѓу целиот персонал и осудените лица. Дополнително, затворскиот персонал ја сфати неопходноста од градење позитивни релации преку зголемена интеракција со осудените лица, што придонесува кон подобро разбирање на нивната лична ситуација и потенцијалните ризици кои ги наметнуваат индивидуалните осудени лица, што конечно води кон намалување на насилството и зголемена безбедност во затворите.
Учесниците на обуката понатаму ќе спроведат каскадна обука за нивните колеги од сите казнено-поправни установи низ државата кои работат во областа на обезбедувањето, ресоцијализацијата и на раководители на затворите во периодот од ноември до декември 2018 г.
Сесијата за обука беше организирана како дел од проектот „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица”, ко-финансиран од страна на Европската Унија и Советот на Европа во рамки на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција” и спроведуван од Советот на Европа.
