Тридневната студиска посета на Затворската управа на Северна Ирска беше организирана во периодот од 05 - 07 јуни 2018 година за група од 7 раководни затворски службеници, претставници од Управата за извршување санкции при Министерството за правда, вклучувајќи го и нејзиниот директор, како и директори и заменици директори на затвори од различни национални казнено-поправни установи.
Како резултат делегацијата размени искуства, фокусирајќи се на динамичката безбедност во затворите, развивањето и одржувањето конструктивни односи помеѓу затворскиот персонал и осудените лица, како и на ресоцијализацијата на осудените лица преку нивно работно ангажирање, континуирано учење и подготовка за живот по излегувањето од затвор. Дополнително, членовите на делегацијата ги продлабочија своите знаења во однос на справувањето со лицата осудени за тероризам, при што акцентот се стави генерално на нивната ресоцијализација и на предизвиците поврзани со управувањето на затворите и поконкретно, на процесот на трансфер на надлежности во областа на здравствената заштита од пенитенцијарниот систем во системот на редовна здравствена заштита во државата.
Делегацијата посети три казнено-поправни установи во Северна Ирска (затворите Магбери, Мегилиган и Хајдбенк вуд) и оствари средби со нивните директори, со психолози кои работат на програмите за третман, службеници за пробација, службеници од секторот за обезбедување, лекарски и друг затворски персонал, како и со претставници од Затворската управа на Северна Ирска. Темите за кои се дискутираше ја вклучуваа улогата на Затворската управа, одговорноста за раководењето и следење на спроведувањето на работните задачи, како и улогата на инспекцијата и другите тела за надзор во затворите.
Студиската посета беше организирана како дел од проектот „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица”, кој е финансиран од страна на Европската унија и Советот на Европа во рамките на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција” и го спроведува Советот на Европа.
