Затворскиот персонал кои работи во областа на ресоцијализација на осудените лица се стекна со знаење преку обука „на работното место’’ во текот на пилотирањето на примената на ново-изготвените алатки за скрининг и за проценка на ризикот и потребите на радикализираните осудени лица. Алатките беа пилотирани во двете најголеми казнено-поправни установи во државата, имено во КПД Идризово на 22-23 јануари и во КПД Штип на 24-25 јануари 2019 година, под надзор на еден меѓународен консултант на Советот на Европа.
Алатките за скрининг и за проценка на ризикот и потребите на радикализираните осудени лица беа претходно развиени од страна на работна група, составена од претставници од Управата за извршување санкции при Министерството за правда и затворски персонал од различни казнено-поправни установи низ државата, со поддршка на неколку консултанти на Советот на Европа.
Целта на пилотирањето беше да се тестира практичната употреба на алатката насочена кон скрининг, идентификување, проценка на ризикот и интервенциите во казнено-поправните установи во однос на радикализираните осудени лица при приемот и во текот на издржувањето на затворската казна. Ваквите алатки значително ќе го подобрат идентификувањето на нивните потреби со цел да се поддржи интервенцијата насочена кон нивно оттргнување од насилство и реинтеграција по отпустот од затвор.
Развивањето и пилотирањето на алатките за скрининг и за проценка на ризикот и потребите на радикализираните осудени лица беа организирани како дел од проектот „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица”, ко-финансиран од страна на Европската Унија и Советот на Европа во рамки на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција” и спроведуван од Советот на Европа.
