Прашањето на насилните осудени лица во рамките на националниот пенитенцијарен систем и начинот на идентификување на нивните потреби од обука беше дискутирано на дводневна средба на работната група, која се одржа на 18-19 септември 2017 г. во Скопје. Експертите разговараа за содржината, методите, структурата и времетраењето на програмата, проценката пред третманот и критериумите за селекција пред нивно вклучување во програмата. Резултатите од состанокот дополнително ќе придонесат за подобрување на третманот на насилните осудени лица преку воведување и спроведување на специфична програма за третман.
Состанокот беше насочуван од меѓународни консултанти, додека членови на работната група беа претставници од Управата за извршување санкции при Министерството за правда, како и претставници од националниот затворски систем.
Состанокот беше организиран како дел од проектот „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица”, ко-финансиран од страна на Европската Унија и Советот на Европа во рамките на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција”.
