Вкупно 90 лица вработени во затворскиот систем од различни казнено-поправни установи низ државата го зголемија своето знаење за динамичката безбедност во затворите преку учество на три дводневни сесии каскадна обука, организирани во текот на април 2018 г. во Штип, Битола и Скопје. Каскадните сесии беа одржани од страна на искусни лица вработени во затворите во областа на ресоцијализацијата кои беа претходно обучени преку обука на едукатори, која се одржа во февруари 2018 г. во организација на Советот на Европа.
Учесниците научија за концептот на динамичка безбедност и неговата примена во секојдневната работа на целиот затворски персонал. Беше појаснето дека динамичката безбедност се однесува на градењето и одржувањето добри и динамични односи со осудените лица и свесност за нивните специфични потреби. Дополнително, затворскиот персонал ја разбра потребата од градење на позитивни релации преку зголемена интеракција со осудените лица, што придонесува кон подобро разбирање на нивната лична ситуација и на потенцијалните ризици кои ги носат поедини осудени лица, што конечно ќе води кон зголемена безбедност во затворите.
Управата за извршување на санкциите ја изрази својата заложба да го инкорпорира концептот на динамичка безбедност во националниот затворски систем и да продолжи и понатаму да ја распространува свеста и познавањето на овој концепт кај персоналот, врз основа на стратегијата и прирачникот за едукатори кои беа изготвени во рамки на проектот.
Сесиите за обука беа организирани како дел од проектот „Јакнење на заштитата на правата на осудените лица”, ко-финансиран од Европската Унија и Советот на Европа во рамките на програмата „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција” која ја спроведува Советот на Европа.
